fbpx
 

Абортуси кога полот не одговара: Проблем за кој патријархатот треба да се освести

Адора Лимани

Adora Limani 400x500Проблемот со абортуси за полова селекција е причина да се освестиме за сериозноста на недоволно ценетите ќерки, жени и девојки.

Летово ја запознав М, жена во раните триесетти години од животот, која е од мало гратче во Македонија. М ми раскажа за нејзиното мајчинство - мајчинство жигосано од притисоците на патријархалното општество, во кое, по традиција, се претпочита машка челад. Откако родила две деца и забременила по третпат, М пошла во Скопје за да направи амниоцентеза и да го дознае полот на фетусот. Не се израдувале од резултатот, рече таа, оти фетусот бил женски. „Не сакавме уште една ќерка“, ми рече таа, „веќе имаме две“. Тоа значело дека на фетусот веќе му е пресудено и М треба веднаш да го абортира. По ова, М имала уште 4 абортуси додека конечно не зачнале машко дете - гордост и радост на нејзиното семејство.

Вкоренета родова нееднаквост

Абортусите за полова селекција се форма на селекција на полот каде се претпочита едниот род и тие се производ на длабоко вкоренетата родова нееднаквост. Извештајот „Состојба на светското население 2020 година“ покажа дека една четвртина од родителите со две ќерки можно е да ја применат оваа родово-пристрасна полова селекција за да спречат раѓање на трето девојче и дека 140 милиони жени ширум светот „не постојат“ како резултат на абортус за полова селекција. Иако присутноста на овој проблем во Источна и Јужна Азија досега привлече доста внимание, неговото постоење во Југоисточна Европа и Кавказ најчесто не е предмет на дискусија. Според најновите податоци од Одделот за население на Обединетите нации, соодносот помеѓу половите кај новороденчињата во Албанија, Македонија, Црна Гора, Косово, Азербејџан, Ерменија и Грузија е алармантно несразмерен, бидејќи ја надминува нормалната стапка од 105 момчиња на 100 девојчиња.

На пример, соодносот помеѓу половите во Азербејџан е 112 момчиња на 100 девојчиња. Албанија има сооднос помеѓу половите на новороденчиња од 108 момчиња на секои 100 девојчиња. Во Црна Гора и Македонија, соодносот помеѓу половите кај новороденчињата е околу 107/108 момчиња на 100 девојчиња. Овие бројки се абнормални, особено затоа што стапките на плодност во Источна Европа, според извештаите, се релативно ниски уште од 90-тите години од минатиот век, како резултат на политички нестабилната состојба и драстичното менување на условите за живот, по што плодноста во овие земји во просек изнесува под две деца по жена. Освен тоа, ако мајката има две деца, има 25% шанса и двете да се девојчиња. Во отсуство на други процедури за избор на пол или биолошки феномен што го менува соодносот помеѓу половите кај новороденчињата во овие земји, нерамнотежата на половите кај новороденчињата мора да се припише на абортуси за полова селекција (sex selective abortions) што се вршат во случај на женски фетуси на Западен Балкан и во Кавкаскиот регион.

Зошто се вршат абортуси за полова селекција во овие региони?

Абортусот за полова селекција дава нова перспектива на класичната перцепција за моралната дозволеност на абортусот: што се случува кога абортусот и другите технологии што помагаат во преднаталната селекција на полот, како што е ултразвучен преглед, стануваат достапни во општества каде се претпочита машко потомство? За да ја разбереме оваа родова практика во Југоисточна Европа и во Кавкаскиот регион, мора во целост да ги разбереме нејзините главни причини: фактот дека, традиционално, луѓето претпочитаат синови; пристапот до технологии кои помагаат во преднаталната селекција на полот (првенствено ултразвучен преглед) и системското социјално насилство врз жените.

Децениите на социјализмот на Западен Балкан и во Јужен Кавказ, кои беа ублажувачки фактор за голем број од најстрашните форми на општествена родова дискриминација (на работното место, во образованието и во општествено-политичката автономија), не помогнаа многу во ублажување на нееднаквостите во рамките на семејството како единица. Семејството сè уште се заснова на традиционалната машка лоза. Овие екстремно патрилинеални и патрилокални институции останаа силни не само за време на комунистичката ера, туку и по нејзиниот пад.

Иако брзото губење на владината контрола во ерата што следуваше резултираше со огромна невработеност, семејството сепак можеше да им обезбеди на своите членови гарантирана сигурност, финансиска поддршка, покрив над глава и служеше како замена за ослабените државни органи и неразвиените пазарни механизми. Денес, демографскиот контекст окарактеризиран со ниска плодност и иселување низ целиот свет уште повеќе ја влошува социјалната и економската криза. Затоа, синот претставува економска алатка: тој го наследува целиот имот што го поседува семејството и често се грижи за своите родители и продолжува да живее со нив дури и откако ќе стапи во брак.

Поради разликите создадени од оваа традиционална семејна единица и имотната сопственост, за жените во овие региони крајно е недостижно еднаквото учество во економијата и во политиката. Абортусот, кој одамна е популарна техника за планирање на вкупниот број деца и интервалите помеѓу раѓање на децата, сè повеќе се користи за да се спречи раѓање женско дете, под изговорот на оваа економска заштитна мрежа, што само дополнително ги спречува жените да постигнат еднакво учество во јавната сфера.

Abortusi koga polot ne odgovara Problem za koj patrijarhatot treba da se osvestiИзвор: shutterstock.com

Како дополнение на оваа традиционална концепција за семејната единица, земјите од Источна Европа сега имаат пристап до современи процедури за преднатална селекција на полот, откако границите им се отворија и пазарната економија доживеа пораст. И покрај тоа што абортусот е достапен веќе подолго време во повеќето од овие земји, и во многу случаи се спроведува во санитарни и безбедни услови, ултразвучната опрема или не постоела или била базирана на советска технологија која произведувала слики со низок квалитет што тешко можело да се протолкуваат.

Со отворањето на границите во раните 90-ти години од минатиот век, се увезе понапредна технологија, а приватните клиники беа во можност да обезбедат идеални услуги за репродуктивно здравје за идните мајки. Други методи што денес се достапни за преднатално утврдување на полот, како што се амниоцентеза или неинвазивен преднатален тест (НИПТ), кој неодамна беше воведен во рамките на националниот здравствен систем во 2018 година, може да го одредат полот на фетусот уште во деветтата недела од бременоста.

Што треба да се стори за да се спречи оваа практика?

Иако материјалните и економските реалности создаваат услови за вршење абортуси за полова селекција на Западниот Балкан и во Кавказ, постои вродено насилство без кое не може да се практикуваат абортуси за полова селекција. Тоа е насилство врз оние кои никогаш не добиле шанса да станат жени. Абортусот за полова селекција не е проблем за кој се потребни построги закони за абортус или владини забрани. Напротив, во една студија од 2019 година се наведува дека не се најдени цврсти докази дека директните интервенции, како што е забрана на технологија за преднатална селекција на полот, имаат успех во намалувањето на повисокиот ризик од смртност кај женските фетуси.

Забраните за употреба на технологија за селекција на полот може ненамерно да ја влошат состојбата на луѓето што треба да се заштитат, правејќи ги жените поранливи на злоупотреба од нивните сопрузи или членови на семејството кои очекуваат машки наследници. Дополнително, забраната за преднатално тестирање во една област не значи дека идните мајки нема да појдат на друго место за да може да им се примени метод за селекција на полот. На пример, забраната на Црна Гора за преднатално тестирање не го реши нивниот проблем со абортуси кога полот не одговара, бидејќи сепак се вршеле преднатални тестови во Србија.

Ова покажува дека абортусот за полова селекција не е проблем што треба да се реши по законодавен пат. Всушност, тоа е природен производ на систем кој го продолжува насилството врз жените. Како можат жените да донесат целосно свои медицински одлуки за сопственото тело, кога овие избори се под влијание на сопрузите и членовите на семејството на сопругот кои се изјаснуваа дека ќе ја казнат доколку не роди син? Како можат жените да донесат целосно свои медицински избори за сопственото тело, кога приватните клиники и лекарите кои вршат абортуси се важен дел од системот што не ги цени доволно жените и девојчињата?

Дури и ако законите за абортуси станат построги со цел да се спречат ваквите практики, жените сепак би биле предмет на омраза и би биле деградирани поради нивната неспособност да родат син. На многу места, женското чедоморство сè уште би постоело. Поновите технологии, како што е CRISPR (технологија што може да се користи за модификација на гените), сега дури им овозможуваат на идните родители да го изберат полот на нивните фетуси. Дали некогаш би избрале да им се роди женско?

Извештајот на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), „Спречување родово-пристрасна селекција на пол во Источна Европа и Централна Азија“, ги потенцира клучните препораки за јавна политика која би се справила со основната причина за абортуси за полова селекција. Од клучно значење е да се преиспита законодавството за родова еднаквост, со цел да се поведе грижа дека ќерките, мажените жени, разведените жени и вдовиците не се соочуваат со директна или индиректна дискриминација во правата на сопственост, образованието и вработувањето, здравственото и социјалното осигурување, пензиите и наследството.

Здравствените работници мора да бидат обучени според нови стандарди за етичка употреба на технологии што помагаат во преднаталната полова селекција, а мора да се изменат и постојните законски рамки што ја регулираат злоупотребата на репродуктивната технологија. Може да се спроведат програми кои обезбедуваат финансиска помош за семејствата со женски деца, преку директни субвенции или индиректни стимулации како што се даночни олеснувања, стипендии за образование на девојчињата и дополнителни социјални бенефиции, како противтежа на идејата дека ќерките се економски товар. Најважен чекор е да се спроведе поголема студија и да се проучат основните причини за родова пристрасност и потенцијалните последици од сегашната полова нерамнотежа, како и посистематско следење на трендовите на абортус за полова селекција, преку националните статистички служби во сите нации од Источна Европа.

Проблемот со абортуси за полова селекција е причина да се освестиме за сериозноста на недоволно ценетите ќерки, жени и девојки. Иако прекинувањето на практиката на абортуси за полова селекција е морална одговорност на медицинските професионалци кои ги користат овие технологии и морална обврска на оние кои се бремени, најважно е дека пошироката општествена, структурна и политичка обврска е да помогне во подобрувањето на материјалните услови на жените и девојчињата на Западен Балкан и Кавказ.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

ЕУ мора да го прекине членството на Унгарија
Зошто крајот на пандемијата побавно доаѓа во Макед...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Октомври 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè