fbpx

Пост мандатни бенефиции на македонскиот претседател – или плата без работа

Соња Стојадиновиќ

Политика

07.10.19

Прегледи

Соња Стојадиновиќ

Sonja Stojadinovic 200x250Освен што претседателот доживотно има право на користење на канцеларии и услуги од тројца советници, нема никаква регулација на неговите одговорности кон државата за да се оправда доживотно гарантираната финансиска поддршка.

Антикорупциската комисија направи очекуван и одговорен чекор кој е очекуван во рамките на нејзините ингеренции покренувајќи предлог за намалување на бенефициите на претседателот на државата по истекување на мандатот. Претседателот Пендаровски го поддржа овој предлог со изјава дека ќе се откаже од своите пост мандатни бенефиции и дека бара само канцеларија во државна институција каде би ги извршувал своите протоколарни обврски.

Оваа изјава е позитивна за репутацијата на претседателот во ситуација кога имаме силни скандали со трошење пари на пратеници за патни трошоци и манипулации со финансиска поддршка за сместување на пратеници кои не се од Скопје. Сепак, се поставува прашањето дали откажувањето на претседателот од овие бенефиции ќе има позитивно фискално влијание врз буџетот. Сумата од 1950 евра за закуп на просториите за канцеларии во кулите „Џевахир“, каде што е сместен поранешниот претседател Ѓорге Иванов и се користат за неговиот кабинет, секако дека може да се искористи за попаметни работи.

Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство е многу општ, но и штетен за буџетот на државата. Освен што претседателот доживотно има право на користење на канцеларии и услуги од тројца советници, нема никаква регулација на неговите одговорности кон државата за да се оправда доживотно гарантираната финансиска поддршка. Во членот 8 стои дека претседателот на кој му завршил мандатот учествува на државни свечености. Толку од неговите обврски. Освен пензија, само се наметнува прашањето дали е потребна свита од советници кога никаде во законот не се јасно наведени обврски кои претседателот би ги исполнувал после мандатот.

Лоши и добри примери

Во соседна Бугарија актуелниот претседател Румен Радев заедно со неговите претходници по мандатот ќе ужива во доживотна месечна плата од 3744 лева или 1850 евра, како и годишна финансиска поддршка од 15 илјади евра за плата на советниците. Исто така, како бивш претседател, Радев заедно со неговите претходници има право на телохранител во период од една година по завршување на мандатот, но правото да користи службено возило останува до крајот на животот.

Ако ја земеме предвид ситуацијата во регионот, бившо југословенските земји, Србија, Црна Гора и Хрватска даваат подобар пример за следење. Во Србија претседателот по истекување на мандатот, 6 месеци прима целосна плата, а тоа може да се продолжи до една година. Потоа државата може да му исплаќа 80 проценти од платата додека не најде работа или не отиде во пензија. Практично, обезбеден е до крајот на животот, но сепак не како македонскиот претседател. Исто така, има право на канцеларија, советници и личен шофер за период колку што траел неговиот мандат.

Post mandatni beneficii na makedonskiot pretsedatel ili plata bez rabotaИзвор: mms.mk

Во Италија, пак, претседателот на државата по завршување на мандатот добива титула President Emeritus или почесен претседател и станува доживотен член на Сенатот. Сепак, со таа позиција тој повеќе формално учествува во правниот живот на Италија бидејќи таа позиција не е резервирана само за бившите претседатели туку и за лица кои многу придонеле со својата работа. На листата на доживотни сенатори се и композиторот Артуро Тосканини, дизајнерот на автомобили Серѓо Пининфарина, индустријалецот Џани Ањели.

Со посебен закон, соседна Грција ги има уредено бенефициите на бившите претседатели. Тие имаат право на 4 лични шофери, 7 советници, канцеларија и 6700 евра месечна плата и сето ова е исто така доживотно.

Во Франција бившиот претседател прима плата од 6000 евра бруто, но исто така станува и доживотен член на Уставниот Совет од кој дополнително добива плата. Исто така, има и доживотно право на канцеларија со двајца вработени, двајца лични шофери и двајца полицајци кои го чуваат неговиот дом. Има право и на бесплатен јавен транспорт и користење на прва класа во француската авиокомпанија Ер Франс.

Пост-мандатните права на бившите претседатели во Руската федерација се уредени со декрет потпишан од тогашниот претседател Борис Елцин во 1995 година. Декретот по истекот на мандатот им гарантира доживотна плата во висина од 75 отсто од платата која ја примале за време на мандатот. Во случај на смрт на претседателот, членовите на неговото семејство имаат право на месечни надоместоци шестпати поголеми од минималната пензија која е околу 175 долари. По престанување на мандатот, претседателите имаат право на доживотен имунитет и нема да бидат гонети за криминал сторен за време на мандатот. Семејството и децата до 16 години се под заштита на Федералната безбедносна служба се до смртта на претседателот.

Како понатаму за сиромашната Македонија?

Според горенаведените примери, секоја држава дава бенефиции во рамките на својот бруто национален производ. Секако дека Франција или Русија можат да си дозволат да го финансираат претседателот до крајот на животот. Но може ли Македонија да си дозволи расипништво кога имаме распаднат образовен и здравствен систем? Кога единствена цел на народните пратеници и политичарите е за време на своите мандати да создадат услови за „легачки“ живот откако ќе ги напуштат фотелјите.

Откажувањето на претседателот Пендаровски од бенефициите не смее да биде само во периодот после претседателскиот мандат, туку да влезе како измена на Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство. Ако тоа не се случи, неговата одлука ќе остане само како дело за аплауз и ништо повеќе. Кога се зборува за намалувањето на бенефициите на претседателите после мандатите, треба да се дискутира и за нивниот придонес кон државата кои тие можат да го дадат потоа. Моментално имаме двајца живи претседатели за кои државата издвојува пари за пензија, канцеларии и персонал.

Ако досега државата потрошила 1,1 милион евра за трошоци за канцеларии и за персонал, кои се бенефитите кои државата ги добила за возврат? Законот не ги обврзува бившите претседатели на никакви обврски кон државата. Поранешниот претседател има права и бенефиции според овој закон, но нема обврски. Ако, на пример, според член 10 од законот, „Претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на материјални трошоци за потребите при остварувањето на неговите активности“ повеќе од коректно би било да се знаат неговите активности. Дали воспоставените меѓународни контакти тој ќе ги користи за унапредување на надворешната политика на земјата или за влијание во интерес на државата, тоа треба јавно да се знае и регулира. Ако тоа не се направи тогаш нема потреба да се издвојуваат пари за канцеларии, советници и нејасни протоколарни обврски.

Државјанството, според меѓународното право се дефинира како комплет од права кои државјаните ги уживаат во рамките на државата, но и обврски кои тие ги имаат кон неа. Крајно време е претседателот, а и сите ние да почнеме да се однесуваме според оваа дефиниција и да си ги исполнуваме обврските кон сопствената држава.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.