fbpx

Власта и граѓаните во Црна Гора: Оглушени на предупредувањата, мерките и одговорноста

Андреа Јелиќ

Андреа Јелиќ

Andrea Jelik 200x250Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши. Одговорноста на новата влада најдобро се илустрира со фактот дека нејзините претставници не се грижат ни за препораките што самите ги донесуваат. Граѓаните, како по обичај, страдаат.

Црна Гора е една од државите со највисоки бројки на новозаразени од вирусот КОВИД-19 на 100.000 жители, од 52 земји во Европа. Ова неодамна го покажаа податоците од различни европски статистички центри. Според едно неодамнешно истражување на Светската здравствена организација (СЗО), со дури 315 смртни случаи на 100.000 жители, таа се наоѓа на третото место во светот, a вторa e во регионот. Додека епидемиолозите предупредуваат дека ситуацијата е сериозна и дека најверојатно ќе се влоши, надлежните не преземаат доволно мерки за решавање на натрупаните проблеми.

Епидемиологот Милена Поповиќ Самарџиќ неодамна предупреди за тоа: „Не знам како може да очекуваме граѓаните да ги почитуваат мерките, ако претставниците на Владата на Црна Гора ги занемаруваат мерките што самите ги носат“. Таа оцени дека ситуацијата со пандемијата на коронавирусот во Црна Гора е многу загрижувачка.

Непочитувањето, како од властите така и од граѓаните, се потврдува со фотографии од последните општествено-политички настани во земјата - протестот во Цетиње по повод устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј и дочекот на патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј пред Храмот на Христовото воскресение во Подгорица. Само мал дел од присутните на овие собири ги почитуваа најновите мерки пропишани од Институтот за јавно здравје на Црна Гора (ИЈЗЦГ).

Во пресрет на овие масовни собири, никој од надлежните не најде за сходно да им се обрати на граѓаните и да апелира да останат дома и да ги почитуваат мерките. Напротив, највисоките државни функционери - претседателот Мило Ѓукановиќ и премиерот Здравко Кривокапиќ почестија дел од овие собири со своето присуство.

Најновите мерки против ширење на вирусот

Новите мерки во борбата против коронавирусот, усвоени од Владата на Црна Гора, важат до 22 октомври.

Националната дигитална потврда за ковид важи само ако лицето исполнува еден од пропишаните услови: да биде целосно вакцинирано, без разлика колку дена поминале од ревакцинацијата, да има негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или позитивен PCR тест постар од 14 дена, но не и повеќе од 180 дена, или да поседува негативен брз антиген тест не постар од 48 часа.

Дозволено е собирање на населението во затворени и на отворени јавни места, како и организирање јавни приредби, политички и приватни собири, прослави, забави, свадби како и други манифестации на отворени јавни места, освен во присуство на повеќе од 50 луѓе, во согласност со пропишаните мерки.

Посетите на културните установи (театри, кина, музеи, галерии итн.) се дозволени само со Националната дигитална потврда за ковид. Забрането е и присуство и задржување на повеќе од 50 возрасни лица заедно на отворено јавно место (тротоари, плоштади, улици, шеталишта, плажи).

Вакцинацијата се одвива бавно

Додека некои европски земји речиси ја завршија вакцинацијата, како Данска или Ирска, според статистиката во Црна Гора нема основ за оптимизам дека вакво нешто ќе се случи кај нас во блиска иднина.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ, на неодамнешната прес -конференција по повод новите мерки, соопшти дека повеќе од една третина од моментално заболените се граѓани на возраст од 20 до 39 години. „За жал, оние кои се најчести преносители на вирусот се од категоријата со најмалку вакцинирани – одзивот во овие категории е од 20 до 30 проценти, а постарите луѓе страдаат поради нив - во семејствата, во работната средина“.

Според податоците што институтот ги добива од болниците, 86,5 отсто од починатите од Ковид-19 од 4 мај до сега, биле невакцинирани пациенти. Иако Европската унија (ЕУ) ја постигна поставената цел и вакцинираше 70 отсто од возрасното население до 1 септември, во Црна Гора тој процент е само 47,6. Младите се најмалку вакцинирани - само 20 отсто. Досега се обезбедени 762.340 дози вакцини - Фајзер, Спутник В, како и кинеските и Астра Зенека.

Според информациите од некои постари граѓани, за патронажна вакцинација се чека со денови. Некои од нив се пријавиле за таква вакцинација и две недели однапред, и сè уште се на листата на чекање. Речиси три четвртини од граѓаните сметаат дека вакцинацијата треба да биде приоритет. Ова се резултатите од последното истражување спроведено од агенцијата Ипсос на крајот на јули во Црна Гора, како што неодамна објави УНИЦЕФ во Црна Гора.

Истражувањето покажало дека бројот на граѓани кои не сакаат да се вакцинираат се намалил од 44 на 35 отсто од јануари до јули оваа година. Меѓу неопределените почесто има луѓе кои велат дека не се доволно информирани за оваа тема, додека меѓу оние кои не сакаат да се вакцинираат почесто има луѓе кои немаат доверба во здравствените установи и кои не се загрижени дека ќе се заразат со коронавирус, како и луѓе кои се сомневаат во сите вакцини и веруваат дека треба генерално да се избегнуваат.

Најголем број заболени во основните училишта

Според информациите од веб-страницата Ковид и образованието, повеќето заболени се во основните училишта - 330 ученици и 68 наставници, додека 308 ученици и 53 наставници се заразени во средните училишта.

Vlasta i graganite vo Crna Gora Ogluseni na predupreduvanjata merkite i odgovornostaИзвор: shutterstock.com

Директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ, изјави дека ситуацијата во црногорските училишта - не е алармантна - земајќи го предвид фактот дека во Црна Гора, основните и средните училишта ги посетуваат речиси 96 илјади ученици и околу девет и пол илјади просветни работници.

Пред почетокот на учебната година, Министерството за образование, наука, култура и спорт објави дека обезбедиле топломери, средства за дезинфекција на рацете, просторот и површините, како и други средства за хигиена. Просветарите тврдат дека проблемот со набавка на заштитна опрема сè уште не е решен и дека се принудени сами да купуваат маски и средства за дезинфекција за да можат да одржуваат часови.

Извесно е и враќањето на учениците од основните и средните училишта на онлајн настава. Ова го соопшти претседателот на одборот на Синдикатот за просвета за Подгорица, Слободан Савовиќ. Се организираа и граѓански протести по повод одлуката децата да носат маски за време на часовите.

Поднесени пријави поради сомнение за фалсификување потврди

Има и несовесни граѓани. Министерството за здравство неодамна поднесе пријава до Полициската управа поради сомнение за фалсификување потврди за вакцинација. „Отворена е и веб-страница, врз основа на која потврдите всушност биле злоупотребени. Очекуваме брза акција на полицијата“, соопшти министерката Боровиниќ-Бојовиќ.

Како што рече таа, имале и анонимна пријава дека се издаваат лажно негативни ПЦР тестови, што исто така било пријавено во полиција. Сè уште се чека на расветлувањето на овие случаи.

Според одредени наводи, Дирекцијата за инспекциски работи досега нема добиено никакви пријави во врска со фалсификување потврди. Од таа институција, во соработка со полициската управа, ги интензивираат контролите на новите Национални дигитални потврди за ковид. Нивниот надзор посебно опфаќа трговски центри и угостителски објекти.

Најпогодени од кризата се угостителите и малите бизнисмени

Новите епидемиолошки мерки негативно ќе влијаат врз работата на угостителите, а предложено е Министерството за здравство да ја разгледа можноста за нивно менување, беше соопштено на последната седница на Групацијата угостители на Стопанската комора (ПКЦГ).

Секретарот на таа група, Сања Марковиќ, рече дека претставниците од економијата не биле доволно консултирани при усвојувањето на мерките. „Угостителите се дискриминирани во однос на другите дејности во Црна Гора и доведени се во неизвесност и крајна неодржливост на работата, бидејќи само вработените во угостителската индустрија треба да имаат дигитален сертификат за ковид, негативен PCR или BAT тест или потврда за прележан вирус."

Според стопанствениците, носителите на одлуки во наредниот период треба да ја разгледаат можноста за намалување на товарот врз основа на работата (придонесот) и да започнат со примена на намалена стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од седум отсто за сите услуги во угостителството (храна и пијалак), без оглед на регистрацијата на објектот. „На тој начин, би ја прошириле даночната основа и деловното опкружување би станало поприфатливо за економијата и би влијаеле на намалување на сивата економија“, заклучија угостителите кои присуствуваа на споменатата сесија.

Според директорката на Дирекцијата за развојни политики во туризмот при Министерството за економски развој, Александра Гардашевиќ Славуjица, летната туристичка сезона била успешна. „Пред нас е нова цел - успешна пост-сезона, која е целосно подготвена, а чија реализација зависи од одговорното однесување на сите нас“.

Податоците од полициската управа покажуваат дека од 1 мај до 30 август, 2,3 милиони странци влегле во Црна Гора, претежно од регионот. Туристичкиот промет, само во јули и август, бил на ниво од 95% во 2019 година, според истражувањето на Министерството за економски развој и Националната туристичка организација.

Има и такви кои веруваат дека немало доволна реакција на државата во последниот бран на пандемијата. „Очекувавме повеќе информации за короната и повеќе научни истражувања, бидејќи вирусот е присутен веќе година и пол. За возврат, добивме наредби, противуставно затворање, ограничување на движењето и директен напад врз слободата на избор. Полека, но сигурно, доаѓаме до ситуација на целосна економска пропаст предизвикана од лоши избори“, за Рес публика вели Зарија Павичевиќ, координатор на Алтернатива на Црна Гора, граѓанска партија која организираше протести пред Министерството за здравство против одредени епидемиолошки мерки на почетокот од септември.

Според него, мерките најмногу ги погодиле угостителите и малите стопанственици кои немале грб да го поднесат товарот што им го наметнува државата. „Сè што беше забрането минатата година, сега е дозволено, а епидемиолошката ситуација е многу полоша. Не помагаат ни контрадикторните мерки на Советот за спроведување активности за отстранување и искоренување на заразни болести предизвикани од новиот коронавирус, според кои може да се оди без маска во кафеана, а во училиштата маските се задолжителни. Ги наведуваат граѓаните да ја преиспитаат секоја наредна одлука на надлежните, а можеби и да останат глуви за таквите мерки, бидејќи таквиот пристап само создава незадоволство кај веќе напатените луѓе“, посочува Павичевиќ.

Кај нас мерките најчесто се мртво писмо на хартија. За да се уверите во тоа, доволно е да се прошетате по улиците низ Подгорица, каде што има најголем број заразени лица. Малкумина носат маски или одржуваат растојание. Во периодот што следува допрва ќе се видат вистинските епидемиолошки ефекти од масовните собири поради турбулентните политички настани. Затоа што, повторно, политиката го помати умот.

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши. Одговорноста на новата влада најдобро се илустрира со фактот дека нејзините претставници не се грижат ни за препораките што самите ги донесуваат. Граѓаните, како по обичај, страдаат.

 

Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS) и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Андреа Јелиќ

Андреа Јелиќ е фриленс новинарка од Црна Гора. Пишува за независниот неделник „Монитор“ и порталот на Првите црногорски независни електронски вести (PCNEN), претежно за социјални прашања - екологија, образование, рамноправност и здравствена заштита. Учествувала на повеќе семинари и посетувала неколку обуки за новинарство. Дипломирала комуникологија на Факултетот за комуникациски науки на Универзитетот „Алдо Моро“ во Бари, Италија. Дел од своето образование го поминала на Универзитетот „Меиџи“ во Токио, Јапонија. Живее и работи во Подгорица.