fbpx

Хистеричната цензура насочена кон Русија

Ристо Дамовски

Политика

04.04.22

Прегледи

Цивилното општество и граѓаните на земјите од Западот не смеат да се навикнат на оваа груба и неоправдана цензура, која сѐ повеќе и повеќе наликува на дистопијата опишана од Орвел.

Хипокризија и хистерија. Контрадикторности и нелогичности насекаде. Пропаганда и сталинистички и нацистоидни методи на цензура од страна на Западот.

Во ваква состојба е глобалната мисла откако почнаа кризата и војната во Украина. Имаме зголемена тенденција ситуацијата да ја гледаме еднострано и еднодимензионално. Дали поддршката за една страна значи инстантно оттргнување и омаловажување на аргументите на другата страна? Дали навистина ситуацијата е црно-бела, доброто против злото? Никогаш не е.

Вистината никогаш не е црно-бела

Ако можеме барем една лекција да извлечеме од историјата, со мисла дека ја прифаќаме бедата на историцизмот, тоа би била токму таа: дека никогаш нештата не се црно-бели, туку дека вистината секогаш е некаде во сивилото. А нели ја изучуваме историјата за од неа да извлечеме непроценливо важни пораки и за да не ни се повтори, иако тоа би било просто невозможно. Таа секогаш има тенденција да се повторува и одново да ни ја освежува меморијата и да ни приредува изненадувања.

Првиот чекор кон знаењето е прифаќањето на сопственото незнаење. Свесноста дека ништо не знаеме само ја возвишува нашата мисла и способноста за нејзино артикулирање. А доколку се соочиме со фактот дека ништо не знаеме, тогаш зошто воопшто би се „мачеле“ со животот и секојдневните предизвици што ни ги приредува? Зошто едноставно не прифатиме дека ништо нема смисла и дека на крајот времето сѐ ќе одвее во заборав? Затоа што оди директно против нашите инстинкти како род, како припадници на хомо сапиенсот.

Најстарата емоција што човекот ја имал и ја чувствувал е стравот. Страв од непознатото, страв од неизвесноста, страв од „другите“. Токму овој страв ги става во постојано движење еволутивните придобивки, односно инстинктите за живеење, репродукција и воспоставување на благосостојба.

За време на војна сите овие стравови се засилени, а војната претставува само катализатор на патот кон нерационалното, до тој степен што таа е толку нерационална што во одредени околности едноставно наликува на единствениот излез, односно станува рационална. Разумот е опасен кога не го следи совеста.

Токму тоа се случува за време на војна. Метаморфоза на нерационалноста во рационалност без совест, што впрочем е страшно опасна алатка.

Можеби токму тоа и се случило во случајот со Русија. Не смееме со таква леснотија да осудуваме без претходно да земеме предвид огромен број околности: култура, религија, историја, геополитика... Методите на западната цензура личат на морбидните репресивни мерки што ги воспоставувале тоталитарните режими од 20 век врз своите општества, заради нивна целосна узурпација. Не постои разлика помеѓу јавна и приватна сфера. Државата е сеопфатна и сеприсутна.

Токму вакви методи Западот применува денес, насочени кон сѐ што е руско, со што поттикнува и ширење сериозна омраза спрема руската музика, литература, традиции, историја, па хистеријата резултираше со бришење на Чајковски од балетските репертоари и на првиот човек во вселената од вселенските конференции (најсмешно е тоа што Јуриј Гагарин всушност е прилично популарен во Украина).

Извор: freepik.com

Но „Западот секогаш е во право“, интелектуално супериорен наспрема сите други. Нас, пак, на Балканот, особено нѐ гледаат со потсмев и нѐ сметаат за варвари, дивјаци, неспособни за здрава општествена смисла и мислат дека сѐ што правиме е поттикнато од омраза, гнев, шовинизам и национализам. А ова сега што се случува во светот што е? Зарем ширењето омраза кон сѐ што е руско претставува либерална, демократска, толерантна, слободарска и слободоумна вредност? До кое ниво падна способноста на Западот за негување и поттикнување здрава општествена мисла?

Контрадикторноста и нелогичноста на западната мисла се огледуваат и во барањето сите руски јавни личности што живеат во странство јавно да ги осудат ставовите на Путин и инвазијата во Украина.

Секоја поддршка за Русија претставува богохулење и со огромна леснотија влегувате во мелницата на здравиот разум, популарно наречена култура на исфрлање, односно „cancel culture“. На рускиот продиџи на пијано, Александар Малофеев, не му помогна дури ни тоа што јавно ја осуди руската политика, агресија и инвазијата на Украина.

Неговите концерти со Симфонискиот оркестар oд Монтреал беа откажани и цинично му беше порачано дека „однапред му се радуваат на гостувањето на тој сјаен уметник, штом тоа ќе го дозволи општествениот контекст“. Општествениот контекст да го дозволи тоа! Ваква „генијална“ реторика за потиснување на културните работници може да најдеме во СССР за време на владеењето на Сталин и во нацистичка Германија.

Руската оперска дива Ана Нетребко, и покрај тоа што јавно ја осуди Путиновата војна во Украина, беше принудена да откаже серија настапи низ Европа. Баварската државна опера ја отстрани од репертоарот изведбата на Нетребко, како причина наведувајќи го нејзиното „недоволно дистанцирање“ од Путин.

Фејсбук и Инстаграм првпат во своето постоење дозволија говор на омраза и смртни закани кон Русија и Путин ако тоа е во контекст на инвазијата на Украина. Од црната листа беа тргнати профилите на фашистичкиот баталјон Азов, кој продолжи со ширење на фашистичките вредности и идеали.

Европската комисија ги забрани државните медиуми на Русија, РТ и Спутник. Откажувањето и поништувањето медиуми и новинари претставуваат сериозно нелиберални дејства, а нели впрочем Западот е поборникот и заштитник на либералните вредности како слобода на говорот, осуда на говорот на омраза, толеранција итн. Русија е дополнително исфрлена и од Евровизија.

Освен руските културни работници, отсекаде се отстранети и руските спортисти. Русија е исфрлена од Светското првенство во фудбал и сите руски клубови се исфрлени од европските купови. Најџел Хадлстон, британскиот министер за спорт, изјави дека ниту еден руски тенисер што нема јавно да се изјасни против Путин и инвазијата во Украина нема да може да учествува на Вимблдон. За антируската хистерија да биде уште поголема и поапсурдна, Русија е исфрлена и од Зимските параолимписки игри.

Русофобијата продолжува со уште поапсурдни вести за „cancel culture“ против Русија. Интернационалната федерација за мачки Feline забрани мачките чии легла се во Русија да се појавуваат на меѓународните натпревари организирани од нив, како и увоз на мачки од Русија. Decanter Wine World Awards, еден од најголемите организатори за натпревари на светски вина, забрани влез на сите винарници и вина што се од Русија.

„Балканизацијата“ на Западот

И сега? Дали Западот, истиот тој што со децении пропагира либерални вредности и верува во заблудата дека претставува мисловен и вредносен хегемон во светот, всушност сега се „балканизирал“? Дали сега Западот ги поседува сите оние „квалитети“ што им ги припишуваше на земјите од Балканот? Примитивизам, нетолерантност, практично непостоечка слобода на говор и селективност кога станува збор за говорот на омраза. Па нели сите овие години ЕУ и САД ни промовираа, нам, на варварите од Балканот, либерални и слободоумни вредности?

Западот сам си ги напаѓа и бескрупулозно ги поништува цивилизациските придобивки за кои имало вековни борби. Слободата, слободата на говорот, толеранцијата.

Цивилното општество и граѓаните на земјите од Западот не смеат да се навикнат на оваа груба и неоправдана цензура, која сѐ повеќе и повеќе наликува на дистопијата опишана од Орвел.

Ова не значи заземање на една страна, туку само искажување и исмејување на еднодимензионалната општествена мисла што во моментов владее со Западот. Насилството и војната никогаш не претставувале и не смеат да претставуваат легитимни средства за постигнување на целите, но исто така не смееме да заборавиме дека слепата осуда без претходно проучување и разгледување на сите аспекти во една ваква сериозно комплицирана ситуација може да нѐ доведе само до слепа омраза, осуда и демонизирање исклучиво на едната страна.

А токму тоа и се случува. Ова е можеби првиот сеопфатен обид за применување на „cancel culture“: цензура и демонизирање на сѐ што произлегува од еден народ и нација.

Напротив, во моментов светот има потреба од рационални мисли, проследени со хумана, човечка совест, а не со надворешно зголемување на омразата и поттикнување на гневот.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате  Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ристо Дамовски

Ристо Дамовски е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Моментално е редовен студент на магистерските студии по Меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија. Ги следи општествените и политичките настани во Македонија, регионот и светот. Други сфери на интерес покрај магистерските студии му се политичката психологија и антропологија, историјата и безбедносните прашања.