fbpx

САД, Турција или Србија: Каде ќе бара поддршка Рама за време на третиот мандат?

Јона Копренцка

Политика

10.09.21

Прегледи

Јона Копренцка

Jona Koprencka 400x500За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. Во моментот кога сите помислија дека ќе се случи политичката ротација, премиерот Рама доби голема поддршка не само од локалното гласачко тело, туку и од меѓународните претставници.

Во последните oсум години, Еди Рама создаде повеќе пријатели, но и непријатели. Интересен е фактот дека тој успеа да воспостави добри односи и да добие поддршка од земјите кои немаат традиција на пријателски односи едни со други. Сепак, се чини дека кога станува збор за Албанија, сите заедно ги усогласуваат своите ‘интереси’.

Трета победа на Рама

Социјалистичката партија освои трет последователен мандат, а нејзините приврзаници беа во еуфорија по историската победа. Опозицијата обвини дека имало купување на гласови и тврди дека нема да ги признае овие избори. Се чини дека подобро прашање кое требаше да си го постави опозицијата е зошто не дојде на власт по осум години опозиција. Демократската партија, најголемата опозициска партија, одржа внатрешни избори, кои беа дискутабилни поради недостаток на транспарентност. На овие внатрешни партиски избори по трет пат за лидер беше избран Лулзим Баша, човек за кого голем дел од електоратот побара да даде оставка и да не се кандидира повеќе. Неговиот избор ги деморализира десничарските гласачи, кои очекуваа нов дух во партијата и лидер што може да ги донесе на власт.

Меѓународните претставници кои играат многу важна улога во албанскиот политички живот изјавија дека во текот на изборите имало проблеми и инциденти, и изразија загриженост затоа што целиот државен апарат бил ставен на располагање на социјалистичката партија. Но, според извештајот на ОБСЕ-ОХДИР изборите успеале да исполнат најголем дел од својата мисија.

Она што е контрадикторно е што албанското гласачко тело не верува дека Социјалистичката партија ќе ја внесе Албанија во европското семејство, но кога доаѓа времето за избори, тие повторно гласаат за Рама и неговата партија. Албанците се прилично разочарани од јавните настапи на премиерот кој секогаш го обвинува Брисел за неисполнетите задачи поставени од Европската унија.

Во 2013 година, Еди Рама за прв пат беше избран за премиер, и ја затекна државата во прилично топли односи со претставништвата на странските земји. Албанија беше членка на НАТО, беше укинат визниот режим во Шенген зоната за албанските граѓани и земјата ги исполнуваше нејзините задачи поставени од Европската унија за продолжување на процесот на интеграција. Ветерот дуваше кон Запад, а во секоја политичка одлука јасно можеше да се гледа европскиот правец што го следеше земјата.

Покажување на авторитарни тенденции

Во вториот мандат на премиерот Еди Рама, забележливо беше зближувањето на премиерот со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Токму во времето на вториот мандат, Еди Рама успеа да ја зацврсти својата позиција (од личен и политички аспект) со меѓународните претставници, но и да создаде главно внатрешни конфликти и да ја води земјата во авторитарен стил. Во овој период тој често се обраќаше кон неговите пријатели со цел да му помогнат. За кој било проблем, премиерот Рама му се обраќаше на претседателот Ердоган, кој заедно со Вучиќ го извлекуваа(т) Рама од секоја беспомошна ситуација.

SAD Turcija ili Srbija Kade ke bara poddrska Rama za vreme na tretiot mandatИзвор: albeu.com

Земјотресите од 2019 година ја изнесоа во прв план непосредната помош во материјални добра и човечки ресурси што турската влада ги донесе во Албанија. Голем број турски здруженија собраа значителни донации додека претседателот Ердоган вети дека ќе ги обнови уништените населби, а повеќето повредени лица беа пренесени во турски болници. При штрајкот на контролорите за летање од „Албконтрол“, дел од вработените беа отпуштени, а други беа уапсени. Еди Рама повторно му се обрати на Ердоган, кој обезбеди турски контролори, за да не биде затворен единствениот аеродром во земјата. Приказната не завршува тука. Во април, турската влада заврши со изградба на новата болница во градот Фиер, чијашто изградба беше промовирана за време на изборната кампања како достигнување на владата на Рама.

Неочекуваното пријателство со Србија и Вучиќ

Во својот втор мандат, Еди Рама исто така ги зајакна односите и со Александар Вучиќ и Србија. Односите меѓу двете земји значително се подобрија со потпишувањето на договорот за укинување на визниот режим меѓу двете земји, а официјална Тирана е исто така еден од жестоките поддржувачи на балканскиот мини-Шенген (односно иницијативата Отворен Балкан), кој дел од албанските и косовските политички аналитичари го опишуваат како проект спротивен на националните интереси на Албанија и Косово.

Подобрените односи Рама-Вучиќ јасно се покажаа во поддршката што Вучиќ му ја даде на Рама за време на изборната кампања. Александар Вучиќ излезе на прес-конференција каде побара од електоратот да гласа за Еди Рама. Оваа изјава беше долго коментирана не само во албанските медиуми, туку и во регионалните. Турција отсекогаш била голем пријател на Албанија и подготвена да помогне во секоја ситуација, но големата поддршка од Србија е нешто ново. Од историска гледна точка, се чини дека е невозможно Албанија да воспостави толку добри односи со Србија.

Србија и Турција се две земји со кревки демократии и со авторитарни влади од источен стил, на кои Европската унија и западните земји гледаат со скептицизам. И во двете земји, лидерите ја држат власта со железна тупаница и повеќе од два мандати, исто како случајот со Албанија, каде Рама го освои третиот последоватален мандат.

Од друга страна, премиерот Рама има одлични односи со американската амбасада и западните канцеларии акредитирани во Тирана. Амбасадата на САД, како институција која поддржуваше и вложуваше најмногу во реформите во правосудството, почитувањето на уставот и владеење на правото, му честита на кабинетот на Рама за досегашните достигнувања, нагласувајќи дека земјата се движи на прав пат. Односите се топли и од личен аспект. Американската амбасадорка Јури Ким, организираше средба со премиерот Рама два дена по изборите, изразувајќи ја нејзината поддршка.

Дали премиерот Рама ќе може да продолжи да има толку добри односи на личен и институционален план со земји кои баш и „не се мирисаат“ едни со други? Дали во одреден момент Албанија ќе мора да се позиционира на одредена страна? Дали турските пријатели се ЗА или ПРОТИВ топлите односи Тирана-Белград. Што ако САД се против силно турско или српско влијание во Албанија?

Со неговиот реизбор, Рама сака да ја преземе целата моќ/власт. Неодамна парламентот гласаше за разрешување на претседателот Илир Мета. Потсетуваме дека претседателот Мета ги обвини социјалистичката партија и нејзините активисти за незаконско прислушување на албанските граѓани, кршејќи ги нивните основни човекови права.

Каде ќе дувне ветрот?

Најновите потези на владејачката партија, како што се токму прислушкувањето граѓани и собирање на лични податоци на граѓаните преку своите партиски активисти, се стари политики, неприфатливи во која било европска и западна земја, што значително ќе влијае на патот на земјата кон членство во ЕУ. Доколку владејачката партија продолжи по овој пат и не ги послуша критиките за кршењето на човековите права и демократијата, Албанија се повеќе ќе се оддалечува од западните перспективи на земјата.

Третиот мандат на Еди Рама ќе покаже на која геополитичка страна ќе се приклучи Албанија.

 
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јона Копренцка

Јона Копренцка е асистент на одделот за меѓународни односи и политички науки при Универзитетот Епока во Тирана, Албанија. Таа е поранешен заменик уредник на онлајн веб-порталот "Gazeta Mendimi" кој, меѓудругото, покрива прашања поврзани со конфликтите во Средниот Исток и односите помеѓу Русија и НАТО/САД на Балканот.