fbpx

Солзавец наместо вакцини

Билјана Жикиќ

Билјана Жикиќ

Biljana-Zikik-200x250Со само 48% вакцинирано население, недозволиви грешки на стручниот штаб за Ковид-19 и масовни протести против вакцинација, очигледно е дека кампањата за вакцинација во Словенија беше навистина неуспешна. Владата наместо да придобие што е можно повеќе луѓе, со своето невешто и непрофесионално комуницирање и неверодостојни лица одговорни за комуникација кои одамна ја загубија довербата на граѓаните, постојани корупциски скандали, непрестајна репресија, воведување политички, а не здравствени мерки и со авторитарниот начин на владеење, континуирано ги губеа како довербата така и кандидатите за вакцинација.

Во времето кога е напишан текстов, Љубљана изгледа како град од холивудски филм за некаква катастрофа. Центарот е речиси непрооден, полн со барикади и кордони, има многу полиција, некои од нив се на коњи, специјалци со полна воена опрема, со полициски кучиња и во специјални комбиња; има солзавец во воздухот, се слуша хеликоптер што со часови лета над центарот. Има многу чад, улиците се влажни од водените топови што денеска ги користеа за да ја спречат протестната прошетка на илјадници луѓе. И многу случајни минувачи кои се враќаа од работа, туристи, студенти, постари граѓани, деца од парковите во центарот на градот поминаа исто како и демонстрантите: со очи полни со солзавец и во шок, ни криви ни должни, бегаа од репресијата на полицијата.

Луѓето кои случајно се нашле во центарот и оние кои живеат таму сведочеа дека полицијата фрлала солзавец насекаде, без најава. Рекоа дека изгледало како намерно уништување на Љубљана и дека многумина потоа имале здравствени проблеми. Ден пред најавените протести, државниот врв одлучи дека протестот не смее да се одржи, па затоа, за првпат во историјата на независна Словенија, го активираше членот 9 од Законот за должностите и овластувањата на полицијата, со кој се ограничува движењето во одредени области и врз основа на тој член, Љубљана речиси се претвори во бојно поле. И покрај тоа, протестите траеја неколку часа, а насобраните побараа укинување на епидемиолошките мерки и оставка од владата. Полицијата приведе 22 демонстранти, шест полицајци и двајца демонстранти беа полесно повредени, а неформалниот водач на протестите и партијата на Ресни.ца Зоран Стевановиќ, како и музичарот и рапер Златан Кордиќ Златко, кои говореа на протестот, беа уапсени.

Само триесет километри од главниот град - сосема поинаква слика. Додека демонстрантите се гушеа во солзавец, во Брдо кај Крањ започна свечена вечера на највисоките претставници на Европската унија и словенечкиот државен врв во рамките на средбата на претставниците на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Борис Пахор, претседателот на Словенија, ја одликуваше канцеларката Ангела Меркел за исклучителни заслуги, што се смета за најголемото одликување во Словенија. Пахор рече дека канцеларката Меркел „поттикнува доверба кај луѓето, поради неа добиваат чувство дека сè ќе заврши добро“. Тоа е токму она што недостасува кај претседателот Пахор и словенечката влада, и тоа е една од причините зошто Љубљана се претвори во град на протести во последните две години, што кулминираат овие денови, како во поглед на масовноста, односно бројката на демонстранти, така и во екстремно агресивната реакција на полицијата која не дозволува никакви собири.

Непосредна причина за масовните протести беше воведувањето на условот ПВТ (прележани-вакцинирани-тестирани) за сите лица постари од петнаесет години за влез во сите затворени простории, и на тој начин оние кои не го исполнуваат условот безмалку се лишени од секојдневниот живот и забранети им се цела една низа активности, од полнење бензин на бензинска до одење на работа. Условот почна да важи на 15 септември и навистина резултираше со голем број луѓе на пунктовите за вакцинација, но и со масовен протест на илјадници луѓе. „Протести во среда“ стана називот на новите протести против условот ПВТ и против владата што го воведе, а во суштина станува збор за противници на задолжителната вакцинација, што де факто беше воведена на мала врата со воведувањето на условот ПВТ.

Меѓутоа, ова не се единствените протести против владата. Минатиот петок, незадоволните граѓани се собраа на Плоштадот на републиката по 76-ти пат. Иако на почетокот се собираа во петоци за да протестираат против владата, фракцијата што е поблиску до антивакциналните ставови и теориите на заговор (неверување во вирусот, омаловажување на сериозноста на вирусот и/или страв и недоверба во вакцините) се одвои и започна свои протести. Отпрвин, протестите беа многу слабо посетени. За време на викендот, имаше до педесетина луѓе на Плоштадот на републиката како пеат патриотски песни со знамиња и транспаренти со кои се негира постоењето на вирусот и се обвинуваат светските елити и фармацевтските компании за манипулација, алчност, грабливост и „стрижење овци“. За само неколку месеци, тие мали групи на антиваксери се претворија во десетина илјади лути и одлучни поединци кои масовно излегуваат на улица секоја седмица, на една од најмасовните демонстрации во историјата на Словенија.

Зошто Катја мораше да умре?

На последниот собир, полицијата процени дека ги има околу десет, а неформално се кажува дека бројката на демонстранти достигнала петнаесет илјади. Во Клиничкиот центар во Љубљана истиот ден починала 20-годишна девојка, и иако истрагата сè уште трае, постои основано сомнение дека смртта е резултат на вакцинација со вакцината Џенсен (Janssen). На протестот, зборуваше таткото на починатото девојче и рече: "Кога ќе дојдете на местото за вакцинација, ве предупредуваат ли дека не смеете да се вакцинирате со Џенсен ако сте помлади од 50, односно 40 години? Не. Тоа се само бројки. Зборуваат за проценти. Мојата Катја не беше процент. Таа беше Катја. Мојата Катја.“ Трагичната смрт на 20-годишната девојка одекна меѓу противниците на вакцинацијата, кои во оваа трагедија видоа доказ дека вакцините се смртоносни и потврда дека елитите не се грижат за поединецот. Меѓутоа, и оние кои се залагаат за вакцинација ја повикаа владата на одговорност.

Solzavec namesto vakciniИзвор: shutterstock.com (фото: B7 Photography)

Опозициските партии, како и истакнати интелектуалци собрани околу Форумот за демократија, во јавното писмо со наслов „Зошто Катја мораше да умре?“ бараат оставка од владата. Фактот дека вакцината Џенсен, како векторска вакцина, во ретки случаи може да предизвика длабока венска тромбоза кај помладите жени не е јасно претставен пред граѓаните и граѓанките и дозволено е сите над 18 години да ја примат вакцината, иако неколку земји од ЕУ или не ја користат оваа вакцина или ја ограничуваат на постари луѓе. Во Белгија, на пример, оваа вакцина не се препорачува за лица под 41 година, во Франција под 55 години, во Германија и Италија под 60 години, во Данска не се користи, а Шведска ја суспендираше. Во Словенија, владата дополнително го стимулираше изборот на Џенсен. Имајќи предвид дека само оваа вакцина овозможува еднократна имунизација и дека, според владината одлука, важи од денот на примање на вакцината, многумина логично ја избираа оваа вакцина. Никој од стручниот штаб не презеде одговорност, никој од владата не понуди оставка. Единствената последица од трагичната смрт на дваесетгодишно девојче е прекинувањето на вакцинацијата со оваа вакцина додека не се разјаснат сите околности на смртта. Предоцна.

Со само 48% вакцинирано население, недозволиви грешки на стручниот штаб и масовни протести против вакцинација, очигледно е дека кампањата за вакцинација во Словенија беше навистина неуспешна. Владата наместо да придобие што е можно повеќе луѓе, со своето невешто и непрофесионално комуницирање и неверодостојни лица одговорни за комуникација кои одамна ја загубија довербата на граѓаните, постојани корупциски скандали, непрестајна репресија, воведување политички, а не здравствени мерки и со авторитарниот начин на владеење, континуирано ги губеа како довербата така и кандидатите за вакцинација. Според анкетите за јавното мислење, во моментов помалку од 20% од Словенците ѝ веруваат на владата.

Здравствената криза проследена со политичка

Во Словенија, здравствената криза е испреплетена со политичката. Пристигнувањето на вирусот во државата се совпадна со доаѓањето на Јанез Јанша на власт. Од самиот почеток, начинот на кој се справуваше со епидемијата се базираше на грижата за себе и за својот кадар и користење на епидемијата за зајакнување на авторитарната власт. Уште на почетокот на епидемијата, кога луѓето масовно стравуваа за своите приходи и губеа работни места и секаква безбедност, владата прво ги зголеми платите за себе, а потоа следеа корупциски скандали со набавка на маски, неосновани и произволни епидемиолошки мерки што одеа во полза на претставниците на власта, а дискриминираа голем дел или сите граѓани, постојаното напаѓање на новинари од независни новински куќи, претежно на јавната телевизија, и обидите таа да се подреди на власта и финансиското исцрпување на Словенечката новинска агенција (СТА), што продолжува и денес. Уставниот суд често реагираше и ги поништуваше владините одлуки, факт што зборува за тоа како владата управуваше со епидемијата. Меѓу другото, Словенија имаше најдолг полициски час и најдолго затворање на училиштата во регионот, како и други државни репресии што генерираа недоверба и гнев кај граѓаните.

Како една од причините за слабиот одзив за вакцинација се наведуваат карактеристичните и доминантни општествени модели и наративи. Клиничкиот психолог Александар Задел вели дека изразениот индивидуализам, што доминираше во словенечкото општество во последните триесет години, ја уништи општествената коегзистенција и поврзаност, додавајќи: „Затоа кај нас се случува, ако нема сериозен надворешен непријател, ако нема природна катастрофа или сурова судбина на поединци, тогаш секој си гледа за себе. Невидливиот вирус очигледно сè уште не е препознаен како сериозна закана за општеството.“

Јавните и реномирани институции кои не се здравствени, а би можеле да ја анимираат јавноста и јасно и гласно да повикаат на вакцинација, се многу ретки. Синдикатите и другите работнички здруженија исто така не се занимаваа со вакцинацијата, иако многу работници беа изложени на Ковид-19 поради природата на нивната работа. Најверојатно колективизмот и општествената солидарност, што беа најголемите и најпочитуваните вредности во социјализмот, веќе не претставуваат идеал за никого.

Вирусот не е сфатен како сериозна закана

Друг фактор се покажа како важен во екстремно малиот процент на вакцинирани во однос на земјите од Западна Европа. Кристина Радомировиќ Мачек, докторант по етнологија и културна антропологија во Љубљана, која ги проучува теориите на заговор, вели дека идеологијата на противниците на вакцинацијата е особено развиена во Словенија. „Ова одговара на овдешниот начин на размислување, бидејќи за Словенија особено е карактеристичен стравот дека човекот се оддалечил премногу од природата и дека влегуваме во технолошка дистопија. Новите теории на заговор се вклопуваат во веќе постојниот поглед на светот, дискурсите и тензиите што се вгнездени во културата на еден простор“, рече Радомировиќ Мачек и додаде дека националните епидемиолошки тимови треба да вклучуваат и психолози, антрополози, социолози, лица обучени за комуницирање за научни прашања и други кои би помогнале во комуникацијата со оние кои се скептични или се плашат од вакцинација.

Меѓутоа, од самиот почеток се справуваа со епидемијата дури и без епидемиолог. За ова сведочи д-р Иван Ержен, поранешен директор на Националниот институт за јавно здравје, кој мораше да го напушти местото веднаш по доаѓањето на Јанша на власт, бидејќи јавно изрази сомневање во целта на мерките како што се задолжителна дезинфекција на ходниците во зградите и ограничување на движењето во рамките на општините. Тој вели дека некомпетентноста на власта е меѓу главните виновници за нискиот степен на имунизација на населението, бидејќи се игнорирала целата епидемиолошка професија, а управувањето со епидемијата е препуштено на луѓе кои го немаат потребното знаење и искуство. Секако, ова создаде губење на елементарната доверба во јавните институции, здравството, науката и медиумите кај огромното мнозинство од населението.

Јасно е дека веќе е предоцна за едукација и комуникација, а масовната вакцинација, што би значела и ограничување на епидемијата, и „нормалниот“ живот изгледаат сосема недостижно во моментов. Говорот за вакцините веќе наликува на расправија за вкусови (за кои не треба да се расправа), за лични и приватни карактеристики и одлуки, за интима за која е речиси непристојно да се праша соговорникот. Се пропагира слободата на избор, а притоа се заборава дека вакцинацијата има смисла само ако е масовна и дека ставовите на 99% од експертите во Словенија за вакцинацијата како единствен излез од епидемијата сè уште имаат поголема тежина отколку лаичкиот став на многу „истражувачи на интернет“ дури и ако тие се факултетски професори. Сето ова изгледа многу песимистички, особено кога размислуваме за идните епидемии и климатски катастрофи, кои, како што предупредуваат експертите, ќе бидат се повеќе и повеќе, а пред кои ќе бидеме беспомошни доколку не се обединиме во заедничка борба.

За среќа, епидемијата моментално стагнира, како што велат од Институтот „Јожеф Стефан“, кој ги следи и прогнозира епидемиолошките трендови, но може нагло и очекувано да се влоши, со оглед на тоа што влегуваме во есенските и зимските месеци. Во просек, околу 20% од тестираните се позитивни на вирусот секој ден, и во последните 14 дена, има 14.584 нови случаи на 100.000 жители. Во моментов, околу 0,9 проценти од населението е заразено, односно секој 110 -ти жител.

Што ни носи следната зимска сезона, кога Ковид-19 се шири најлесно, и што ќе ни донесе следната година кога се најавени парламентарни, локални и претседателски избори, а и што ќе се случи со разгореното и масовно незадоволство кај народот, останува да видиме. Засега, сигурно е дека, барем уште некое време, ќе треба да научиме да живееме, не само со Ковид-19, туку и со солзавец.

 

Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS) и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Билјана Жикиќ

Билјана Жикиќ е доктор по медиумски науки и антропологија. Се бави со новинарство и истражување на медиумите, родовите прашања и малцинствата. Таа е новинар на Првата програма на Радио Словенија и уредник и водител на авторска емисија на Радио Студент. Пишува за регионални портали. Го води Културниот центар „Данило Киш“ во Љубљана.