fbpx

Струшките вечери на поезијата во слободен пад

Филип Клетников

Медиуми

07.09.21

Прегледи

Филип Клетников

Filip Kletnikov 400x500Со оглед на низата потфрлувања во последните неколку години, челните луѓе на фестивалот треба да си го постават прашањето – до себеси и до фамозните „надлежни“ (оти, нели, секогаш парите се изговор и проблем): quo vadis, СВП?

Годинава поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) слави 60 години од своето постоење. Притоа, улогата што СВП ја имаат за афирмацијата и промоцијата на поезијата, а особено на македонските поети и нивната поезија во светот стана безмалку општо место кога се говори за фестивалот во домашната јавност. Но колку овие оцени се оправдани? Ако се навратиме на непосредното минато на СВП, т.е. изминатата деценија, се чини – одвај. Во најдобар случај! Еве и зошто.

Каде одлета „Песна меѓу две лета“?

Кога станува збор за домашните поети, најпрепознатливиот белег на СВП беше „Песна меѓу две лета“ - редовен дел од програмата на фестивалот, на кој македонските поети имаа можност да претстават дел од својата најнова поетска продукција. Оваа традиција на фестивалот беше значајна од повеќе аспекти: преку својот панорамско-антологиски карактер (читања, издание на избор песни) таа беше еден од клучните двигатели на крвотокот на македонскиот книжевно-поетски живот, условувајќи ја и продлабочувајќи ја спрегата поезија – критика/рецензија, која е неопходна за постоење на здрава книжевна сцена. Но – можеби уште поважно – собираше цела плејада македонски поети на исто место, овозможувајќи им да разменат стихови, да се дружат и да стекнат увид во поетските сензибилитети на своите соперци, домашни и странски.

„Песна меѓу две лета“ не беше без некои свои мани. Убедливо најголемата, според мене, е маргинализирањето на младите македонски поети, кои генерациски сегрегирани од генералните текови на современата македонска поезија, некако сѐ по инерција беа збуткувани во настанот „Ноќ без интерпункција“ (комбинација од избор млади поети и отворен микрофон, обично две вечери што почнуваа на полноќ). Иронично е, патем, што во налетот на родовите (женските) права, активис(к)ите ревносно бројат колку лауреатки имало за „Златниот венец“, додека стигматизацијата и маргинализацијата на младите по основа на возраста беше и уште е заборавена како на творечки, така и на севкупен општествен план. Како нашите критичар(к)и, теоретичар(к)и и – за голема жал – самите поет(ес)и! – да заборавија дека возраста и поезијата не се меѓусебно условени математички варијабли чиј количник го дава квалитетот. Како да заборавија на плеадата извонредни млади поети на романтизмот, симболизмот, експресионизмот и многу други кои напишале блескави дела во својата младост...

Рецензија – што беше тоа?!

Секако, тоа не смее да води до обратната крајност, да се „ишка мувата од капата“ со фамозната „пропорционална застапеност“, со квоти, коефициенти за родова/возрасна/етничка застапеност итн. Секое нагласување на овие „критериуми“ за сметка на естетското е чин против самото творештво, затоа што тие се нерелевантни (или како што филозофите би рекле: акцидентни) по однос на суштинскиот квалитет кој е во прашање – поезијата, т.е. делото. А една од клучните референци која е должна да осигура дека токму тој квалитет ќе биде пресуден, како за изборот на гостите, така и за доделувањето на евентуалните признанија е – рецензијата.

Токму нивелацијата на книжевната рецензија е една од најштетните последици од згаснувањето на „Песна меѓу две лета“. Ако добро паметам, Венко Андоновски во една своја колумна одамна напиша: нема големи поети, има само големи песни. Но ова (за што, патем, секако може да се спори...) како воопшто да не допрело до ушите на неговите академски колеги од управните одбори кои го водеа (и водат) СВП во изминатите десетина години: поетски книги со врвни рецензии од врвни рецензенти упорно се игнорираат, додека изборот на домашни автори кои ќе учествуваат на фестивалот станува сѐ понепровиден и арбитрарен и сѐ чини сосем препуштен на каприците (политички? идеолошки? лични? клановски?) на дирекцијата и Управниот одбор.

Воопшто, институцијата рецензија, а со тоа и книжевната критика, е урнисана изминативе години, не само на СВП, туку и на годишните конкурси за издавачка дејност, за што веќе пишував. Тоа, пак, што е најиронично во целата ситуација е чудната, несфатлива кратковидост на професор(к)ите од овие одбори: со целосното игнорирање на рецензијата на нивни (угледни) колеги како критериум, тие индиректно ја негираат нивната – но и својата компетентност. Тоа, пак, за последица има негација на сите вредносни критериуми и девалвација на величината „универзитетски професор“, за што се изнаслушавме толку жалопојки изминативе години!

Struskite veceri na poezijata vo sloboden padИзвор: svp.org.mk

Македонските поети - поети од втор ред!

Друга последица од згаснувањето на „Песна меѓу две лета“ е намаленото присуство на македонските поети на фестивалот. И тоа намалено, како квантитативно, така и квалитативно.

Ако извршите преглед на гостите на фестивалот по години – според податоците на веб-сајтот на СВП, ќе дојдете до некои многу чудни и интересни податоци: имено, во 2016 и 2017 г. бил поканет само по еден македонски поет! Но тука не завршува сѐ: ако проверите, на пример за 2014 година, ќе видите дека учествувале само 5 поети сѐ на сѐ!

Секако, малку е веројатно дека ова е точно – настан со само 5 поети тешко може да биде наречен „фестивал“ (макар што Исус велеше таму кајшто двајца се молат на Татко ми, таму сум и Јас“) а камоли „еден од најреномираните фестивали“. Поверојатно станува збор за несреќно ажуриран веб-сајт, нешто што „еден од најреномираните фестивали“ исто така никако не смее да си го дозволи! (Проверете го, на пример веб-сајтот на медитеранскиот поетски фестивал „Voix Vives“, каде ќе најдете прецизни податоци за СИТЕ учесници од 2010. г. натаму!).

Сепак, она што овде е најзагрижувачки не е дискриминаторскиот веб-сајт (повторно фалат главно помладите поети канети изминатите години), туку статусот на македонските поети на фестивалот, особено на младите поети. Така, трошоците за престој на најголемиот дел од последниве им е покриен само за еден до два дена во кои настапуваат („Ноќ без интерпункција“); но истиот принцип се применува и на некои од ветераните на македонската поезија – инаку, исто така неславна пракса која стана вообичаена од пред десетина години!

Повторно ќе извршам споредба со „Voix Vives“. Француските и франкофонските поети таму не само што чинат меѓу третина и половина од поканетите гости; тие се ПОСТОЈАНО присутни на фестивалот и настапуваат КОНТИНУРАНО рамо до рамо со останатите гости. Во низа добро осмислени мини-поетски портрети (обично од тројца до пет поети) кои неретко ги вклучуваат и другите уметности (танц, музика, визуелни уметности…), француските/франкофонските поети се претставени рамо до рамо со странските. Со тоа овој фестивал ја остварува својата витална функција – поттик и претставување на домашната поетска продукција и нејзино вмрежување со странската. А токму тоа треба да е основната цел на секој добар фестивал.

Чуму фестивали?

 Тоа нѐ води до прашањето – која е поентата на постоењето на поетските фестивали, па и на фестивалите од било која уметност воопшто? Општењето меѓу поетите и уметниците постоело многу пред организираните фестивали, а постои и ќе постои и без нив: штом ќе настане делото, тоа, како и секој психички производ, бара споделување – публика, сцена.

Токму со тоа општење почнува природниот процес на селекција, на преплет и конфликт меѓу старото и новото, што го напојува животот на поетскиот израз (прифаќање, диференцирање, усовршување, напуштање, обновување…). Притоа, акцентот природно паѓал на вмрежување на творците кои чинат еден органски јазично-просторен социосистем (град, регион, народ...). Доколку ова вмрежување промаши, промашил и фестивалот.

А промашувањата на СВП не застануваат тука: од 2012 година веќе не се печати ни серијата „Плејади“ (седум поетски книги на избрани странски поети, симболично крстени по истоименото соѕвездие), а од 2013 година замира и традицијата на издавање на поетски антологии од земјите-учеснички на фестивалот: навистина, зачудувачки е колку тој период околу 2012/2013 година е несреќен за СВП! Со тоа е пресечен уште еден битен канал на преплетување на творештвото на странските поети со она на домашните (аспект, кој, на пример, Владимир Мартиновски го подвлекува и посочува на пример од поезијата на Елена Пренџова во антологијата на младата македонска поезија „Лирски додекамерон“); последиците од тоа се „домино-ефект“: штети трпи и препејувачката дејност (која веќе долго време е далеку од сјајна, ако воошто и ја има!) и антологичарско-критичарската (избор, критика).

Тука е и историјатот на наградата „Браќа Миладиновци“ која исто така особено се „прослави“ во минатата деценија и е безмалку во слободен вредносен пад (сѐ поголем е бројот на поети кои коментираат: кажи ми кој е во жирито, а јас ќе ти кажам кој ќе ја добие наградата!), но тоа е веќе посебна тема… Сето тоа се критични показатели за челните луѓе на фестивалот да го постават прашањето – до себеси и до фамозните „надлежни“ (оти, нели, секогаш парите се и изговор и проблем): quo vadis, СВП?

Наедно, овие лекции од СВП треба да ги имаат постојано пред очи и сите (организатори на) идни фестивали.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Филип Клетников

Филип Клетников дипломирал германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал интердисциплинарни средновековни студии (германистика, филозофија, историја на уметност) на Универзитетот „Ото-Фридрих“ во Бамберг, Германија, како стипендист на DAAD. Покрај тоа што е активен како поет, есеист, преведувач и раскажувач, има одржано јавни предавања и организирано трибини кои третираат современи општествени проблеми разгледувани низ призмата на автори/дела/правци од областа на книжевноста и филозофијата.