fbpx

Дрвениот новоговор на кандидатoт Пендаровски: гарантирана формула за неуспех

Димитар Апасиев

Политика

28.03.19

Прегледи

Рес Публика почнува со објава на серијал текстови „Политички профили на претседателските кандидати“. Во рамки на серијалот, во наредните четири денови ќе бидат објавени блогови за секој од кандидатите на претстојните претседателски избори - проф. д-р Блерим Река, проф. д-р Стево Пендаровски, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова како и блог за потребата од независност за успешно вршење на претседателската функција. Вториот блог е посветен на претседателскиот кандидат проф. д-р Стево Пендаровски.

д-р Димитар Апасиев

Во политичката арена победува ораторот кој доблесно, одважно и достоинствено се држел до своите принципи и ставови во јавниот дискурс, а не оние политички „вртикапи“ кои, водени од сосем приземни и лукративни лични интереси, се поклонуваат пред парите и силата, наместо пред Правото и Правдата.

Како наближува официјалниот почеток на предизборната кампања за претстојните претседателски избори, така таа станува се пожестока и повалкана – инволвирајќи ги дури и приватните животи на членовите на потесните семејства на кандидатите и проблематизирајќи го нивниот капацитет за вршење на функцијата. Во продолжение ќе дадеме критички осврт на кандидатурата на владиниот протагонист Стево Пендаровски, од еден стручен реторички аспект, контекстуализирајќи ја на непишаните правила кои владеат во современото делиберативно говорништво.

Натофундаментализмот како единствена политичка матрица

Пендаровски (роден 1963 во Скопје) во јавноста за прв пат стана познат за време на вооружениот етнички конфликт од 2001 година, како тогашен млад, харизматичен и елоквентен портпарол на Министерството за внатрешни работи, кој на дневна основа ги соопштуваше бројките на „неутрализираните митралески гнезда на терористичката ОНА“ од страна на македонските вооружени сили. Потоа служеше како советник во кабинетите на двајцата македонски претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а во еден мандат беше и претседател на Државната изборна комисија. Од 2008 почнува неговата професорска кариера на еден приватен универзитет, главно на студиски програми од областа на меѓународната безбедност, тероризмот и светската политика. Во 2014, на петтите по ред редовни претседателски избори, тој беше кандидат на СДСМ – со поддршка од нивните тогашни пратеници во парламентот – и убедливо загуби во вториот круг од актуелниот претседател во заминување проф. д-р Ѓорѓе Иванов, со освоени безмалку 400.000 гласови – речиси 135.000 помалку од Иванов.

На македонската политичка сцена Пендаровски е познат како еден од најголемите јавни пропагатори и лобисти на НАТО идеологијата и схоластички апологет на т.н. Реал-политичка школа во надворешната политика на САД. Важи за приврзаник на американскиот глобализам и империјализам и поборник за зачленување на нашата држава во овој милитарен сојуз – по секоја цена, па дури и преку илегална промена на уставното име, спротивно на народната волја изразена на Референдумот (2018), кој не го доби потребниот уставен минимален цензус за успешност.

Кандидатите треба да се чесни и честити луѓе

Зборот „кандидат“ потекнува од Римското јавно право. Етимолошки доаѓа од белата тога (лат. toga candida), која намерно била избелувана со помош на отровен чад од сулфур, а која ја носел кандидатот за избор на висока магистратска функција, на јавните места и на Форумот, за време на предизборната кампања. По неа тој се одделувал од останатите римски граѓани и на тој начин станувал воочлив во масата народ. Од друга страна, пак, белата боја алудирала на тоа дека номинираниот граѓанин е без никаква флека, односно без црна дамка во кариерата, т.е. дека е „чист и чесен човек“. Но, дали ова можеме да го кажеме за претседателскиот консензуален кандидат на власта – Пендаровски?

Дамките на Пендаровската „бела тога“

Во неговата политичка кариера – која, фактографски гледано, повеќе е бирократско-консултантска, отколку државничка – ќе останат запаметени неколкуте дамки кои треба да бидат акцентирани при елаборацијата на неговиот кредибилитет и карактер како социјалдемократски „колерик-политичар“ од сенка:

(1) Тој денес е заеднички кандидат на владејачката „малцинска влада“, односно на коалицијата СДС и ДУИ, поточно на оние против кои ревносно војуваше во 2001 година – амнестираните воени злосторници за т.н. Хашки случаи;

(2) По т.н. Шарена револуција, во 2016, беше избран за пратеник во македонското Собрание, но подоцна – без никаков респект кон гласачите кои го гласале да биде нивен гласноговорник и народен избраник во парламентот – тивко и бесшумно беше трансфериран во Владата на премиерот Зоран Заев – како Национален координатор за подготовка на земјава за членство во НАТО-пактот.

Пендаровското премолчано одобрување на заевизмот скапо ќе го чини на изборите

(3) На овие, шести по ред претседателски избори, Пендаровски, веројатно со негова дозвола, координирано е кандидиран од страна на СДС и ДУИ „во четири лидерски очи“, иако претходно најголемата владејачка партија веќе распиша интерен Конкурс за пријавување кандидати – кој потоа ноншалантно го самопоништи, покажувајќи отсуство на елементарна политичка култура и извисувајќи ги другите потенцијални кандидати кои наивно веруваа во божемните искрени намери и во наводниот демократски капацитет на оваа владејачка клика.

Извор: prizma.mk

(4) Дополнително, вреди да се напомене дека при своите не толку далечни јавни изјави за името, Пендаровски се доведе самиот себе во многу незавидна позиција – драстично менувајќи го политичкиот курс, или т.н. чист став кој го застапуваше повеќе од една деценија. Па така, тој во едно интервју на ТВ 24 Вести, во својство на претставник на тогашната опозиција, изречно изјави: „Името не може да се менува без државен консензус. Не партиски, не владин, не национален, не етнички – туку државен консензус! Јас тврдам дека ова прашање има толку големи пропорции и нè засега буквално сите што живееме во оваа земја, да легитимитетот кој владејачката партија го има добиено на избори не е доволен... Знаете ли колку луѓе треба да гласаат на тој облигаторен референдум?... Значи, луѓето овде се согласиле на географска додавка. Кого прашале? Кој ги овластил? Кој им дал право да се договараат за географска додавка?“ (зат. цит.)

Политичарот мисли на следните избори, а државникот – на следните генерации

Една парафраза на поранешниот британски премиер Винстон Черчил одлично ќе ни ја долови суштината на она што сакаме да го истакнеме околу недоследноста и дискрепанцата меѓу искажаните зборови и направените дела на Пендаровски: „Човекот останува господар на она што ќе го премолчи, но станува слуга на она што ќе го изговори“! Досега, барем во неколку наврати, Пендаровски е фатен на дело како флагрантно ја лаже јавноста или – да употребиме еуфемизам – како не ја кажува Вистината. Политичката теоретичарка Хана Арент, говорејќи за модерната политичка лага, вели дека таа и е упатена на домашната лаичка јавност, а се однесува на општо познати работи кои се премолчуваат или извртуваат, а на нивно место се пласираат рафинирани полувистини. Ова, најчесто, се прави преку средствата за јавно информирање и мас-медиумите – неретко навредувајќи ја просечната интелигенција на слушателите/гледачите, како и логичкото здраворазумско размислување (common sense).

Денес, за овие јавни личности работат цели професионални PR-тимови и извежбани манипулативни рекламни агенции што ја градат сликата за нив, па со организирање на низа свечености, прослави, наводни „спонтани настани“ и сл. – но, и со создавање на фингирани проблеми кои фактички ги нема, а личноста чиј имиџ се гради треба божем да ги разреши – се постигнува тој да се перципира небаре како месија, односно како „херојот на нашето време“.

Преку разработените методи на социјалната психологија, пропаганда и политички маркетинг – каде посебно место имаат партиските ботови на социјалните мрежи, лажните вести, нарачаните телевизиски емисии и потплатените „фабрички новинари“ – се запаѓа во сивата зона на заносно-предизвикувачкиот карактер на делиберативната реторика. Затоа, стручно анализирајќи ги јавните настапи на кандидатот Пендаровски, мораме да предупредиме дека тие наликуваат на неодоливата песна на сирените која, иако милозвучна за увото, во себе може да крие голема опасност по иднината на Републиката – особено преку устоличување на тотална власт на актуелната владејачка коалиција, без никаков институционален систем на „кочници и рамнотежа“ (checks and balances).

Доблеста е суштинска за угледот и добриот глас на политичкиот оратор

Делиберативноста, која важи како прва придружничка на демократијата, се дефинира како неавтократска дискусија на група луѓе и нивните водачи за значајни прашања и донесување одлуки (decision making), во функција на промена на јавната политика заради остварување на заедничкото добро, односно на пошироките општествени интереси (res publica = „општо добро/јавна ствар“). Аристотел, во неговото прочуено дело Реторика, вели дека постојат три основни видови говорништво: (1) Судска реторика, или т.н. форензично беседништво; (2) Политичка реторика, или т.н. делиберативно беседништво; и (3) Пригодна реторика, или т.н. епидеиктично беседништво. За разлика од останатите два вида, кога станува збор за политичкото или уште наречено и симбулетичко говорништво – тоа, примарно, го восприема моралниот, т.е. етичкиот елемент (ethos) на граѓанинот, се однесува на иднината, критериумот кој го почитува е корисноста, доминантна аргументација е личниот пример, а конечната цел е советувањето и насочувањето на народот.

Првенствена цел на добриот политички говорник е неговото обраќање на аудиториумот да се заснова на силата на аргументите и на личниот интегритет, а не на авторитетот на силата и на моменталната општествена позиција или моќ – негова или на неговите партиски другари. Но, неспорно е дека долг е процесот за да се изградат мостови на доверба кон гласачите и електоратот, особено ако сте ги менувале изјавите за круцијални државнички и идентитетски прашања – во зависност од приликите и констелациите.

Оти, на крајот на краиштата, ние не ги слушаме зборовите, туку Човекот кој говори! Затоа, речиси секогаш, во политичката арена победува ораторот кој доблесно, одважно и достоинствено се држел до своите принципи и ставови во јавниот дискурс, а не оние политички „вртикапи“ кои, водени од сосем приземни и лукративни лични интереси, се поклонуваат пред парите и силата, наместо пред Правото и Правдата.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Димитар Апасиев

Димитар Апасиев (1983, Велес) е доктор на правни науки. Дипломирал, магистрирал и докторирал како првенец на повеќе генерации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тој е долгогодишен активист на Движењето за социјална правда „Ленка“ и член на президиумот на Левица. Има учествувано на преку стотина домашни и меѓународни научни симпозиуми. Автор е на десетина правни книги и монографии, како и на над 50 статии и стручни трудови. Бил правен консултант на неколку правосудни државни органи, синдикални организации, граѓански здруженија и неформални активистички иницијативи. Во моментов работи како доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право. Предава: Римско право, Судскa реторика и Философија на правото.