fbpx

Доколку ги реализиравме јавните капитални инвестиции можеби ќе имавме и поголем економски раст

Весна Гарванлиева Андонова

Економија

23.12.19

Прегледи

Весна Гарванлиева Андонова

vesna andonova 200x250Нередовното реализирање на капиталните инвестиции ја става под прашање фискалната дисциплина на Владата.

Јавните капитални инвестиции издвоени со буџетот на РСМ бележат значително кратење секоја година веќе долг период, проследено и со релативно ниски стапки на реализација.

Овој процес има свои реперкусии најмалку врз загуба во економскиот раст на РСМ, но и врз евентуалното зголемување на конкурентноста на македонската економија поради неможноста да се подобри инфраструктурата.

Во текот на буџетскиот процес согласно стратешките планови, буџетските корисници планираат и капитални инвестиции. Меѓутоа, нивното редовно нереализирање ја става под прашање фискалната дисциплина на Владата во целина, но и на буџетските корисници засебно. Истовремено се дискредитирааат и законот за буџет и законите за извршување на буџетот со што се нарушува владеењето на правото во регулативата за јавните финансии на РСМ.

Капиталот како фактор за продуктивност на економијата

Физичкиот капитал, како приватниот така и јавниот, го претставува „опипливиот“ дел од богатството на една држава. Тој е еден од основните фактори за продуктивноста на една економија и е наследство за идните генерации.

Јавните инвестиции на било кое ниво, централно или локално, ја креираат и градат државната основа на капиталот преку насочување на ресурсите кон основна физичка инфраструктура, кон иновации, инвестиции и образование, кои пак носат поголема продуктивност, а оттаму и подобар животен стандард.

Јавните инвестиции се разликуваат од приватните во обемот на ефектите со кои придонесуваат кон општеството. Односно, јавните инвестиции не придонесуваат само за оние кои ги прават, туку и за економските агенти, за физичките лица и за бизнисите.

Постои дебата за тоа дали, како и до кој степен јавните инвестиции му даваат поттик на растот на економијата во различни економски циклуси, но истовремено постојат и значајни економски истражувања за јавните инвестиции кои укажуваат на нивниот значаен придонес кон долгорочниот ефект за унапредување на растот на продуктивноста во една економија, па оттаму и на растот и на подобрениот животен стандард.

Доколку на краток рок во услови на неискористен економски потенцијал јавните инвестиции се финансираат преку задолжување, на долг рок при враќањето на економијата во нејзиниот потенцијал, адекватното финансирање на капиталните инвестиции ќе зависи од економските услови во тој даден период, бидејќи долгорочно гледано не е толку важно како се финансирани јавните капитални инвестиции, туку што продуцирале односно што придонеле тие инвестиции.

Капиталните инвестиции се „кратат секоја година

Јавните капитални инвестиции издвоени со буџетот на РСМ бележат значително кратење секоја година преку изменетите и дополнети буџети односно со ребалансите на буџетите. Во текот на буџетскиот процес согласно стратешките планови, буџетските корисници планираат и капитални инвестиции. Меѓутоа, нивното редовно нереализирање ја става под прашање фискалната дисциплина на Владата во целина, но и на буџетските корисници засебно. Исто така, се дискредитира и законот за буџет и законите за извршување на буџетот во фискалните години со што се нарушува владеењето на правото во законската материја за јавните финансии на РСМ.

Ова секако има свои реперкусии најмалку врз загуби во економскиот раст на РСМ, но и врз евентуално зголемување на конкурентноста на македонската економија поради неможноста да се подобри инфраструктурата за економските агенти, кои можат да се мерат како загуби од извоз. Особено ако се има предвид и значајниот јаз помеѓу потенцијалниот и реализираниот аутпут на македонската економија.

Потенцијален наспроти реализиран аутпут на економијатаDokolku gi realiziravme javnite kapitalni investicii mozebi ke imavme i pogolem ekonomski rast t1Извор: Есенски 2019 извештај на СБ за ЗБ

Висината на реализираните капитални инвестиции во последната деценија не надминува 20 милијарди денари (за периодот 2009-2018). Највисока апсолутна вредност од 19,86 милијарди денари (325 милиони ЕУР) е реализирана во фискалната 2017 година.

Dokolku gi realiziravme javnite kapitalni investicii mozebi ke imavme i pogolem ekonomski rast t2*K3 2019 стапката 33 отсто е реализација со К3 во однос на буџетот за 2019 пред ребаланс.
Извор: пресметка на авторот врз основа на податоци од буџетите на РСМ за различни години

Ваквиот тренд на нереализирање на планираните капитални инвестиции од буџетот за секоја година во период од една деценија укажува на повеќе аномалии и недостатоци во процесот на планирање на капацитетите, ги доведува во прашање веродостојноста на планирачкиот процес, усогласеноста со приоритетите, доведува до застој во јавните набавки и покажува слаб административен капацитет за проектен менаџмент.

Истовремено, укажува и на потребите од реформирање на процесот на управување со јавните финансии од поширок обем започнувајќи од стратешките цели на една влада, нејзиниот реализам поткрепен со потребните капацитети, па се до потребата од среднорочно, реално и објективно планирање и реализација.

Dokolku gi realiziravme javnite kapitalni investicii mozebi ke imavme i pogolem ekonomski rastИзвор: analitika.mk

Во делот, пак, на политичката економија, редовните ребаланси на буџетот преку намалување на капиталните расходи за сметка на социјалните трансфери, зголемувањата на платите и пензиите за разни категории граѓани и фирми, без притоа да се води сметка за продуктивноста на економијата, укажуваат на акутноста на проблемот проследен со политички популизам и стеснување на хоризонтот на капиталниот циклус до оној на политичкиот циклус односно моделирање според политичките потреби на коалициите на власт.

Така и оваа година, со ребалансот се скратија 3,29 милијарди денари (53,4 мил. ЕУР, или намалување од 12,7 отсто) од планираните капитални инвестиции, кои пак до крајот на јули 2019 се реализирале само 24,5 отсто од планираниот буџет, односно 33 отсто на крајот од септември 2019, што укажува на веројатноста дека дури и со ребалансот постои значителен ризик од нецелосна реализација на капиталните расходи.

Влијанието на нереализираните капитални инвестиции врз економскиот раст

Неспорно е дека капиталните инвестиции/расходи во буџетите поттикнуваат раст и развој, но со напомена дека кога зборуваме за капитални инвестиции мислиме на капитални расходи за долгорочни капитални средства, кои се во прилог на креирање инфраструктура т.е. предуслови за подобар развој и раст, унапредување на продуктивноста и конкурентноста на деловниот сектор и општеството во целост.

При сценарио со симулација на ефектите врз стапката на економски раст со претпоставка на реализација на капиталните расходи во последните десет години во висина на планот на капитални расходи во согласност со првите усвоени годишни буџети (без ребаланси), можеме да добиеме слика за потенцијалните ефекти на овие инвестиции врз националното производство односно врз растот на економијата.

Во вакво сценарио, вредноста на капиталните инвестиции секоја година би била поголема од 5 до 10 милијарди денари (разликата од планот до реализацијата). Симулацијата покажува дека во ваков случај реализацијата на капиталните инвестиции потенцијално во просек би придонела позитивно кон годишните стапки на раст за промена од ~0,2 процентни поени (п.п.) годишно, во зависност од годината и како резултат на можната реализација на различната апсолутна вредност на нереализирани капитални инвестиции таа се движи од 0,1 п.п. до 1,7 п.п во дадена година.

Изразено како кумулативен ефект за периодот 2010-2018 година, економските трошоци од нереализираните капитални инвестиции во ваквото сценарио (6,5 отсто раст) изнесуваат вкупно 43 милијарди денари или околу 700 милиони ЕУР.

Dokolku gi realiziravme javnite kapitalni investicii mozebi ke imavme i pogolem ekonomski rast t3Извор: пресметка на авторот врз основа на податоци од буџетите на РСМ за различни години и Микромакро модел

Економскиот трошок од нереализираните капитални инвестиции - намалена конкурентност

Поголемата реализација на адекватни и стратешки капитални инвестиции на национално ниво (квалитетни инвестиции со долгорочен импакт врз развојот како основна инфраструктура: патишта, мостови, железница, зелени инвестиции за чиста енергија, образование и сл.) има директен ефект врз унапредувањето на конкурентноста на деловниот сектор, продуктивноста, животниот стандард, па оттука и на потенцијалот за зголемување на извозот, што пак повторно има директен ефект врз растот на БДП. Доколку го земеме предвид и овој ефект тогаш потенцијалните стапки на раст се повторно позитивни, односно постојат значителни економски трошоци кои се рефлектирале во намалена конкурентност и намален извоз.

Изразено како кумулативен ефект за периодот 2010-2018 година, во економски трошоци од нереализираниот извоз како ефект од нереализираното потенцијално зголемување на конкурентноста при реализација на планираните капитални инвестиции, изнесува вкупно 124 милијарди денари или околу 2 милијарди ЕУР од бруто домашниот производ.

Dokolku gi realiziravme javnite kapitalni investicii mozebi ke imavme i pogolem ekonomski rast t4Извор: пресметка на авторот врз основа на податоци од буџетите на РСМ за различни години и Микромакро модел

Конечно, во наредниот графикон ги прикажуваме стапките на реален економски раст на РСМ (година за година) и стапките на економски раст (година за година) кои сме можеле да ги имаме доколку се реализирале капиталните инвестиции во целост како што се планирани и доколку тоа води до повисока конкурентност на македонската економија преку повисок извоз.

Dokolku gi realiziravme javnite kapitalni investicii mozebi ke imavme i pogolem ekonomski rast t5Извор: пресметка на авторот врз основа на податоци од буџетите на РСМ за различни години и Микромакро модел

Да научиме од грешките и да не ги повторуваме

Неопходно е подобрување на квалитетот на планирањето на капиталните расходи врз основа на капацитетите за нивна реализација, како на централно така и на локално ниво. Исто така, неопходна е подготовка на долгорочни повеќегодишни стратегии/планови за јавни инвестиции проследени со подготовка на адекватна усогласена стратегија и јасна насока и пристап за приоритети во подолг период. Неопходно е ослободување на проектниот циклус од политичкиот циклус бидејќи капиталните инфраструктурни проекти бараат децениски проектен циклус до имплементација. И на крајот, унапредување на ефикасноста и ефективноста на трошењето на јавните расходи, во овој случај на капиталните расходи, е забелешка и укажување на кои треба конечно сериозно да се работи.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Весна Гарванлиева Андонова

Весна Гарванлиева Андонова магистрира деловна администрација на Универзитетот Лајден, Холандија од 2006 година. Таа е постар истражувач во Центар за економски анализи (ЦЕА) во областа на микро и макро економија, деловно опкружување, анализа на политики итн. Поседува повеќегодишно искуство во областа на управување на деловен развој и проектно управување.