fbpx

Одбројаните денови на либералната демократија

Ридван Пешкопија

Политика

27.09.21

Прегледи

Ридван Пешкопија

Ridvan Peshkopia 400x500Западот може да му послужи на остатокот од светот како изложба на ужасни и очигледно неуспешни идеи, меѓу кои се и комунизмот, фашизмот, нацизмот, феминизмот, анархизмот и, во последно време, либерализмот.

Пандемијата со КОВИД-19 на меѓународната јавност ѝ претстави повеќедимензионална криза што тлее во западните општества во последниве три децении во западните општества, скриена зад медиумската пропаганда или непосредните грижи за помали секојдневни кризи. Таа поголема криза е кризата на либерално-демократскиот систем и глобалниот либерален поредок инсталиран од сегашната политичка, економска и културна хегемонија на либерално-демократските земји, главно САД и водечките земји членки на ЕУ. Меѓутоа, пандемиската криза не ја предизвика кризата на либералната демократија; нејзините корени се во поголемите социоекономски трансформации што глобализацијата ги донесе со себе во глобални размери, вклучително и во либерално-демократските општества.

Либерализмот, идеолошката основа на либералната демократија, е филозофски систем на размислување изграден врз претпоставката дека слободниот и рационален поединец е камен-темелник на општеството. Рационалноста на поединецот го оневозможува колективното дејствување, затоа што, ако нечие однесување има за цел да ги зголеми сопствените придобивки, социјалниот живот станува невозможен. Се применуваат теоретски игри како Затвореничката дилема за да се покаже дека, кога поединците ги следат своите рационални интереси, општеството завршува во полоша состојба во споредба со она што би било доколку поединците меѓусебно би соработувале.

Така, со цел да се овозможи колективно дејствување, поединците формираат државни институции на кои им ги предаваат оние слободи што ја спречуваат социјалната соработка, според договор со кој владата им ги гарантира оние посебни права што поединците и натаму ќе ги задржат за себе. Владата, пак, спроведува закони според кои граѓаните ќе бидат одговорни за сопственото почитување на социјалниот договор, додека граѓаните добиваат одговорност од владата преку периодични избори.

Либерализмот е единствениот мисловен систем што го става поединецот во центарот на општествените односи. Според пишувањата на британските просветителски научници како Џон Лок и Дејвид Хјум, способноста за донесување независни политички одлуки му припаѓа на поединецот поради неговите/нејзините непобитни права за живот, слобода и лична сопственост, дадени од Бога. Сепак, во овој триптих, слободата ја презема предноста до тој степен што денес, правото на живот и сопственост се врамени со индивидуални слободи. Оттаму, слободниот поединец ја претставува основната епистемолошка претпоставка за либерализмот. Како дете на чудниот и напрегнат брак на либерализмот со демократијата, либерално-демократскиот политички систем, ја трансформираше, барем реторички, заштитата на индивидуалните слободи и права во фундаментална норма што претставува основа на целата нејзина домашна и меѓународна политика.

Во име на таквиот принцип, либерално-демократските земји ги критикуваа другите земји, ги бојкотираа Олимписките игри, условуваа членство во меѓународни организации, па дури и се бореа на боишта. Без индивидуална слобода, либералната демократија не би била она што е, и наместо тоа би личела на сите други политички режими што човечкото општество досега ги доживеало. Индивидуалната слобода е тој единствен елемент што ја прави либералната демократија уникатен политички систем, систем што е без преседан и е неповторлив.

Симптоми кои ги откриваат недостатоците на либералната демократија

Така, кога пандемијата со КОВИД-19 ја зафати планетава, она што звучеше чудно од разноразните владини ограничувања низ целиот свет не беа драконските мерки наметнати од кинеската влада, туку масовното прекршување на индивидуалните слободи од страна на мнозинството либерални демократии, како и нивното крајно непочитување на способноста за донесување независни, индивидуални одлуки, способноста на поединецот да дејствува според неговото/нејзиното природно право „дадено од Бога“, неговиот/нејзиниот личен интерес. Освен тоа, она што беше уште понеочекувано беше подготвеноста на мнозинството поединци да ѝ дозволат на владата да ги лиши од правата „дадени од Бога“ без да пружат видлив отпор.

Можеби токму поради ова, пандемијата покажа дека либерализмот се потпира на неодржлива претпоставка и дека не слободата, како што проповедаат либералите, туку инстинктот за преживување, како што сметаат конзервативците, е она што Бог (или природата) во суштина првично ни го дал. Затоа, тврдењата на западните либерални демократии дека ограничувањата на индивидуалните слободи спасуваат животи ја лишија либералната демократија од својата уникатност, предноста на слободата пред опстанокот. Извикот на американскиот револуционер Патрик Хенри „дајте ми слобода или дајте ми смрт“ на крај едноставно излезе дека е идеолошкa глупост на либералната хагиографија.

Исфрлањето на индивидуалната слобода од равенката на либералната демократија поставува сериозни дилеми не само за судбината на либералната демократија, туку и за целиот меѓународен поредок. Првиот карактеристичен знак на кризата е официјалната и/или социјална цензура во форма на „култура на откажување/cancel culture“, тенденција на социјалните структури, либералните медиуми и државните институции да го замолчат секој кој ќе понуди алтернатива или изјава спротивна од оние што ги промовираат либералните елити и моќите што се во и околу либерално-демократските режими.

Odbrojanite denovi na liberalnata demokratijaИзвор: Tim Pierce / Flickr (CC 2.0).

Станува очигледно дека либералната демократија ја загуби битката за идеи со бескрајната цензура што либерално-демократската влада или нејзините големи технолошки сојузници ја наметнуваат врз гледиштата што ја доведуваат во прашање целосната либерална контрола врз сферата на идеите. Меѓутоа, иако борбата за идеолошка хегемонија не е непозната појава, она што го поткопува успехот на либералната демократија во таа борба е тоа што, за успешно да се изборат против неа, либералните демократии мора самите себе да се саботираат: Слободата на поединците да направат сопствен избор, да имаат различно мислење и да го изразат тоа мислење на поинаков начин.

Вториот видлив знак за криза на либералната демократија е тоа што либералните демократии прифаќаат псевдонаучни критички теории, извлекувајќи ги од нивната академска опскурност и презентирајќи ги на главните канали на популарната култура и официјалната политика. Земајќи го марксизмот како основа, произлезени од неомарксистичката епистемологија, еден куп варијации на критички теории, како што се теоријата за критичка раса, критичка родова теорија, критичка теорија за животната средина и слично, го напаѓаат западното политичко искуство, самата контекстуална рамка на либералната демократија тврдејќи дека е непоправливо угнетувачка.

Слично на претходната точка, парадоксот на оваа нова појава е дека критичките теории во основа се анти-либерални; со подредување на поединците во идентитетски кутии, тие имаат за цел во крајна линија да го избришат самиот концепт на слободен поединец, што би значело елиминација на самата либерална демократија. Поддржувањето нелиберални и анти-либерални критички теории само ја демонстрира кризата на идеи на либералната демократија, како и нејзиниот идеолошки неуспех.

Вистинските корени на кризата

Досегашната дискусија ги демонстрираше само симптомите на кризата, а не нејзините причини. Причините се структурни по природа. Либерализмот се појави во Западна Европа во текот на осумнаесеттиот век со пишувањата на британските и француските просветителски научници, и беше поттикнат од американската и француската револуција до крајот на тој век. Либералната демократија беше обид да се применат новите социоекономски односи предизвикани од индустриската револуција во деветнаесеттиот век, каде што релативно високите индустриски плати обесправија милиони поединци од феудалните економски односи. Тоа беше првпат во историјата на човештвото кога цели семејства можеле да преживеат независно од економијата на заедницата односно комуналната економија.

Победниците на таа револуција беа индустриската буржоазија и работниците, кои заедно формираа голема општествена класа, која стана позната како средна класа. Таа класа стана средиште на потребниот политички консензус за новиот либерално-демократски политички систем. Во меѓувреме, губитниците на индустријализацијата, микро-буржоазијата, основаа широк спектар на реакционерни идеологии како што се марксизмот, феминизмот, фашизмот, нацизмот, а секој од нив во својата суштина содржи критика против концептот на слободен поединец, како и предлог да се врати поединецот во функција на структуралистичка динамика, центрирана околу моќта, поделена според класа, род, социјална хиерархија и раса, соодветно.

Новите социоекономски односи молеа за нови врски во заедницата. Старите врски во заедницата исчезнаа зад приватноста на становите во кои семејното јадро почна да ужива. Постепено, новите социоекономски односи отворија простор за претходно непознатиот концепт, националната држава (нација-држава), како колективна идентитетска референца. Националната држава го понуди она изгубено чувство на заедништво што претходно постоеше во феудалната област, но доби и дотогаш непозната димензија: масовна индоктринација со користење на извонредните ресурси на националната држава. Така, индивидуалната слобода и националната држава станаа двете основни идеи што ги користеа индустриските општества за да го воспостават својот нов политички систем, либералната демократија.

Деиндустријализацијата и имиграцијата како причини за ерозија на либералната демократија

Затоа, мора да ги бараме корените на кризата на либералната демократија во големата социоекономска трансформација што го зафаќа современиот Запад, што е геополитичкото родно место, но истовремено и првобитното место на живеење на либералната демократија. Деиндустријализацијата што се должи на глобализацијата и масовната имиграција им зададе смртоносни удари на двата столба на либералната демократија.

Од една страна, деиндустријализацијата ја разретчи средната класа, што впрочем беше класата што главно се служеше со неа, со што го издлаби постоечкиот консензус за тој политички систем. Од друга страна, масовната и интензивна имиграција докрај го расплете општото чувство за национално заедништво што националната држава порано го нудеше, што е најдобро прикажано со примерот на затворените имигрантски заедници во многу западни градови, како населбите во Париз, Грињи, ле Муро во Франција, Моленбек во Белгија, Боткирка, Фитја и Малме во Шведска, каде што полицијата не сака да влезе, на тој начин прикажувајќи ја едната од најголемите кризи што едно општество треба да ги реши за да се демократизира или да остане демократско, кризата на пенетрација.

Корените на кризата на либералната демократија лежеа токму таму каде што беа корените на нејзиниот подем и сјај: социоекономските структури кои го поддржуваат секој политички систем. Дигиталната револуција претставува социо-економски структури многу поинакви од оние на индустриската револуција. Марксистичкиот концепт на пролетаријатот веќе нема значење: Денес, никој не ги поседува само своите раце за работа. Интелектуалната сопственост денес е можеби исто толку релевантна како и поседувањето недвижност. Денес, веќе нема луѓе што се селат од село во голем град за да работат во индустријата, туку напливот во големите градови е од специјалисти и менаџери во дигиталната индустрија.

Ова движење предизвикува процес на т.н. гентрификација, каде што посиромашните луѓе кои првично живееле во големите градови заминуваат кон помали центри или завршуваат без покрив над главата. Националните економии повеќе не се потпираат на индустриското производство, туку на услугите, а како резултат го добивме она што денес е познато како постиндустриско општество. Во многу случаи, тие услуги не произведуваат никаков друг вид општествена вредност, туку само профит за непродуктивна категорија на сопственици на удели или акции.

Западните општества акумулираат огромно богатство од процесот на глобализација, но неговата распределба е понерамноправна од кога било. Корисниците на богатството се обидоа со благи резултати да ги надминат неизбежните тензии што таквата нееднаква дистрибуција ги создава со зголемување на бројот на социјални програми, но општествениот немир расте, како што покажува движењето на Жолтите елеци во Франција во 2020 година или движењето BLM („Црните животи се важни“) и немирите на Антифа во САД.

Дали либералните демократии можат да го преживеат разретчувањето на стадото (на средната класа)?

Останува да видиме како либералните демократии би се справиле со таква ерозија на двата столба на кои се потпираат. Како би преживеале без неопходниот консензус генериран од постојано разретчување на средната класа и националната држава што испарува? Како би управувале со преминот од индивидуалната слобода како безусловната вредност на либерално демократското општество кон опстанокот? Либералната демократија во тој поглед стои на непозната територија, но не и човештвото. Секоја диктатура го барала својот легитимитет на нивото на потреба на општеството за опстанок.

Знаците укажуваат дека либералната демократија не би можела да ги преживее тие структурни промени и дека деновите ѝ се одбројани. Според поранешниот чешки премиер Вацлав Клаус, поранешен самопрогласен либерал, но денес познат како конзервативец, покрај своето уништување, либералната демократија ја соборува и западната цивилизација.

Новиот модел на гигантот за професионални услуги КПМГ само го потврдува моделот на МИТ од 1972 година дека западните општества ќе пропаднат некаде околу средината на нашиот век. Додека тие модели нагласуваат главно материјални фактори како што се економијата и прекумерната експлоатација на планетата, утврденото општествено знаење покажува дека општествата пропаѓаат поради нивните погрешни одлуки донесени врз основа на погрешни идеи. Во однос на второто, Западот може да му послужи на остатокот од светот како изложба на ужасни и очигледно неуспешни идеи, меѓу кои се и комунизмот, фашизмот, нацизмот, феминизмот, анархизмот и, во последно време, либерализмот.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ридван Пешкопија

Ридван Пешкопија е предавач за политичко однесување и методи на истражување на Универзитетот за бизнис и технологија, Косово. Докторирал на насоката по политички науки при Универзитетот во Кентаки. Тој, исто така, има магистерски студии по урбанистичко планирање, дипломатија, политички науки и применета математика. Објавува редовно во академски списанија на теми како што се политичка филозофија, социјална теорија, филмски студии, меѓународни односи, компаративна политика, политичка и социјална психологија, методи на истражување, кривична правда, образовна политика и политичко однесување.