fbpx
 

Прво „внатрешно европеизирање“ на Македонија - потоа евроинтеграциски преговори

МК   ALB

м-р Свето Тоевски

sveto toevski200x250Македонија треба од своето претпристапно „внатрешно европеизирање“, оптимално приспособено со прописите и стандардите на ЕУ, да ја извлече сета можна политичка и економска корист, преобразувајќи се во респектабилна и функционална европска држава со зацементирана улога на владеењето на правото. Значи, одбирајќи го оној модел и правец на европеизација, при што како држава нема да се претвори во маргинализирана „европска политичка колонија“.

Евроинтеграционото досие на Македонија е отворено во 2005 година, кога таа доби статус на држава - кандидатка за зачленување во Европската Унија. Досега има добиено 9 препораки за почеток на преговорите. Кон крајот на јуни годинава, Советот на Европската Унија препорача условен датум за почеток на преговори во јуни 2019 година, но ако се спроведат итните реформски приоритети и договорот со Грција, како и да се добијат позитивен извештај од Европската Комисија и одлука од Советот на ЕУ. На крајот на годинашниов септември, стартуваше првото од серијата согледувања (скрининзи) на состојбите во политичкиот, економскиот и правниот систем, што е предвидено со евроинтеграциските преговори и во рамки на 33-те поглавја.

Реформулирање на државната евроинтеграциска политика

Кога се анализираат внатрешните состојби на секоја држава, која се стреми да влезе во ЕУ, суштински е важно во колкава мера во неа постои „владеење на правото“, камен-темелникот на ЕУ. Што ако експертите и политичките елити на ЕУ во текот на согледувањата на македонските состојби низ призмата на 33-те ЕУ поглавја утврдат негативен извештај во врска со тоа? Ваквиот можен развој на настаните, кој би ги пролонгирал преговорите и в година, како и случувањата во државите во ЕУ, кои се посилно ја разнишуваат нејзината конструкција, наметнуваат потреба поопстојно веќе отсега да се осмисли „резервно сценарио“ – ново и квалитативно поинакво видување на евроинтеграцијата на Македонија. Во тоа празно македонско евроинтеграционо досие мора да се внесат тонови на еврореализам: што и како натаму? Новото политичко раководство – во прв ред Владата, кое ќе биде произлезено од новите парламентарни избори, предвремени или редовни, ќе мора да ја реформулира државната евроинтеграциска политика, за да се утврди нова концепција и нов пристап кон евроинтеграцискиот процес. Бидејќи, сега и меѓу водечките европски држави е повеќе од очигледен „заморот“ од примањето нови земји во Унијата.   

Рајан Хејт (Ryan Heath), коментатор на европското издание на политичкиот магазин „Политико“ со седиште во Брисел, во анализата „Трка за членство во ЕУ“ поодделно за Македонија нагласува: „Можен датум за влез во ЕУ: не пред 2030 година. Шансите за тоа се 50 проценти. Македонија има ...и постојани сопствени внатрешни проблеми со демократијата и владеењето на правото. Заврши златното време на експанзијата на ЕУ.“ Улрих Седелмаер (Ulrich Sedelmeier) од Лондонската школа за економија и политички науки во својата студија „Европеизацијата во новите членки и во државите-кандидатки“ критички ја анализира европеизацијата без веродостојна перспектива на европското членство и допира еден аспект, кој индиректно се однесува на натамошното постоење на Македонија како држава и на идентитетот на македонскиот народ, поврзано со „Преспанскиот договор“: „...опозицијата внатре во Унијата, која се спротивставува на проширувањата обопштено, или посебно кон поодделни земји, во голема мера ја намали вербата. Проблемот на увереноста во ЕУ перспективата е истакнат ... и во постојните кандидатки од Западниот Балкан каде што изгледите за членство се исто така многу далечни. Во тие земји и домашните трошоци на усогласување со условите на ЕУ се многу високи, бидејќи ги засегаат чувствителните прашања на државноста и на националниот идентитет. Но и нискиот државен капацитет и пониските нивоа на економскиот развој ги прават уште пооддалечени изгледите за пристапување кон ЕУ...“. (стр.31).

Prvo vnatresno evropeiziranje na Makedonija potoa evrointegraciski pregovoriИзвор: Politico.eu

Целосното прифаќање на евродиктатите значи дека Македонија нема свои преговарачки позиции

Во меѓувреме, мора да се фрли поглед на тоа кој модел за доближување и зачленување во ЕУ Македонија го има одбрано. На интернет страницата на владиниот Секретаријат за европски прашања, во одделот „Преговори“ со ЕУ, се наведува дека Македонија ќе се обврзе целосно да ги прифати и да ги применува правните прописи на ЕУ: „Процесот на преговори за членство во Европската унија за Република Македонија ќе значи ... и целосно приспособување на македонските институции кон функционирањето на институциите на Унијата.“ Во Стратегискиот план за периодот 2018-2020 година на владиниот Секретаријат за европски прашања се истакнува: „Напорно работиме на изработка на национална верзија на правните акти на ЕУ (преведени се околу 60 отсто од корпусот на правните прописи на ЕУ).“ (стр.65). Во овој обемен Стратегиски план никаде конкретно не е наведено какви се преговарачките позиции на Македонија наспрема ЕУ. Но, на средбата со генералниот директор за проширување на ЕУ Кристијан Даниелсон на 27 септември годинава потпретседателот на Владата за ЕУ интеграции Бујар Османи, според извештајот на ТВ Телма, ги изложи овие „преговарачки позиции“: „...ветуваме дека ќе работиме со вас да ги исполниме сите барања, сите обврски и да ги воведеме сите европски стандарди во нашето општество.“ Не постои преговарање, ако една држава ги презема сите европски правни прописи, ако беспоговорно и послушно се согласува со  сите диктати на Брисел, не водејќи сметка за внатрешните политички специфичности, за спојливоста на европските директиви со домашното правосудство. Всушност, Македонија нема свој модел за евроинтеграција.

Цариград и Белград сега се заменуваат со Брисел

Македонскиот народ 500 години под турското ропство за се` зависеше од милоста на султанот во Цариград. Едно ропство беше заменето со друг вид на потчинетост, кога за судбината на македонскиот народ и Македонија во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и во СФР Југославија одлучуваше Белград. Дали и денес, во 21-виот век, сега суверена и независна Македонија треба да се согласи Цариград и Белград да бидат заменети со Брисел, да се прифати целосна политичка подреденост и наспрема ЕУ?

Во студијата „Интеграцијата на Македонија во ЕУ – утврдување уставни импликации и опции поврзани со политичките критериуми“, Тања Каракамишева-Јовановска, Игор Спировски, Зоран Нечев и Александар Николов, во поглед на прашањето на префрлањето на националниот суверенитет на одделна држава врз ЕУ, наведуваат дека постои практика на внесување посебна уставна клаузула за „заедничко извршување на властите“, што се случи со уставите на Луксембург, Белгија, Шпанија, Португалија, Франција, Унгарија и Шпанија: „Во согласност со тој модел, власта предоминантно се одвива во рамките на државните институции на земјата, но таа може да биде извршувана и на друго ниво на владеење. Државата сè уште ја ужива / ја задржува уставната моќ (власт) да усвојува национални закони и мерки во многубројни области на ЕУ, но е согласна дека тие закони и мерки треба да бидат компатибилни со правото на ЕУ. Клаузулата за ‘заедничко извршување на властите’ може да биде толкувана и како барање супрематијата на правото на ЕУ да има свои граници во темелните вредности на Уставот. Тој модел е многу привлечен за новите држави-членки на Унијата. Него го имаат прифатено Словачка и Словенија.“ (стр.15).

Можен модел за евроинтегрирање: без конвергенција и со делумна конвергенција со ЕУ

Во последниве години не само „големите држави“ – членки на ЕУ, туку и оние „помалите“, се` повеќе одбиваат да прифатат улогата на ЕУ како наддржавен облик на политичко егзистирање и дејствување да се доминантни во животот на граѓаните на односните земји. Зошто тогаш и Македонија би морала да го прифати тоа? Зошто во процесот на преговарање да не се инсистира најмалку на таква клаузула на ограничено, споделено „заедничко извршување на ингеренциите“, но, повторно, согласно со македонските национални околности и внатрешните државно-политички специфики? Со оглед и на ваквите движења во „архитектурата“ на ЕУ, треба да се ревидира постојното евроинтегрирање на македонската држава, да се пренасочи на нов колосек, согласно со новите погледи од теоријата и праксата на европеизацијата.

Мора да се отфрли сегашното бесмислено хармонизирање на сето македонско законодавство според европското право и на сиот политички, економски и финансиски систем според барањата на „европската централа“. Треба најнапред да се воведе комбиниран, приспособен модел на внатрешно европеизирање на државата и нејзиниот систем без конвергенција и со делумна конвергенција (заемно доближување, стремење кон иста цел) кон правото и системот на ЕУ, зависно за кои области на приспособување на домашните политики ќе станува збор. Во оваа смисла Федон Николаидес (Phedon Nicolaides) од Европскиот институт за јавна администрација во Мастрихт, Холандија, во својата научна статија „Модел на европеизација со и без конвергенција“ го конструира овој нов модел на европеизација на земјите–членки и нагласува: „Едно од главните прашања во научната литература е дали (европеизацијата – моја заб.) ги доведува националните политики и системи до конвергенција. Сега постои широк консензус дека доаѓа до конвергенција, меѓутоа тоа може да се прави и без хармонизација. ... Хармонизацијата подразбира униформност во земјите-членки, а конвергенцијата е намалување на националните разлики.“ (стр. 114-115).

Одговорот на прашањето кое Николаидес го поставува „Европеизација: колку многу конвергенција?“ Македонија ќе треба сама да го изнајде на таков начин што од своето претпристапно „внатрешно европеизирање“, оптимално приспособено со прописите и стандардите на ЕУ, ќе ја извлече сета можна политичка и економска корист, преобразувајќи се во респектабилна и функционална европска држава со зацементирана улога на владеењето на правото. Значи, одбирајќи го оној модел и правец на европеизација, при што како држава нема да се претвори во маргинализирана „европска политичка колонија“. Европското право во овој момент се состои од 160 илјади прописи, правилници, а постојано се донесуваат нови европски акти. Затоа, ќе мора да се утврди „оптимално количество“ на неконвергенција и на конвергенција во новиот македонски модел на евроинтеграција, оптимален обем колку и кои од тие закони можат да бидат пренесени во македонското законодавство.

Како што Турција во преговорите со ЕУ доби своевиден „специјален статус“, така и Македонија ќе треба да ја „замрзне“ својата апликација за членство во ЕУ и да побара временски ограничен „специјален статус“ како кандидатка која не се повлекува од преговорите, но и која најнапред самата ќе си спроведе сопствено претпристапно „внатрешно европеизирање“ на својот политички и  економски систем, на сите аспекти на внатрешното и надворешното функционирање на македонската држава, имајќи ги предвид сите 33 ЕУ поглавја и приспособено кон најдобрите практики на владеење во ЕУ. Таквото „внатрешно европеизирање“ на Македонија во секој случај мора да биде засновано врз основните цели и вредности на Унијата, но едновремено да биде придружено и со зачувување и зацврснување на македонската државност, на „зацементирање“ на постоењето и на континуитетот на државно–правниот субјективитет на Македонија под ова уставно име. Исто така и со зачувување и трајно меѓународно признавање и потврдување и на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на македонскиот народ како носител на суверенитетот на Република Македонија заедно со суверенитетот и на сите други граѓани од сите етникуми што живеат во неа. Местото на Македонија ѝ е единствено во Европската Унија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Fillimisht “evropeizmi i brendshëm” i Maqedonisë –...
Ushqimi i shpejtë në Maqedoni: e shijshme dhe kërc...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 23 Август 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не