fbpx
 

Прашања за новиот претседател

проф. д-р Светомир Шкариќ

Петтиот по ред шеф на македонската држава веќе покажа знак на независност, наспроти притисоците што доаѓаат од страна на политичките партии што застанаа зад неговиот избор. Тоа е добар знак дека сака да биде личност, а не послушник. Ако така продолжи тогаш ќе има право да се претставува како претседател на сите граѓани. Како граѓанин го прашувам: дали има доволно инструменти за остварување на своите надлежности; дали сака својата функција да ја стави под уставна контрола и да биде одговорен претседател; и дали по истекот на претседателскиот мандат ќе ги користи истите привилегии како и неговите живи претходници?

Надминат цензус во вториот круг

Цензусот од 723.353 гласачи во вториот изборен круг од 5 мај 2019 година се надмина полесно отколку што изгледаше по завршувањето на првиот круг. На избори излегоа 843.508 гласачи или 120.155 повеќе од предвидениот цензус. Со толкав број нови гласачи, излезноста во вториот круг се зголеми на 46,7 отсто во однос на 41,7 отсто во првиот круг. На тој начин, излезноста во вториот круг не падна на најниско ниво, туку се возвиши повисоко од излезноста во вториот круг од претседателските избори во 2009 година (42 отсто).

Заслуга за надминување на цензусот имаат и двајцата претенденти за претседателското место, заедно со партиите што им дадоа подршка. Обајцата одлучија да се натпреваруваат до крај, убедени дека имаат подеднакви шанси да влезат во Палатата на Водно. На тоа ги поттикнуваше и тесната разлика во гласовите од првиот круг. Сепак, опозициската партија што застана зад кандидатката, ако повикаше на бојкот - цензусот во вториот круг ќе беше недостижен.

Повисоката излезност во вториот круг се должи и на повисокото интелектуално ниво на изборната кампања, во однос на предходните кампањи. Обата кандидати јасно ги утврдија своите позиции, прегледно ги изложија своите погледи, се судрија и на морален план, без ракавици и без потешки навреди. Се погледнаа очи во очи, како две различни личности, со одредена доза на шарм и естетика, привлечни за гледачите. Застанати еден наспроти друг беа во еднаква положба, со тоа што кандидатката го надвисуваше кандидатот во интелектуална, а овој, пак, нејзе во политичка смисла, со поголема наклонетост кон Макијавели.

Сепак, цензусот и крајниот резултат од вториот круг се заслуга во најголема мера на политичките партии и на нивните договори. Се уште кај нас партиското членство е одлучувачки фактор во изборниот процес, а политичките партии се тие што битно влијаат врз изборна волја на граѓаните. Тоа се гледа и од резултатите од вториот круг. Заедничкиот кандидат, Стево Пендаровски, победи со пренасочување на албанското избирачко тело на негова страна. Така тој победи иако зад кандидатката застана мнозинството од гласачите од македонскиот етнос.

Наведената нелогичност зборува дека во етнички поделеното општество, ефектите од непосредните избори не зависат од граѓаните, туку од договорот помеѓу политичките партии. Поради тоа, час поскоро непосредните избори треба да го отстапат местото на посредните избори. А тоа значи и бришење на непосредните избори од листата на темелните вредности на уставниот поредок. Тоа го побара и францускиот професор по уставно право, Жак Кадар, кога се разгледуваше Нацрт-уставот во септември 1991 година. Неговото барање не беше разбрано од страна на Комисијата за уставни прашања, ниту од членовите на ,,Експертската група“. Бев присутен на таа средба. Се срамев од ниското познавање на уставната материја од страна на ,,експертите“. Спротивно од тоа, претседателот Киро Глигоров сметаше дека групата ја ,,познава уставната материја и компаративните уставни решенија на речиси сите европски устави“.

Неспорна победа на Стево Пендаровски

Во вториот круг Стево Пендаровски освои 435.656 гласови или 51,65 отсто, а Гордана Силјановска - Давкова 377.446 гласови или 44,75 отсто од граѓаните што излегле на гласање. Разликата е 58.210 гласови во полза на победникот што изнесува 13 пати повеќе од првиот круг. Сепак, нема место за триумфализам. Победникот треба да ги има во предвид и гласовите дадени за кандидатката. Мора сериозно да размисли како и на кој начин ќе биде претседател и на нејзините гласачи.

Извор: faktor.mk

Треба да посвети внимание и на неважечките ливчиња. Од бројот на таквите ливчиња може да се види и бројот на оние што се одлучиле да го бојкотираат вториот круг. Избројани се вкупно 30.407 или 3,60 отсто. Тоа е помал број од неважечките ливчиња од првиот круг (32.838 или 4,34 отсто). Бројката покажува дека отпорот на граѓаните кон вториот круг бил послаб од отпорот кон првиот круг.

Од друга страна, бројот на неважечките ливчиња од вториот круг е поголем од бројот на неважечките лифчиња при гласањето на Референдумот од 30 септември 2018 година. Станува збор за регистрирани, а не за нерегистрирани бојкотирачи. На Референдумот се регистрирани 19.230 или 2,88 отсто неважечки лифчиња. Заслужуваат споредба и резултатите од вториот круг со резултатите од Референдумот. Тоа е потребно, бидејќи и двете гласања се поврзани со Преспанскиот договор. Кандидатката беше против договорот, а изборите ги загуби. Веројатно ги привлече на своја страна сите гласачи кои беа против Преспанскиот договор (37.700). Од друга страна, кандидатот го поддржа договорот и победи на изборите. Но, не успеа да ги привлече на своја страна сите гласачи што го подржаа договорот (609.813). Правно гледано, преку победата на Пендаровски и поразот на Силјановска - Давкова, Договорот од Преспа доби поцврста легитимност. Но неговата легитимност и натаму останува кревка, бидејќи референдумот не го помина цензусот од 50 отсто. Виновници за тоа се ,,бојкотирачите“ кои без размислување избирачкото право го претворија во ,,ненормално право“.

Кандидатката не ги загуби изборите поради противењето на Преспанскиот договор. Нејзиниот неуспех е резултат најмногу на нејзиното противење на Законот за употреба на јазиците од 2018 година. Тоа прашање за Албанците е позначајно од Преспанскиот договор. Негативен ефект имаше и нејзината средба со претседателот Иванов во Охрид на почетокот од изборната кампања. За Албанците тоа беше непријатна средба, бидејќи претседателот одби да го потпише указот за прогласување на ЗУЈ, по неговото второ усвојување во Собранието.

Шестите по ред претседателски избори ќе бидат забележани како први претседателски избори признати и од страна на победената кандидатка и од страна на опозицијата. Тоа е добар знак дека Македонија се движи во добра насока. Неразбирливо е што изостана честитката за победникот. Честитката е упатена само во 2009 година кога Ѓорге Иванов го победи Љубомир Фрчковски во вториот круг. Професор му честиташе на професор. Тоа требаше да се случи и овој пат.

Три групи прашања за новиот претседател

Првата група прашања е поврзана со актите на претседателот и нивната уставна контрола. Според Уставот, претседателот располага само со указот како правен акт за остварување на своите надлежности. Располага и со правото да го известува Собранието за прашања од неговата надлежност, како неправен акт. Дали претеседателот располага со доволен број правни и неправни акти за остварување на своите надлежности или и натаму ќе биде со празни раце? Зошто Уставниот суд не врши контрола на актите и дејствијата на претседателот? Дали претседателот ќе предложи дополнување на Уставот или донесување на Закон за претседател на РСМ, со двотретинско мнозинство гласови. На овие прашања претседателот може лесно да одговори, бидејќи бил советник на претседателот Трајковски и на претседателот Црвенковски.

Втората група е поврзана со одговорноста на претседателот. Дали имаме одговорен или неодговорен претседател? Ако имаме неодговорен, тогаш што планира да преземе новиот претседател на нормативен и на политички план за состојбата да се промени? Што треба да преземе на правен план, ако сака да не ни се повтори втор Иванов?

Третата група прашања е поврзана со привилегиите на претседателот предвидени со Законот за правата на претседателот и неговото семејство од јули 2004, проширени во октомври, 2006 година. Станува збор за две групи привилегии. Првата се однесува на привилегиите на претседателот по престанувањето на неговата функција. Такви привилегии веќе ги користат поранешните два живи претседатели. Втората група му припаѓа на семејството во случај на смрт на претседателот. Такви привилегии веќе ги користи семејството на претседателот Трајковски. Станува збор за вонуставни привилегии воведени со обичен закон.

Дали претседателот има намера нешто да преземе или ќе остане со скрстени раце како и неговите претходници? Ако не преземе ништо, тогаш дали има намера и тој да ги користи истите привилегии, по истекот на неговиот мандат? Ова прашање ја бранува јавноста во последно време откако Иванов се одлучи да ги користи истите привилегии кои веќе десет години ги користи Бранко Црвенковски. На политичката сцена треба да се појави скромна и несебична личност која достоинствено ќе го олицетворува македонскиот народ. Време е кон поранешните алчни претседатели да се преземат мерки со ретроактивно дејство.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Pyetje për presidentin e ri
Дали моето дете е зависно од видео игри?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 21 Август 2019
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не