fbpx

Блогирај

Рес публика ги поканува сите професори, аналитичари, истражувачи, новинари, граѓански активисти, стручњаци од различни професии, јавни службеници и студенти да пишуваат текстови на теми за кои тие имаат експертиза и искуство.

Целта на Рес публика е преку објавите да ги информира и едуцира граѓаните за актуелните проблеми и комплексните прашања во општеството и да понуди одржливи решенија кое се содржани во регулативи, истражувања и академски статии.

Добредојдени сте да се приклучите кон соработниците на Рес публика со тоа што ќе ни предложите тема или ќе ни испратите текст на .

Текстовите на Рес публика не смее да содржат:

  • Клевета, говор на омраза или нарушување на угледот како и непристојни, навредливи или нелегални содржини;
  • Плагијат или злоупотреба на туѓ труд. Материјалот треба да биде оригинална содржина на авторот;
  • Спротивставени интереси поврзани со авторот, при што авторот се обидува прекумерно да влијае врз публиката наметнувајќи го индивидуалниот интерес којшто очигледно се разликува од неговите/нејзините професионални обврски;
  • Наведување на аргументи без поткрепа со факти и докази;
Процес на уредување

Уредувачкиот одбор на Рес публика ќе го разгледа Вашиот текст што е можно поскоро и, ако е потребно, ќе Ви даде сугестии за негово подобрување во делот на аргументирањето, стилот, структурата или референцирањето. Уредувачките сугесии може да се однесуваат на:

  • Скратување на текстот ако е подолг од 1.300 зборови;
  • Корекции во наративниот стил, структурата и референцирањето на текстот;
  • Фокусирање на главниот аргумент, потенцирајќи го ставот на авторот, неговите докази и наоди за темата, како и позадинските релевантни информации.

Врз основа на уредувачките сугестии, наша препорака е Вие како автор/ка да направите конечно уредување на текстот заради поголема читаност од поширока публика. Текстот нема да биде објавен ако има случаи кои не може да се решат во процесот на уредување во соработка со авторот/ката и ако авторот/ката го објави текстот пред тој да биде објавен на Рес публика.

Ако имате прашања за нашата уредувачка политика, забележите дека Вашиот или друг текст е погрешно објавен на друга веб-страница или сметате дека одреден текст содржи значајни грешки, Ве молиме известете нè на .

Насоки за пишување

Академските блогови се фокусираат на професионални теми, искажувајќи експлицитна поврзаност помеѓу содржината на блогот, истражувања, анализи и научни студии во врска со темата за која се пишува и академските ставови. Најдобрите блогови најчесто ги содржат следниве елементи:

  • Релевантност– Објавените текстови треба да имаат јасна врска со тековни настани, политички одлуки или дебати во кои се покренуваат прашања од јавен интерес;
  • Јасен аргумент– Блоговите се најефективни кога се фокусираат на еден јасен аргумент или поента, не на повеќе теми истоврмено;
  • Неформален стил– Блоговите треба да се разбирливи за пошироката публика. Стилот на пишување треба да е поблизок до новинарскиот отколку до академскиот.
  • Истражување– Најдобрите блогови се засновани на докази од истражување, или референци кон академска теорија која е релевантна во тековните дебати, но претставено на начин кој е разбирлив за неакадемска публика. Ви препорачуваме да избегнувате премногу користење на акроними и академски термини, како што се латински зборови или специфична терминологија која може да не биде позната надвор од научната дисциплина;
  • Добро користење на докази– Тврдењата кои се пишуваат во објавите треба да се засноваат на докази од ваше истражување или истражување на други поединци или организации. Хиперлинковите кои водат до подолги истражувачки трудови, извештаи, бази на податоци, примери на ситуации или случаи за кои дискутирате може да бидат многу корисни за поддршка на тврдењата и аргументите што ги наведувате. Внимавајте да не се потпирате премногу на информации содржани во надворешни извори зашто сепак тоа е ваш самостоен текст;

Правила што веднаш ќе го подобрат твојот блог:

  • Пишувај во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Текстот треба да содржи помеѓу 900 и 1300 зборови.
  • Избегнувај пасивен говор. Секогаш употребувај активен говор.
  • Секоја реченица треба да содржи најмногу 30 зборови.
  • Секој пасус треба да содржи најмногу 90 зборови.
  • Ако првиот пасус содржи 90 зборови, наредниот нека содржи 7 На овој начин го задржувате вниманието на читателите.
  • Автентична и оригинална содржина. Не толерираме плагијаризам.

Идеално, во првиот пасус се идентификува главниот аргумент и релевантноста за тековните дебати. Почнете директно во вашата дискусија на оваа тема и избегнувајте воведни фрази од типот на „Во овој труд ќе …“, или „Овој документ има за цел да се …“.

Наслов

Користете наративен наслов, односно една реченица која го сумира главниот аргумент на текстот. Избегнувајте општи наслови (пр: „Демократијата во Македонија“). Ова се неколку примери на добри наслови: „Македонското новинарство е вистински губитник на изборите во Македонија“ или „Нивото на јавна дебата трпи од вулгарностите на политичарите“. Насловот треба да содржи најмногу 10-12 зборови.

Упатување / референцирање

Блоговите не користат вообичаени академски референци. Наместо тоа, се користат хиперлинкови за да го поврзете тоа што го наведувате во блогот. Тие може да бидат документи, закони, новинарски извештаи, истражувачки трудови, други блогови или извештаи. Треба да се избегнува референцирање кон документи или др. текстови за кои што се плаќа (paywall).

Пример за референцирање со хиперлинкови:

„Според нивната Стратегија за единствен дигитален пазар (Digital Single Market Strategy), Комисијата треба да започне со одделна проценка на платформите и интернет посредниците до крајот на оваа година.“

„Како што е јасно документирано во сеопфатната Студија INDIREG како и во други студии, независноста на регулаторите на аудио-визуелни медиумски сервиси во Европа не може да се земе здраво за готово.”

Фусноти треба да се користат само при крајна нужност и многу ретко. Ако информациите се потребни, тогаш тие вообичаено би требало да се вклопат во текстот.

Користење на слики

Секоја слика треба јасно да го наведува изворот, дури и кога тоа е самиот автор.

Авторот може да обезбеди секакви фотографии или статични слики од видео, но мора да биде јасно дека тој/таа има право да ги користи истите. Тие мора да бидат на авторот или да бидат лиценцирани за слободна дистрибуција, или мора да биде добиен поинаков вид на дозвола за користење на сликата. Во текстот под сликата мора да стои информација за авторот.

Некои веб-страници што може да ги користите за наоѓање на слики за вашиот текст се: www.pixabay.com; www.freepik.com; www.pexels.com.

Фотографија и биографија на авторите

Сите автори треба да достават и портрет-фотографија и биографија (најмногу до 200 зборови) која стои во текстот и на страницата на соработниците, со линкови до ваши веб страници или профили на социјални медиуми кои би сакале да ги вклучите.