fbpx

Македонскиот пат кон Брисел: Излегување од маѓепсаниот круг

Малинка Ристевска Јорданова

Малинка Ристевска Јорданова

Malinka Ristevska Jordanova 200x250Конечно треба да признаеме дека ЕУ не може да ни подари добар живот. Мора да имаме своја визија и свој план.

Пред петнаесетина години, во разговор со друга ветеранка од процесот на интеграција во ЕУ од регионот, ѝ се пожалив: „Го добивме морковот исечкан.“ Таа прокоментира: „А ние – рендан.“ Кога сега би се сретнале, веројатно би ѝ рекла: „Го добивме стапот. А заслуживме голем сладок морков.“ На некого надвор од „кругот на европската интеграција“ не би му било многу јасно за што зборувавме. Како добри ученици на европската интеграција, бевме го научиле главниот наратив: дека политиката на условеност значи добивање награда („морков“) доколку ги исполнувате условите, а доколку не – добивате казна („стап“).

Македонскиот случај од 2020 година покажа (или потврди) дека може да биде и обратно. Ако исполнувате, може да не го добиете „морковот“, туку „стапот“.

Нови блокади на новите пристапи

Кога Македонија аплицираше за членство во ЕУ во 2004 година, Брисел ни испрати порака: „Патот до Брисел е преку Охрид“. Го спроведовме Охридскиот рамковен договор, со којшто се стави крај на меѓуетничката криза од 2001 година. Пред две години ја добивме пораката „Патот до Брисел е преку Преспа“. Го сменивме името (Северна Македонија), затоа што Грција го бараше тоа, и покрај спротивната пресуда на Меѓународниот суд на правдата. Но, минатата година патот до Брисел повторно се затвори. Сега Бугарија се намерачи да ја смени македонската траса кон Брисел, овој пат преку Софија. Знаете што? Нема шанси. Знаете зошто? Бидејќи Бугарија сака да го смени македонскиот идентитет, злоупотребувајќи го процесот на пристапување во ЕУ и наметнувајќи сопствена искривоколчена верзија на историјата.

Оваа верзија задира не само во македонската, туку и во историјата на ЕУ, вклучувајќи ги нејзините антифашистички корени. Бугарските неосновани барања имаат повеќе последици врз македoнскиот процес на пристапување во ЕУ, но и воопшто врз процесот на проширувањето. Тие влијаат врз регионот и врз ЕУ, вбризгувајќи отров – потпалување национализам и конфликт, а со тоа ја поткопуваат и стабилноста.

Другите земји членки на ЕУ досега успеваа да ја спречат Бугарија да го наметне овој „нов пристап“ во процесот на пристапување, но не успеаја да ја спречат да го блокира, што доведе до ќорсокак. Во овој момент политиката за условeност е компромитирана, кредибилитетот на ЕУ е изгубен, a со тоа е загрозена во самиот старт новата, т.е. ревидираната методологија за проширување. За да биде кредибилен, процесот на пристапување треба да има реална перспектива, а неговата политика на условеност – заснована врз заслуги. Притоа, клучно прашање е како ЕУ ги користи двата основни инструменти на пристапувањето што се во нејзини раце – контрола на неговата динамика и агендата.

ЕУ не е подготвена за проширување

Во моментов, процесот е бавен и членството не изгледа достижно. ЕУ едноставно не е подготвена за ново проширување. Ваква каква што е, тешко функционира и не сака нови, а особено не „проблематични“ членки.

Што се однесува на агендата, таа за државите од регионот значително се менуваше во текот на годините. Последниве години ЕУ со право го стави владеењето на правото на прв план. Сепак, ваквиот пристап го поткопуваат прашањата што немаат никаква врска и дури се спротивни на принципите на владеењето на правото – како што е бугарското вето, кое сега е на преден план на пристапната агенда. Така, еден од клучните услови во процесот на стабилизација и асоцијација – регионалната соработка, наместо средство за помирување во регионот, стана инструмент за притисок на државите од поширокиот регион кои се во поповластена положба – членки на ЕУ, врз оние од Западниот Балкан кои не се.

Иако сега не е подготвена за проширување, ЕУ сепак сака да има влијание врз Западниот Балкан, од геостратешки причини и заради одржување стабилност. Новата Стратегија за проширување укажува на „заострената геополитичка конкуренција“, што се однесува главно на влијанието на Кина и Русија во регионот, но и на Турција и на земјите од Заливот. Натаму, Западниот Балкан ќе продолжи да биде од клучно значење за управувањето со миграцијата. Во конкуренција на геополитичките прашања и прашањата на стабилноста, во игра е т.н. „стабилократија“, наспроти меритократија, која би била во корист на владеењето на правото.

Друг несакан ефект на промената на агендите е тоа што во заден план се ставени прашања како што се животната средина, енергетиката, пазарот, образованието, здравството… што се од витален интерес за граѓаните во регионот. Факт е дека овие прашања се високо на регионалната агенда, но тие не доминираат во националните дискурси. Она што доминира се делови од агендата на ЕУ, но прекршени преку призмата на националната политика – како бесконечниот натпревар на политичките субјекти за тоа кој е (наводно) покорумпиран и, неизбежно, кој е поголем патриот.

Makedonskiot pat kon Brisel Izleguvanje od magepsaniot krugИзвор: sdk.mk

Регрес во Западниот Балкан

Нарушената политика на условеност на ЕУ придонесе за демократска стагнација или регрес во државите од регионот. Политичките елити на Балканот станаа прилично стручни за политичка партизација. Границите беа многу попорозни за нелибералната демократија и популизам одошто за увоз на стандарди на ЕУ за енергетска ефикасност и загадување. Формални реформи без содржина или спроведување („празни лушпи“) се вообичаени. Елитите се натпреваруваат да му се допаднат на Брисел, за да добијат наклонетост или повеќе пари од ограниченото претпристапно портфолио, наместо одговорност пред сопствените граѓани.

Наместо позитивен исчекор, ЕУ и Западниот Балкан навлегоа во маѓепсан круг на обострана некредибилност.

Северна Македонија можеше да биде позитивниот пример – и со односот кон решавањето на споровите и со приоретизацијата на агендата поврзана со ЕУ. Меѓутоа, со новата блокада од Бугарија, токму македонскиот пример стана илустрација за достигнатата точка на лицемерие во процесот на пристапување, која мора да биде надмината.

Меѓучекорите и алтернативите

Во отсуство на достижна перспектива за членство, а сепак сакајќи да имаат влијание во регионот пред сѐ заради одржување стабилност, со години наназад во ЕУ се мачат да измислат нови „моркови“ и да ги исечкаат постојните: мали награди за мали потези. Во овој напор, ЕУ ја приоретизираше и регионалната соработка, поддржувајќи го Регионалниот совет и стимулирајќи секторски форми на регионална интеграција. Регионалната соработка е добра, но не и доволна. Регионалната економска соработка едноставно не може да обезбеди конвергенција со ЕУ. Регионот е поврзан со ЕУ во секој поглед, нему му е неопходна ЕУ.

Изнаоѓањето комплементарни, олеснувачки, алтернативни и меѓучекори за членство во ЕУ доведе до сложени аранжмани и збунувачки дискурси. Покрај билатералните договори за стабилизација и асоцијација, тука се и регионалните договори (регионална економска област, енергетска заедница, транспортната заедница…) Преговорите за пристапување се делат во сѐ повеќе и повеќе фази. Се множат акциски планови, патокази, декларации и извештаи. Механизмите на процесот (особено по новата методологија за проширување) станаа неверојатно сложени и тешки за презентирање пред граѓаните, кои сакаат да веруваат дека членството во ЕУ наближува и ќе ги реши сите нивни проблеми. Продолжениот и нарушен процес резултираше со затскривање на неговата суштина и губење на неговата трансформативна моќ, толку многу потребна и очекувана од граѓаните од регионот. А да се потсетиме, суштината беше споделување на вредностите и стандардите на ЕУ.

Спогодбите за стабилизација и асоцијација (ССА) сега се во заден план – и главно заборавени како можности. Во меѓувреме, се даваат предлози и идеи за нови рамки, како што е европска економска област (притоа се мисли на нова – не на постојната). Никој не се ни обиде да размисли какви би биле преговорите за таков нов аранжман (вклучувајќи и можни нови блокади од какви и да е причини), кои би биле дополнителните придобивки од нив што не можат да ги понудат сегашните ССА и регионалните договори, но и кога тие би станале достапни. Конечно, зошто и кога ЕУ би имала волја за давање дополнителни придобивки ако, на пример, во моментов не е подготвена да дозволи ни телефонски разговори без роаминг меѓу регионот и ЕУ, ниту позначително да ја зголеми претпристапната помош?

За жал, дискусијата во регионот околу нови аранжмани е секогаш многу пожива одошто расправата, заснована на анализа, за тоа како се спроведуваат постојните договори (од двете страни) и кои се нивните неискористени можности. Уште повеќе недостасува издржана расправа за долгорочни решенија. Времетраењето на меѓучекорите и дискусиите за алтернативите се чини дека совршено се совпаѓа со временскиот распон на домашните изборни циклуси и краткорочните политички агенди. Оваа политичка логика е спротивна на она што им е потребно и на ЕУ и на регионот – долгорочен и конзистентен пристап.

Од друга страна, наспроти поголемата „сопственост“ на регионалната соработка на субјектите од регионот, таа е во голема мера поделена по сектори и техницизирана и не привлекува големо внимание кај балканските политичките елити. За важните политички прашања нема заеднички политички став и глас од регионот, ниту позначајно лобирање во ЕУ за заеднички утврдени приоритети.

Најкусата траса – најголем предизвик

Првиот импулс по минатогодишното разочарување во македонскиот процес на пристапување би можел да се резимира во познатата изрека од регионот „Уздај се у се и у своје кљусе“. Во државата се појавува нов наратив: „Реформите ќе ги спроведеме сами, без оглед на ЕУ“. Сосема контрадикторно, паралелните главни политички пораки се дека не можеме да го „сториме тоа“ без преговори со ЕУ или дека би го сториле тоа „како полжав“ без ЕУ. Слична е и малодушноста на македонските граѓани – новите истражувања покажуваат дека 56,1 % воопшто или донекаде не се согласуваат дека реформите можат да се спроведат без надворешен притисок, додека 42,1 % целосно или донекаде се согласуваат дека властите имаат капацитет за спроведување реформи и без надворешен притисок.

Иднината на македонското општество во голема мера зависи од тоа колку земјата ќе биде отпорна на новите „шокови“ наметнати однадвор. Од друга страна, оваа „надворешна отпорност“ првенствено ќе зависи од тоа колку Македонија ќе биде отпорна на сопствените внатрешни предизвици. На државата ѝ е неопходен посилен економски растеж, којшто го попречуваат недоволно конкурентната и иновативна економија, како и ниските инвестиции во човечкиот капитал, во ситуација кога квалификувана работна сила и натаму се одлева од државата. Бавен е развојот на коридорите (сообраќајни, енергетски, телекомуникациски...), коишто се суштествени за мала држава без излез на море, додека со средства на ЕУ забрзано се развиваа коридори во соседството кое припаѓа на ЕУ.

Балансот во меѓуетничките односи главно се одржува преку поделба на моќта меѓу политичките елити, која, пак, е врзана со партизација и клиентелизам, а тие во континуитет ги притискаат и ги разоруваат институциите. Наспроти одржувањето деликатна политичка и етничка рамнотежа, општеството е подложно на поделби на социјална, етничка и политичка основа. Наместо долгорочна визија и приоретизација, како и квалитетен процес на донесување (и спроведување) на политиките и нивна оценка, македонската влада е во грчовита борба за отстранување на препреките однадвор и исполнување на најприоритетните и, најчесто, кусорочни планови. Тие обично се однесуваат на што побрза реализација на, исто така, краткорочните препораки од Брисел – до следниот извештај на Европската комисија и до следните заклучоци на Советот на ЕУ, но, паралелно – и на покажување резултати во изборните ветувања.

Потребна ни е сопствена визија

За да може да ги разреши бројните предизвици, на македонското општество му треба нов наратив, нов пристап, целосно спротивен на малодушноста.

Конечно треба да признаеме дека ЕУ не може да создаде рецепт за нашиот живот и да ни подари добросостојба. Мора да имаме своја визија. При нејзиното развивање и спроведување, треба повеќе да се потпреме врз користење и поддршка на она што го имаме на располагање отколку да се жалиме на она што го немаме, бидејќи ризикуваме да го изгубиме и оној капитал што го имаме – особено човечки, којшто се бори за растеж тука и сега. За да го зајакнеме владеењето на правото, потребни ни се граѓани со моќ и моќни институции. Ни треба ЕУ, но не како замена за нашата влада, за нашите институции, ниту како решение за секој наш проблем. Треба да покажеме капацитет на партнер наместо на „конзумент“. Тоа е улога што многу субјекти во ЕУ би ја ценеле.

Затоа, патот до Брисел води само преку нас самите, но не сами. Оваа клучна порака е валидна и за другите земји од регионот, наспроти заклучокот дека „нема пат до Брисел“.

По искуството со Македонија, малку е веројатно дека Европската Унија ќе биде подготвена да „увезува“ билатерални спорови. За да се прекине маѓепсаниот круг, и балканската понуда за членство во ЕУ мора да биде многу покредибилна, заснована врз моќта на граѓаните и институциите наместо врз моќта на политичките елити. За промени во оваа насока неопходен е и постојан притисок од граѓанскиот сектор – изворен, доследен и принципиелен.

 

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со HAD (Словенија), Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), Макрополис (Грција) PCNEN (Црна Гора) и Lupiga (Хрватска).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Малинка Ристевска Јорданова

Д-р Малинка Ристевска Јорданова е ангажирана во процесот на интеграција во ЕУ од крајот на деведесеттите години, извршувајќи високи функции како дел од јавната администрација во македонскиот парламент и влада. Како државен советник во Секретаријатот за европски прашања, таа претседаваше со Поткомитетот МК-ЕУ ССА за правда и внатрешни работи од 2002-2008 година и Комитетот за ССА од 2008-2010 година и беше координатор на националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Таа даде посебен придонес за кандидатурата на нејзината земја за пристапување во ЕУ, исполнувањето на препораките за почеток на пристапните преговори и реализацијата на одредниците утврдени во патоказот за либерализација на визниот режим. Д-р Ристевска - Јорданова е основач и поранешен директор (февруари 2011 година - февруари 2017 година) на македонскиот тинк-тенк Институт за европска политика - Скопје, каде што сега е неизвршен член на управниот одбор. Во своето истражување, д-р Јорданова се фокусира на примената на политиката на ЕУ за условеност во регионот на Југоисточна Европа, како и на транспонирањето на правото на ЕУ.