fbpx

Патот од Скопје до Брисел не поминува преку Софија

Ида Мантон

Политика

04.06.21

Прегледи

Ида Мантон

Ida MantonДвете страни ќе имаат корист од процес на медијација воден од меѓународен експертски тим, кој би бил составен дел од ССА процесот на ЕУ и збогатен со експерти за олеснување на дијалогот кои се добро упатени во работата и документите на ООН, СЕ и ОБСЕ. И бугарската и македонската страна покажаа длабок недостаток на дипломатско чувство и вештина и тие дополнително би имале корист од интензивни обуки за преговарачки вештини, подготовка за процес на преговори, стратешко планирање, ефективна комуникација, анализа на конфликти, методологии за помирување и други теми што треба да се идентификуваат во проценката на потребите.

Патот до ЕУ не поминуваше ниту преку Атина, но грчката дипломатија направи чуда и го убеди светот дека нивниот сосед нема да влезе во НАТО или ЕУ без да ги прифати нејзините услови. Бугарските дипломати направија грешка кога помислија дека Европа ќе има трпеливост за истото, или дека можат да поминат низ истата врата. Од друга страна, Европа погрешно го пресмета дипломатскиот успех на Преспанскиот договор со кој очекуваше дека ќе се стави крај на старото ривалство, дека ќе се изградат мостови на пријателство или дека балканските лидери во ЕУ (и на нејзиниот праг) сега станаа европски господа. Официјално, ние сме во ќорсокак кој може да се надмине, но важно е за сите вклучени страни (Бугарија, Македонија и Европската унија, како и нејзините земји членки), решението да биде систематско, инклузивно и раководено од стручни фацилитатори на дијалог и експерти во оспорените области, да не се брза и/ или тоа да не се сведе на едноставна вежба на штиклирање.

The Long and Winding Road би можел да стане пократок, а по можност и помалку кривулест

Јас пишував на оваа тема за потребите на мрежата на нашите експерти за преговори (Процеси на меѓународни преговори (ПИН)), но овој текст навлегува во повеќе детали и нуди разумно решение од овој аспект – сега откако Португалците го изнесоа нивниот предлог и кога имаме дипломатски обид на претседателството на ЕУ да се овозможи првата Меѓувладина конференција (IGC) за Северна Македонија, кој делумно е заснован на работата на нивните германски колеги.

Со оглед на тоа дека времето до посакуваната Меѓувладина конференција при крајот на овој месец е многу кратко, португалскиот предлог е мошне практичен со предлогот за одвојување на преговорите за пристапување во ЕУ и процесот на решавање на спорови меѓу Северна Македонија и Бугарија. Второво е процес што не може да се случи во рок од еден месец, но согласноста за сериозно решавање на бугарските барања треба да биде разумна отстапка за да им се помогне на Бугарите да го отклучат процесот на пристапување. Иако португалскиот предлог е добра основа, тој треба да се подобри со дополнителна оперативна структура која има суштински надлежности во оспорените теми – решавање конфликти, меѓународно право, тивка дипломатија, управување со различностите, малцински права, помирување, мерки за градење доверба, мониторинг, итн.

Како што сега стојат работите, процесот на Советот за стабилизација и асоцијација (ССА) е помеѓу ЕУ и Северна Македонија. Обврските се само за Северна Македонија, за таа да ги спроведе. Дополнително, поради структурата на процесот на ЕУ и ССА, Бугарија може да има значителна контрола врз процесот. Од друга страна, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година се заснова на целосен реципроцитет. Двете држави треба сите обврски да ги спроведуваат подеднакво. Затоа, и покрај добрите намери, процесот на ССА го поткопува Договорот од 2017 година. За да се поправи овој недостаток, треба да се додаде дополнителен елемент во процесот на ССА со цел да се вратат реципроцитетот и дијалогот, засновани на „објективни критериуми“ (како што предвидуваат Португалците).

Идеално би било овој додаток да бидат меѓународни експерти со цел олеснување на дијалогот, кој ќе биде предводен од висок дипломат – лице почитувано од двете страни. Овој тим ќе го обмисли процесот, ќе ги олесни дискусиите и ќе обезбеди експертиза за отворените прашања од Договорот од 2017 година во рамките на меѓународната нормативна рамка што е веќе применлива за двете страни (што произлегува од документите и обврските на ООН, Советот на Европа и ОБСЕ). Овој тим за олеснување на дијалогот ќе поднесе извештај до ССА за остварениот напредок и за предизвиците, со што ќе се обезбеди потребниот мониторинг на спроведувањето на она што е предвидено со португалскиот предлог. Овој додаток ќе го направи поефикасен предложениот процес на ССА, ќе го стави во конкретни временски рамки и истовремено ќе одржува реципроцитет и симетрија, што е основа за градење доверба и за зголемување на довербата, што ќе доведе до вистинско помирување. Ова исто така ќе обезбеди „одржливи резултати и неповратен процес“ заснован врз објективни критериуми, на што повика и бугарското раководство.

Прашањето за македонскиот идентитет беше ставено на маса и претходно во рамките на пристапувањето кон ЕУ, и сега тоа е повторно на маса. Овој пат затоа што Бугарија научи од преспанскиот процес дека претпристапната фаза е погодно време за смели барања, а ЕУ сè уште не покажа капацитет да одговори на тоа со подготовка на темелен, стратешки план за решавање на конфликти и дизајн на процеси, особено не кога една од страните е земја членка. Пораките за билатерално решавање на спорот кои постојано се повторуваат, потрагата по формула што магично ќе ѝ овозможи на Бугарија да го отстрани ветото и да си го обели образот непосредно пред последниот состанок на Советот на ЕУ во рамките на португалското претседателство, само го влоши спорот и ѝ овозможи на Бугарија да остане на својата позиција и да биде мошне крута во своите барања.

Повеќето „алтернативни решенија“, како она искажано од комесарот за проширување Вархеји, за одвојување на Македонија и Албанија, ќе излезат во преден план ако на бугарските тврдења им биде дозволено да продолжат да го блокираат пристапниот пат на Северна Македонија кон ЕУ. Овие „пробни балони“ наликуваат на „прозорецот на можности“ од 2018 година, пред да биде потпишан Преспанскиот договор и, иако се многу ефикасни во мобилизирањето на поспаните дипломати кои одеднаш сфаќаат дека може да се стори многу повеќе, тие исто така доведуваат до избрзани и кратковиди решенија кои е веројатно дека ќе доведат до многу поголеми компликации понатаму. Затоа, иако времето е кратко, сепак е можно: да се одржи Меѓувладина конференција во јуни; да се воспостави посебен процес на преговори за решавање на спорот; и да се договорат за неговиот формат и структура, т.е. тим за олеснување на дијалогот од трети страни и неговиот суштински мандат.

Ни треба помош од некого, но не од било кого

Двете страни треба да инсистираат на помош од надлежни организации и експерти со цел олеснување на дијалогот и тоа во рамки на еден процес што треба да се одвива паралелно со преговорите за пристапување во ЕУ, а не како дел од него. Ова може да се направи, и треба да се направи, од многу причини, при што неколку од нив се и временски зависни:

  1. Идентитетските прашања покренати од Бугарија ќе добијат посебна платформа. За нив ќе се дискутира во нормативната рамка на меѓународните стандарди и заложби и истите ќе бидат слушнати и адресирани од стручни експерти. Тие ќе имаат можност да ги стават своите тврдења на маса и да го убедат светот дали фактите што ги споделија со другите 26 земји членки на ЕУ во Меморандумот за објаснување на врската помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во процесот на проширување, пристапување и стабилизација (што доведе до вето) се легитимни барања и се засновани на меѓународното право и обичаите. Откако ќе заврши процесот, овие заклучоци ќе го разјаснат односот меѓу двете земји и ќе им помогнат да ги усогласат различните ставови, што е огромна придобивка за ЕУ, бидејќи тие ќе имаат две кооперативни членки на Унијата – духот на Унијата ќе може да се прикаже во пракса.
  2. Северна Македонија го голтна горчливото апче за да се приклучи на европското семејство, a Европската комисија веќе даде зелено светло за почеток на преговорите. Значи, тие треба да започнат. Сега се поставува прашањето дали тоа ќе се случи пред почетокот на словенечкото претседателство при што ЕУ треба да најде начин да го оствари тоа без да изгуби премногу од својот кредибилитет во своето соседство. Исто така, ако морковот на ЕУ повеќе не е на маса, политичкиот пејзаж дополнително ќе се влошува. Регионот има огромна потреба од наднационален систем на вредности и ЕУ во моментов е главната структура што го нуди тој систем. На ЕУ исто така ѝ е потребно овој регион да биде на патот на напредокот бидејќи самата географијата создава меѓусебна поврзаност, така што подобро е и побезбедно ЕУ да промовира вредности кои се компатибилни со кохезивната Унија и да не го изгуби своето влијание.
  3. ЕУ повеќе нема да мора да ги затвора очите пред недостатокот на напредок и реформи во Северна Македонија. Повеќе нема да мора да жонглира помеѓу проценката на напредокот и ветувањата за членство (искрено, базирано повеќе на реалполитик отколку на заслуги). Конечно, тие можат да започнат вистински процес на пристапување и да очекуваат брза имплементација на законодавството, што е притисок што граѓаните се надеваа дека ќе го видат уште во 2017 година. Секако дека процесот на пристапување ќе трае подолго, но ЕУ може да ги фокусира своите капацитети на напредок, реформи и трансфер на знаење, а не на часови по историја и недовршени поглавја од претходните војни во регионот.

Patot od Skopje do Brisel ne pominuva preku SofijaИзвор: vlada.mk

Ова не е проблем што лесно може да се реши со анекс или патоказ. Ова е спор кој бара медијација од тим на експерти и нормативна рамка во системот на ЕУ вредности. Затоа, португалскиот предлог ја отвора можноста системски да се справиме со овој и со сите други идни конфликти од ваква природа. Наместо да се инсистира земјите да ги решаваат своите проблеми билатерално, предлогот ја вклучува ЕУ како чадор под кој ќе се управува со спорот. Ова е новина, нешто што ЕУ сега го менува.

Досега, ЕУ се обидуваше да управува со очекувањата и да го контролира процесот на проширување, имајќи предвид дека постојат различни позиции меѓу земјите членки за тоа колку Унијата може да се справи со дополнителните комплексности и со повеќе земји членки. Еден од сè поважните услови за проширување се добрососедските односи, кои станаа услов во 2004 година. Во овој поглед, ЕУ воспостави позиција дека „ЕУ не може и нема да увезува билатерални спорови и нестабилност што тие можат да ја донесат. Дефинитивни и обврзувачки решенија што придонесуваат за регионална стабилност мора да се најдат и спроведат пред пристапувањето на земјата“. Решавањето на билатералните спорови стана експлицитен предуслов за натамошно проширување откако беа отворени пристапните преговори со Србија во 2014 година, чиј напредок се мери во однос на одржливото подобрување на нејзините односи со Косово. Со Берлинскиот процес од 2015 година, потенцијалните земји кандидати за ЕУ ​​ветија дека нема да користат билатерални спорови за да си го попречуваат едни со други напредокот кон интеграцијата во ЕУ.

Бугарија го стори токму тоа и ветото не е добро прифатено од повеќето земји членки на ЕУ. Обидот да се наметне сопствено толкување на минатото, додека Северна Македонија напредува кон Брисел, ѝ нанесе дипломатска штета на Бугарија. Можеби ќе биде полесно привремената влада да ги исправи грешките на претходната влада предводена од ГЕРБ, која, доколку сè уште беше на власт, ќе се соочеше со голема потешкотија да се повлече од цврстата позиција што ја имаше во 2020 година. Откако овие дискусии ќе бидат разгледувани од професионални лица, надежта е дека двете земји ќе можат да се осврнат на посуштинските барања на своите избирачки тела.

Иако изборите во месец април во Бугарија покажаа дека електоратот им дава приоритет на домашните проблеми, вклучително и на бројните скандали со корупција, и алармантниот пад на економијата кој дополнително се влоши со актуелната пандемија, „македонското прашање“ најверојатно нема да исчезне по повторното одржување на изборите и формирањето на нова бугарска влада ова лето.

I’ll Follow the Sun: Паметен избор за просперитетна заедничка иднина

Во таа смисла, ЕУ се наоѓа на важен крстопат: да инсистира на визијата, во согласност со законодавството, на нејзините либерални концепти и да ја зголемува регионалната соработка и солидарност, или да im отстапи пат на националистичките тврдења што ќе ги загрозат процесот на проширување и обединувањето на Европа. Бугарското вето ги покренува старите тврдења кои произлегуваат директно од доктрината на нивниот комунистички лидер Тодор Живков во шеесеттите години од минатиот век. Раното предупредување кое се претвора во навремена акција на ЕУ, може да спречи овој деструктивен националистички обид да се прелее низ цела Европа, да ја загрози визијата за проектот на ЕУ и да ја засили веќе постоечката не-либерална кревкост на која денес сме сведоци во Унијата. Изборот на ЕУ е помеѓу националистичките ревизионизми на европската историја и солидарноста во управувањето со различностите според либералните демократски (т.е. европски) норми.

Ако ЕУ дозволи отворање на оваа пандорина кутија, Европа наскоро ќе се соочи со своите историски демони, нешто што чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи го препознаа кога се спротивставија на бугарското условување на пристапните преговори.

За жал, бугарската ситуациона моќ не беше доволно оспорена или ублажена од Советот на ЕУ во тоа време. Ставањето под знак прашање на идентитетите и јазиците и повторното пишување на националната историја не се теми што некои земји членки се подготвени да ги преиспитаат, што може да се види и во писмото на чешкиот и словачкиот министер, како и во едно друго писмо упатено од девет министри за надворешни работи на ЕУ до шефот на ЕУ дипломатијата, Џосеп Борел, барајќи враќање на пристапната агенда за Западен Балкан – што е јасен знак на несогласување со бугарското вето. Девет министри побараа стратешки пристап кон Западен Балкан „не само низ призмата на проширување, туку и преку надворешна политика“. Овој потег на Бугарија не само што се смета за дипломатски несмасен, туку и за опасен, со оглед на политичките предизвици денес и социо-економските кризи што веќе ги чувствуваме како резултат на пандемијата. „ЕУ мора да го отфрли секој обид за вметнување на историски и идентитетски прашања во својата политика за проширување. Во спротивно, таа ризикува да го погази 70-годишното искуство во надминување на наследството од минатото и промовирање мировен проект заснован на помирување и владеење на правото“, како што неодамна напиша поранешниот специјален претставник на ЕУ, Ерван Фуере.

Here Comes the Sun: Ако ова го направиме како што треба, ќе бидеме на подобро место

Претстојните фази треба да ги коригираат недостатоците што го влошија проблемот, а кои главно произлегуваат од тоа што се дозволи со проблемот да го решаваат само локалните политичари и историчари, без меѓународен процес на медијација кој ќе го водеше процесот во нормативната рамка на ЕУ. Бугарските лидери, како и бугарските членови на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, досега ја отфрлија идејата за вклучување странски експерти. Претседателот Радев дури рече: „Никој не ја знае историјата на овој регион подобро од нас... Комисијата треба да ја заврши својата работа во врска со историските прашања, а ние ќе водиме сметка за политичката природа на работите. Треба да се заложиме за изнаоѓање на одржливо и взаемно прифатливо решение за билатералните прашања“.

Кога Бугарија разговара со Македонија, таа постојано го проширува опсегот на конфликт со цел во него да ја вклучи и пасивната поддршка на земјите членки на ЕУ, како да се на нејзина страна, со цел да одржува асиметрична предност пред Македонија. Кога земјите членки сугерираат учество на нивните експерти, тогаш Бугарија го стеснува опсегот на конфликт и го отфрла таквиот предлог со цел повторно да ја задржи супериорноста. Овој лицемерен пристап од страна на Бугарија ја злоупотребува солидарноста на ЕУ со барање на недвосмислена поддршка од земјите членки, притоа одбивајќи ги нивните активни понуди за давање помош и експертиза, што, всушност, е вистински знак на солидарност.

Сепак, на цела Европа ѝ стана очигледно и јасно дека е потребна помош. Националистичката ескалација лесно може да се интензивира ако не биде спречена. Сè уште постои „зона на можен договор“ како и можност да се постави основата за конструктивен дијалог. И бугарската и македонската страна покажаа длабок недостаток на дипломатско чувство и вештина и тие би имале корист од интензивни обуки за преговарачки вештини, подготовка за процес на преговори, стратешко планирање, ефективна комуникација, анализа на конфликти, методологии за помирување и други теми што треба да се идентификуваат во проценката на потребите.

Пред сè, двете страни ќе имаат корист од процесот на медијација воден од меѓународен експертски тим, кој би бил составен дел од ССА процесот на ЕУ и збогатен со експерти за олеснување на дијалогот кои се добро упатени во работата и документите на ООН, СЕ и ОБСЕ. Ова посредување од трета страна би помогнало во надминување на честопати повторуваната пречка дека на ЕУ ѝ се врзани рацете затоа што едната страна во спорот е земја членка. Олеснувањето од трети страни ќе го надополни процесот на стабилизација и пристапување кон ЕУ преку обезбедување на целосен ангажман на двете страни и преку промовирање на меѓусебно разбирање со цел да се договорат за заеднички заложби и заеднички пат напред што ќе овозможи процесот на стабилизација и асоцијација да се одвива на сериозен начин, со поголеми шанси за одржливост и успех.

Потребна е друга, уште побрза и итна помош за да се помогне во подготвувањето на патоказот што, како што се наведува во сегашниот португалски предлог, Македонија треба да го претстави на Меѓувладината конференција, а во кој е предвидено да има рокови и надлежни институции бидејќи ќе биде предмет на следење од највисоко политичко ниво од Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Македонија. Како што споменавме погоре, овој патоказ не треба да содржи еднострани обврски само за нашата држава. Наместо тоа, патоказот треба да биде резултат на дијалог меѓу двете страни кој ќе биде олеснет од меѓународен тим на експерти. Ова ќе им помогне на двете страни да го подготват патоказот и нивните натамошни обврски. Тоа ќе биде заеднички договорена содржина што ќе биде основа за понатамошниот процес на ССА, согласно португалскиот предлог, вклучувајќи имплементација, техничка помош и механизам за набљудување. Овој тим исто така би можел да обмисли и серија активности за градење доверба помеѓу двете страни што би можеле да бидат финансирани преку ИПА.

Европа не може да си дозволи дискусии за историските „вистини“ и треба да го промовира рецептот што ги држи земјите од Унијата заедно, а тоа е взаемно почитување на различните историски „перспективи“. Успешниот исход од овој процес би бил конструктивен дијалог под покровителство на ЕУ и, наместо поделби, постоење на процес што ќе ги залечи старите рани и ќе се фокусира на моменталните можности за плодна соработка.

Земјите членки можат колективно да ја потсетат Бугарија дека ова е време за обновување на заложбите за солидарност и великодушност. Пандемијата ги смени нашите приоритети на глобално ниво, и ЕУ треба да го вгради овој проблем во соодветна рамка за преговори додека истовремено се фокусира на поголема поддршка во егзистенцијална смисла, како што се нови пакети за солидарност, достапност на вакцини, економска рехабилитација во пост-ковид периодот, социјална кохезија итн., како во рамките на Унијата така и во нејзиното непосредно соседство.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ида Мантон

Ида Мантон е обучувач и научник во областа на преговори, медијација и решавање на конфликти. Таа предава меѓународни преговори, дипломатија и современа пракса на разни дипломатски академии, институти, организации и универзитети низ цела Европа (ЕУ, ОБСЕ, НАТО Колеџ за одбрана, ВСЕ во Прага, Колеџ на Европа итн.). Нејзина претходна професионална работа вклучува главно работа во меѓународни организации (Мировен корпус, НАТО, ОБСЕ) во областа на демократизација, малцински права, односи со јавност и добро владеење. Има објавено статии кои се презентирани на меѓународни конференции и била поканувана како судија во преговори во меѓународни рамки. Член е на Програмата за меѓународна обука за преговори – ПОИНТ, поврзана со мрежата на експерти за преговори ПИН (процеси на меѓународни преговори). Исто така е и претставник на „Дипломатски дијалог“ (тинк тенк организација со седиште во Женева) во Академската мрежа на ОБСЕ а од 2018 година е виш советник за глобалните стратегии на ПАЦЕ, со седиште во САД. Мантон дипломирала компаративна книжевност со втора диплома по англиски јазик и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала по дипломатија и меѓународни односи на универзитетите во Лајден и Клингендаел во Холандија. Таа е американски и македонски државјанин, со постојан престој во Чешка.