fbpx

Се води војна со зборови над телата на жените

Правда

Социјални права

23.10.19

Прегледи

Катја Ајверсен (Katja Iversen)

BUmXj1ka 200x250Оваа година, Генералното собрание на Обединетите нации ќе одржи состанок на високо ниво, со цел да се потврди заложбата на земјите членки за испорака на универзално здравствено покритие (УЗП), вклучително и заштита од финансиски ризици и пристап до основните здравствени услуги, лекови и вакцини за сите. Прашањето што сè уште не е одговорено е колку земјите се обврзуваат на обезбедување услуги со кои се задоволуваат потребите кои  се единствени за девојчињата и жените, како дел од нивната имплементација на УЗП.

Со усвојување на политичката декларација за УЗП, земјите се согласуваат да издвојат средства од нивните државни буџети за да создадат иднина во која сите дијабетичари ќе добиваат инсулин, каде нема да се дозволи ХИВ да пустоши заедници и сите деца

ќе добиваат основни вакцинации. Во таа иднина, дури и најранливите заедници би имале сигурен и достапен пристап до услугите што им се потребни, а целото општество би било поздраво и попродуктивно.

Меѓутоа, здравствените потреби кои се однесуваат единствено на девојчињата и жените, вклучувајќи ги нивните сексуални и репродуктивни здравствени потреби, остануваат предмет на политички дебати, а поради тоа веќе долго време нивната здравствена заштита е потценета и не се остварува во целост. На пример, во хуманитарни услови, има многу ограничен пристап до сексуална и репродуктивна здравствена заштита. Младите имаат тешкотии да ги остварат своите репродуктивни права и на многу други места.

Жените честопати се недоволно застапени во медицински испитувања, што уште повеќе го влошува женското здравје и доведува до несоодветна дијагностицирање и лечење

на болести. Дури и програмите што се посебно наменети да им служат на девојки во адолесценција честопати се осмислуваат без значително учество на млади, а како резултат, тие честопати не ги задоволуваат потребите на нивните целни корисници и, понекогаш, дури и ги зајакнуваат штетните стигми.

За универзалното здравствено покритие да биде навистина универзално и трансформативно, тоа мора да опфаќа родова еднаквост во сите форми, што значи и обезбедување експлицитни гаранции за сексуално и репродуктивно здравје и права (СРЗП). Ова вклучува модерна контрацепција, пренатална и постнатална нега, лечење на неплодност, безбеден абортус и превенција и лечење на сексуално преносливи инфекции и рак на репродуктивните органи. Исто така, вклучува право на согласност за секс и заштита од насилства од интимен партнер.

Овие здравствени услуги спасуваат животи. Доколку се задоволи потребата за модерна контрацепција во регионите во развој и жените и новороденчињата ја добијат неопходната нега, несаканата бременост би се намалила за 75%; смртноста на мајките би се намалила за 73%, а смртните случаи кај новороденчиња би се намалиле за 80%. Вакцинирањето девојчиња против хуман папилома вирусот (ХПВ) ќе спречи повеќе од три милиони смртни случаи од карцином на матката во текот на следната деценија во 72 земји со ниски и средни приходи. И, се разбира, поздрави мајки раѓаат поздрави деца.

Заштитата на здравјето на жените и гарантирање на нивната автономија над своите тела, сексуалност и плодност е темел на родовата еднаквост. СРЗП им овозможува на жените да го постигнат целиот свој потенцијал со тоа што, меѓу другото, ќе учествуваат во нивните економии, политики и општества. Ова ја зајакнува добросостојбата на семејствата и заедниците, а со тоа придонесува за целосен економски раст и одржлив развој.

И покрај овие огромни придобивки, искуството покажува дека ако СРЗП не се експлицитно заштитени во декларациите на ООН, поголема е веројатноста дека нема да се вметнат во расправите за политики и буџетите. Обезбедувањето на оваа заштита е тешка битка, бидејќи конзервативните земји членки на ООН вршат притисок да се исфрлат зборовите како „род“ и „сексуално и репродуктивно здравје и права“, а понекогаш дури и „човекови права“ од различни меѓународни декларации.

Во мултилатералниот систем се води војна на зборови, а женските тела се бојното поле. Затоа Алијансата за родова еднаквост и УЗП, која опфаќа повеќе од 100 граѓански организации од 46 земји, ги повикува земјите членки на ООН да не дозволат победа за оние што сакаат да го поткопаат здравјето и правата на жените. Бришењето на овие зборови има многу реални последици.

„Здравствена заштита за сите“ вклучува сексуално и репродуктивно здравје, а „сите“ ги вклучува сите лица, без оглед на расата, етничката припадност, возраста, способноста, миграцискиот статус, родовиот идентитет или изразување, автохтоност, здравствена состојба, класа или каста. За да има какви било шанси ваквата заштита да се оствари, СРЗП мора да бидат признати, финансирани и манифестирани во секоја земја и заедница во светот.

Борбата сега преоѓа од зборови на хартија во дејствие. Ако владите се сериозни за УЗП, тие мора да се посветат на градење и финансирање на сеопфатни здравствени системи кои функционираат за сите луѓе, вклучително и девојчиња и жени. Резултатот ќе биде поздрав, побогат и поеднаков свет.

Катја Ајверсен е претседател и извршен директор на Women Deliver, глобален застапник за родова еднаквост и здравје и права на девојчињата и жените.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org