fbpx

Три причини за задолжителна вакцинација против КОВИД-19

Кристијан Фидановски

Здравство

КОВИД-19

20.12.21

Прегледи

Кристијан Фидановски

Kristijan Fidanovski 400x500

Со оглед на деветкратно поголемиот ризик од хоспитализација, секој своеволно невакциниран граѓанин би требало да ги обесштети даночните обврзници за потенцијалната штета врз државниот буџет од неговата одлука да не се вакцинира.

 

Вакцините против КОВИД-19 спасуваат животи. Според научните проценки, кои велат дека секои 100,000 вакцинирани луѓе значат 750 помалку смртни случаи, испаѓа дека досега вакцинираните 830 илјади лица во Македонија спасиле околу 6,200 (свои и туѓи) човечки животи.

Сепак, значителен (иако веќе одамна малцински) дел од граѓаните остануваат невакцинирани. Со оглед на бесплатноста и масовната достапност на неколку различни типови вакцини, како и на релативно малиот број луѓе кои поради возрасни или здравствени причини не можат да примат вакцина, очигледно е дека најголем дел од овие луѓе остануваат невакцинирани по сопствен избор. Доколку основното право кое една држава треба да го гарантира е правото на живот, фактот што остануваат уште илјадници животи за спасување претставува континуирано потфрлање на таа држава.

Зошто бројот на држави со задолжителна вакцинација против КОВИД-19 и натаму се брои на прсти? Правна пречка не постои: експертите се согласни дека секоја држава има право да воведе задолжителна вакцинација во име на јавното здравје. Политичките пречки се веројатно посилни, но не нужно одлучувачки: во повеќето држави, јавното мислење е поделено, но со текот на времето станува сè поотворено кон (сè построги) ограничувања и/или казни за невакцинираните. Оттука, иако можеби ни тоа не е пресудно, вреди да се посвети внимание на морално-идеолошката димензија на задолжителната вакцинација.

Под „задолжителна вакцинација“, овој текст ја подразбира секоја политика која на некаков начин го санкционира невакцинирањето само по себе. Последниот елемент од оваа дефиниција ја разликува задолжителната вакцинација од разните таргетирани (целни) мерки против невакцинирањето, како нашата забрана за влез во одредени објекти, но и многу посилни мерки, како забраната за извршување работен однос со физичко присуство во Италија или бланко-ограничувањата на движењето („локдаун“ за невакцинирани) во Австрија.

Притоа, иако овој текст се потпира врз медицинските сознанија околу пандемијата и начините на кои (не)вакцинирањето влијае врз нејзиниот тек, аргументите главно произлегуваат од политичката теорија и градењето јавни политики. Дополнително, настојувањето е да се поткрепи моралноста на задолжителната вакцинација не само од авторитарна перспектива („секоја забрана воведена во интерес на колективот е праведна“), туку и од либерално-утилитарна перспектива („секоја забрана е праведна доколку унапредува повеќе (или позначајни) слободи отколку што уназадува“).

Задолжителна вакцинација заради досега невакцинираните

Најинтуитивната – а сепак можеби најтешко одбранлива – причина за задолжителна вакцинација е заштитата на оние лица кои се невакцинирани во моментот на воведување ваква политика, a кои во спротивно веројатно би останале невакцинирани.

Според официјалните бројки, дури 69% од заразените со КОВИД-19 во Македонија помеѓу август и ноември 2021 биле невакцинирани (во други држави, бројките честопати се и повисоки). Oна што уште повеќе би требало да ги замисли невакцинираните граѓани е фактот дека помеѓу јануари и септември 2021 биле изложени на деветкратно поголем ризик од хоспитализација и преку тринаесеткратно поголем ризик од смрт од КОВИД-19 во споредба со вакцинираните граѓани.

Дали правото да (не) се одбере вакцина е поважно од правото на здравје? Своеволно невакцинираните граѓани веројатно не би го потцениле второто право, туку би истакнале дека токму вакцината ја доживуваат како закана по своето здравје. Но, дали човековите права се неотуѓиви од поединецот, или можат/треба да бидат олицетворени токму преку државата? Дали државата има морална обврска да ги „заштити“ невакцинираните граѓани од сопствената тврдоглавост, унапредувајќи ги нивните права дури и против нивната волја? Пример за ваквото резонирање е вакцинациската политика на Грција, каде од јануари вакцините ќе станат задолжителни за најзагрозената возрасна група (од 60 години нагоре).

Во политичката теорија, претставувањето на една навидум нелиберална политика како либерална би можело да се поткрепи преку патерналистичката школа, која ја доживува државата како неприкосновен (и секогаш добронамерен) заштитник. Впрочем, сите ние веќе знаеме (и најчесто поддржуваме) една друга патерналистичка политика: задолжителното врзување сигурносен појас. Иако неврзувањето сигурносен појас не носи никакви пошироки последици за безбедноста на преостанатите учесници во сообраќајот, одамна сме прифатиле дека правото на безбедност на „неодговорниот патник“ ни е доволно важно за да го заобиколиме неговото право на избор.

Сепак, во контекст на вакцините, патерналистичкиот аргумент веројатно нема да премисли многумина, и тоа не само бидејќи почива врз рационална основа, која е немоќна пред (честопати) субјективните стравови на невакцинираните граѓани. Дури и самиот рационален аргумент дека примањето вакцина е „поразумно“ од непримањето вакцина за секој граѓанин (наместо за големото мнозинство граѓани) е тешко докажлив.

На пример, голем број професионални спортисти остануваат невакцинирани, што можеби се должи на неинформираност и тврдоглавост, но можеби и на проценката дека за човек со демографски профил како нивниот (млад и здрав), очекуваните нус-појави од вакцината (пр. неможноста да тренираат со денови поради болка во раката) се поштетни од ризикот дека ќе се заразат со вирусот. Секако, ваквата проценка, освен што е себична, не е ни нужно точна, oсобено ако се имаат предвид потенцијалните долгорочни ефекти од вирусот (т.н. „долг ковид“). Сепак, точниот сооднос помеѓу плусевите и минусите од (не)вакцинирањето варира доволно од еден до друг поединец за да ја ограничи убедливоста на патерналистичкиот аргумент за задолжителна вакцинација.

Tri pricini za zadolzitelna vakcinacija protiv KOVID 19Извор: zdravstvo.gov.mk

Задолжителна вакцинација заради веќе вакцинираните

Наместо со патерналистичкиот аргумент, задолжителната вакцинација е подобро поткреплива преку општествениот аргумент на „позитивни екстерналии“ (анг. positive externalities). За овој аргумент не се потребни аналогии: речиси сите досега преземени мерки во борбата со пандемијата беа базирани токму на аргументот дека пропишаното однесување на секој поединец (ќе) има позитивни последици не само за тој поединец, туку и за целото општество. Ако на почетокот на пандемијата бевме обврзувани (во неморален облик, според авторот на овој текст) да се затвораме дома по цели викенди за да се заштитиме ем себеси ем останатите, зошто тогаш вакцините, иако ја имаат истата цел, не се обврзувачки?

Според Министерството за здравство, 21% (речиси четвртина) од починатите од КОВИД-19 помеѓу август и ноември годинава биле вакцинирани. Со оглед на гореспоменатата доминација на невакцинираните граѓани во вкупниот број заразени, а со тоа и во ширењето на вирусот, барем дел од загубените животи на вакцинираните граѓани можеле да бидат спасени при повисока стапка на вакцинација, која ќе ја намалела веројатноста дека починатите вакцинирани граѓани првично би се заразиле со вирусот.

Со други зборови, фактот дека вакцините не нудат стопроцентна зашитита од смрт е причина повеќе – а не помалку – за задолжителна вакцинација, бидејќи покажува колку здравствените исходи на вакцинираните и невакцинираните се суштински неодделиви. Дополнително, позитивните екстерналии од ваквата политика се уште посилни за оние граѓани на кои од возрасно-здравствени причини не им е понудена или не им се препорачува вакцина (и/или не смеат да носат заштитни маски).

Во суштина, аргументот на позитивни екстерналии, со својата интуитивна појдовна точка дека правото на избор на секој поединец завршува онаму каде што ги повредува правата на други поединци, не би требало да биде контроверзен. Сепак, иако е поубедлив од патерналистичкиот аргумент, дури и овој аргумент е немоќен пред субјективните стравови на своеволно невакцинираните. Тие веројатно би реплицирале дека емотивната траума која би морале да ја преживеат при наметнатото вакцинирање не е помала од негативната екстерналија која сега ја предизвикува нивното невакцинирање, особено кога веќе се „жртвуваат“ во име на јавниот интерес преку неможноста за влез во јавни објекти. Затоа, корисно е да се разгледа уште еден (веројатно најмалку емотивен, а најлесно одбранлив) аргумент за задолжителна вакцинација.

Задолжителна вакцинација заради даночните обврзници

Секој граѓанин со важечко здравствено осигурување има подеднакво право на лекување од КОВИД-19 без оглед на својот вакцинациски статус. Со оглед на споменатиот деветкратно поголем ризик од хоспитализација на невакцинираните граѓани, секој своеволно невакциниран граѓанин би требало да ги обесштети даночните обврзници за (во голема мера) неизбежната штета, која неговото невакцинирање би ја нанело на државниот буџет, доколку одлучи да се лечи во државна здравствена институција. Со други зборови, потребна е задолжителна вакцинација во облик на парична казна за своеволно невакцинираните лица.

Ваквиот „трансакциски“ пристап, налик на средновековните индулгенции со кои „грешниците“ имале можност да се искупат за своите гревови преку (овоземска) уплата во џебовите на црквата, може да биде морално одбивен дури и за дел од вакцинираните граѓани. Меѓутоа, важно е да се потенцира дека моралноста на ваквиот облик на задолжителна вакцинација не зависи од тоа дали ќе се постигне оптималниот исход: невакцинираните да се вакцинираат за да ја избегнат казната.

За разлика од патерналистичкиот аргумент, кој ги доживува своеволно невакцинираните граѓани како неспособни да донесат рационална одлука, но и од општествениот аргумент, кој ги претставува како загрозувачи на јавното здравје, трансакцискиот аргумент не содржи никаква морална осуда кон одлуката за невакцинирање. Наместо тоа, единственото нешто што трансакцискиот аргумент го бара од невакцинираните е да ги согледаат директните последици врз државниот буџет од своето себично размислување, што потоа или ќе ги натера да се вакцинираат од себични причини (за да не платат казна), или да останат невакцинирани, но да преземат (парична) одговорност за својата себичност. Кој било од овие два исхода е морално поправеден од статус квото.

Инаку, преоптовареноста на здравствените системи поради пандемијата резултира(ше) не само со астрономски трошоци за даночните обврзници, туку и со влошени здравствени исходи од други болести поради задоцнета или несоодветна нега, што значи дека паричната казна би можела да се оправда и преку општествениот аргумент погоре. Во секој случај, најмалку што даночните обврзници би можеле да побараат од своеволно невакцинираните граѓани е да сносат парична казна во висина на трошоците на еден просечен престој во болница на пациент со КОВИД-19.

На прв поглед, ваквата „а приори“ казна делува построго отколку некаква политика на казнување само на оние своеволно невакцинирани пациенти кои навистина би завршиле во болница. Сепак, со оглед на логистичката неизводливост на последнава варијанта, која би наметнала потенцијално несносливи трошоци врз пациентите со повеќенеделна хоспитализација, пологично е да бидат казнувани сите своеволно невакцинирани граѓани, како што ќе биде случај во Австрија од февруари 2022. Во однос на техничките модалитети околу казната, додека општествениот аргумент би изискувал унифицирана сума за сите своеволно невакцинирани граѓани, трансакцискиот аргумент упатува на диференцијација во зависност од возраста и ризикот од хоспитализација на поединецот.

Секако, за модалитетите може да се дискутира откако принципелно ќе се препознае трансакцискиот аргумент (или некој од другите два аргументи) за моралната оправданост на задолжителната вакцинација. За разлика од некои (тешко одбранливи) иновации во вакцинациските политики, како на пример предложените парични награди за оние доктори со поголем број вакцинирани пациенти, задолжителната вакцинација би испратила силна етичка порака.

Дури и да не помогне во справувањето со пандемијата, оваа политика би вродила со поширока општествена придобивка: согледувањето дека нашите лични однесувања честопати имаат колективни последици.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кристијан Фидановски

Кристијан Фидановски е докторанд по социјални политики на универзитетот Оксфорд, каде ги проучува политиките за стимулирање наталитет на Балканот и во источна Европа. Кристијан има магистрирано политички науки и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, а има дипломирано во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL). Покрај наталитетските политики, негов примарен истражувачки фокус се партиските системи, евроинтеграциските процеси и теориите на заговор. Има објавувано академски трудови и новинарски текстови на македонски, англиски и италијански јазик за десетици домашни и меѓународни публикации.