Еколошка неетичност

Александар Самарџиев

Aleksandar SamardjievДали луѓето кои ја уништуваат природната околина ги прифаќаат информациите дека последиците ќе ги почувствуваат и самите? Ако не се плашат дека тоа ќе влијае врз нивното здравје, се плашат ли од законските санкции, како парични казни, па дури и затвор. Како мисли и како постапува еден поединец, зависи каква личност оформил уште од детството, а за подобри морални вредности кога се оформува младата личност придонес може да даде изучувањето на етиката.

Експлоатирањето на планетата Земја од страна на човекот во 20-тиот и 21-от век кога достигна највисоко ниво, создаде несогледиви еколошки последици, па се појави потребата од тоа да се зборува и прави повеќе околу грижата за животната околина и природата од чиј опстанок зависи и човековото битисување. Иако луѓето во 21-иот век достигнуваат многу натпреварувајќи се во техничко-технолошките и индустриските дострели, тоа не е така кога станува збор за вниманието кон природата. Дури може да се каже дека постои силна поделба на категории луѓе кои повеќе или помалку имаат еколошка свест, свесност за потребата да се чува и унапредува природната околина.

Иако човекот и неговите потреби и придобивки според антропоцентризмот се на централно место во однос на природата и останатите живи суштества, еколошката етика, од друга страна, кај дел од луѓето побудува совесност која им вели дека треба да бидат одговорни за местата во кои живеат поради опасноста од нивно уништување, со што можат да си наштетат и на самите себе.

„Со кој памет го направи тоа?” -како прашање многумина си го поставуваат кога ќе забележат несовесна постапка на друг поединец со која тој ја загрозува животната средина. Загадениот воздух и почва, огромниот број фрлени отпадоци, исечени дрвја, уништено зеленило во Македониja се причините поради кои може да се тврди дека постои голема поделба меѓу луѓето според еколошката (не)совест.

Како да постои „црно-бел“свет на сфаќање на потребата од зачување на природната околина. Едноставна е поделбата - од едната страна се оние кои редовно фрлаат смет на улица, а од другата оние кои отпадокот ќе го фрлат во корпа, па макар го однеле и дома. Сопственици, менаџери, шефови на фабрики - сите првенствено размислуваат за  профитот отколку да стават филтри на оџаците што го загадуваат воздухот. Условите за еколошкото работење ги има во законите, а потребно е само раководствата на фабриките да ги почитуваат и спроведуваат, со што значително ќе помогнат во подобрувањето на животната средина.

Последиците сé повеќе се чувствуваат по човековото здравје

Истражувањата покажуваат дека последиците од загадениот воздух се се` почеста причина за смртта кај луѓето. Така, резултатите од анализите се дека во главниот град секој трет починал токму поради влијанието на отровните материи во воздухот врз човечкиот организам.Се поставува прашањето дали и како оваа информација влијае врз размислувањата на луѓето кои со своите постапки негативно влијаат врз срединатаво која и од која живеат.

Дали луѓето кои свесно или несвесно негативно придонесуваат за да ѝ е наштети на природната околина ги прифаќаат таквите информации чии последици можат да ги почувствуваат и самите. Ако не се плашат дека загадениот воздух може да има влијание врз нивното здравје, се плашат ли од останатите можни санкции, како што се казните во законот за јавна чистота. Ако фрлат отпадок или на сличен начин ја уништуваат природата се соочуваат со парични казни, а раководителите на институции и фабрики доколку не работат на воспоставувањето на еколошките стандарди, дури можат да завршат во затвор.

Сепак, за законот за јавна чистота и другите слични облигации, се поставува и прашањето колку тие доследното се применуваат, а институциите соодветно и правично ги определуваат казните. Ако нема примена на законските регулативи граѓаните не се ни плашат, па фрлаат отпадоци. Исто така речиси да нема казни за оние големи загадувачи како фабрики, рудници и слично, кои си продолжуваат со работењето, но и со загадувањето.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека луѓето дури имаат висок степен на знаење и информации дека, на пример, загадениот воздух е сериозен проблем кој итно бара надминување поради негативните ефекти по човековото здравје. Така, во една од тие анализи се вели дека 82 проценти од населението знае за загадениот воздух, но од друга страна слаб е конкретниот придонес на граѓаните кон зачувување на природата. Тоа може да го видиме од сообраќајните метежи, каде секој кој тргнал со автомобил лично придонел за аерозагадувањето, а најверојатно во анкета истите тие посочиле дека знаат за загадениот воздух како значаен проблем на секојдневието и егзистенцијата.

ekoloska neeticnostИзвор: МКД.мк

Како да постапиме со природата - пишува во книгите

Секој човек се соочува со дилеми како да постапи за сите прашања во животот, за да ја избере правилната одлука и постапка. Така е и кога пред него се темите поврзани со природата и екологијата. Професорот Кирил Темков во своето дело „Етиката денес” (1999a) вели дека животот е една голема тајна и етички предизвик.

„Од неизвесноста на изворот и смислата на постоењето, па оттаму не следува еднозначна определба на неговите текови и насоки“ (Темков К., 1999б).Оваа аксиома на Темков можеби дава одговор за разликите меѓу луѓето. Ако имаме различни човечки ставови за животот и неговите текови, такви ќе бидат и размислувањата, ставовите и постапките кон животната средина. Понатаму, според Темков, кој вели „етиката е денес единствен начин на каков било опстанок“ (Темков К., 1999ц), може да го согледаме начинот на кој човекот има солидна основа да ги надмине проблемите со природата која самиот ја уништил.

Етиката претставува теориска основа која секој поединец може и треба да ја искористи, да научи и да осознае како да ја зачува природата која самиот ја уништил. Оваа наука може да биде добра водилка за човековото однесување и постапки кон животната средина, но и воопшто за подобрување на општествениот живот. Ако водилка на секој поединец е дека со своите постапки прави нешто добро кон природата, ќе ги поттикне и другите, па така заеднички сите ќе можат да го достигнат она што сега изгледа недостижно - чиста и здрава природна околина за секого.

Во книгата Етика на новинарството, во поглавјето Биоетика авторот Дејан Донев ја објаснува врската на човекот и природата, како и потребата од сериозен пристап во размислувањата и постапките кон ова прашање.

             „Природата е единствената основа на животот на Земјата. Во неа се насобрани сите елементи на постоењето и сите сили на творештвото на Земјата. Природата ги дава условите за опстанок на животот на нашата планета. Таа е извор на сите животни ресурси. Но и самата природа е форма на животот како целина и карактеристика. Не може да биде искористувана над нејзините капацитети, ниту да биде уништувана дел по дел или во целост затоа што со тоа се загрозува квалитетот на животот и неговото постоење воопшто. Природата треба да се чува како наша голема Мајка”. (Донев Д., 2011)

Понатаму, авторот Донев потенцира дека согледувањето на овој проблем, потребата за луѓето самите да бидат свесни кога во прашање се причините и последиците по животната средина спаѓа во најзначајните современи биолошки, антрополошки, политички и етички прашања, при што основно е прашањето како да се спаси природата ако тоа спасување не стане дел од етичките вредности на сите, ако за тоа не дадат придонес сите.

Сите различни човекови мисли за една здрава природа

Луѓето имаат разни улоги во општествените животи (учители, војници, новинари, милионери, бизнисмени, невработени), разни припадности по националност, религија, политички определби, разнолики уверувања, но во иднина само единството на сите нив и огромната совесност може да ја спаси животната средина која е во загрозувачка состојба.  Природата околу човекот е неговиот живот и доколку тој живот не се одржува, нема да постои. Податоците дека луѓето умираат од загадениот воздух веќе силно алармираат за опасноста по секој поединец и потребата од брза и итна промена на размислувањата, ставовите, како и постапките, кога во прашање е зачувувањето на природната околина во која живее населението.

Како мисли и како постапува еден поединец, зависи каква личност оформил уште од детството. Семејното воспитување и стекнатото образование се главните насоки како една личност ќе созрева, па оттаму и какви ставови, мислења и постапки ќе има, пред се`, кон зачувувањето на природната околина во која живее. За подобри морални вредности кога се оформуваат младите личности придонес може да даде изучувањето на етиката.

Сега, децата главно ја стекнуваат етиката при домашното воспитување, а ако ја изучуваат како училишен предмет барем ќе имаат можност да научат како да се однесуваат човечно и разумно, пред се`, кога станува збор за тоа како да се чува и унапредува средината во која живеат. Етиката да се втемели во образованието како идеја веќе долго време ја застапува професорот Кирил Темков, а има голема поддршка од неговите колеги. Ако светот им останува на младите, тогаш сегашните генерации возрасни кога веќе не им оставаат здрава животна средина на помладите, треба да им овозможат да ја имаат етиката во наставата како добра основа или завет. Да знаат како да го направат спротивното од она што сега на лош начин се прави кон животната средина и да умеат повеќе да ја почитуваат, да се грижат и да ја зачуваат природната околина.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Мирен премин на власта
Градски паркови, а не градски градилишта
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 21 Август 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: