fbpx
 

Крајно време е да дозволиме науката и доказите да ја водат политиката

Младен Обреновиќ

Mladen Obrenovic 400x500

Кога настапи пандемијата, „рефлекторите“ некое време беа насочени кон експертите бидејќи од нив се очекуваа одговори. Вирусот на сцената ја врати струката и науката, односно поединци и колективи кои можат да ѝ помогнат на заедницата со своето знаење и умеење, но тоа траеше кратко – сè додека политичарите ја увидоа укажаната прилика.

Кризата предизвикана од Ковид-19 e една од најголемите во поновата историја, а во кризни ситуации потребно е одговорно однесување и дејствување во сите сегменти на општеството. Секој ги трпи последиците - од поединецот, кој е најзагрозен и изложен на опасностите што ги носи подмолната и опасна болест, до колективот (без разлика дали се работи за потесна или поширока заедница, како што се семејството, одделението или работната организација, па сè до ниво на општество и држава како највисоки организациски единици). Затоа, важно е како секој поединец ќе реагира, како ќе ја разбере својата улога во општеството и како ќе си помогне себеси и на другите.

Во вакви кризни ситуации особено е важно како ќе се однесуваат, какви изјави ќе дадат, какви одлуки ќе донесат и што ќе преземат политичарите, како носители на одговорни должности - од општинско и градско ниво па сè до нивото на кое се донесуваат и спроведуваат неопходните мерки. Дел од балканските политичари, исто како и многумина кои беа на чело на многу помоќни држави, покажаа значителна несериозност со своите непромислени изјави. Ова може да се потврди дури и ако се ограничиме на само три држави (Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија) во кои се зборуваат три сродни јазици - босански, хрватски и српски - и ако направиме површен поглед на издвоени изјави.

Иако изјавите на премиерот на босанскохерцеговскиот ентитет Федерација на БиХ, Фадил Новалиќ (дипломиран на Машинскиот факултет на Универзитетот во Сараево, што значи не е личност која поседува какво било знаење од научните области кои се фокусираат на вируси и болести) кој е во вториот, иако технички, мандат, (и тоа не благодарение на својата способност, туку на несогласувањата помеѓу водечките бошњачки и хрватски партии) за многумина изгледаат урнебесно смешни, секако не се смешни во контекст на кризата со корона.

„Да сакавме да глумиме држава, ќе ја набавевме вакцината во декември, но не е важно“, изјави Новалиќ во деновите кога Босна и Херцеговина, односно двата нејзини ентитети, немаа набавено ниту една вакцина, освен од донации. Потоа, во иста насока и во сличен стил, тој објасни дека во Босна и Херцеговина „не потрчале први“ по вакцини затоа што не сакале да бидат „опитни заморчиња“, а потоа Аланфордовски заклучи : „Прво треба да имаме вакцини за да водиме кампања за вакцинација“.

Набавката на вакцини стана предмет и на Обвинителството на Босна и Херцеговина, откако група граѓани во март поднесе кривична пријава против четворица функционери - од државно и ентитетско ниво – за кои сметаат дека се одговорни за загрозување на здравјето на населението. Во пријавата стои дека постои основано сомневање дека за половина година - од септември 2020 до март 2021 година - не ги спроведувале или извршувале своите службени должности во однос на обезбедување и непосредна набавка на вакцини потребни за имунизација на населението. Исто така, беше истакнато дека нивната „злоупотреба на службената должност резултира со неконтролирано ширење на заразната болест, смрт на поголем број луѓе и ускратување на правото на здравствена заштита“.

Обвинителството на БиХ формираше предмет, почна да собира информации и го покани пензионираниот инфектолог Бакир Накаш на сослушување во својство на подносител на пријавата во име на повеќе лица. Оттогаш - а помина уште половина година - во медиумите слабо се зборува за овој случај. Состојбата со пандемијата се смири, вакцините пристигнаа (сега има и премногу, бидејќи граѓаните не сакаат да се вакцинираат), и се чини дека сè е заборавено, вклучително и драмата низ која поминаа пациентите и нивните семејства оваа пролет.

А што мислат архитектите и правниците за короната?

Граѓаните на Босна и Херцеговина најдобро знаат како во здравствените установи, заробени од администрацијата и политиката, се бореа да го спасат секој живот во тоа време, па тврдењето на Бакир Изетбеговиќ (Архитектонски факултет, Универзитет во Сараево), претседавач на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ и челник на Партијата за демократска акција (СДА) за борбата против вирусот и болеста звучи прилично цинично.

„Точно е дека имаше грешки и имаше пропусти, но вистината што бројките ја покажуваат и докажуваат е поинаква од перцепцијата. Можеби на луѓето им изгледа малку и неверојатно, но Босна и Херцеговина е веројатно најуспешната во регионот во речиси сите аспекти, заедно со овие два проблеми со набавка на респиратори и бавното снабдување со вакцини, и малку е подобра од просекот на Европската унија кога станува збор за забавување на ширењето на заразата и од економски аспект“, смета Изетбеговиќ.

Во свој стил и на многу груб начин, ситуацијата во соседството ја опиша хрватскиот претседател Зоран Милановиќ (Правен факултет, Универзитет во Загреб).

„Најуспешни се во Босна и Херцеговина. Таму никој не е болен, ниту некој умира, никој не е во болница, никој не зборува за тоа, никој не се вакцинира“, иронично изјави Милановиќ. Во Босна и Херцеговина, сосема очекувано, изјавата беше оценета како навреда. Следуваше апел да се прогласи за непожелна личност.

„Покажа апсолутен недостаток на дипломатски вештини, политичка коректност, емпатија, но и вишок на ароганција, шовинизам и политички примитивизам со кои сака да ја прикаже сопствената големина преку понижување на другите“, му порачаа од Наша партија.

Krajno vreme e da dozvolime naukata i dokazite da ja vodat politikataИзвор: shutterstock.com

Од молби и ветувања до закани и заплашувања

Сепак, Хрватска ѝ донираше извесна количина вакцини на Босна и Херцеговина, со што се овозможи дел од населението на соседната земја да се вакцинира и во нивните здравствени установи. Но, многу повеќе направи Србија, која ги отвори вратите на сите свои капацитети за соседите кои се соочуваат со недостиг на вакцини - без најава.

Првата донација во Сараево ја донесе лично српскиот претседател Александар Вучиќ (Правен факултет на Универзитетот во Белград). За разлика од изјавите, кои имаа најразлични форми - од молби и ветувања до закани и заплашувања, за населението во Србија на кое речиси секојдневно му се обраќаше (и на многу други теми, се разбира), во пораките до соседите се држеше под контрола.

Одамна не е јасно кои се неговите уставни овластувања, но во зависност од функцијата што ја извршува - дали вицепремиер, премиер или претседател - Вучиќ е секогаш клучен играч на теренот. Така беше и пред да пристигне вирусот во Србија, кога тврдеше дека „сапунот е најдобриот лек“ и патем се смееше на шегите на пулмологот Бранимир Несторовиќ, кои воопшто не беа смешни, за „најсмешниот вирус во историјата на човештвото“ и повиците жените да одат „слободно на шопинг во Италија, бидејќи таму сега ќе има големи попусти“ (а таму, особено на северот на Италија, тогаш се бореа да спасат животи). Така беше и кога му објави војна на вирусот и ја презеде улогата на носител на одлуки, но и главен комуникатор, при што малку ги „молеше како Бог“ граѓаните и малку им се закануваше дека „гробиштата ќе бидат мали“.

Политика која не се грижи за ништо

Наведените примери се само дел од непромислените изјави на балканските политичари во изминатите година и пол. Сè друго во тој период можеше да се запре - било да е производство, сообраќај, културни настани, верски служби, спортски натпревари, дури и собири на граѓани во каква било форма - но политиката не обрнуваше внимание на тоа. Нивните активности не беа прекинати. Поместени само некоја недела или некој месец подоцна, се одржаа избори на сите нивоа, а кампањите се водеа како да се среќни времиња. Политичарите вешто ја искористија пандемијата.

Кога настапи кризата, светлата сепак беа насочени кон експертите одредено време, бидејќи од нив се очекуваа одговори. Вирусот, барем во тој момент (како што забележа писателот и колумнист Јурица Павичиќ), „придонесе за враќање на авторитетот на знаењето“.

„Наеднаш, на порталите, весниците и телевизиите доминираа професори и доктори. Не постои угледна редакција која не побара помош од истакнат експерт од Берлин, Единбург или Харвард, а показателите за читаност на порталите покажуваат дека одеднаш најчитани текстови станаа оние кои инаку би требало да бидат сржта на новинарството“, констатираше Павичиќ.

Но, благодарноста до вирусот затоа што на сцената ја врати струката и науката, поединци и колективи кои можат да ѝ помогнат на заедницата со своето знаење и умеење, траеше кратко – сè до првите предизборни кампањи, а потоа и изборите. Тогаш се увиде дека оние кои знаеја како да ги преземат потребните мерки, да им ги објаснат на народот и да ја смират можната паника, најчесто биле партиски војници. Или барем биле во служба на партиите. И дека по нивна заслуга заповедниците (а сите политичари користеа воена реторика, се китеа со високи чинови и се фалеа со херојски пофати) ги собраа изборните ловорики. Потоа се измешаа постизборните карти, многумина ги зазедоа истите (градо)началнички или министерски позиции, некои добија и други функции, а борбата против корона вирусот си го доби стариот облик. Кај граѓаните се врати истото старо разочарување и недоверба во тие што го водат општеството и државата.

Научниците собрани во Советодавната група за јавни политики на Балканот во Европа (BiEPAG) веруваат дека довербата е клучен предуслов за позитивен однос помеѓу граѓаните и државата. Според нив, во времето на пандемијата, довербата била „заснована на три главни одредници: точно информирање, непосредна заштита (јавно здравје и услуги) и одбрана од негативните економски последици заради долгорочна стабилност“. Истакнувајќи дека сите три димензии на довербата се „слаби“, тие напоменуваат дека „кризата го откри целиот обем на долгорочни, систематски неуспеси на главните институции на државата“. Тие се особено фокусирани на медиумите.

„Недостигот од веродостојни и точни информации, заедно со неодговорните изјави на владините функционери, доведува до колективен стрес и ја уништува довербата во државата […] Лажните известувања, вклучувајќи ги и тие од медиумите блиски до властите, како и неточните изјави на самите влади, доведоа до ерозија на општествената доверба, вклучително и довербата на граѓаните во државата“, смета BiEPAG во својот извештај.

Борба против инфодемијата

Еден месец пред да прогласи пандемија, шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, отвори уште еден фронт, укажувајќи на потребата од борба против инфодемијата. Тој истакна дека „лажните вести се шират побрзо и полесно од вирус“ и додаде дека се „подеднакво опасни“. Меѓу другите, ги повика Фејсбук, Твитер и Гугл „да се спротивстават на ширењето гласини и дезинформации“, а властите, компаниите и медиумските организации да не „го разгоруваат пламенот на хистеријата“.

„Никогаш не било посоодветно време да се дозволи науката и доказите да ја водат политиката. Ако не го направиме тоа, ќе тргнеме по мрачен пат“, предупреди Аданом.

По неговиот предупредувачки апел, светот, а со тоа и Балканот, воглавно талка по мрачниот пат. Политиката наметнува агенда, сè е подредено на неа, а областите на човековото делување кои имаат одговор или барем можат да го понудат се оставени настрана.

Притоа, особено е важно новинарите да не им помагаат на политичарите во примената на таквите практики, а на научните авторитети да им го дадат просторот што всушност треба да им го дадат. Јасно е дека експерт и/или научник поверојатно ќе придонесе за решавање на здравствената криза, отколку политичар. Вториот може само да помогне и да ги олесни предложените решенија, никако не треба да зазема простор и да пречи. И кога ќе помине кризата, треба да продолжиме да ги слушаме експертите бидејќи од политичките, воглавно празни приказни, често нема конкретна корист.

Всушност, тие би требало, како што предлага Божо Ковачевиќ, хрватски политичар и интелектуалец, „да можат да им објаснат на граѓаните кои политики се најдобри за нив долгорочно гледано и да се изборат за нив во отворена и добро аргументирана демократска дебата“.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Институционалната пасивност кон (воскреснувањето н...
Кој би бил победник на парламентарни избори?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 04 Декември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè