fbpx

Бутарис: „Не лажете ги гласачите“

Uncategorised

23.10.20

Прегледи

"Секогаш зборувајте ја вистината пред гласачите и не ветувајте нешто што не можете да го исполните" вели поранешниот градоначалник на Солун и грчки стопанственик, Јанис Бутарис, во интервјуто за Рес публика. Вели дека е сурово она што му се случува на Охрид кој е на чекор да го загуби статусот под УНЕСКО. За масовната урбанизација, смета дека секој градоначалник мора отворено да ги праша своите сограѓани во каков град сакаат да живеат: во мал стан и голем јавен простор или голем приватен простор, а на излет надвор од Скопје?.

Дефиниција за модерен град? Има многу различни нешта, низ целиот свет имаме големи градови, како што е, на пример, Истанбул. Тој е огромен град и целосно се различни центарот на тој град и сите други работи околу него. Истото се случило со многу други градови кои забрзано се шират. Така што, една од карактеристиките на еден модерен град е населението т.е. огромното население кое, природно, создава големи проблеми кои не се едноставни за решавање. Квалитетот на живот во еден град исто така зависи и од животната средина.

- О, да! Во Солун, на пример, започнавме со зелени кафези за секаков вид отпад и сини кафези за рециклиран отпад. Не функционира како што сакавме, но сепак сме на почеток. Во наредниот период нема да имаме само еден кафез за рециклирање туку два или три, и сите различни, за рециклирање на хартија, стакло, алуминиум, итн.

Климатските промени се еден од најголемите светски предизвици. Која е улогата на општините?

- Мислам дека општините можат да ја заменат централната власт! Што сакам да кажам, на пример во РС Македонија, би можело подобро да се управува ако општините би имале поголеми овластувања да постапуваат на целото подрачје. Вие ќе одлучите дека, на пример, овој дел му припаѓа на Град Скопје, со општинска полиција. Не ви треба полиција која работи со кривични дела или слично, туку ви треба општинска полиција која повеќе ќе ги едуцира луѓето и ќе ги потсетува да не фрлаат отпад тука или таму, да не паркираат тука, да не го прават ова или она. Ова се две различни улоги на полицијата, така што ова е една од добрите идеи во ЕУ. Мораме да создадеме Европа од градовите. Да ви кажам нешто – во Грција, кога имавме некој проблем, сите му се жалеа на градоначалникот. Буквално за сè, и тоа за работи за кои општината не е надлежна, така што да им дадеме надлежности на општините за да можат добрите луѓе да се посветат на општината. Сакате да бидете градоначалник? Добро, ќе мора да одлучите дека во наредните десет години ќе оставите сè зад себе и ќе се посветите целосно на општината во два мандати. Мислам дека ова би можело да биде цел за соседните земји како што се Грција, РС Македонија, Бугарија, Романија, да пробаме и да видиме. Да одлучиме дека за наредните десет години државата ќе им даде овластувања на градовите да функционираат така. Оставете ја централната власт, таа нека тера, не знам, дипломатија, вооружени сили и така натаму, а сè друго нека биде кај општините.

По цела една година со Ковид-19, економијата започнува да се опоравува. Заканата тука е дека инстант решенијата може да бидат погубни за животната средина. Можно ли е економскиот раст да оди рака под рака со заштитата на животната средина?

- Дефинитивно! Апсолутно сум сигурен дека заштитата на животната средина може да биде составен дел од економскиот раст. Да ви го кажам и ова: во Грција имаме една организација која се вика „Артурус“ и која се занимава со заштита на мечките. Имаме големи шуми, и сега ние правиме патеки за да може да се дојде во шумите. Можат да се најдат шумско плодови, печурки, и не велам дека тоа е романтично, туку дека е реално. Затоа што сè поголем број на луѓе се уморени од животот во градовите, од музиката, сообраќајот, од премногу муабети. Вчера вечерта излегов на кафе, каде имаше три телевизии и во исто време имаше и музика... вистински кошмар! Луѓето се имаат навикнато на она што го нарекуваме западен начин на живот. Што ми треба мене? Колку храна можам да изедам во денот? Колку пари ќе ме чини? Како да ги најдам тие пари? Не е лесно, но не е ниту романтично, како што реков.

Планот на архитектите и на урбаната мафија за градот се различни. Каква е моќта на градоначалникот да ѝ застане на патот на урбаната мафија?

- Не е едноставно, но на мафијата можете да ѝ воведете огромни даноци. Мафијата секогаш ги покажува своите пари. Ако ја втерате во ќош, таа нема да може да каже го имам овој автомобил, или оваа куќа, или овие пари и уште не знам што... Од каде ви се?! Ако не можат да објаснат од каде им се, ќе одат во затвор!

Имаме големи објекти а се гради не само во Скопје туку низ целиот Балкан. Кое е решението? Како да се бориме против тоа? Воздухот е загаден, сè тоа дел од истата работа!

- Објектите, населението, загадувањето се голем проблем кој сè уште не е решен, и не само што не е решен, туку нам и ни се допаѓа! Речиси ни се допаѓа! Сакаме да имаме големи објекти од стакло и такви работи! Тоа е голем проблем, и да најдеме решение! Дефинитивно ќе се прават грешки притоа, освен ако не отворија дискусија за тоа како сакаме да живееме? Дали сакаме да живееме во мали станови? Или сакаме да имаме отворен простор, не приватен туку голем, јавен простор каде ќе можеме да одиме на излет, или некоја мала шумичка во самото Скопје. Големината на Скопје е многу добра за еден вид на референдум. Еве, да не го викам референдум, нека биде отворена дискусија. Започнете отворена дискусија со граѓаните и слушнете ги како тие би сакале да живеат. Не што сакаат, туку како сакаат да живеат – тоа е различно!

Со следново прашање се селиме во Охрид. Што е со статусот на УНЕСКО? Дали сте во тек со тоа? Охрид е многу блиску до тоа да го загуби статусот на УНЕСКО.

- Да, штета е направена и сега ќе мора да страдате! Сум бил во Охрид и тоа е многу сурово. Тоа е единствениот збор што можам да го кажам!

А што е со Солун?

- Исто е и таму!

Како градоначалник не успеавте да помогнете?

- Се обидов да помогнам, но не успеав!

Оваа година имаме локални избори, така што, како поранешен градоначалник на Солун, каков совет би им дале на вашите македонски колеги, што е неопходно да се содржи во нивните програми?

- Кажувајте ја вистината! Не ветувајте работи кои не може да се направат! Објаснете им ја ситуацијата на вашите гласачи и на населението воопшто. Кажете им, еве, тука сме, ако сакаме да стигнеме таму, мора да го направиме ова, ова и ова. Јас ветувам дека ќе работам на тоа но не можам да успеам сам. Сите мора да помогнат ако сакаме да одиме напред.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова

 

Прогледнете го интервјуто со Јанис Бутарис