fbpx

Глобална трка за современо вооружување

м -р Тимурленк Чековиќ

Политика

19.05.21

Прегледи

Тимурленк Чековиќ

timurlenk cekovic400x500Изумите на 21. век - беспилотните летала, беспилотните пловила, беспилотните возила со софистицирана опрема и вештачка интелигенција - ќе нѐ воведат во едно ново поглавје на меѓународните односи. Државите нема да можат да остварат геополитичко влијание без технички развиено и напредно вооружување.

Историјата на војната и воените дејствија датираат од деновите на раната човечка цивилизација. Копјето, лакот и стрелите се заменети со огнено оружје и муниција, а оружјето и муницијата со високотехнолошка воена опрема. Напредокот во технологијата доведе до пронајдоци и употреба на нуклеарно оружје, вселенско оружје, проектили, стелт авиони, ласерски наведувано оружје, електромагнетно оружје, кибернетски електронски напади, подморници, беспилотни летала, вештачка интелигенција и др. Современите воени дејствија вклучуваат пропагандно-психолошки дејства со елементи на докажување на технолошка надмоќ преку кибер просторот, за што веќе зборувавме. НАТО силите почнаа сериозно да го разгледуваат овој феномен и да ги вклучуваат беспилотните летала и автономното оружје како дел од своето вооружување.

Изумите на 21. век - беспилотните летала, беспилотните пловила, беспилотните возила со софистицирана опрема и вештачка интелигенција - ќе нѐ воведат во едно ново поглавје на меѓународните односи. Земјите во светот нема да можат да остварат геополитичко влијание без технички развиено и напредно вооружување.

Кратка историја на развојот на воената технологија

Оружјето со текот на годините еволуираше, а го следеше и методот на нивно користење. Во 15. век, оклопот со челични плочи, во комбинација со употребата на тешко копје, гарантираа дека воинот има поголема можност да преживее и без оклопна коњаница, армијата немаше да постигнува пресудна победа на бојното поле. Следи подобрување на опсадата, но и умешноста на утврдувањето како и појавата на тврдини, специјално дизајнирани за да се спротивстават на артилериското бомбардирање.

Клифорд Роџерс ја разви идејата за последователни воени револуции во различни периоди, прва, пешадиската револуција во 14. век, втора, артилериската револуција во 15. век, трета, револуцијата на тврдините во 16. век, четврта, револуцијата на огненото оружје помеѓу 1580 и 1630 година и на крајот, петтата револуција, зголемувањето на големината на европските армии со мобилизација помеѓу 1650 и 1715 година. Слично на тоа, Џефри Паркер го продолжи периодот на воената револуција до 1800-тата година, период во кој Европејците постигнаа надмоќ над остатокот од светот. Со време, технолошките достигнувања станаа поважни; Во индустриското доба имаше судири како што е Битката кај Садова, во која поседувањето на артилерија играше одлучувачка улога во исходот на битката.

Globalna trka za sovremeno vooruzuvanje 1Автономно беспилотно борбено воздушно летало Х-47Б, развиено од Нортроп Груман во соработка со Агенцијата за напредни истражувачки проекти за одбрана на САД

Наскоро, митралезите, гранатите и топовите беа подостапни меѓу трупите и се користеа во војните. Со зголемувањето на радиусот на дејство на експлозивот и на бомбите, воените единици стануваат сѐ поранливи. Артилеријата, морнарицата, хеликоптерските единици и авиони беа следните напредни воени технологии кои беа користени во современите дејства од 20. век. Уште во 1915 година, британската војска користела воздушна фотографија за да испланира напад во битката кај Њу Чапел.

Од 1940-тите години, подготовката за воен судир се засноваше на оружје за масовно уништување. Трката со вооружувањето вклучуваше нови системи за вооружување, нуклеарно и биолошко оружје, како и компјутеризирани системи за контрола на ракетни системи. Вселенската трка во која учествуваа Соединетите Американски Држави, Советскиот Сојуз и од неодамна Кина сѐ уште е актуелна. Додека тенковите беа присутни во Првата и во Втората светска војна, оклопната воена технологија зема замав со почетокот на Студената војна.

Многу од технологиите што обично се гледаат на главните борбени фронтови денес, како што се композитните оклопи, топовите со висок калибар и напредните системи за нишанење, ќе бидат развиени во тоа време. Карактеристично е дека по 1945 година е големото отсуство на директни воени судири меѓу големите сили. Поголеми воени дејства беа Индо-пакистанската војна во 1971 година, Иранско-ирачката војна од 1980 до 1988 година и Војната во Заливот од 1990 до 1991 година.

Војната против тероризмот од почетокот на овој милениум претставуваше повеќедимензионална кампања со речиси неограничен опсег. Неговата воена димензија вклучуваше долги војни во Авганистан и Ирак, тајни операции во Јемен и на други места, програми за воена помош за кооперативни режими и зголемувања на воените трошоци. Демонстрација на технолошка моќ се остварува со кибер напади или со учество во бројни поморски и копнени вежби во тензичните региони. Кина, Русија и САД во 21. век ги формираа своите вселенски сили кои во овој миг првенствено служат за противелектронска борба и меѓусебно шпионирање.

Globalna trka za sovremeno vooruzuvanje 2Извор: formiche.net

Војна на дроновите

Војните кои следат нема да бидат ништо слично на тоа што го знаевме досега. Во тие војни ќе предничат американскиот „Предатор“, турските „Бајрактар“ и „Акинџи“, како и израелскиот „Харуп“. Но, не се за потценување ниту другите кои изработуваат беспилотни летала, како што се Кина, Русија, Иран, Индија и Пакистан. Во светски рамки веќе дојде до поместување на геополитичките односи со појава на нови технолошки гиганти на ова поле како што се Турција и Иран.

Во септември 2019 година, јеменските бунтовници од племето Хуси помогнати од Иран го направија првиот познат координиран напад со јато на дронови врз две постројки за производство на нафта во Саудиска Арабија, откако ги уништија саудиските системи за противвоздушна одбрана.

Турција во конвенционалните воени дејствија ги употреби своите беспилотни летала на либиското, сириското и азарбејџанското војувалиште. Како доказ е еднонеделниот воен судир помеѓу турската и сириската армија во март 2020 година во која беа употребени јата на дронови „Бајрактар“ и за една недела беа уништени неколку стотини оклопни возила и техника на сириската армија.

Набргу потоа, за неколку месеци целосно се смени военото боиште во Либија, каде меѓународно признатата Влада со поддршка на Турција изведе воена операција против бунтовничкиот генерал Хафтар. Плановите на Хафтар и тие што го поддржуваа не само што не се остварија, туку синхронизираните дејствија на турските беспилотни летала предизвикаа целосен колапс на силите на Хафтар и промена на мапата во Либија. Меѓународно признатата Влада за брзо време поврати голем дел од изгубените територии и воени бази.

 Ерменската војска која се наоѓаше на окупираните територии на Азарбејџан во Нагорно-Карабах им задаваше сериозни пешадиски удари на азарбејџанските сили. Но, набргу работите се сменија. Само за неколку дена турскиот „Бајрактар“ и израелскиот „Харуп“ со прецизни удари предизвикаа ненадоместлива штета во одбраната на ерменските сили. Тоа доведе до потпишување на примирје со посредство на Русија и предавање на поголемиот дел од Нагорно Карабах во рацете на Азарбејџан, кој прогласи победа. Турските беспилотни летала беа одлучувачки и во оваа шестнеделна воена операција.

Дури и моќната Русија немоќно гледаше во напредните дронови на Турција со кои беа уништени најмалку 23 „Панцир“ противвоздушни системи од руско производство. Противвоздушната одбрана иако се обидуваше со своите радари да ги детектира непријателските летала, сѐ посовремените противелектронски средства и радарски пречки ги намалуваа шансите тие да бидат соборени. Русија и САД во овој миг вложуваат големи напори за пронаоѓање начин за соборување на беспилотни летала, а потоа и за нивно заробување.

Одговорот на НАТО

НАТО силите во наредните години ќе се обидат да напредуваат на ова поле. Тие го предвидуваа првиот лет на „Еуродрон“ во 2025 година, а испораката на ова напредно беспилотно летало ќе започне во 2028 година. Тековниот договор предвидува 20 системи „Еуродрон“ за неколку европски земји (Германија, Франција и Шпанија), што е далеку од потребниот број. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во декември минатата година изјави дека ја поддржува употребата на вооружени беспилотни летала за заштита на животот на војниците, инсистирајќи на купување ваква технологија за идните операции на НАТО. Според тоа, НАТО силите имаат потреба од својот сојузник Турција во поглед на тактичка употреба на беспилотните летала, но освен претендентот за НАТО, Украина, другите земји членки не изразиле потреба од купување на турски беспилотни системи.

 Геополитичката криза во Европа, а особено во Медитеранот, во наредниот период во голема мерка ќе зависи од релациите помеѓу САД-Европа-Турција. Кина, Русија и Иран ќе се обидат да ги наметнат своите влијанија преку напредната технологија и демонстрацијата на воена надмоќ со беспилотни летала. НАТО ќе треба што побрзо да најде начин како да се соочи со заканите од воени дејствија од далечина, да им помогне на технолошки понеразвиените членки да обезбедат соодветна заштита.

Современите воени дејствија во својата доктрина ќе вклучуваат сѐ поголем број на беспилотни летала и автономни возила, а ресурсите и можностите ќе зависат од технолошкиот и научен напредок на една држава.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

м -р Тимурленк Чековиќ

Тимурленк Чековиќ магистрирал кризен менаџмент на Воената Академија во Скопје. Истражува за влијанијата на глобалните закани и безбедност. Заинтересиран е да пишува и споделува новости во технологијата, глобалните промени и настани. Посветува интерес во геопросторно разузнавање и технолошки напредок, како и етички вредности и историја. Има активен блог и е автор на неколку книги, академски статии и истражувања. Моментално е вработен како инспектор во Граничната полиција.