fbpx

Колку е пријателски Договорот за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија?

Радосвета Василева

Политика

25.12.20

Прегледи

Радосвета Василева

Radosveta Vasileva 200x250По ветото на Бугарија кон Македонија, се појави голема огорченост во јавноста. Сепак, ако погледнеме поубаво ќе согледаме дека судирот помеѓу двете држави беше нешто што можеше да се предвиди.

Кога Бугарија и Македонија го потпишаа Договорот за пријателство во 2017 година, тој чин предизвика задоволство кај многу политичари, дипломати и аналитичари. Високиот претставник на ЕУ за Федерика Могерини и ЕУ комесарот за проширување Јоханес Хан го дефинираа овој документ како „инспирација за целиот регион”. Потоа дојде до еден ироничен пресврт во кој за само три години овој Договор доведе до антагонизам наместо до добрососедски односи.

Според бугарската страна, историјата е причина за очигледно прекршување на Договорот. Разочараноста набргу се прошири и надвор од границите на двете држави – истите експерти кои ја поздравија македонско-бугарската иницијатива во 2017 година сега беа вознемирени а Бугарија дури ја нарекуваа и „силеџија“.

Но, ако погледнеме подобро ќе констатираме дека судирот помеѓу Бугарија и Македонија беше нешто што можеше да се предвиди. 

Која е целта на договорите за пријателство?

Договорите за пријателство почнаа да се појавуваат во Втората светска војна а нивниот опсег значително се разликува – исто како и нивните остварувања или стапици. На пример, договорите за пријателство, соработка и взаемна помош беа инструменти за градење билатерални односи помеѓу СССР и другите земји во периодот по Втората светска војна. Притоа, историчарот Даглас Селвиџ заклучува дека тие го поткопуваат суверенитетот на другите источноевропски држави и дека промовираат „експлоататорски билатерални аранжмани во корист на СССР“. Ова не е изненадувачки имајќи ја предвид супериорноста на едната од страните во овие сценарија. Влијанието на Договорот за пријателство помеѓу Кина и ССР исто така беше ставено под знак прашање од страна на историчарот Остин Џерсилд кој смета дека ваквиот сојуз е неуспешен затоа што Кинезите неповолно гледаат на рускиот „империјализам“.

Од друга страна имаме и успешни приказни. Во 1963 година Германија и Франција го потпишаа Елисејскиот договор чија цел беше да ја подобри соработката во меѓународните работи, одбраната и образованието. Најинтересно е ова последново во однос на кое двете држави се посветуваат на поттикнување на соработката помеѓу институциите кои се занимаваат со истражување и на обезбедување на „сите можности“ за младите „да ги јакнат врските кои ги обединуваат и да го поттикнуваат своето меѓусебно разбирање“. За време на младинската конференција организирана во 2003 година од француско-германската Канцеларија за млади врз основа на Елисејскиот договор, еден студент ќе побара од германската и француската влада заеднички учебник по историја – првиот беше објавен во 2006 година но, се разбира, не беше многу популарен поради судир со наставните програми.

Што не е во ред со Договорот за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија?

Бугарија и Македонија ја немаат истата преговарачка позиција и моќ со оглед на сегашната поставеност на работите затоа што Бугарија е членка на ЕУ и може да ја користи својата позиција. Уште во 2017 година беше предвидливо дека Бугарија ќе постапи така. На власт во оваа земја е коалиција која е составена од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов и три националистички партии кои целосно припаѓаат на крајната десница кога станува збор за политики и реторика. Секако дека тие ќе играат на „картата“ на патриотизам само за да го одржат својот рејтинг а тоа е особено случај со (бугарското) ВМРО и актуелниот заменик премиер Красимир Каракачанов, кој работел во тајните служби на комунистичка Бугарија како агент кој се борел против „идеолошката диверзија“ и известувал за тнр. „македонско прашање“.

Уште поважно, Договорот за пријателство не е напишан на сосема пријателски начин и поради тоа остава простор да биде искористуван тогаш кога има нееднаквост во преговарачките позиции. Наместо да промовира соработка и размена во истражувањата, што се смета за една од главните причини за успех на Елисејскиот договор, како што е констатирано и во литературата, тој предвидува формирање комисија која јас веќе ја споредив со „министерството на вистината“. Членот 8, став 2, предвидува формирање заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања која ќе промовира „објективно научно толкување на историските настани засновано на автентични историски извори кои се базираат на докази, што претставува малку нереален потфат ако го земеме предвид германско-француското искуство.

На Германија и Франција, кои беа лути непријатели, им требаше најмалку 43 години за да бидат подготвени и целосно посветени на тоа да имаат заеднички учебник по историја. Во меѓувреме, се претпоставува дека ова станало можно благодарение на работата која траела со децении а во која конфликтните прашања беа решавани со дијалог – новото читање на настаните постепено беше воведувано во нивните наставни програми. Соработката помеѓу овие држави во областа на толкување на историјата започна во триесеттите години од минатиот век и тоа благодарение на наставниците и професорите а не поради политичарите. Исто така, научниците се согласуваат дека германско-францускиот успех беше возможен затоа што двете држави беа подготвени да дојдат до „спогодбена вистина” наместо да се стремат кон целосна објективност – тие успеаа да ги одвојат фактите од моралните прашања.

Историјата е недостижна

Ако сме реални, во историјата е невозможно да имаме целосна објективност. Тука ќе посочам некои тривијални примери кои се неутрални за Македонија и за Бугарија а потекнуваат од моето искуство, затоа што имав прилика да посетувам предавања по историја во различни држави.

Иако не се сеќавам дека сум била „изгубена во преводот“, убаво се сеќавам дека многупати сум била изгубена во содржината. Во САД научив дека тие ја имаат основано ЕУ – нешто што луѓето од Европа веројатно ќе го оспорат, иако е точно дека без поддршката од САД зад завесата, ЕУ можеби немаше ни да постои. Понатаму, во Франција дознав дека потеклото на европската идеја треба да се бара во времето на Шарлемањ и Наполеон затоа што тие ја обединиле Европа – сигурна сум дека многумина кои не се Французи воопшто нема да се согласат со ова ако за ништо друго, поради насилните методи на покорување кои биле користени од овие лидери. Исто така ми беше посочено дека ЕУ е формирана од Германија, Франција и Италија и мали држави (petits pays). Мојот професор ниту ги спомна имињата на државите од Бенелукс, нешто што многумина би го сметале за дерогативно. Дополнително бев изненадена кога дознав дека Франција се смета себеси за победник во Втората светска војна – ова тврдење претставува фундаментален судир со мојата бугарска индоктринација.

Поради ваквите различни и некомпатибилни наративи јас долго време бев збунета сè додека не отидов на час кај професорот Анри Русо (Henry Rousso), инаку водечки историчар чија специјализација е Втората светска војна. Негов придонес кон историската наука е осмислувањето на поимот négationnisme (одрекување на историјата, особено во однос на Холокаустот) и критикување на митологијата која ја воспоставил Шарл де Гол во однос на францускиот отпор против фашизмот во Втората светска војна.

Невообичаени беа и вежбите и испитите кај овој професор. Тој сакаше да нè научи да размислуваме критички наместо наизуст да рецитираме некакви претходно научени и зацртани наративи. На пример, ќе ни дадеше неколку различни извори кои се однесуваат на истиот настан, како што е текст од весник од четириесеттите години на минатиот век, извадок од учебник од осумдесеттите години и извадок од политички говор, и потоа ќе побараше од нас да напишеме коментар за тоа.

Kolku e prijatelski Dogovorot za prijatelstvo pomegu Makedonija i BugarijaИзвор: makfax.com.mk

Пораката која ја паметам од неговото предавање беше дека учебниците по историја се одобрена пропаганда и тоа дури и во напредни демократски држави како што е Франција. Така што, ако сакаме да ја најдеме „историската вистина“ ќе треба да земеме предвид примарни извори. Во случајот со Бугарија и Македонија тие би можеле да бидат сведочења за конкретното време, писма кои биле пишувани како што е кореспонденцијата помеѓу Тодор Александров и Пејо Јаворов, или изворно објавените песни на браќата Миладиновци. Можно е и вашата вистина да биде исто така уникатна затоа што сите гледаме на светот со поинакви очи.

Како е ова релевантно во судирот помеѓу Бугарија и Македонија?

Не мора да отвориме учебници по историја во Бугарија или Македонија за да погодиме што пишува во нив. Учебниците најчесто промовираат слична порака а таа е дека народот Х имал славни лидери и освојувале, некогаш порано државата Х имала многу поголема територија, државата Х многупати била предмет на неправди сторени од нејзините големи непријатели/соседи, итн.

Истовремено, учебниците не кажуваат ништо, или тоа го прават завиткано на дипломатски начин, за не толку славните времиња кога народот Х им нанесувал зло на другите луѓе – на крајот на краиштата, тие тоа си го заслужиле затоа што нивните предци сториле големи ужаси 100 години пред тоа да им го направиме на нив. Секогаш постои изговор! Учебниците во малите земји е поверојатно дека би ставиле акцент на тоа како Големите сили имале донесено катастрофални одлуки кои довеле до историска неправда, како и на борците за слобода за ние денес да ја живееме нашата слобода.

Сепак, голем лидер за едни може истовремено да биде и голем тиранин за други; а нечиј борец за слобода е криминалец за други. Од тие причини, личностите како што се царот Борис III и Тито, кои најчесто се спомнуваат во бугарско-македонската контроверзија, би можеле да се гледаат од различни аспекти, зависно од конкретното лице, вклучително и семејна историја. Конфликтните наративи, инаку, не се изненадување – тие само ставаат приоритет на различни аспекти или промовираат половични вистини. Со ова не сакам да кажам дека ние не треба да разговараме за тоа што се случило во дадениот контекст и да научиме дека секогаш има две страни на една приказна, наместо веднаш да излегуваме со конкретен суд и меѓусебно да се напаѓаме.

Уште нешто што е очигледно во бугарско-македонскиот конфликт е дека преовладуваат двојни стандарди. Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева постојано дава чудни интервјуа повикувајќи се на договорот за кој таа тврди дека Македонија не го почитува. Во најновото интервју за Die Welt, таа излегува со смели тврдења дека славењето на Тито во Скопје е исто што било и славењето на Хитлер во Берлин.

Дури и да ги прифатиме ваквите претерани споредби, остануваат клучните прашања: 1) зошто толку голем број на Бугари на големо го слават бугарскиот комунистички диктатор Тодор Живков кога неговиот режим бил екстремно насилен а комунистичкиот режим бил прогласен и за криминален со донесување на посебен закон?; 2) зошто комунизмот стана задолжителна тема во бугарските учебници по историја пред само две години, и тоа со серија скандали во врска со толкувањето на тој период?; 3) ако Бугарија тврди дека малцинствата во поранешна Југославија биле малтретирани, зошто малтретирањата на малцинствата направени и во Бугарија за време на Тодор Живков не се дел од наставната програма во Бугарија?

Дали можеме да бидеме пријатели во ова отровно политичко опкружување?

Едно истражување има констатирано дека децата во рана возраст се стекнуваат со претстава за историските настани од своето семејство и од заедницата и на тоа е многу тешко да се влијае. Во некои земји во кои неодамна имаше судири, како што е Северна Ирска, учениците учат од различни наставни програми зависно од нивната христијанска определба. Поделби во однос на историски прашања може да има дури и во една иста држава. Дијалогот и трпението се клучните нешта ако целта ни е да живееме во мир, но која е целта на македонските и бугарските политичари?

Споровите помеѓу нашиве земји не излегуваат од рамките на она што Европа претходно веќе го видела. Притоа, начинот на кој двете држави се посветени на решавање на меѓусебните разлики и притисокот кој Бугарија го става врз Македонија се чини дека е морално и правно неоправдан. Бугарија не смее да заборави дека, историски гледано, договорите за пријателство кои се покажале неуспешни биле раскинати – поради нивната природа тие тешко се применуваат од правен аспект. Како парче хартија кое има за цел да биде доказ за постоење на политичка волја и кое треба да промовира средина во која ќе можеме да коегзистираме и покрај нашите разлики и рани, овој Договор нанесе значителна штета поради кусогледоста и некомпетентноста на нашите политичари.

Постојат билатерални и ЕУ механизми кои можат да го олеснат дијалогот кој, на крајот на краиштата, зависи од добрата волја. Нели ќе биде поедноставно да се организираат бугарско-македонски историски конференции или тркалезни маса еднаш годишно, да се развива соработка помеѓу факултетите по историја и да се поттикнуваат летни школи за средношколци и студенти? Многу полесно може да се започне со размена и соработка во истражувањето – можеби вака подобро ќе се запознаеме со меѓусебните ставови и гледишта.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Радосвета Василева

Радосвета Василева е бугарски правник чии истражувачки интереси ги опфаќаат правото на ЕУ и компаративното јавно и приватно право. Автор е на бројни написи за академски списанија и мислења за медиуми, како што се Еуроњуз, ЕУобсервер, Нова Источна Европа, Брисел Тајмс и други. Василева има личен блог [radosvetavassileva.blog] посветен на владеењето на правото во Бугарија. Таа е доктор на правни науки при Универзитетскиот колеџ во Лондон (Велика Британија), магистер по право при Универзитет Париз 1 Пантеон-Сорбона (Франција) а додипломските студии ги завршила на насоката по меѓународни односи при Универзитетот Тафтс (САД). Во моментов таа е ангажирана како Визитинг Истражувач на Универзитетот Мидлсекс во Лондон.