fbpx

Невидливи работници

Вилдан Дрпљанин

Политика

26.10.20

Прегледи

Вилдан Дрпљанин

Vildan Drpljanin 200x250Дефиницијата во Законот за работните односи, каде што како работници се сметаат само оние што имаат склучено писмен договор за вработување, е фактички неточна и маргинализира многу работнички и работници кои работат без или со поинаква форма на договор (устен, договор за дело и слично).

Кога едно лице оди на работа секој ден, за време на викенди или празници, заработува „плата“ и добива работни задачи, сосема очекувано би било да се каже дека станува збор за работник или работничка. Сепак, во Македонија, сите овие елементи не значат ништо доколку тоа лице нема склучено писмен договор за вработување. Законот за работните односи ја поставува општата рамка за заштитата поврзана со работата и предвидува дека работник е „физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување“ (член 5(1)-2)].

Ова значи дека нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен. Со тоа, многу голем број луѓе се ставени во двосмислена состојба - фактички се работници, но правно гледано не се сметаат за вработени и не уживаат системска заштита. Ваквата ситуација наликува на мислечкиот експеримент „Шредингерова мачка“ затоа што го доловува парадоксот што може да се јави помеѓу теоријата и праксата, кога безусловното следење на пишаното во реалноста резултира со последици спротивни на здравиот разум. 

Дефиницијата како предуслов за заштита

Важноста на ова прашање се гледа преку фактот што од класификацијата дали одредено лице е работник или не, првенствено зависи дали законот ќе важи за тоа лице и дали лицето ќе има здравствено и пензиско осигурување. Оттука, оние кои „само“ физички се работници, без да имаат договор за вработување на писмено, немаат гаранција дека ќе бидат исплатени за трудот и во секој момент можат да останат без работа. Дополнително, ако овие непријавени работници се повредат или се најдат во опасност по својот живот, не можат да пријават неправилности и да побараат надоместок затоа што инспекциските служби не можат да постапуваат, а и ризикуваат да бидат казнети затоа што „не се работници“.

Ваквата техничка дефиниција, каде што како работници се сметаат само оние што имаат склучено писмен договор за вработување, е фактички неточна и маргинализира многу работнички и работници кои работат без или со поинаква форма на договор (устен, договор за дело и слично). Во пракса, ваквото решение значи дека илјадници работници не се запознаени со фактот дека не подлежат на законска заштита затоа што системот воопшто не ги смета за вработени. Вообичаено, ова го осознаваат предоцна, кога веќе институционално не може да се направи ништо, односно кога нема да им биде исплатено сработеното, кога ќе се повредат и/или кога имаат потреба од здравствено и пензиско осигурување. Имајќи предвид дека речиси половина од македонските работници не се запознаени со содржината на својот договор за вработување станува јасно дека ова е сериозен проблем во нашето општество.

Vo teorija vraboteni vo praksa nevidliviИзвор: plusinfo.mk

Покрај тоа што работодавачите имаат законска обврска да го пријават секој работник и Државниот инспекторат за труд секоја година поднесува значителен број прекршочни пријави во врска со непријавени работници, податокот дека во Македонија дури 18,5 отсто од работниците работат непријавени посочува кон тоа дека системот не функционира и дека дефиницијата треба да се прошири.

Што може да се направи?

Во исчекување на новиот Закон за работните односи, речиси и да не се води дискусија околу ова прашање со што опстојува опасноста дефиницијата да остане иста и овие работници да останат надвор од системот. Со оглед на сите наведени последици кои ги носи непријавената работа во однос на сигурноста и предвидливоста на работното место и значајноста на граѓанските права кои произлегуваат директно од работничкиот статус, не смее повторно да се дозволи важноста на еден договор да надвладее над реалноста.

Освен преку пишан договор, постоењето на работен однос може да се одреди врз основа на: секојдневното доаѓање на работникот на работното место, исплаќањето плата и/или награди, подреденоста, контролата и однесувањето како да е заснован работен однос врз основа на договор за вработување, без разлика на типот на договорот – вклучително устен договор, договор за дело, ангажман, услуги и слично. Особено ранливи се работниците кои работат врз основа на даден збор, односно устен договор, затоа што според сегашното законодавство, усните договори за работа не важат и овие работници не уживаат никаква правна заштита. Поширокото дефинирање би ги заштитило граѓаните од ранливите категории кои не се запознаени со различните видови договори и последиците што тие ги произведуваат и би им овозможило пристап на институциите за поактивна борба за заштита на работничките права.

Интервенцијата во однос на дефиницијата е наложена и од транспонирањето на европското законодавство, затоа што на овој начин Законот ќе се усогласи со Договорот за функционирање на Европската Унија C-326/49 и Директивата 2006/54/EC на Европскиот парламент и Совет од 5 јули 2006 година. Во таа смисла, промената на дефиницијата ќе биде идентична со препораката број 2, точка 3 од Техничкиот меморандум на Меѓународната организација на трудот од 2019 година.

Овие документи претставуваат прифатени меѓународни стандарди кои ја унапредуваат заштитата на работничките права со тоа што обезбедуваат искористување на постоечките права и можности од страна на поголем број работници. Ова е особено значајно во време на работнички кризи, како актуелната пандемија, кога немањето пристап до здравствено осигурување и останувањето без институционална заштита за многу работници и нивните семејства може да значи директен удар по нивната егзистенција.

Новиот Закон мора да ги таргетира овие проблеми и да ја преформулира дефиницијата за работник во сеопфатна форма со тоа што ќе наведе дека работник е секое физичко лице кое е дел од работен однос и/или има договор за вработување со работодавач. Само на овој начин, законската заштита ќе ги опфати и работниците кои немаат договор за вработување, но се во реален работен однос.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Вилдан Дрпљанин

Вилдан Дрпљанин е активист за човекови права, правен советник во Хелсиншкиот комитет и член на Управниот одбор на Младински образовен форум. Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрира во областа на правото на интелектуална сопственост во програма за двојна диплома организирана од Универзитетот во Стразбур, каде пишува за конфликтот помеѓу спроведувањето на авторското право и слободата на изразување. Се специјализира во областа на човековите права, како дел од магистерската програма за меѓународно јавно право на Универзитетот во Утрехт, Холандија, каде магистрира со одликување cum laude.