fbpx

Човековите права не смеат да се паузираат ниту за време на пандемија

Азра Бечировиќ

Политика

КОВИД-19

19.06.20

Прегледи

Азра Бечировиќ

Azra Becirovic 200x250Бројни политички режими воведоа неоправдано остри мерки, а со тоа ги загрозија принципите на демократијата и ги прекршија човековите права во своите држави.

Пандемијата наречена КОВИД-19 имаше големо влијание врз животот на луѓето ширум светот. Воведувањето мерки со цел спречување на ширењето на КОВИД-19 доведе до голем број ограничувања што може да се окарактеризираат како кршење на основните човекови права и слободи. Сега, по два месеци, можеме да започнеме да извлекуваме заклучоци за тоа колку воведените мерки ги нарушија човековите права.

Мешање во правата загарантирани од ЕКЧП

Апсолутни права се права кои не смеат да бидат суспендирани или ограничени дури и кога е прогласена вонредна состојба. Тоа значи дека ниту една ситуација не го оправдува ограничувањето на апсолутните права.

Мерките за изолација и карантин за заштита на јавното здравство, усвоени од повеќето држави, вклучително и Босна и Херцеговина, претставуваат навлегување во многу права заштитени со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Ваквите мерки доведоа до затворање на повеќето граѓани во своите домови, што е очигледно кршење на нивното право на слобода на движење загарантирано од ЕКЧП, кое вклучува право на луѓето да ја напуштат земјата, да влезат во сопствената земја и слободно да се движат на територијата на земјата во која влегле по законски пат.

Имајќи го ова предвид, мора да разбереме дека овие права можат да бидат ограничени кога тие ограничувања се законски во процедурална смисла, го отежнуваат остварувањето на законска цел и кога се сразмерни. Преземените мерки мора да бидат во согласност со сите овие елементи, со цел ограничувањата да бидат дозволени според членовите 2 и 3 од Протоколот бр. 4 до ЕКЧП. Според тоа, некои држави прогласија вонредна состојба со цел легитимно да ги воведат неопходните мерки за заштита на јавното здравство. (Споменатиот поим „вонредна состојба“ означува правна ситуација што претставува вонредни околности, односно претставува опасност по здравјето и безбедноста на населението. Важно е да се напомене дека терминот што ќе се употреби зависи од законската терминологија, така што во Федерацијата на БиХ се користи терминот „состојба на несреќа“, во Република Српска „вонредна состојба“, а во округот Брчко „загрозеност на населението“) со цел легитимно да се воведат неопходните мерки за заштита на јавното здравство.

Мерки за изолација наспроти Слобода на движење

Од самото воведување на првите мерки од надлежните институции, почна да се поставува прашањето за нивната оправданост и законитост. Во Федерацијата на БиХ, со наредба од Федералниот штаб за цивилна заштита се забранува движење на лица помлади од 18 години и постари од 65 години на територијата на Федерацијата на БиХ. Со оваа мерка, владата во целост им ја одзема слободата на движење на одредени групи на население, што не е во согласност со Уставот на БиХ, ниту со стандардите за човекови права. Дури по повеќе од еден месец од денот на донесување на мерката, со одлука од Уставниот суд на БиХ (АП 1217/20) се утврди прекршување на правото на слобода на движење од член II/3.м) од Уставот на БиХ и член 2 од Протоколот бр. 4 на ЕКЧП. Во заклучокот, Уставниот суд на БиХ утврдува дека не постои пропорционалност, дека наметнатите мерки не се строго временски ограничени, ниту е утврдена обврска на Федералниот штаб редовно да ги разгледува и да ги преиспитува тие мерки доколку е потребно.

Covekovite prava ne smeat da se pauziraat nitu za vreme na pandemijaИзвор: ennhri.org

По оваа одлука, Федералниот штаб за цивилна заштита ги ублажи мерките за горенаведените категории на лица, со изменување на наредбата со која се дозволува движење на лица на возраст од 65 години во понеделник, среда и петок, од 9 до 13 часот. На помладите лица на возраст под 18 години исто така им е дозволено да се движат во вторник, четврток и сабота од 14 до 20 часот.

На својата 19-та седница, Федералниот штаб за цивилна заштита донесе одлука да не го продолжи рокот за примена на наредбите за забрана за движење на лица над 65 години и под 18 години на територијата на ФБиХ, така што од 16.05.2020 година тие можат да се движат без ограничувања, со почитување на пропишаните хигиенско-епидемиолошки мерки.

Право на почитување на приватниот живот и заштита на личните податоци

Според член 8, став 1 од Европската конвенција за човекови права „Секој има право на почитување на својот и семејниот живот, домот и кореспонденцијата“. Така, со овој член се заштитени четири области: од приватниот живот, семејниот живот, домот и преписката. Секоја од тие области претставува самостоен поим според Конвенцијата. Во контекст на разгледување на слободата на изразување, особено е важно да се има предвид опсегот на заштита што се обезбедува за приватниот живот. Основната цел на членот 8 е да ги заштити лицата од своеволно мешање на државата во која било од четирите заштитени области.

Во обид да го намалат бројот на нови случаи на зараза, владите мораа да прибегнат кон вонредни мерки. Една таква мерка во БиХ е објавување на личните податоци за лица кои се позитивни на коронавирус, како и за лица на кои им се одредени мерки за изолација и самоизолација. Таквата мерка претставува прекршување на правото на приватен живот.

Имено, Агенцијата за заштита на лични податоци доби пријава во која се вели дека Кантоналниот штаб за цивилна заштита на Кантонот 10 ги објавил личните податоци на лицата на кои им била издадена наредба за изолација и самоизолација, иако поголемиот дел од нив не ги прекршувале наредбите. Како доказ за горенаведеното, доставен е примерок од објавениот список со лични податоци на 238 лица. Покрај тоа, утврдено е дека и некои други надлежни органи, како на пример во Требиње, Коњиц и Челиќ, објавиле списоци на лица кои се позитивни на коронавирусот на ист или сличен начин, како и на лица на кои им е одредена изолација или самоизолација.

Агенцијата за заштита на личните податоци на БиХ, по службена должност, донесе решение со кое се укинува мерката и „се забранува надлежни тела на сите нивоа на власт во Босна и Херцеговина, вклучително и ентитетските и кантоналнате штабови за цивилна заштита, како и други тела, да објавуваат лични податоци за лица кои се позитивни на коронавирусот, како и лица на кои им е одредена мерка изолација и самоизолација “.

Слобода на говор/слобода на медиумите

Медиумите играат клучна улога во времиња на криза и имаат посебна одговорност да обезбедат точни и сигурни информации за јавноста, таквите информации се клучни за нашето здравје.

Во согласност со упатствата на Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и информации во време на криза, кризната состојба не треба да се користи како изговор за ограничување на пристапот до информации за јавноста. Ниту државите треба да наметнуваат некакви ограничувања на слободата на медиумите покрај ограничувањата дозволени со член 10 од Европската конвенција за човекови права.

Владата на Република Српска (РС) усвои Уредба за проверка на ширење на паника во својот ентитет. Со оваа регулатива се забранува на медиумите и пошироката јавност да шират лажни вести што поттикнуваат паника и пропишани се казни за оние што ќе го сторат тоа. Слична мерка беше воведена и во округот Брчко (БД), а воведувањето таква мерка се разгледуваше и во Федерацијата.

Уредбата беше оценета од многу експерти како ограничување на слободата на говорот, и таа беше прогласена за неважечка (22.05.2002 година), на што му претходеа остри критики од ОБСЕ, кои истакнаа дека самата уредба може да доведе до самоцензура и цензура, како и нарушување на слободата на медиумите и основните човекови права на слобода на изразување. Министерството за внатрешни работи на Република Српска ги повлече сите прекршочни налози што претходно биле издадени во согласност со уредбата.

Заклучок

Пандемијата на коронавирусот влијае на секоја земја и регион во светот, а и на сите аспекти на животот. Меѓутоа, човековите права не се тема што може да се остави настрана за време на криза. Бројни политички режими воведоа неоправдано остри мерки, а со тоа ги загрозија принципите на демократијата и ги прекршија човековите права во своите држави.

Во Босна и Херцеговина, непочитувањето на законската обврска за координирање на вонредните мерки доведе до недоследности во законските решенија. Ад-хок телата (како Федералниот штаб за цивилна заштита, Кризниот штаб во РС, итн.) станаа место за концентрација на моќта, каде се одлучува за судбината на граѓаните на БиХ и тие противуставно ги ограничуваат нивните права и слободи.

Сега епидемиолошката слика е подобра, во однос на изминатите два месеци, повеќето мерки се укинати. Комплетната слика за влијанието на КОВИД-19 врз човековите права ќе може да се направи дури за неколку години, кога мерките преземени од владите несомнено ќе се анализираат во пресудите на Европскиот суд за човекови права.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Азра Бечировиќ

м-р Азра Бечировиќ, магистер по граѓанско право, правен советник и асистент на проектот „Програма за владеење на правото во Западен Балкан“, водена од Центарот АИРЕ. Претходно работела како проект координатор на регионалниот форум. Има искуство во приватниот и невладиниот сектор. Учесник е на бројни меѓународни, регионални и домашни конференции. Таа е исто така автор на десетици научни истражувачки трудови и коавтор на книгата "Кредит и факторинг"