fbpx

Балканот во борба против аерозагадувањето

Љупка Јаневска

Животна средина

08.03.21

Прегледи

Љупка Јаневска

Ljupka Janevska 400x500Формирањето на платформа за прекугранична соработка за борба против аерозагадувањето има потенцијал вистински да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во нашата земја.

Загадувањето на воздухот е тема што се актуализира во одредени периоди од годината, но е проблем којшто упорно одбива да исчезне. Новото „жариште“ на загаден воздух во Европа е Западниот Балкан. Извештајот за состојбата на животната средина во Европа на Европската Aгенција за животна средина, го нагласува фактот дека подобрувањето на животната средина во овој регион е стагнирано, особено во однос на справувањето со аерозагадувањето и со намалувањето на штетните гасови.

Кои се основните загадувачи на воздухот?

Отсуството на филтри при работа на фабриките, зголемениот транзит на автомобили и моторни возила во сообраќајот, високиот отпад во депониите се сметаат за основни извори на аерозагадување во Балканскиот регион. Сепак, според Финскиот метеоролошки институт, во Република Македонија главен причинител на аерозагадувањето е традиционалното греење на печка каде дури 90 проценти од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво).

Иако веќе добро ни се познати глобалните последици од енормното аерозагадување, вклучувајќи ги кардиоваскуларните проблеми, алергиите, нападите на астма, во одредени случаи аерозагадувањето исто така може да предизвика и пречки во менталниот развој на децата, додека пак самата изложеност на честички во воздухот предизвикува 40,0000 предвремени смртни случаи годишно во Европа.

Кое е најефикасното решение за намалување на аерозагадувањето?

Иако во постоечката стратешка програма на Владата на Македонија за намалување на аерозагадувањето се усвоени практични мерки за намалување на загадувањето на воздухот и тоа конкретно во однос на промената на начините на греење на домаќинствата и зголемување на инспекцискиот надзор во индустриите, сепак се појавува една дилема: Колку овие мерки би имале долгорочен ефект врз намалувањето на аерозагадувањето?

Важно е да се потенцира фактот што Република Македонија не е единствената држава на Балканот што се справува со проблемот на аерозагадувањето, тука се и Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Токму поради ова, а во согласност и со Извештајот за справување со аерозагадувањето во Република Северна Македонија на Светската Банка, се препознава важноста на националната соработка меѓу земјите од Западен Балкан и нивната заедничка „борба“ против аерозагадувањето.

Идејата да се формира платформа за прекугранична соработка за справување со аерозагадувањето помеѓу Владата на Република Македонија со соседните држави е едно од решенијата кое има потенцијал навистина да придонесе за намалување на аерозагадувањето во нашата земја, и тоа на долг рок.

Зошто баш оваа идеја би функционирала?

Иако се работи за процес на постигнување на меѓународна согласност за прекугранични еколошки прашања, сепак оваа соработка би можела да има значително влијание врз намалување на загаденоста на воздухот. Практичен пример и доказ за ова е Конвенцијата за прекугранично справување со загадување на воздухот потпишана во 1979 година од страна на 32 европски држави, вклучувајќи ги и САД и Канада.

Balkanot vo borba protiv aerozagaduvanjetoИзвор: fokus.mk

По потпишувањето на Конвенцијата бил усвоен „Протоколот од Гетеборг за намалување на аерозагадувањето“. Со донесувањето на овој протокол се ограничуваат изворите на штетни гасови како што се производството на електрична енергија, се намалува транзитот на автомобили, и со овој протокол земјоделците треба да преземат специфични мерки за контрола на нивото на испуштање на амонијак. Заедно со Протоколот се усвоени и документи со насоки, кои вклучуваат различни видови на техники за намалување на аерозагадувањето во соодветните сектори, вклучително и транспортот.

Според Протоколот, државите-потписнички треба да известуваат за своите нивоа на аерозагадување еднаш годишно. Покрај тоа, тој бара од нив да поднесат проценка на намалување на нивото на аерозагадување во следните неколку години со цел државите да имаат поголемо влијание врз намалување на аерозагадувањето.

Протоколот беше изменет во 2012 година со одлуките на Извршното тело 2012/1 и 2012/2 и беа усвоени национални обврски за намалување на аерозагадувњето до 2020 година, но и во наредните години. Изменетиот документ стана првиот обврзувачки договор за намалување на аерозагадувањето.

Почист воздух како резултат

Конвенцијата доведе до почист воздух и до опаѓање на 30-80 проценти штетни гасови во Европа и 30-40 проценти во Северна Америка, а придонесе и за спречување на 600.000 предвремени смртни случаи годишно во Европа. Денес оваа конвенција претставува модел за ефективна меѓународна соработка во областа на животната средина, обединувајќи научници и креатори на политики за решавање на сложени прекугранични еколошки проблеми преку усвојување на најдобри практики за греење на домашно дрво со цел да се намали аерозагадувањето, упатства за мерење на нивото на штетни гасови, развој на планови за управување со нивото на аерозагадување, контролни мерки за намалување на штетните гасови од земјоделството, и друго.

Понатаму, фактот што оваа конвенција обезбедува алатки, методи за следење и за справување со аерозагадувањето на локално ниво го потврдува сознанието дека е доста ефективно решение за градовите кои се справуваат со овој проблем. Сметам дека ова може да се примени поединечно за секој од градовите на земјите од Западен Балкан, првенствено преку статистичко истражување и анализа на поединечните извори на загадување во секој од засегнатите градови а потоа и планирање на конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето кои ќе станат дел од самата Конвенција за прекугранично справување со загадување на воздухот.

Усвоените методи за државите потписнички на Конвенцијата се редовно известување за нивото на аерозагадување и штетни гасови во воздухот како и нивниот негативен ефект, донесување на национална стратегија за намалување на аерозагадувањето составена од мерки за контрола и намалување на емисиите на сулфур, азотни оксиди, амонијак и испарливи органски соединенија, мерки за зголемување и употреба на обновливи извори на енергија, системи за намалување на штетни горива од сообраќајот на патиштата и друго.

Иако во Република Македонија согласно Планот за чист Воздух како приоритетни активности се издвојуваат контролата на квалитетот на воздухот, подигнување на јавната свест, менаџирање со отпад, преструктуирање на јавниот транспорт и друго, сепак во Извештајот на Светската Банка е нагласено дека треба да се зајакне контролата за следење на квалитетот на воздухот со тоа што ќе се вклучи и опција за следење на различни видови на штетни гасови (сулфур, азотни оксиди, амонијак и испарливи органски соединенија) како што е усвоено и со Конвенцијата, со цел да се обезбедат сигурни податоци и да се адресираат сите видови на загадувачи на воздухот.

Во делот за зголемување на употребата на обновлива енергија која е усвоена во Конвенцијата, како пример во Извештајот е наведено дека Развојната банка во Германија поддржила проект за парно греење во Битола, чија цел било намалување на загадувањето на воздухот додека пак другите средства биле насочени за градење на парк на ветерни електрани во Богданци.

Во однос на воспоставување на систем за намалување на штетните горива од сообраќајот на патиштата, Швајцарската амбасада преку проектот „Вело Училишта“, промовирала возење велосипед како алтернативен начин на движење и превоз за ученици во Република Македонија.

Со комбинација на веќе применетите мерки според Извештајот за справување со аерозагадувањето и усвоените методи на Конвенцијата може значително да се намали загаденоста на воздух на ниво на држава или град и притоа да се заштедат средства, но и да се добие поддршка од политичкиот и приватниот сектор за намалување на аерозагадувањето.

Како секој од нас може да придонесе во намалување на аерозагадувањето?

Истражувањето на „Eвропското респираторно друштво“ споделува одредени препораки во однос на тоа колку ние како индивидуалци можеме да го подобриме квалитетот на воздухот. Тие не само што помагаат за одржување на квалитетот на воздухот, тукy можат и да ни заштедат пари. Една од овие препораки се начинот на употреба на електричната енергија и количеството на енергија што ја трошиме од ден на ден, промена на средството за превоз од автомобил во велосипед, промена на начинот на стоплување во домовите кои користат гориво од биомаса (дрво, животински измет) и замена со почисти горива како што се биогас, течен нафтен гас, електрична енергија или соларни шпорети.

Овие мерки се приоритетни за секој човек, бидејќи тие се првиот чекор во остварување на најдобрите практики за намалување на аерозагадувањето кои ги налага Конвенцијата за прекугранично справување со загадување на воздухот. Заедничката примена на приоритените мерки и најдобрите практики од страна на државите од Западен Балкан би довела до постепено намалување на аерозагадувањето на меѓународно ниво со тоа што дишењето на чист воздух ќе премине во нормална, природна појава, а не луксуз или привилегија која само луѓето кои живеат во одредени деловиод светот можат да си ја дозволат.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Љупка Јаневска

Љупка Јаневска е специјалист по право и ги има завршено своите студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.