fbpx

Време е да се вратат медиумите на читателите

м-р Давор Марко

Медиуми

12.07.19

Прегледи
ALB  SR

м-р Давор Марко

Во ерата на авторитаризам, политичка контрола врз медиумите, владеење на алгоритмите на социјалните мрежи, во која преовладуваат личните интереси и профитот, враќањето на медиумите на граѓаните и на заедниците стана приоритет.

Финансирањето квалитетни медиумски содржини, што е во интерес на граѓаните и јавноста, претставува голем предизвик, како на глобално ниво, така и на територијата на Западниот Балкан. Моделот на финансирање на јавните медиумски сервиси е несоодветен и истиот на граѓаните не им дозволува контрола на квалитетот и избор на теми, додека различните механизми за поддршка на создавањето содржини од јавен интерес се сведени на многу ограничените донаторски грантови или на механизмите на контрола на државата. На пример, во Хрватска, во текот на 2015 година, во ерата на министерот за култура од ХДЗ, Златко Хасанбеговиќ, дојде до колапс на моделот на финансирање на медиумите од непрофитниот сектор, додека во Србија, моделот на проектно ко-финансирање на содржини од јавен интерес стана инструмент со кој власта, особено на локално ниво, ги финансира подобните медиуми.

Како алтернатива на традиционалните извори на финансирање на медиумите (јавно финансирање и рекламирање), се појавуваат иновативни форми, кои се засноваат на директна врска со публиката. Според извештајот на институтот Ројтерс за 2019 година, дигиталното рекламирање ќе продолжи да биде клучен извор на финансирање за медиумите, но на второ место се наоѓаат различните форми на претплата. За повеќето медиумски професионалци (52 проценти), различните форми на онлајн претплата ќе бидат приоритет и фактор кој ќе ги смени „правилата на играта".

Поврзување со заедницата

Во ерата на авторитаризам, политичка контрола врз медиумите, владеење на алгоритмите на социјалните мрежи, во која преовладуваат личните интереси и профитот, враќањето на медиумите на граѓаните и на заедниците стана приоритет. Еден од најпознатите глобални примери, „Гардијан“ (The Guardian), ја смени својата деловна политика пред четири години и денес неговиот модел на донации е идеал на сите медиуми кои планираат да ја променат својата деловна логика:

„Читателите сакаат хранливи четива, тие не сакаат да се дебелеат со брзата храна на кликови. Сè она што ќе објавиме мора да биде значајно“, рече Кетрин Вајнер, уредничка на „Гардијан“, при нејзиното обраќање на овогодинешниот самит на Глобалната мрежа на уредници (GEN) во Атина.

За само четири години, бројот на индивидуални донатори на „Гардијан“ се зголемил од 12.000 на 650.000, создаден е одржлив систем во кој само 8 проценти од приходите доаѓаат од рекламирање.

Со водење бизнис во дигиталниот свет се отвораат бројни можности за медиумите, а еден од приоритетите - како што беше наведено на споменатиот самит во Атина - Глобална мрежа на уредници (’Global Editors Network’) - е силната врска и интеракцијата на медиумите со нивните заедници.

Осмислувањето на медиумите како бизнис не е во спротивност со професионалниот императив на медиумите - да произведуваат високо квалитетни и важни содржини и со тоа да придонесат за она што се нарекува јавен интерес.

Извор: track2realty.track2media.com

Оттаму, доаѓаме до нешто што е во основата на ова осмислување, кое генерички се нарекува - онлајн собирање финансиски средства од заедницата (‘online fundraising’). Тоа е процес на собирање средства со помош на различни платформи и алатки во онлајн сферата. Постојат различни модели, а за медиумите најсоодветен е моделот на донации, членство, претплата и моделот кој е заснован на групно финансирање (‘crowdfunding’).

Модел на донации

Овој модел подразбира слободен и бесплатен пристап до сите содржини и постојан повик до читателите и посетителите на веб-страниците да донираат. Донациите може да бидат еднократни или може да се повторуваат - на месечно, квартално, полугодишно и годишно ниво. Во овој модел, читателите не добиваат никакви бенефиции за возврат.

Најпознатиот глобален пример за овој модел е британскиот „Гардијан“, кој во својот повик истакнува дека поддршката е клучна за независното новинарство за кое весникот се залага:

Извор: „Гардијан“

Искуството покажува дека во спроведувањето на овој модел, треба да се развијат различни нивоа на донации и јасно да се соопшти исходот, како што е случајот со „Гардијан“. Во случај на моделот на донации на овој весник, тој претставува комбинација заедно со моделот на членство.

Модел на членство (’membership’)

Ова е најпопуларниот и најсоодветниот модел за оние медиуми кои, наместо содржини и услуги, ја продаваат својата мисија. Тоа значи дека читателите стануваат членови на вашиот клуб, а за возврат добиваат некаква награда, бенефиција или признание.

Наградите може да бидат различни – пристап до затворена заедница (на пример, Фејсбук група), пристап до образовни содржини (обуки), посебни содржини (содржини со повисок квалитет, дополнителни содржини, библиотеки и бази на податоци), или тоа може да биде едноставно признание за поддржувачите (објавени имиња на донаторите на веб-страницата, директна комуникација помеѓу авторите и читателите итн.).

Неодамна во Србија овој модел го присвои дневниот весник „Данас“, кој формираше својот „Клуб на читатели“ и во првиот месец собра повеќе од 400 членови, со чија поддршка на месечно ниво весникот заработува повеќе од четири просечни месечни плати.

Кај моделот на членство, донациите најчесто се повторувачки (месечно или годишно) и на тој начин се гради долгорочна врска меѓу медиумите и читателите.

Холандскиот истражувачки портал ’Follow the Money’, започна со примена на моделот на членство пред неколку години, а сега нивната заедница од 13.000 им дава финансиска поддршка во напорите да произведат квалитетни текстови. Уредниците на порталот редовно комуницираат со нив и ги објавуваат најдобрите предлози и коментари на насловната страница.

Модел на претплата (’subscription’)

Моделот на претплата подразбира воведување на ограничен пристап до медиумските содржини, без оглед дали станува збор за дел од содржината или целата содржина на страницата. Ова е чисто деловен модел во кој читателите купуваат пристап до одредени ексклузивни содржини или плаќаат за користење на одредени услуги.

Технички, оваа опција е позната како „ѕид за плаќање“ (‘paywall’), и во зависност од тоа кој модел се користи, тој може да биде – „слободен“ (‘Freemium’) каде што има содржини кои се секогаш достапни, додека за ексклузивните содржини се плаќа, ‘softwall’ што подразбира пристап до ограничен број текстови во одреден временски период, додека 'hardwall' бара читателите да се претплатат однапред и со тоа да добијат пристап до целата содржина. Примери за второто се „Економист“ (‘The Economist’) или Нетфликс (‘Netflix’), додека во Србија, „НИН“ и „Време“ применуваат варијациии на моделот на претплата.

Модел заснован на групно финансирање (crowdfunding)

Овој модел се однесува на временски ограничени кампањи со одредена цел. Времетраењето на кампањите отприлика изнесува еден до еден и пол месец, а се спроведуваат на специјализирани платформи, во Србија (Donacije.rs) или глобално (Indiegogo или Kickstarter). Некои медиуми, како што е словенечкиот истражувачки портал Pod črto, на нивните веб-страници имаат интегрирана опција за прибирање финансиски средства на овој начин.

Поради својата природа, за кампањите на групно финансирање потребно е да имате конкретна и мерлива потреба (на пример, за купување на опрема) и тие не може да послужат како модел за долгорочна одржливост.

Crowdfunding кампањите може да бидат во вид на донации или награди, односно на своите донатори може да им испратите (симболични) награди во знак на благодарност, без разлика дали се тоа физички предмети или се во електронска форма.

Примери во Србија се медимите „Аутономија“ (Autonomia) и „Војс“ (Voice) кои имаат свои кампањи на веб-страницата на NDNV, специјализирана за crowdfunding. Нивната кампања започна во април 2019 година и за само два месеци беа собрани средства за финансирање на месечните трошоци на еден од нивните три портали. Најуспешната кампања во регионот беше онаа која започна во 2017 година, иницирана од хрватскиот портал Lupiga, кој од својата заедница успеа да собере повеќе од 40.000 долари, користејќи ја платформата Indegogo, како и други модалитети за плаќање и поддршка.

Заклучок: диверзификација

Невозможно е да се очекува дека некој од наведените модели на онлајн собирање финансиски средства од заедницата (online fundraising) ќе стане доминантен или единствен извор за финансирање на висококвалитетни медиумски содржини и на самите медиуми. Тој, секогаш во комбинација со други извори на финансирање - грантови, огласување, јавни конкурси - ќе биде дел од бизнис пакетот. Поради тоа, сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање, а медиумите - како на глобално, така и на регионално ниво - сè повеќе во фокусот ќе ги имаат интензивните односи со нивните заедници и клиенти и начините за поддршка кои произлегуваат од овие односи.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

м-р Давор Марко

Davor Marko holds PhD in communication and culture from the Faculty of Political Sciences, University of Belgrade. He has expertise in analysis of communication trends in off line and online sphere among youth, and capacity building in domains of communication, policy making and advocacy. He is the author of many local and regional research papers, publications, publications and assessments, and has worked with leading academic, research and international institutions from the region of the Western Balkans and abroad. He collaborated with USAID, OSCE, EBU, Thomson Foundation, and was research fellow of Open society fund in BiH, UNESCO, and Zeit Stifftung from Hamburg. His professional interests include media development, strategic communication, the future of public service media, media and diversity, and the language of the media.