fbpx

Поголема транспарентност и придржување до законите како начини за зајакнување на довербата во партиите

Омер Ајдини

Марија Митева

Фитим Лога

Касијана Јовановска

Политика

27.04.22

Прегледи

Политичките партии во Северна Македонија континуирано се рангирани на дното кога станува збор за довербата на граѓаните во институциите и организациите. Разочараноста на граѓаните од партиите, од нивните намери и од работењето на Владата доведоа до високи нивоа на апатија, низок одѕив на гласачите и иселување од земјата.

Меѓународниот републикански институт (ИРИ) континуирано работи со политичките партии во Северна Македонија со цел градење на нивните капацитети за внатрешна организација, за креирање политики, капацитети за истражување и во други области кои можат да им помогнат на партиите подобро да им служат на граѓаните.

По законските измени направени во 2019 година, односно по усвојувањето на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кој беа вклучени политичките партии како иматели на информации од јавен карактер, ИРИ препозна потреба од поддршка на партиите за подобрување на нивната усогласеност со новововедените обврски за финансиска транспарентност.

Како дел од оваа поддршка, ИРИ спроведе обуки за партиите во врска со нивните законски обврски за финансиска транспарентност. Потоа, овозможи поддршка на истражување засновано на докази во однос на финансиската транспарентност и финансирањето на партиите, спроведе обуки за функционери на партиите на тема финансиска транспарентност, овозможи помош за некои партии да ги унапредат своите веб-страници со прикажување на финансиски податоци и, меѓу другото, спонзорираше студиска посета на Обединетото Кралство (ОК) наменета за повеќе партии а на тема финансиска транспарентност на партиите.

Во студиската посета учествуваа претставници од четирите најголеми политички партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, АА, како и претставник од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Беа организирани состаноци со раководителите на сектори за исполнетост со законските барања на Конзервативната, Лабуристичката и Либерално-демократската партија, со претседателот на Комитетот за стандарди во јавниот живот, Отворено владино партнерство, пратеници во Парламентот, експерти за финансии и избори, при што групата се запозна со практиките за усогласеност и транспарентност во партиите и на кој начин се обезбедува усогласеност од страна на регулаторите.

Интеракциите со официјалните претставници и политичари во Обединетото Кралство обезбедија знаење и перспектива од аспект на Обединетото Кралство, како земја со високо ниво на финансиска транспарентност и придржување до законите. Во овој текст правиме еден резимиран осврт за тоа каде сме ние како земја по ова прашање и какви искуства можеме да преземеме од оваа посета со цел да ја подобриме и нашата усогласеност и транспарентност.

Каква е состојбата кај нас во однос на финансиската транспарентност на политичките партии?

Посетата на Обединетото Кралство нè научи на една работа: Македонија не е толку лоша во однос на регулативите кои се однесуваат на транспарентноста и пристапот до информации од јавен карактер. Вакво мислење имаме поради фактот што, за разлика од Обединетото Кралство, во Македонија, според член 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, политичките партии се дефинирани како „иматели на информации од јавен карактер“.

Тоа значи дека политичките партии се обврзани да доставуваат не само завршни сметки, донации и извештаи од кампањите, туку се должни и да одговорат на сите барања на граѓани или медиуми за информации во врска со нивните приходи и расходи.

Сепак, очекувано, во Северна Македонија постои проблем со транспарентноста на политичките партии. Законите кои предвидуваат обврска за објавување на финансиските извештаи не го регулираат форматот во кој тие извештаи се поднесуваат, па затоа вообичаено се случува политичките партии да објавуваат извештаи на нивните веб-страници, но тоа го прават во формати кои имаат тенденција да не се толку приемчиви за корисниците, што им отежнува на граѓаните или на медиумите да ги прочитаат и да направат анализа на приходите и трошоците на политичките партии.

Токму затоа, иако номинално критериумите за транспарентност се исполнети, реално не е остварено посакуваното ниво на транспарентност, како што би било случај со податоците објавени на веб-страницата на Изборната комисија на Обединетото Кралство.

Извор: pexels.com

Тоа е веројатно една од причините зошто граѓаните имаат, за жал, ниска доверба во политичките партии. Тековната иницијатива на ИРИ за подобрување на транспарентноста на политичките партии во Северна Македонија се чини дека е можност која дава надеж деќа ќе бидат покажани позитивни резултати.

Што би можеле да примениме?

Иако Државниот завод за ревизија во Македонија има обврска да ги објавува извештаите на политичките партии, тие не се ни блиску до она што би требало да биде формат на извештај кој би бил структуриран и би овозможувал анализа. Законските обврски за објавување на податоците од политичките партии во Обединетото Кралство се наоѓаат во државното регулаторно/надзорно тело - Изборната комисија. Тие тоа го прават на многу аналитички начин и, што е најважно, во отворен формат на податоци кои се лесно достапни и чија веродостојност во голема мера зависи од довербата што ја имаат граѓаните во политичките партии.

Со примена на овој модел во Македонија, каде само една државна институција ќе воспостави унифициран систем во кој лесно ќе се внесуваат и обработуваат податоците кои се однесуваат на финансирањето на политичките партии, ќе се воведат нови стандарди кои политичките партии во Македонија ќе бидат обврзани да ги следат и да ги почитуваат и, што е најважно, со еден таков систем граѓаните ќе имаат поголема доверба во политичките партии.

Но, по евентуалната примена на оваа добра практика, следи она што можеби е најважно. Придржувањето до прописите во Обединетото Кралство е од клучно значење за сите општествени чинители. Исто како и кај нас, политичките партии се жалат дека властите не ја разбираат динамиката на политичките партии и понекогаш носат нерационални одлуки, но клучот за стабилноста и транспарентноста е во тоа политичките партии да ги почитуваат насоките на властите и буквално да ги запазуваат законските норми.

Постои голема разлика помеѓу системите на нашата земја и оние кои се воспоставени во Обединетото Кралство. Но, ако сакаме да согледаме најдобри практики, Обединетото Кралство е земјата која е еден од најдобрите примери за финансиска транспарентност на политичките партии и воопшто за транспарентност на системот.

Искуствата стекнати во Обединетото Кралство јасно покажуваат дека, кога имате добро воспоставен процес, со концизни законски правила и со ефективни политики за спроведување, тогаш транспарентноста е сериозно поврзана со намалувањето на корупцијата и со владеењето на правото.

На кој начин владејачките партии можат да ја подобрат финансиската транспарентност?

Најефективни начини за запазување и унапредување на финансиската транспарентност за владејачките партии е партиите овие свои обврски да ги насочат кон институциите. Ова може да се направи со реформа на законите или врз основа на искуството од она што го видовме во Обединетото Кралство за време на студиската посета.

Во Северна Македонија, некои од институциите кои можат да ја носат оваа одговорност се Централната изборна комисија, Државниот завод за ревизија или Државната комисија за спречување на корупцијата. Еден предлог за воспоставување политика за унапредување на финансиската транспарентност треба да содржи законска обврска партиите да поднесуваат финансиски извештаи во одреден рок, без разлика дали се работи за 3 или 6 месеци, и јавно да ги објават сите прашања поврзани со финансиите на политичките партии.

Ова се чини како најдобриот метод за запазување и унапредување на овие практики - промени на сегашната легислатива со цел подобрување на регулативата која се однесува на финансирањето и транспарентноста на финансиското известување на партиите, но и на сите субјекти (приватни и државни) кои добиваат пари од државниот буџет. Ова мора да се оствари со постигнување на широк политички консензус меѓу сите партии.

Како да се придвижиме во насока на транспарентност?

Врската помеѓу парите и политиката е неизбежна; сепак, тоа создава сериозен ризик од негативни трендови како што се корупција и судир на интереси. Со цел откривање и надминување на овој предизвик, транспарентноста, како основна и најефикасна алатка, треба да биде камен-темелник во финансирањето на партиите.

Исто така, со цел да се обезбеди транспарентност, партиите имаат законска обврска да подготвуваат точни и темелни финансиски извештаи за редовното работење на партиите и за изборни кампањи; да ги направат истите достапни за јавноста во формат што може да се пребарува, обработува и кој е разбирлив; и навремено да ги доставуваат до надлежните органи.

Иако ова е законска обврска и неопходен предуслов за постоење на ефективна надворешна контрола, се чини дека тоа е недоволно. Од суштинско значење е да се воспостави систем на внатрешна контрола на партиите кој вклучува редовна финансиска отчетност кон членовите на партијата со цел да се одржи довербата во партијата. Системот за надзор и контрола треба да се заснова на три основни принципи - превенција, откривање и санкционирање.

Основната цел на превенцијата е да се поттикнат одговорните лица на секое ниво на партиската структура, како и кандидатите, да ги прилагодат своите практики така што ќе се овозможи усогласување со претходно дефинираните и усвоени барања и правила.

Дополнително, системот треба да има и редовни интерни обуки за раководството на партијата и за сите вработени и волонтери од различни сектори; подготовка на периодични извештаи и спроведување на периодичен тест за транспарентност со интерно дефиниран индекс на транспарентност за сите нивоа, со цел откривање и надминување на слабостите.

Санкциите се клучни за постигнување на целта. Само доколку постои повисок степен на внатрепартиска финансиска одговорност и ефективен партиски механизам за надзор и контрола на финансирањето, транспарентноста ќе стане вистинска вредност на политичките партии, а не само законска обврска.

 

(Секој од авторите придонесе со една секција од блогот. Редоследот на имињата на авторите е согласно редоследот на нивните придонеси во текстот)

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Омер Ајдини

Омер Ајдини е избран за шеф на Младинскиот форум на политичката партија Алијансата за Албанците (АА) во ноември 2019 година. Младинскиот форум има вкупно 25 ограноци во Северна Македонија и над 3.000 членови. Омер работи како истражувачки аналитичар во Истражувачкиот и аналитички центар на Алијансата за Албанците од 2021 година. Помага во анализа на политики, организирање настани, пишување говори и планирање, анализа и презентација на анкети. Омер магистрирал развојни студии на Универзитетот во Малаја, Малезија.

Марија Митева

Марија Митева е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, портпарол на партијата и меѓународен секретар на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е и партиски функционер задолжен за слободен пристап до информации од јавен карактер и работи на подобрување на нивото на транспарентност на ВМРО-ДПМНЕ. Дипломирана на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Правен факултет „Јустинијан Први“’ во Скопје. Магистер е по деловно право. Во 2018 година го положила правосудниот испит.

Фитим Лога

Фитим Лога работи како правен и финансиски соработник во Демократската унија за интеграција (ДУИ). Од 2014 до 2021 година, Фитим работел во два мандати како член на Советот во рамките на Советот на инспекциски органи на Република Северна Македонија и вршел надзор над инспекциските органи, анализа на ризикот при планирање на инспекциски надзор, евалуација и проценка на работата на инспекторите итн. Дипломирал право на Државниот универзитет во Тетово и магистрирал дипломатија и меѓународни односи на Универзитетот ФОН во Скопје.

Касијана Јовановска

Касијана Јовановска е помошник во Секторот за општи, правни, финансиски и кадровски работи во СДСМ. Работи на материјално-финансиската усогласеност на партијата, подготвува финансиски периодични и годишни извештаи, води евиденција за донациите за партијата и исто така ја води евиденцијата за вработените во партијата. Исто така работи и со администрирање на договори и плаќања за време на изборни кампањи. Касијана е дипломиран менаџер за бизнис логистика на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Скопје.