fbpx

Како известувал британскиот Форин Офис (Foreign Office) за Македонија во 1917 година

д -р Ненад Живановски

Политика

11.08.21

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavanovski

Подготвувајќи ја својата делегација за Париската мировна конференција во 1918 година, британскиот Форин офис (Министерството за надворешни работи) во 1917 година изработил извештаи за секоја поединечно земја, регион, област или остров во светот. Намерата била британската делегација на претстојната конференција да биде што е можно подобро подготвена за преговорите за новото преуредување на светот по Првата светска војна.

Соодветен извештај бил напишан и за географската област Македонија, при што некои од коментарите и анализите на авторот се актуелни и денес, особено во светло на споровите кои нашата држава ги има со Бугарија и пред тоа со Грција.

Извештајот за Македонија е поделен во четири секции: 1. Физичка и политичка географија, 2. Политичка историја, 3. Социјални и политички услови и 4. Економски услови. Заради обемноста на Извештајот (110 страни) текстот ќе биде посветен само на оние делови кои се однесуваат на политичко-историскиот опис на тогашна Македонија, поради нивната релевантност и импликации и врз денешните меѓународно-политички констелации на државата.

Во однос на географско-политичкиот поим Македонија, таа е опишана како подрачје кое ги сочинувало за време на Османлиското царство Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот вилает. Подоцна, политичката географија е одредена според резултатите од Балканските војни, при што северно од Охридското и Дојранското езеро, лежела, како ја нарекуваат во Извештајот, „српска Македонија“; на југот од езерата била „грчка Македонија“, додека источниот дел, кој се состоел од долините на реките Горна Струма, Долна Струмица и Горна Места, ја формирал „бугарска Македонија“.

Преку притисок врз населението до нивна национална определба

Што се однесува до националната структура, во Извештајот се наведува дека во Македонија постоеле пет главни раси: Турци, Грци, Власи, Албанци и Словени. Од нив, последната - словенската раса - е поделена на Срби и Бугари. (Согласно тогашните разбирања, во некои делови се користи терминот раса и расна борба иако е јасно дека се мислело за народи, нации и национална борба – заб. Н.Ж.)  Од нив, се оценува дека во Македонија Словените го формирале најголемиот дел од населението, меѓутоа, изолирани од Словените во Србија и во Бугарија, Словените во Македонија станале народ дури после 1870 година.

Објаснувањето за тоа како течел процесот на формирање на словенскиот народ во Македонија, авторот го врзувал со формирањето на Бугарската егзархија во 1870 година, преку која започнала да се буди националната свест. Како се додава, додека некои во Македонија останале под управа на Грчкиот Патријарх, други го прифатиле Бугарскиот Егзарх, а трети ја признале националната Српска Црква. До тоа дошло особено после 1887 година, кога грчката, бугарската и српската влада ја засилиле пропагандата, што станало поизразено во наредните години.

Во Извештајот се оценува дека обидите на Грците и Власите да асимилираат одредени словенски Македонци не било тешко да се направи, додека контроверзноста меѓу Србите и Бугарите била ужасно остра.

„Сепак, во 1912 година, српската и бугарската влада постигнале договор со кој Србија го признала бугарското барање да ѝ припадне сѐ на исток од Родопите и Струма, а Бугарија го признала барањето на Србија да ѝ припадне сѐ што е северно и западно од Шар Планина. Договорот, меѓутоа, станал неважечки со почетокот на Втората балканска војна“.

Во одос на јазикот кој се зборувал во Македонија, во Извештајот се објаснува дека македонските Словени зборувале дијалект или поточно варијанта на многу слични дијалекти на другите словенски јазици. Тие би биле разбрани и од Србите и од Бугарите, иако нивниот јазик, во целина, бил повеќе сличен на бугарскиот отколку на српскиот, но таа разлика не требало премногу да се потенцира бидејќи била незначајна.

Како и Бугарите, така и повеќето македонски Словени ги користеле суфиксите, а некои зборови што Бугарите ги имале ги имало и во македонскиот јазик (во Извештајот постои формулацијата „македонски јазик“, а не бугарски дијалект - заб. Н.Ж.), додека во српскиот јазик биле изоставени“.

Така, во Извештајот се дава примерот дека на бугарски јазик се изговарало „бело“, на ​​македонски јазик, исто така, е „бело“, додека на српски јазик е „бео“. (Денес во Бугарија се изговара „бјало“ – заб. Н.Ж.)

Во однос на религијата, се наведува дека македонските Словени кои го признавале бугарскиот Егзарх биле побројни од оние што ја признавале Српската национална црква. Според авторот, за ова, несомнено, постоела историска причина, бидејќи Бугарската егзархија била признаена од Турција во 1870 година, така што работела во услови на поповолни околности. Меѓутоа, особено е важна следнава констатација:

„Најдобриот тест за националноста на еден балкански Словен била неговата сопствена свест, меѓутоа во последните години се вршел толку голем притисок врз Словените во Македонија, така што било прашање дали националноста била прифатена доброволно и со плебисцит“.

За авторот, Бугарите оставале впечаток дека завршиле одлична работа со воспоставувањето училишта, така што образованието, несомнено, направило многу за да се стимулирала бугарската свест кај словенското население во Македонија.

Религијата се оценува како инструмент кој помагал да се одржат македонските раси поделени. Меѓу Грците авторитет бил Цариградскиот патријарх, кај Бугарите тоа е бугарскиот Егзарх, додека за Србите е Архиепископот во Белград. Иако за авторот религиозната разлика меѓу Грците, Бугарите и Србите била многу мала, сепак била доволна за да се појави сериозен антагонизам. Според него, сите страни вложувале големи напори за прозелитизација во прилог на нивната национална пропаганда и не можеле да бидат ослободени од обвинението за нетолеранција, па дури и за примена на насилни методи.

Kako izvestuval britanskiot Foreign Office za Makedonija blog

Извор: commons.wikimedia.org

Народ кој е асимилиран од соседите, а не нивен автохтон дел

Според ваквите оценки изнесени во Извештајот, може да се заклучи дека авторот гледал на словенската популација која живеела во Македонија до втората половина на 19-тиот век како на национално неосвестена, табула раса, без национален идентитет, чија идентификација на групна припадност била детерминирана според социјално-религиската припадност, така што најголемиот дел се чувствувале за селани и христијани. Во таков еден реалитет, присуството на соседните цркви, како и државните пропаганди имало клучно влијание двојниот социо-верски идентитет да добие и трет атрибут, а тоа е националниот. Дел од населението се чувствувал за Бугари, дел за Срби, а дел за Грци со словенско потекло.

Клучен дел од Извештајот, кој е релевантен аргумент и во денешните преговори со Бугарија, е констатацијата дека постоела разлика помеѓу сопствената свест за национална припадност на еден Словен во Македонија и она што тој под притисок го кажувал, така што авторот остава за отворено дали јавно декларираната национална припадност била прифатена доброволно и плебисцитарно. Тој ги посочува Бугарите како најагилни во практикувањето на таквиот притисок врз Словените во Македонија. Ваквиот заклучок имплицира дека словенските Македонци не биле автохтоно бугарско население, туку институционално асимилирани од страна на црковната егзархија и под влијание на државната пропаганда.

„Македонското прашање“ постои уште од средниот век

Друг важен дел од Извештајот се однесува на бројот на популацијата која живеела во тогашна географска Македонија, при што се проценува дека вкупното население во Македонија непосредно пред 1912 година било над 2.250.000 жители. Од нив, во српска Македонија имало околу 1.020.000, а во грчка Македонија 1.150.000. Од територијата додадена на Бугарија во 1913 година, не повеќе од 120.000 луѓе. Иако изразува резерва за точноста на бројките, авторот проценува дека во Македонија имало пред 1912 година приближно 1.150.000 Словени, 400.000 Турци, 120.000 Албанци, 300.000 Грци, 200.000 Власи, 100.000 Евреи и 10.000 Роми (во Извештајот се користи „Цигани/Gypsies“).

Во продолжение, авторот прави подолга генеза за појавата на т.н. „Македонско прашање“, почнувајќи уште од средновековниот период, Византија и доселувањето на Словените.

„Македонското прашање започнува кога Словените се доселуваат на Балканскиот полуостров пред тринаесет века. Пред нивната имиграција, она што оттогаш станува „ветената земја“ за различни балкански раси било составен и неоспорен дел од Византиската империја, чија долга власт над Македонија современите грчки писатели ја сметаат како силен аргумент во нивна корист.“

Во овој дел се објаснува и дека Бугарија своето историско право на Македонија го положувала преку средновековното владеење на територијата од страна на бугарските владетели Принцот Борис, неговиот син Симеон, наследникот Петар, Царот Шишман и неговиот најмлад син Царот Самуил, чие седиште, најпрво, било во Воден, потоа во Преспа и на крај во Охрид.

Како пишува во Извештајот, во првата половина на 14-тиот век, Србија станала најмоќната држава на Балканот, под водство на Стефан Урош Втори, додека Стефан Душан успеал да ја покори цела Македонија, освен Солун, и да се круниса во Скопје во 1346 година за Владетел на Србите и Грците. Заедно со Марко Кралевиќ, опишан како „големиот јунак во српската поезија“, тоа се, според Извештајот, едни од главните елементи на кои се темелело правото на српската политика на почетокот на 20-тиот век да управува со Македонија.

Меѓутоа, како оценува авторот, „Македонското прашање“ било успиено сè додека турскиот освојувач успевал да го потиснува националното чувство на Балканот. Но тоа оживеало, како директно наследство од средниот век, веднаш штом балканските раси почнале да заживуваат во деветнаесеттиот век. Според него, во сегашната форма, македонското прашање било директен резултат на создавањето на Бугарската егзархија.

„Кога Бугарите, околу 1835 година, започнале да ја обновуваат свеста за нивното национално постоење, нивната прва цел била да се еманципираат црковно од Грците и да имаат хиерархија врз нивната раса“.

Од тој момент, посочува авторот, почнала да се води војна до нож меѓу патријаршистите и егзархистите и Македонија станала бојно поле на ривалската грчка и бугарска пропаганда. Епископиите станале пиони во политичката борба, а селаните меѓусебно се убивале во име на конфронтираните црковни установи. „Бугарската егзархија не донела мир, туку меч“ – се оценува во Извештајот на Форин Офисот. Се посочува и дека егзарсите не престојувале ниту во Трново, кое било седиштето на патријарсите на второто средновековно бугарско царство, ниту во Софија, како модерна престолнина, туку во Цариград, на тој начин нагласувајќи го нивното тврдење за црковната јурисдикција над „неоткупените“ Бугари во Турската империја.

Во Извештајот, како се нарекуваат, „озлогласените бугарски злосторства“ и Руско-турската војна од 1877-8 година се спомнуваат и на друго место. Договорот од Сан Стефано, потпишан на 3 март 1878 година, иако се оценува за јалов, станал бугарска повелба за Македонија, на која политичарите постојано апелирале и затоа тој имал траен ефект врз Бугарите.

„Да бил усвоен овој договор, со него би била обновена Бугарската империја од средниот век, и, заедно со безнадежното распарчување на Турција, би довел до конечен крај на грчките амбиции во Македонија. Меѓутоа, Берлинскиот договор ја исклучил Бугарија од Македонија, што ќе стане грутка на раздор заедно со остатокот од турската империја“.

Сличен со соседните, но не и ист народ

Од она што е напишано во деловите од Извештајот кои беа обработени во овој блог, како субјективен заклучок кој би можел да се извлече е дека основната порака која авторот сакал да им ја предочи на британските дипломати пред Мировната конференција во Версај била дека интересот на соседните држави кон географска Македонија бил пред сѐ територијален – сите на Македонија гледале како на своја историска земја од средновековниот период, наоѓајќи за тоа аргументација во селективно толкување на историските податоци само според преференциите кои им одговарале на сопствената кауза и вистина.

Амбициите за освојувањето на територијата имале паралелен процес и со националниот инженеринг кој се вршел над населението кое живеело во Македонија, но тоа се однесувало само на оној дел од популацијата кој бил со словенско-христијански идентитет.

Отсуството на формиран национален идентитет на голем дел од домицилното население значело можност за лесна манипулација со нив од страна на соседните цркви и влади за да ја прифатат нивната нација, а не постоење на доминантно автохтоно население на соседните држави во рамките на географска Македонија, иако не може да се исклучи и дека и такви етнички групации биле присутни. Но, да се тврди дека целокупното словенско население во Македонија пред 1913 година биле Бугари, е нешто за што не може да се најде поткрепа во Извештајот на Форин Офисот од 1917 година.

Тоа население, како се одбележува и во Извештајот, и според религиската определба и според културните традиции било блиско на словенските народи од соседните држави, но имало и сопствени специфики кои го правеле и различно од нив. На пример, како што видовме, за јазикот се вели дека бил близок на бугарскиот и српскиот, но не и дека е ист.

Не е голема мудрост ако се заклучи дека доцното национално будење кај Македонците, кога историските процеси веќе почнале да ги одминуваат, како и долгото пасивно и неодлучно држење кон создавањето на сопствена национална држава („рано е за востание“, „независност по дипломатски пат“) и калкулирањето („автономна Македонија во рамки на реформирана младотурска Турција“) дури и кога станало јасно дека „Болниот од Босфор“ е пред умирање, е најголемиот камен околу врат од минатото, поради кој македонската нација и денес чувствува последици.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.