fbpx

Амнестија, аболиција или помилување – што, по ѓаволите, донесе Собранието?

Димитар Апасиев

Политика

16.01.19

Прегледи
МК   ALB

доц. д-р Димитар Апасиев

dimitar apasiev200x250

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata). Ова претставува нарушување на традиционалните принципи на владеење на правото и може да предизвика ситуации каде од две или повеќе лица кои се обвинети за исто кривично дело – едниот добива амнестија, а другиот не. 

Многу одамна, мудриот Атињанин Сократ, на еден негов пријател му ја поставил следнава дилема: „Зарем мислиш дека постои таква држава што нема да пропадне ако пресудите кои се донесуваат во неа немаат никаква сила, оти одделни луѓе ги обезвреднуваат и изигруваат“? Во насока на оваа мисла-водилка, целта на овој блог е да ја замрсам или, пак, можеби да ја решам правната дилема што срамежливо проструи во стручната јавност по повод носењето на најновиот и досега најконтроверзен Закон за амнестија – а кој имаше за цел, на недоличен начин, да го обезбеди толкупосакуваното двотретинско мнозинство за противправното менување на нашиот Устав.

Амнестијата е општ акт на милост од суверенот

Самиот концепт на милост значи неприкриено признание на проблематичноста на сето правно, на сите оние односи на напнатост кои постојат во идејата за Правото. Милоста е неканализирано доброчинство што се применува преку универзални начела кои продираат во шематизираниот свет на правото, како наполно туѓ, правејќи ја на тој начин видлива неговата студена смуртеност. Оттука, милоста е „незаконито чудо во рамките на правниот свет“ [Радбрух]; a чесното и искрено милосрдие, како човечка доблест, многу автори од различни историски епохи го сметаат за нужен „безбедносен вентил на правичноста“ [Јеринг] кој овозможува Правдата да се хуманизира, надминувајќи ја слепата крутост на пишаните закони.

Уште прочуениот француски просветител Монтескје, во неговото капитално дело Духот на законите (1748), напиша дека правото на простување, доколку се извршува мудро, може да има прекрасни ефекти за општеството! Но, во нашиве прилики – амнестијата ниту е мудра, ниту пак ги има овие посакувани „убави ефекти“, туку е плод на политички „дил“ од најдолен вид, со перфидна цел: октроирана промена на името во Северна Македонија – спротивно на суверената народна волја изразена на обата референдума [задолжителниот од 1991 и консултативниот од 2018].

Амнестијата за 27-ми април ја руши нашата досегашна правна традиција

Вака дадената амнестија, која ќе биде предмет на оваа аргументирана критика, е без преседан во досегашната наша правна историја! Овој небулозен случај отскокнува од досега познатите правни стандарди на нашето јавно право и воведува опасен пример на она што во правото се нарекува привилегирачки закон (lex privilegia). Колку за споредба, од независноста досега, Собранието има донесено вкупно седум амнестирачки закони – што само покажува дека нашата Република се соочува со огромни проблеми и перманентен дефицит на владеењето на правото:

(1) Првиот Закон за амнестија (декември 1991) беше донесен веднаш по осамостојувањето на Македонија, за време на т.н. Експертска влада, кога премиер беше Никола Кљусев, а претседател на Републиката – Киро Глигоров. Беа опфатени околу 900 лица.

(2) Вториот Закон за амнестија (февруари 1999) беше донесен по преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Љубчо Георгиевски, а претседател – Киро Глигоров. Тој беше плод на тогашната владина коалиција со ДА на Васил Тупурковски и ДПА на Арбен Џафери. Заднината на оваа амнестија беше ослободување на Руфи Османи, осуден за неизвршување на одлуката на Уставниот суд на РМ во врска со веењето на албанското знаме пред општинската зграда. Со овој закон беа амнестирани околу 800 осуденици за тешки кривични дела. Законот беше подготвен во Владата од страна на тогашниот министер за правда, а сегашен академик – проф. д-р Владо Камбовски. На овој закон, претседателот Глигоров, по консултација со професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, реши да вложи суспензивно вето, но по второто гласање тој го потпиша указот.

(3) Третиот Закон за амнестија (март 2002) беше донесен после Рамковниот договор и завршувањето на крвопролевањата во граѓанската војна од 2001 година, за време на т.н. Широка владина коалиција [ВМРО-ДПМНЕ + СДСМ + ДПА + ПДП], каде што премиер беше Љубчо Георгиевски, во време на претседателствувањето на покојниот Борис Трајковски. Беа амнестирани околу 3.000 терористи кои учествувале во вооружениот меѓуетнички конфликт како борци на страната на ОНА и тоа за сторени најтешки форми на насилен и антидржавен криминал. Ова беше тотална амнестија, која подоцна, преку противуставното автентично толкување донесено за време на владата на Груевски и ДУИ, во 2011 година – спротивно на меѓународното кривично право (ius cogens) – ги опфати и незастарливите т.н. Хашки случаи против човечноста и хуманитарното право [„Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“].

(4) Четвртиот Закон за амнестија на граѓаните на РМ кои не ја извршиле воената обврска (јули 2003) беше донесен од тогаш победничката владејачка коалиција на СДСМ, ЛДП и ДУИ, кога премиер беше Бранко Црвенковски, а претседател беше Борис Трајковски. Овој закон се однесуваше на ослободување од кривично гонење и издржување на казната за т.н. „дезертери“ од резервниот состав на АРМ, во конфликтот од 2001 год.

(5) Петтата, најобемна и атипична амнестија (јуни 2015) беше донесена за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Никола Груевски, а претседател Ѓорге Иванов. Таа опфаќаше околу 15.000 невработени лица кои, наводно, дале лажни изјави пред Фондот за здравствено осигурување, со цел бесплатно да добијат сини картони за лекување. За прв пат кај нас, таа не беше дадена со посебен закон за амнестија, туку преку измена и дополнување на матичниот Закон за здравствено осигурување – што, од правна гледна точка, е неконзистентно номотехничко решение. Ова беше така само за да не се усвои предложениот Закон за амнестија на лицата кои дале неточни изјави за годишните приходи пред ФЗО доставен од страна на Движењето за социјална правда „Ленка“, иако тој речиси целосно беше препишан во усвоените законски измени.

(6) Шестиот Закон за амнестија (јануари 2018) беше донесен пред нецела година, како политички пазар и „добра волја“ меѓу владејачката коалиција СДСМ - ДУИ, кога премиер е Зоран Заев, а претседател е Ѓорге Иванов. Со него беа опфатени околу 700 осуденици на кои, со цел растеретување на казнено-поправните домови, им беше дадена шанса за предвремена ресоцијализација.

(7) Седмиот, последен и најспорен Закон за амнестија (декември 2018) е донесен повторно во времето на СДСМ+ДУИ, кога премиер е Зоран Заев, а претседател Ѓорге Иванов. Овој најнов дубиозен закон се однесува на насилните настани од 27 април, кога поголема група граѓани, инсајдерски потпомогнати од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, влегоа во собраниската зграда и физички ги нападнаа дел од пратениците на владејачкото мнозинство. Но, овој рестриктивен закон намерно опфати само мал број наменски пикирани лица, сè на сè околу 20-на на број. Тој, главно, имаше за цел вулгарно купување на слободата и легално корумпирање на тројца пратеници од опозицијата, со цел тие за возврат да ги гласаат предложените уставни амандмани.

Амнестија дава парламентот, а не судот

Нашето уставно право е доста колебливо во врска со овој деликатен правен институт. Во актуелниот Устав на Република Македонија (1991) амнестијата е постулирана како право кое спаѓа во ексклузивна надлежност на Собранието на РМ [чл. 68, ст.1, ал.18 од УРМ]. Таа е негово исклучиво и неотуѓиво право кое не може да биде делегирано на друг државен орган! Со ваквата уставна поставеност се превенира можноста за т.н. автоекспрорпијација на парламентарната јурисдикција – кога, евентуално, Собранието би дало на други органи или државни тела да владеат во негово име.

Amnestija abolicija ili pomiluvanje sto po gjavolite donese SobranietoИзвор: fokus.mk

Со други зборови, парламентот нема уставна можност да го пренесува одлучувачкото право на амнестија на друг орган, па макар и на судот – бидејќи на тој начин се урива начелото на тријалистичка поделба на власта, што кај нас е издигнато на ранг на темелна вредност на уставниот поредок [чл. 8, ст.1, ал.4 од УРМ]. Оттука, решението на судот има само констатирачко, т.е. декларативно правно дејство, додека создавачкото, т.е. конститутивното дејство на амнестијата произлегува од самиот закон (ex lege), а никако од судската одлука.

Амнестијата ја урива поделбата на власта

Бидејќи парламентот не е само носител на легислаторната функција во државата, туку е и базичен носител на политичката анимација во земјата – тој, само во исклучителни случаи, може да се најде и како квазисудски орган. Оти, во суштина, со амнестијата се задира како во важечкото кривично законодавство, така и во самата правосилна пресуда на судот (res iudicata)! Ова длабинско и несмасно пенетрирање на законодавната во сферата на судската власт не може, а да не остави негативни последици врз правосудството и врз неговите мериторни пресуди, како најцврст темел на правната држава.

Токму поради овој ефект на хаварија што го има амнестијата во сферата на правораздавањето – секогаш и секаде таа се носи во форма на специјален закон (lex specialis), а не во форма на обична собраниска одлука. За разлика од помилувањето, кое е право на Претседателот и се однесува на поименично наведени лица in concreto, амнестијата е генерален правен институт in abstracto кој се однесува на однапред неопределен, но определив број лица – а не на конкретни индивидуи.

Амнестијата не може да зависи од волјата на обвинетиот

Спорното во најновиов Закон за амнестија (2018) лежи во неговиот член 2: „Постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, се поведува по барање на осомниченото, обвинетото и осуденото лице“, а згора на сè е предвидено дека и Јавното обвинителство, кое е само странка во судската постапка, дава некакво си свое претходно „мислење“ за конкретниот случај!? Ова е прв ваков пример кај нас и истиот е скандалозен! Другите шест наброени досегашни закони за амнестија немаат ваква небулозна одредба, која комплетно ја девалвира волјата на законодавецот и таа недозволиво ја заменува со волјата на „криминалецот“. Ова во правото ниту се видело, ниту се чуло. Не може амнестијата да зависи од слободната диспозиција на обвинетиот – кој треба да поднесе писмено барање во точно одреден законски рок од 5 дена – исто како што, на пример, не може плаќањето на данокот да зависи од волјата на самиот даночен обврзник. Оти законот е општозадолжителна и императивна, а не диспозитивна норма! Па така, амнестија се дава дури и против волјата на лицето, затоа што тоа е законска обврска, а не законско право.

Сега, за прв пат во нашата државно-правна историја, имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна желба, т.е. иницијатива на засегнатите странки (ex privata). Ова е нон-сенс и е продукт на правни незнајковци. Ова е најгруба злоупотреба на правото и негово волунтаристичко превртување на глава! Затоа и имате ситуации каде од две или повеќе лица кои се обвинети за ист кривично-правен настан и за исто кривично дело – едниот добива амнестија, а другиот не!? Таков е примерот со оперскиот пејач Игор Дурловски наспроти твитерџијата Бетмен Велит или режисерот Борис Дамовски. Да бевме нормална, а не заробена држава, ваков неправичен, конфузен и фаворизирачки закон, донесен наменски заради политички пазарлук со обвинети и уценети пратеници, експресно ќе беше поништен од Уставниот суд на РМ – каде за жал седат едни од најслабите правници во нашиот правен систем.

Амнестијата е дефинитивно откажување од правото на казнување

За крај, би заклучил дека амнестијата, како правен институт со очигледни политички ефекти, е обмислено и неотповикливо откажување на државата од правото на казнување (ius puniendi). Ама, погледнато од еден јуриспруденцијален аспект, токму правото на мечот (ius gladii) ја чини с'ржта на Државата, како организиран систем кој го поседува монополот на физичка принуда. Тоа е последното од кое таа би се откажала! И затоа, во мигот кога одредена политичка организација го губи или не може ефективно да го остварува инхерентното право да казнува и да правораздава, во истиот тој миг, таа престанува да биде држава.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Димитар Апасиев

Димитар Апасиев (1983, Велес) е доктор на правни науки. Дипломирал, магистрирал и докторирал како првенец на повеќе генерации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тој е долгогодишен активист на Движењето за социјална правда „Ленка“ и член на президиумот на Левица. Има учествувано на преку стотина домашни и меѓународни научни симпозиуми. Автор е на десетина правни книги и монографии, како и на над 50 статии и стручни трудови. Бил правен консултант на неколку правосудни државни органи, синдикални организации, граѓански здруженија и неформални активистички иницијативи. Во моментов работи како доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право. Предава: Римско право, Судскa реторика и Философија на правото.