fbpx

„Борците за слобода“ што ја загрозуваат демократијата во Словачка

Михаела Ружичкова

Политика

КОВИД-19

29.09.21

Прегледи

Михаела Ружичкова

Michaela Ruzickova 400x500И покрај релативно добрата ситуација со пандемијата во Словачка, ова лето државата се соочи со интензивна антиваксерска и антивладина кампања која првенствено беше насочена против вакцинирањето, мерките и ограничувања во врска со пандемијата. Кампањата резултираше со масовни протести кои завршија со собир што се одржа на Денот на донесување на Уставот.

Протестното движење против вакцинацијата во Словачка, кое доживеа свој „процут“ за време на летото 2021 година, се базираше на погрешно толкување на реалноста и на масовното ширење на штетни наративи. На овие протести им претходеше ескалација на тензиите и претходно изградена атмосфера на страв а беше поддржано со ширење на измами, дезинформации или заговори во врска Ковид-19 и мерките наменети за спречување на неговото ширење. Алармантен фактор беше вклученоста на голем број актери кои потекнуваа не само од озлогласени медиуми кои пласираат проблематична содржина (ширење дезинформации, теории на заговор или говор на омраза) или од социјални мрежи, туку и директно од политиката.

Успехот на движењето беше потпомогнат и од неефикасната кампања за вакцинација која ја спроведе државата. Кампањата се покажа неефикасна поради многу активните дезинформации и теории на заговор кои шират штетни наративи против вакцинацијата и го поткопуваат целиот процес. Таа исто така беше проблематична уште од февруари 2021 година, кога се случи мошне критикуваната набавка на Спутник V вакцини, без нивна претходна регистрација кај Европската агенција за лекови (ЕМА). Игор Матович, инаку тогашниот премиер, предизвика контроверзии со тоа што не се консултираше со Министерството за надворешни работи во врска со оваа набавка како и за директните преговори со Русија.

Последно, но не и најмалку важно, кампањата која беше спроведена од државата ја покрена идејата за „лотарија за вакцинација“. Тоа, за жал, се соочи со повеќе технички тешкотии (проблеми со интернет стримингот на емисијата, недостапна интернет страница за учесниците од странство итн.) и беше предмет на сатирично исмевање.

Сè започна на граничните премини

Движењето се појави на 5 јули 2021 година, кога стапи во сила владината одлука за построги гранични контроли и за затворање на некои гранични премини како одговор на повторното ширење на Ковид-19. Утредента, првите протести се случија спонтано на граничните премини Врбовце и Хорне Срние (и двете на словачка страна на границата со Чешка), на кои учествуваа околу 200 луѓе. Веројатно најголемиот протест се одржа помеѓу селата Врбовце (Словачка) и Велка над Величкоу (Чешка). Уште еден многу важен протест се одржа на премините Петржалка (Словачка) - Рајка (Унгарија) и Сврчиновец (Словачка) - Мости и Јаблункова (Чешка) на 9 јули 2021 година. Подоцна на протестите учествуваа и некои политичари од партиите Република, Л’СНС или Хлас – Социјалдемократија кои ја повикаа и јавноста да се приклучи.

Некои од политичарите реагираа на настаните, притоа директно или индиректно поддржувајќи ги демонстрантите и ширејќи штетни наративи. Љубош Блаха, член на СМЕР - Социјалдемократија (СМЕР - СД), беше доминантен меѓу нив. Во периодот од 1 и 17 јули 2021 година, тој имаше 11 објави на Фејсбук поврзани со темата за гранични контроли.

Протести против научниците

Во месец јули се одржаа неколку протести пред домовите на научниците кои јавно ја поддржуваат вакцинацијата (инфектолозите Павол Јарчушка, Владимир Кремери и педијатарот Елена Прокопова). Најголемиот протест се одржа на 14 јули пред куќата на главниот хигиеничар Јан Микаш.

Она што им претходеше на овие протести беше ширење на наративи против вакцинација, мерките за спречување на ширење на Ковид-19, како и против гореспоменатите научници. И покрај нивните активности насочени кон зголемување на опфатот со вакцинација во Словачка, паралелно со тоа се одржуваше и кампања која имаше за цел нивна дискредитација. Исто така, митингот против главниот хигиеничар Јан Микаш беше последица на информацијата дека тој е на одмор во странство.

Borcite za sloboda sto ja zagrozuvaat demokratijata vo SlovackaИзвор: balkaninsight.com

Политичарите од СМЕР-СД и екстремно десничарската партија Република (која се одвои од озлогласената крајно десничарска Народна партија „Наша Словачка“, NSSNS) имаа најмногу интеракции на Фејсбук во однос на овие теми. Споменатите настани кулминираа по одлуката на Уставниот суд да суспендира една уредба на Микаш во врска со воведување карантин на границите. Милан Ухрик, претседател на Републиканската партија, сподели објава на 13 јули 2021 година, во која изјави: „Победивме! Владата денеска доби шлаканица (...). Тие се бесни. И само ќе им биде полошо. Во СМЕР - СД, засега, го отфрливме Апартхејдот“.

Крајната десница зборува за тоталитаризам

Соработката на про-националните и антисистемските политички субјекти на сцената за дезинформации беше особено очигледна во врска со организирањето на протестот пред Владата на Република Словачка, кој се одржа на 10 јули 2021 година. Некои од пораките кои се ширеа беа наративи за поделба на општеството на граѓани од прв и втор ред (вакцинирани и невакцинирани, привилегирани и дискриминирани), наративи за „апартхејд“, „геноцид“, кршење на човековите права, но и напади врз владини службеници и академици кои беа етикетирани со „фашисти“ поради тоа што им наметнуваат вакцинација на граѓаните.

Дополнителни протести се одржаа на 23-24 јули 2021 година пред Собранието и на 29-30 јули 2021 година пред претседателската палата. Главната причина за овие протести беше наводниот обид на министерот за внатрешни работи, Роман Микулец, да го измени изборниот законик, со што би се вовело ограничување на правото на глас за невакцинираните. Министерството за внатрешни работи ги нарече наводите дезинформации. Сепак, Милан Ухрик зборуваше за измената на законот како „најтоталитарен закон во историјата што ја легализира дискриминацијата“.

На 23 јули 2021 година, Милан Мазурек, уште еден припадник на Република, сподели видео од неговиот говор во Парламентот во кој зборува за наводниот владин тоталитарен обид да им се „одземе слободата на луѓето“. Ухрик исто така има споделено и видео од прес-конференција на партијата Република, во која членовите на оваа партија зборуваат за законот дека е решение кое значи „сегрегација“ и го споредуваат со она што се случувало за време на Втората светска војна.

Усогласеност во ставовите на екстремно десните партии и на СМЕР-СД

Интересен аспект што го забележавме во врска со протестите беа усогласените мислења и интереси на екстремно десничарските партии (главно Република, народната партија Наша Словачка Л’СНС, Словачкото движење за преродба SHO и националистичката Словачка национална партија СНС) како и СМЕР-СД, партија која речиси континуирано беше на власт во периодот од 2006 до 2020 година.

СМЕР-СД си се нарекуваат „социјалдемократска“, но е многу попозната по корупциски скандали, наводни врски со мафијата, како и по конзервативните популистички позиции. Во денешно време, партијата е популарна главно поради Љубош Блаха, кој е многу активен на Фејсбук и беше именуван како „најтоксичен“ словачки пратеник. Блаха ги претставува не само идеите на крајната левица, туку и шири дезинформации и говор на омраза. И покрај фактот што оваа партија предводела три влади од 2006 година и се смета за етаблиран политички субјект, нејзиниот нов имиџ се поврзува со антисистемски ставови.


Borcite za sloboda sto ja zagrozuvaat demokratijata vo Slovacka 2Членот на СМЕР-СД и „најтоксичен“ пратеник, Љубош Блаха (лево), се среќава со претседателот на крајно десничарската партија ЛСНС, Маријан Котлеба (десно), на протестот одржан на 23 јули 2021 година. Фото: TASR (Извор: Деник Н).

ЛСНС директно ги повика луѓето да учествуваат на овие протести, додека СМЕР-СД не повика на излегување на протести, и покрај фактот што нејзините членови учествуваа на истиот како говорници. На митингот на 23 јули 2021 година е направена и неславната фотографија од средбата помеѓу Љ. Блаха и М. Котлеба која стана симбол на обединувањето во ставовите на крајната десница и крајната левица во Словачка (прикажано преку политички спектар во форма на потковица).

Откако стивна „ентузијазмот“ за протестите, СМЕР-СД започна да се фокусира на протестот најавен за 1 септември, кој требаше да се одржи пред зградата на Уставниот суд во Кошице.

Протести во август без присуство на Љубош Блаха

Понатамошни масовни протести се одржаа во периодот 5-7 август 2021 година пред Владата на Република Словачка и претседателската палата. За разлика од претходните протести, на овие не учествуваше Љубош Блаха. На 1 август тој објави дека треба да ја „исклучи политиката“. Исто така немаше ниту активност од претседателот на СМЕР-СД, Роберт Фицо, како и на Република, која се дистанцираше од овие протести. Ова доведе до целосно вклучување на екстремната десница - Народната партија „Наша Словачка“ ЛСНС и нејзиниот претседател Маријан Котлеба.

Се појавија неколку клучни моменти: повикот на Маријан Котлеба за протестите, притворот на братот на Котлеба и пратеник, Марек Котлеба, и присуство на полиција. Реториката за „отпор кон тоталитарните мерки“ и ликвидација на правата беше силно присутна. Покрај учеството во протестите, Котлеба повика на потребата од „блокирање на Братислава“ која тој ја смета за ефикасна алатка во борбата на народот „за слобода во вакцинирањето“. На видеото, тој одговори на „тактичките прашања“ од организацијата на протестот, кога зборуваше за употреба на „тешка опрема“.

Затоа, ЛСНС беше најактивната партија во организацијата на протестите. Маријан Котлеба дури се обиде да ги персонифицира овие протести и за таа цел беше поддржан од широка мрежа на негови „сојузници“ на социјалните мрежи (интернет страници, поединци/ блогери, фан страници, членови на ЛСНС).

Ден на Уставот

Последните протести се одржаа на Денот на Уставот на Република Словачка (1 септември) во Братислава и во Кошице, пред зградата на Уставниот суд. На протестите во Кошице присуствуваа приближно 6.000 луѓе, и тоа на два главни собири организирани од Република и од СМЕР-СД. Овие протести беа помирни и завршија порано од паралелните собири кои беа одржани во Братислава, каде учесниците го блокираа сообраќајот и се пресметуваа со полицијата. Се случија само два помали инциденти во Кошице, кога интервенираше и полицијата.

Според Питер Дубоци, аналитичар за интернет страницата Infosecurity.sk, „на почетокот се појави една форма на симбиоза помеѓу про-националните и антисистемските политички актери, при што целокупната сцена на дезинформации ги засили нивните повици за блокирање на границите“. Подоцна, бевме сведоци на силната способност на овие актери да дејствуваат заедно на проблематичните интернет медиуми во борбата против системот кој е персонифициран од владата и во парламентарната коалиција. Парадоксално е што овие партии и поединци кои имаат наклонетост кон екстремната десница и крајната левица, дадоа поддршка на протестите кои имаа за цел „заштита на демократијата“.

За време на протестите беа забележани силни врски помеѓу проблематичните интернет медиуми и споменатите политички партии. Во исто време бевме сведоци и на одредена симбиоза помеѓу неколку споменати политички партии - и покрај нивните различни агенди или идеолошки перцепции. Силен столб на целото протестно движење во периодот до 1 септември 2021 година беа активностите на СМЕР-СД. И покрај долгата политичка историја и нејзините три периоди на власт, оваа добро етаблирана партија дејствуваше против системот, владата и државните институции, чијшто авторитет на тој начин е можно делумно да биде поткопан. Делувајќи заедно со другите споменати партии, како што се Република или ЛСНС, целото ова лето беше многу опасна сезона за словачката демократија.

Антивладините протести се резултат на долгогодишната поларизација на општеството, која е поттикната од дезинформациите и заговорите што ги шират проблематичните интернет медиуми. Иднината на демократијата во Словачка ќе биде одредена или од некој нов поттик кој би можел да ги рестартира протестите, или, од друга страна, од успешната борба против дезинформации предводена од државата.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Михаела Ружичкова

Михаела Ружичкова е кандидат за докторски науки на Катедрата за политички науки на Универзитетот „Павол Јозеф Шафарик“ во Кошице, Словачка. Нејзиното истражување е посветено на факторите на животната средина во геополитиката. За време на студиите, таа се здоби со искуство како практикант во Одделот за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Република Словачка. Во моментов работи за независен тинк-тенк, Институтот за стратешка политика, за кој објавува анализи во областа на конфликтни подрачја. Таа исто така работи како уредник на содржини во информаторот за дезинформации на Иницијативата за безбедност во дигиталниот простор. Други области од нејзин интерес се когнитивната безбедност, безбедноста на информациите и хибридните закани.