fbpx
 

Министерот за здравство Венко Филипче, во влогот на #ResPublicaMk говори за проблемот дека одредени категории на ранливи групи граѓани тешко доаѓаат до здравствени услуги. Решението го гледа во мобилните лекарски тимови кои одат директно на терен. Но, посочува дека многу е важна соработката и со граѓанскиот сектор.

Актерот Васил Зафирчев вели дека на театарот не му случуваат прв пат вакви пандемиски кризи. Ова е период за промени од кои ќе зависат идните развојни трендови на театарската уметност. Во влогот на #РесПубликаМк тој нагласува дека за разлика од многу други колеги во светот кои останаа без работа, македонските уметници ја преживеаја кризата благодарение на субвенциите од државата.

Чесност, образованост, стручност, посветеност се само дел од индивидуалните вредностите кои веќе не се препознаваат во нашата заедница, вели актерот Благој Чоревски. По 50 години професионално искуство смета дека спасот е во жртвувањето за овие вредности и почитувањето кое треба да го ужива поединецот.

Бодибилдерот Зоран Лазаровски или како што го знаат битолчани Паљото, можеби не стана граданачалник на Битола, но затоа остана верен на љубовта кон теговите, здравиот начин на живот и постојаната мантра „Живеј го денот“.

Пандемијата ни донесе живот во страв, паника и неизвесност, живот кој го живеат бегалците и сиромашните, ни посочува активистката Мерсиха Смаиловиќ. Солидарноста на граѓаните ги надмина граници, но таа не смее да ги замени системот на социјална заштита, кој треба да биде иновативен, брз и креативен во вакви услови.

КОВИД 19 исправи многу предизвици пред нас, а начинот на кој се справува со нив новинарот Горан Величковски е лесно применлив. Од дворот во Соње ги споделува советите како полесно да ја преживееме пандемијата и наместо на смрт и болест, да размислуваме на живот.

„Денеска е време кога секој бел мантил треба да помогне со тоа што може, знае и умее“, апелира директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стафановиќ во влогот на #РесПубликаМК. Таа повикува на солидарност, одговорност и социјална дистанца од секој поединец.

Денешните родители се натпреваруваат со информатичките технологии за улогата на воспитувач во семејството, вели Зоран Ристевски - Бејбе, култниот скопски диџеј пред чии очи минуваат бројни генерации кои на неговите журки го опипуваат младешкиот живот. Но, независно на општествените искушенија, според него, на љубовта и припаѓа половина од домашното воспитување.

„Вистина е дека Шекспир ги напишал најдобрите дела за време на чумата, но немал обврски околу семејството и домот“ вели универзитетската професорка Ана Мартиновска говорејќи за родовите нееднаквости што ги исфрли пандемијата. Според неа, жените го презедоа на себе сето она што го работеа градинките, училиштата, терапевтите, бејбиситерките, сите помошни дејности кои што овозможуваа во едно семејство двајцата да бидат вработени. „Втората смена“ на жените треба да е апел до креаторите на политиките за родовата рамноправност дека овие прашања не треба да бидат оставени на маргините.

Секогаш е потребно да имаш цел која ќе те мотивира и ќе те прави одговорен, вели Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која ќе заигра на сцената во Бољшој театарот во Москва, Русија. Иако пандемијата ја остави без соодветни услови за вежбање, таа вели дека младите не треба да се откажат од своите соништа и да се стремат кон зацртаната цел.

На Денот на демократијата – 15 септември, Претседателот Стево Пендаровски во влогот на #РесПублика ги охрабрува граѓаните, особено младите, да бидат активни и гласни помеѓу изборите и постојано да ги потсетуваат политичарите на нивната привремена улога како функционери и на тоа дека одлучуваат во името на граѓаните. Плурализмот на мислењата и доброто владеење, како и учеството на граѓаните во изборните процеси треба да бидат главните карактеристики на нашата држава.

Патријархалната средина создаде моќници кои го користат системот за да ги задржат своите позиции и да ја задушат слободата на изразувањето, вели режисерката Теона Стругар Митевска, добитничка на европската филмска награда „Лукс“ што ја доделува Европскиот парламент. Иднината ја гледа во општество коешто нуди со еднакви можности за сите.

Модната индустрија е во сериозна криза како последица на пандемијата, истакнува модниот дизајнер Александар Ношпал, кој во моментов работи на костимите за балет во престижниот Бољшој театар. Тој надежта ја гледа кај младите дизајнери и нивната етика кон мајката Земја и артизатското, како и во менување на навиките за конзумирање мода.

Пандемијата ги прекина подготовките на оперската певица Весна Гиновска Илкова за нејзиниот јубилеен концерт - 25 години на сцената. Но, нејзиниот живот е музиката на сцена за која вели дека се враќа во добата на музичкиот барок кога сè се одвивало во мали состави. Верува дека сè се случува со причина и дека од оваа ситуација сите ќе излеземе помудри. 

Човекот и нанесе огромна штета на животната средина, вели охридскиот еколог, Дејан Пановски, а тоа стана особено евидентно во овој период кога ја живееме пандемијата од Ковид - 19. Tој смета дека е време за промена и конкретни решенија со што ќе грижиме заедно за целата природа.

Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов за Рес публика вели дека пандемијата го промени односот кон семејството и тоа на подобро. На луѓето им даде време повеќе за разговор и да се грижат едни за други. За бизнисите пак, вели дека ги натера да се прилагодуваат, особено кон неизбежната дигитализација.

Проектот "Скопје 2014" е неприкладно руво за нашиот главен град и верувам дека ќе го преоблечеме со соодветна музика, култура, манифестации, вели водителката и ди-џеј Вера Јанковиќ. Градот на солидарноста ја изгуби емпатијата, во пресрет на одбележувањето на годишнината од земјотресот во Скопје во 1963 година.

Годинешниот добитник на Европската награда за литература, Петар Андоновски вели дека пандемиите и природните непогоди низ историјата биле премрежја кои ја буделе солидарноста и креативноста. Но, во влогот на РесПублика тој ја споделува разочараноста од луѓето; оваа пандемија ќе ја памети како период во кој се извади најгнасното и најлошото.

Пандемијата со КОВИД 19 ни ја ограничи слободата на движење, но ни ја потенцираше одговорноста на сите нивоа на колективното живеење, вели композиторката Дарија Андовска. Младата уметница која неодамна се врати од Минхен кадешто имаше премиера на две нејзини композиции, укажува дека општествената одговорност пред сѐ почнува од личната.

За актерот Игор Џамбазов, културата и културните институции одамна се заразени со вирусот на манипулација и политизација. Според него, следува дополнително искушение по корона вирусот за враќање на публиката во театарот каде се седи заедно со стотици луѓе во ист простор.

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Следете нè