fbpx

Зошто моделот на една изборна единица е лоша идеја

Кристијан Фидановски

Политика

16.10.19

Прегледи

ALB

Кристијан Фидановски

Kristijan FidanovskiblogДобар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење. Една изборна единица е најрепрезентативниот изборен модел, но и убедливо најштетниот за формирање одржлива владејачка коалиција.Овој модел не само што најверојатно не би ја запрел доминацијата на „големите“ партии, туку и би отворил неколку нови проблеми.

Во состојба на огромна и долготрајна разочараност од политичката понуда во државата, сѐ поголемо внимание добива предлогот за воведување една изборна единица. Идејата дека државата може да се демократизира преку менување на изборниот систем е разбирливо атрактивна: ако не можеме да ги подобриме партиите, ајде барем да го подобриме системот во кој тие функционираат? Проблемот е што постојат два различни – најчесто спротивставени – критериуми за добар изборен систем.

Оние кои сакаат една изборна единица се во право дека добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но барем подеднакво важно е дали тој ќе овозможува стабилно владеење. Една изборна единица е бездруго најрепрезентативниот изборен модел, но и убедливо најштетниот за формирање одржлива владејачка коалиција. Севкупно, ова значи дека една изборна единица е половично добар модел наспрема други модели – меѓу кои и актуелниот наш Донтов систем – кои во пристојна мера ги исполнуваат и едниот и другиот критериум. Затоа, таа треба категорично да се отфрли.

Страв од еднопартиското минато: пропорционални изборни модели низ Источна Европа

Донтовиот модел и концептот на една изборна единица се само два од вкупно стотици, ако не и илјадници изборни модели кои се практикуваат низ светот. Сепак, сите овие варијанти можат да се вбројат во една од три поголеми категории: мнозински (majoritarian), пропорционални (proportional) и мешани (mixed) изборни модели, при што и Донтовиот модел и една изборна единица се пропорционални модели. Разликата помеѓу овие категории е едноставна. Во пропорционалните модели, процентот на гласови за една партија соодветствува со процентот на пратеници кои таа ги добива во парламентот. Мнозинските модели, пак, ги „фаворизираат“ поголемите партии со цел да овозможат постабилни владејачки коалиции составени од помал број партии (или само една партија).

Како државите си одбираат изборен модел? Некои го копираат системот на некоја од соседните држави. Дополнително, голем број влади, за жал, го усвојуваат оној модел кој мислат дека најмногу ќе им помогне на следните избори. За среќа, насекаде низ источна Европа, изборниот систем е одбран од многу поиздржана причина. Наместо директен компромис „на пола“ помеѓу репрезентативност и стабилно владеење, дваесет и две од дваесет и трите пост-социјалистички држави во Европа се имаат одлучено или за чист пропорционален модел или за мешан модел со значителна пропорционалност. Поради своето авторитарно минато, овие држави – вклучувајќи нѐ и нас – повеќе вреднуваат репрезентативност отколку стабилно владеење. Мнозинскиот модел (во кој победничката партија честопати има доволно места во парламентот за да може да владее сама) ги потсетува на нивните еднопартиски системи од социјализмот, па затоа го избегнуваат.

izboren model
Извор: vecer.press

Со пропорционални модели, источноевропските држави добиваат парламенти со голем број партии во кои победничката партија најчесто нема доволно пратеници за да може да владее сама, туку мора да одбере барем еден коалициски партнер. На тој начин, тие – односно ние – свесно влегуваме во бесконечно „жилавење“ при формирањето влада, кое неретко резултира и со повторување на изборите и дополнително губење време. Жилаво е и самото коалициско владеење, кое честопати завршува со распад и предвремени избори. Иако од отфрлањето на социјализмот се поминати веќе три децении, регионот останува обединет во стравот од враќање во диктатура и разбирливо продолжува да користи пропорционални модели. Но како тоа изгледа кај нас во пракса – и како би изгледало со една изборна единица наместо со сегашните шест?

Четири елементи на политичка репрезентативност во македонскиот систем

Број на изборни единици (шест во сегашниот модел)

Ако некој ги погледне гласовите од кои било наши парламентарни избори досега, веднаш ќе забележи дека партиите процентуално добиле повеќе пратеници отколку гласови. Ова покажува дека Донтовиот модел – за разлика од моделот една изборна единица – не е целосно пропорционален. Во една изборна единица, за една партија да биде сигурна дека ќе освои барем едно од сто и дваесетте пратенички места во Собранието, доволно ѝ е да добие 0.83 отсто (1/120) од гласовите (може да ѝ завршат работа и помалку). Во сегашниот модел, пак, вкупниот број места се поделени рамномерно низ шесте изборни единици (во секоја по 20). Ова значи дека за еден загарантиран пратенички мандат се потребни дури 5 отсто (1/20) од вкупниот број гласови во соодветната изборна единица. Хипотетички, доколку некоја помала партија освои 4,9 отсто од гласовите во секоја од шесте изборни единици, сегашниот модел може сепак да не ѝ додели ниту еден единствен пратенички мандат. Во една изборна единица, пак, истата партија сигурно би добила барем четири пратенички места (4.9% oд 120 е 4,08, односно повеќе од 4).

Ова дефинитивно делува неправедно, но што ако направиме споредба со мнозинскиот модел? Таму, секој пратенички мандат се смета како засебна изборна единица, што би значело дека една партија би морала да освои просто мнозинство од гласовите (повеќе од која било друга партија) во една од изборните единици за да го освои единствениот мандат кој следува од таа единица. Хипотетички (ова е сосема хипотетичко, но теоретски возможно сценарио), да замислиме дека сите гласови на некои избори отишле кај само две партии, при што послабата партија ќе освои 49,9 отсто oд гласовите во секојa од 120-те изборни единици. Мнозинскиот модел нејзе сепак не би ѝ доделил ниту еден единствен пратенички мандат.

На истите овие избори, сегашниот Донтов модел би предизвикал сосема поинаков исход: послабата партија повторно би ги загубила изборите (со 49,9 отсто наспрема 50, 1 отсто од гласовите), но би добила точно половина од местата во Собранието. Секоја од двете партии би добила по 60 пратеници бидејќи нивниот процент на гласови би се заокружил на 50 отсто (наместо едната да ги добие сите 120 места, а другата нула). Значи, изборниот модел ја има моќта да одреди дали изборите ќе завршат нерешено, или пак со победа од максимални 120 пратеници на една од партиите без никаква опозиција (де факто диктатура).

За волја на вистината, мнозинскиот модел најчесто резултира со многу помали „неправди“ од оваа, но речиси секогаш ги извитоперува гласовите многу повеќе од нашиот Донтов модел, кој минимално ја видоизменува распределбата на гласови со цел да го олесни формирањето влада, а потоа и самото владеење на коалициските партнери. Причината зошто дури и моделите како Донтовиот – иако помалку пропорционални од една изборна единица – се сметаат за пропорционални е што во најголем дел од случаите сепак овозможуваат значителен број партии во парламентот. Значи, Донт ем создава демократски амбиент со многу партии (како и во една изборна единица), ем изразито постабилни владејачки коалиции (за разлика од една изборна единица).

Изборен праг (нема во сегашниот модел)

Изборен праг претставува минимален процент на гласови кој треба да го освои една партија за да влезе во Собранието. Колку е понизок изборниот праг, толку повеќе партии ќе има во Собранието – без разлика дали се работи за една изборна единица или за нашиот Донтов модел. Од овој аспект, најрепрезентативни се системите кои немаат никаков изборен праг – како нашиот! За споредба, во Германија, на пример, изборниот праг е 5 отсто. Со ваков изборен праг, нашиот парламент по изборите во 2016 ќе имаше дури три партии помалку: Демократска Партија на Албанците (2,6 отсто од гласовите), Алијанса за Албанците (2,95 отсто), па дури и Движењето Беса (4,86 отсто) ќе останеа без ниту еден од своите десет мандати вкупно.

Германците не го гледаат овој концепт како ограничување на демократијата, туку како нејзино унапредување. Доколку има помалку партии, тие полесно ќе се договорат за коалицирање, а најчесто и полесно ќе владеат откако ќе стапат на власт. Ова овозможува полесно преточување на гласот на народот во реалност, што е впрочем основната цел на демократијата. Во една изборна единица оваа цел најчесто би била промашувана.  Eдна изборна единица со низок изборен праг (или, уште полошо, без никаков) може да донесе дузина партии во Собранието и да биде апсолутен кошмар за формирање влада и ефективно владеење.

Oд друга страна, една изборна единица со висок изборен праг може да испадне многу помалку репрезентативна од сегашниот Донтов модел, што ја поткопува самата нејзина замисла. Не случајно единствената држава во Европа која има една изборна единица, Словачка, истовремено има и изборен праг од 5 отсто, односно севкупно е помалку репрезентативна од македонскиот систем. Значи, при една изборна единица без изборен праг ќе биде речиси невозможно да се формира влада, а при една изборна единица со изборен праг ќе се загубат сите репрезентативни бенефити поради кои овој модел воопшто постои. Оттука, очигледно е дека една изборна единица нема смисла без разлика каков би бил изборниот праг.

Преостанатите два елементи на политичка репрезентативност ќе ги дискутираме во вториот дел на овој блог.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кристијан Фидановски

Кристијан Фидановски е докторанд по социјални политики на универзитетот Оксфорд, каде ги проучува политиките за стимулирање наталитет на Балканот и во источна Европа. Кристијан има магистрирано политички науки и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, а има дипломирано во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL). Покрај наталитетските политики, негов примарен истражувачки фокус се партиските системи, евроинтеграциските процеси и теориите на заговор. Има објавувано академски трудови и новинарски текстови на македонски, англиски и италијански јазик за десетици домашни и меѓународни публикации.