fbpx
 

Економски препород во најава

проф. д-р Никола Поповски

nikola popovski 200x250Сега сите очи се свртени кон предизвиците од новонастанатата состојба со уставните амандмани. Тие можат да донесат пролонгирање на оптимизмот и натамошни услови за раст на инвестициите и економијата, што ќе обезбеди и раст на берзата, а со тоа и поголема вработеност и доход на населението.

Во последниве неколку децении економистите се едногласни дека постојат многу неекономски фактори што можат ненадејно и силно да срушат или да придвижат напред една национална економија. Тоа на двапати за неполни три недели се случи со македонската економија. По неуспешното завршување на референдумот за прифаќање на договорот од Преспа на 30 септември некако сè изгледаше помалку или повеќе безизлезно. Владата де факто застана со и онака скромната законодавна и регулаторна иницијатива во економијата, предложениот ребаланс на буџетот го достави без многу помпа и со уверување дека може и воопшто да не дојде на дневен ред во Собранието заради, во тоа време многу извесните предвремени избори, што впрочем со изјава го потврди и министерот за финансии, а македонскиот берзански индекс почна постепено да тоне без надеж дека брзо ќе заздрави. Очекувањата и перспективите на економијата беа, најблаго речено, скромни.

Од економски грч кон надеж

Одеднаш, на 19 септември, во оној петок за паметење во Собранието на Македонија, се случи нешто неочекувано што повторно ги подгреа економските надежи на земјата. Осумте гласа за потребното двотретинско мнозинство дојдоа од партијата и конкретно од пратеници на таа партија за кои никој не се надеваше. Уставната иницијатива се откочи и процедурата протече кон нејзино финализирање. Веќе првиот нареден работен ден македонската берза и нејзиниот берзански индекс експлодираа. Котираните компании одеднаш значително ја зголемија својата пазарна вредност, а акциите во просек се зголемија за 6 отсто во еден ден. Некои акции на важни и големи компании и на скоро сите банки се зголемија и за над 6 отсто приближувајќи се до астрономскиот дневен раст од 10 отсто. Инвестирањето во домашните компании стана примамливо и профитабилно само заради фактот што тие можат набрзо да станат компании на земја членка на НАТО, а во догледна иднина од 7-10 години и на ЕУ. Иако очекувањата за краткорочен раст на дивидендните приходи и не се многу извесни, очекувањата за капитални добивки се одлични.

Истиот ден се сфати и дека ребалансот на буџетот стана многу возможен и дека тој треба да се стави веднаш во функција. Со оглед дека една од главните мерки во ребалансот е покривање на старите долгови на општините, веднаш се побрза и со законот што тоа ќе го обезбеди. На денот на растот на берзата, дотогаш резервираните министри за финансии и локална самоуправа на прес конференција веднаш објавија вест дека Владата законот веќе го подготвила и го доставува до Собранието со решенија за покривање на дел од старите долгови на општините во висина од фантастични 3,02 милијарди денари или 49,1 милиони евра. Овој закон, релативно еуфорично претставен може да биде еден од проблемите во иднина но тоа е сосема поинаква тема. Имено, забелешките на стручната јавност за него се големи иако локалните власти ќе го дочекаат со радост. Владата утврдила дека општините заклучно со 30 септември 2018 година имаат стари долгови во висина од 18,82 милијарди денари (307 милиони евра) и решила делумно да ги покрие така што секоја општина ќе добие неповратни средства за да покрие 51 отто од пријавените обврски и дека тие средства веќе се предвидени со ребалансот на буџетот. Нормално, Владата се обврзува дека за во иднина ќе воспостави механизам за спречување на акумулирање нови долгови така што ќе ги ограничи планираните приходи на општините во секоја наредна година, а со тоа и нејзините расходи на раст од најмногу 10 отсто од нејзините просечно остварени приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Исклучоци, како и секогаш, се предвидени.

ekonomski preporod vo najavaИзвор: Влада на РМ

Трка со времето

Владата очигледно сега има игра со перфектно наместени карти. Сега, во основа, ќе настане не толку критична, но важна трка со времето за да се овозможи до крајот на годината да се донесат сите акти што ќе треба да покажат и докажат дека во услови на создадени релативно поволни општествени и меѓународни околности властите можат дополнително да ја поттурнат економијата кон толку очекуваното нагорно придвижување. Прво, Собранието ќе има многу работа за да успее да ги донесе уставните амандмани во релативно долгата и сложена уставна и деловничка процедура. Исто така, ќе треба да се донесе и Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа за да се ослободат со ребалансот предвидените средства за таа намена, па исто така да се донесе и ребалансот на буџетот за 2018 година за да може променетите приходи и расходи да се реализираат како што се замислени и на крај, иако не и последно, да се остави доволно простор Собранието во законска процедура да го донесе и буџетот за наредната 2019 година со цел да не се случи Македонија да влезе во фаза на „времено финансирање“ на јавната потрошувачка во наредната година.

Со оглед дека за ова преостануваат само два месеци, се чини дека целата работа во Собранието ни од далеку не изгледа многу лесна и едноставна. На економијата и` се потребни ребалансот за 2018 и новиот буџет за 2019 како и ослободување на огромната ликвидност што се создаде во буџетот а која може дополнително да го поттикне во последно време депресираниот приватен сектор. За претприемачите сега е време на исплатлив ризик во Македонија. Инвестициите можат да станат многу исплатливи во иднина иако ризикот од нивна пропаст демнее. Подобри времиња за успех и не може да има.

Трка и со големата буџетска ликвидност

Сè ова нема да придонесе оваа година да биде економски добра и просперитетна, но може да создаде претпоставки за идната и потоа. Можното брзање е посебен предизвик во такви услови. Ребалансот на буџетот за оваа година веројатно е нужен од две причини. Прво, приходите иако не драстично, но не се реализираат со зацртаната динамика; и второ, расходите, особено оние за капиталните трошоци, се депримирачки ниски и отстапуваат драстично од проектираното. Тоа, заедно со задржувањето на зацртаниот дефицит на ниво од 2,7 отсто од БДП создава огромна ликвидност на буџетот од која никој, освен монетарните власти, не е задоволен. Владата очигледно сака брзо да се ослободи од ликвидноста. Таа можеше да одлучи високата ликвидност да ја употреби за намалување на дефицитот или за создавање сопствен депозит на трезорската сметка во НБРМ за во иднина, што во принцип не се разликува многу, но таа се реши на нешто друго – дефицитот да го задржи на непотребно високо ниво, а непотрошените инвестициски расходи да ги потроши за навидум еднократно субвенционирање на минатата потрошувачка неодговорност на општинските власти. Ова последново е познато во економијата и како примена на правилото на „морален хазард“ со кој, во дадениов случај, се потхранува идната неодговорност на општинските власти а и се „амнестира“ нивното поранешно расипничко трошење без соодветна казна.

Затоа можеби конструкцијата на ребалансот можеше да има и поинаков изглед, но веројатно моќното градоначалничко лоби предводено од премиерот, а кое во централната власт дојде од општинските совети и градоначалнички кабинети, заедно со сегашното градоначалничко лоби кај владеачката коалиција пресудило. Познато е дека скоро сите градоначалници и совети во земјава веќе една година се под контрола на двете најголеми партии од владината коалиција. Нивните експоненти сметаат дека нужно и веднаш им се потребни пари (во случајов од централниот буџет) за да се ослободат од дел од обврските што ги наследија, па во преостанатите три години од мандатот да „покажат колку можат“ со сопствени сили. Тоа е илузија. Нема да покажат ни повеќе ни помалку и со и без тие 3 милијарди денари што ги чекаат од буџетот до крајот на 2018 година. Умешноста на успешното владеење и на централно и на локално ниво најчесто не зависи од парите со кои се располага туку од многу други фактори. Впрочем, минатата власт тоа многу добро го покажа и докажа.

Економски раст на повидок?

Новите проекции за оваа година со ребалансираниот буџет се сè уште оптимистички и се движат во маргините до 2,8 отсто раст на економијата. Малкумина веруваат дека тие навистина се достижни, но тоа веќе и не е важно. Сега сите очи се свртени кон предизвиците од новонастанатата состојба со уставните амандмани. Тие можат да донесат пролонгирање на оптимизмот и натамошни услови за раст на инвестициите и економијата, што ќе обезбеди и раст на берзата, а со тоа и поголема вработеност и доход на населението, но, за жал, можеби и уште побрзо и полесно заминување во странство на оние што бараат работа или бараат подобра работа. Напредокот кон евроатлантските интеграции, ако се менаџира добро, може да заврши и како многу успешна економска приказна. Но ако се мисли дека работите ќе дојдат сами по себе, тогаш сите се лажеме себе си. Неодамна, на една научна конференција, еден од видните воведничари со право и со многу аргументација порача дека во ниедна земја во светот и никогаш економскиот раст и развој не се случиле сами по себе. Ова е нешто што сега, кога можеби некои неекономски фактори можат да изиграат клучна позитивна улога, мора добро да се запомни и да се вложат сите можни сили да се канализира економскиот препород во толку саканата насока.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Собраниската одлука за уставни измени не може да п...
Тргање на превезот на мистерија од менструацијата
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 12 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не