fbpx

ЕУ бавно се движи кон разединување

Сабин  Селими

Политика

29.04.20

Прегледи

Сабин Селими

sabin selimi photo

ALB ENG

Кризата укажува на поголем проблем: ако земјите членки не можат да се потпрат едни на други во напорите да ја сузбијат пандемијата, како ЕУ би реагирала во случај на криза уште посериозна од сегашната пандемија?

ЕУ издржа серија удари во последните две децении. Првиот удар беа југословенските војни од 1990-тите, кога ограничувањата на меката моќ на ЕУ никогаш не беа поочигледни. Втората беше економската криза во 2009 година, која предизвика значителна огорченост меѓу земјите-доверители и должници-членки. Третата беше бегалската криза во 2015 година, која дополнително го подели блокот и ги изложи пукнатините на нејзината површина. Четвртиот потекнува од Брегзит, чии целосни последици нема да бидат познати некое време. Најновата е кризата со бегалците на границата меѓу Грција и Турција, проследена со избувнување на Ковид-19, или коронавирус.

Пробајте да изгуглате „Европа“ и „криза“ и ќе ви се појават милијарда резултати. Со секоја нова криза, овие два термини стануваат се повеќе неразделиви. Проблемите со кои се соочува ЕУ се поголеми од работите што се случија во изминатите две децении. Тие ја доведуваат во сомнеж идната улога на ЕУ како глобален играч.

Структурален проблем

Освен трговските преговори, каде ЕУ генерално зборува со еден глас, блокот не е во состојба да произведе заедничка политика за големи стратешки прашања. Кохерентноста и конзистентноста беа двете од главните движечки сили што доведоа до Лисабонскиот договор да биде потпишан во 2007 година, со кој се менуваат Договорот од Мастрихт (1993) и Договорот од Рим (1957), формирајќи ја уставната основа на ЕУ. Сепак, договорот прави многу малку промени на теренот, освен некои мали прилагодувања, како што е намалување на бројот на службеници што зборуваат во име на колекција на суверени држави, чии национални интереси честопати се разликуваат. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, кој во реалноста делува како квази-министер за надворешни работи на блокот, нема капацитет да стори многу повеќе од одржување состаноци и говори.

Да ја земеме Либија како пример. Континуираната анархија е сериозен проблем за ЕУ. Средбата на самитот во Берлин, свикана од германската канцеларка Ангела Меркел, донесе договор за прекин на огнот меѓу завојуваните фракции во Либија но договорот бргу се распадна. Политиката на ЕУ кон Русија е уште еден соодветен пример. Францускиот претседател Емануел Макрон е загрижен за тоа како Москва ги развива односите со Пекинг, и се чини дека сака да ја оддалечи Русија од Кина. Сепак, ваквиот пристап е алармантен за земјите-членки во Источна Европа. Или пак да го земеме за пример долгиот процес на проширување на Балканот. Како може ЕУ да има заедничка политика за надворешни и безбедносни прашања, кога не може да се согласи за пристапот кон стратешки важен регион како Балканот?

После Брегзит, секоја просторија во која ќе влезе ЕУ, ќе носи помалку тежина отколку кога Велика Британија беше земја членка. Лондон делуваше како своевидна прагматична рамнотежа меѓу двата европски пола, Париз и Берлин. Заминувањето на Велика Британија ќе направи некои од поделбите да изгледаат подлабоки и дополнително да ја ослабнат кохезијата, менувајќи ја рамнотежата во блокот и создавајќи вакуум на моќност. Тоа би можело да ја поткопа можноста на ЕУ да води независна надворешна политика и да го изгуби кредибилитетот на глобалната сцена.

eu bavno se dvizhi kon razedinuvanje blog

Извор: schengenvisainfo.com

ЕУ исто така се соочува со долготрајна демографска криза. Европа е континент со најстаро население во светот. На Балканот и генерално во Источна Европа, овој проблем е засилен со „одлив на мозоци“, при што квалификуваната младина оди на запад во потрага по можности за работа и подобар животен стандард. Хрватите со влегувањето во ЕУ во 2013 година, започнаа да ја напуштаат својата земја во голем број. Помалку млади луѓе значи побавен раст. За возврат, ова поттикнува поголема емиграција, а постарото население наметнува поголеми оптоварувања на здравствениот систем.

Што би било решение за демографската криза на ЕУ? Поттикнување поголема имиграција подалеку од Европа. Но, како што покажа бегалската криза во 2015 година, таквиот пристап може да има непредвидливи политички последици. Некои држави членки одбиваа да прифаќаат бегалци според шемата за солидарност. Со оглед на јасното спротивставување на имиграцијата од страна на ксенофобични националисти, тешко е да се види лесно решение за овој проблем, особено во време на рестрикции на патувања и во многу случаи задолжителен „домашен притвор“ кои и даваат легитимитет на националистичката реторика.

Поголемиот проблем

Кризата со Коронавирус е слична на бегалската криза бидејќи земјите што не се веднаш погодени од вирусот, веројатно најмалку ќе соработуваат и ќе им помогнат на другите. Земја како Италија ќе ги повлече другите со себе, започнувајќи со нивните меѓусебно зависни економии. Со сегашниот недостаток на солидарност, ЕУ би можела да ја изгуби наклонетоста на многу од нејзините земји-членки, а да не ги спомнувам оние што чекаат во фоајето да влезат во блокот, т.е. балканските потенцијали. Кина ќе биде повеќе од среќна да ја исполни таа празнина.

Кога вирусот се појави во Вухан, ЕУ одбра да ја набљудува кризата од далечина. Тоа се промени дури кога Италија пријави над илјада заразени граѓани и повеќе десетици мртви. Со намалувањето на дневните случаи на вирусни инфекции во Кина, Пекинг почна дипломатска офанзива за да испрати помош на земјите членки на ЕУ кои се мачат да ја скротат пандемијата. „Благодарни сме за поддршката на Кина“, рече во твитот претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Балканска земја која не е членка, Србија апелираше за помош не од ЕУ (што го ограничи извозот на потребната медицинска опрема), туку од Кина. „Европска солидарност не постои“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ кога најави вонредна состојба во својата земја. Ова е моментот кога Кина се репозиционира не само во Европа, туку и на меѓународната сцена, како одговорен глобален лидер во време на кризни случаи во јавното здравство.

Повеќе земји членки се осамени во кризата со коронавирус. Без оглед дали ова е точна перцепција, кризата укажува на поголем проблем: ако земјите членки не можат да се потпрат едни на други во напорите да ја сузбијат пандемијата, како ЕУ би реагирала во случај на криза уште посериозна од сегашната пандемија?

Клучниот проблем

Основниот проблем е што основачите (на ЕУ) сметаа дека ваквиот европски проект може да изгради просперитетно општество. Тие мислеа дека можат да се извлечат без да водат независна надворешна политика. За време на Студената војна, ограничувањата на овој пристап беа камуфлирани од моќната улога на САД. Во тоа време на ЕУ не и беше потребен кохерентен пристап кон светските прашања, бидејќи прашањата што се однесуваат на европската безбедност беа водени од страна на НАТО, додека САД го водеа шоуто.

Сепак, кога заврши Студената војна, ЕУ брзо одлучи дека цивилната моќ ќе биде доволна, сè додека САД се на првите редови на европската одбрана. Некои земји-членки не ја исполнуваат целта на НАТО од 2%. Трошоците за одбрана на САД отсекогаш биле повисоки од буџетите на другите членки од создавањето на НАТО, но јазот се зголемил по терористичките напади на 11 септември 2001 година. Сето ова го поставува прашањето како менувачкиот пејзаж на континентот ќе влијае на безбедноста на ЕУ.

Се повеќе расте верувањето меѓу Европејците дека стратешкото внимание на Вашингтон се оддалечува од Европа и се насочува кон Азија, како што билансот на моќ се менува во таа насока. Решението на германската канцеларка Ангела Меркел е „повеќе Европа“, односно продлабочување на интеграцијата. Сепак, ниту една од земјите-членки не е вистински тешкаш на светската сцена. Нивната релативна позиција во меѓународната сцена ќе еродира уште повеќе како што староста на нивното население се зголемува. ЕУ не е во состојба да влијае на текот на настаните дури и на Балканот, а камоли да ги стекне способностите потребни за да се спротивстави на посилните сили како Кина.

Доколку ЕУ стане поспособна, динамична и кохезивна, САД и другите сојузници несомнено ќе ја гледаат како повреден партнер. Глобален играч како Кина би гледала на ЕУ како сила со која треба да се однесува внимателно. Со други зборови, на слабата, повозрасна и поделена ЕУ не вреди да се троши премногу време или напор.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

Сабин  Селими

Сабин Селими работи за швајцарската организација за развој, Хелветас, како директор за комуникација во регионалната програма RECONOMY, финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка. Претходно, тој има искуство во комуникациски и советодавни работни позиции во јавниот сектор и меѓународно финансирани проекти, со искуство на Балканот. Како стипендист на Чивнинг, тој ги завршил магистерските студии по меѓународна јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Како добитник на претседателската стипендија (Presidential's Scholarship), тој ги завршил своите додипломски студии по економија и меѓународни студии на Американскиот универзитет во Вашингтон.