fbpx

Помилувањата на претседателот Иванов се ништовни

Светомир Шкариќ

Јавен интерес

Правда

21.06.18

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ 

svetomir skarik 200x250Ако нешто е направено спротивно на законот, тогаш тоа што е направено е ништовно по силата на правото (ipso iure). А токму тоа се случи со помилувањата, првпат по осамостојувањето на македонската држава, и тоа од претседател - дипломиран правник.

Помилувањата на претседателот Иванов на 56 лица се ништовни и како такви не произведуваат правни последици кон никого бидејќи се засновани на непостоечка законска норма. Како управни акти лебдат во воздух, без основа во Законот за помилување како lex specialis. Тие се виртуелни што никого не обврзуваат ниту сега ниту во иднина. Никој не може да ги оснажи со своја одлука, вклучувајќи ја и одлуката на Врховниот суд на Грција со која е одбиена екстрадицијата на две помилувани лица. Помилувањата не ќе може да ги врати во живот ниту Европскиот суд за човекови права, наспроти желбите на адвокатите што ги бранат помилуваните лица пред македонските судови. Помилувањата се мртви уште пред да се родат, односно тие се непостоечки од моментот на нивното потпишување на 12 април 2016 година.

Апсолутна ништавност

Од ништо може да настане само нула, но не и нешто друго. Што е ништовно од самиот почеток, останува такво засекогаш. Ништовна норма е еднаква на непостоечка норма - норма која се смета како да не е донесена. Станува збор за апсолутна ништавност, за нешто што се смета за непостоечко во реалниот свет. Против таква ништавност нема правен лек, ниту во Македонија ниту било каде во светот уште од римското право. Ако некоја норма се роди „грбава“, тогаш грбавоста засекогаш останува како факт. Ова е аксиома од трајно значење уште од времето кога правото (jus) почна да извира од правдата (justitia).

Со други зборови, ако нешто е незаконито од самиот почеток тогаш тоа не може да стане законито со тек на времето. Ако нешто е направено спротивно на законот, тогаш тоа што е направено е ништовно по силата на правото (ipso iure). А токму тоа се случи со помилувањата, првпат по осамостојувањето на македонската држава, и тоа од претседател - дипломиран правник. Претходните помилувања на претседателите Трајковски и Црвенковски се законити, бидејќи се засновани на Законот за помилување од 1993 година. Нивна основа е членот 11 од законот кој му дава право на шефот на државата, по исклучок, да ослободи некое лице од кривично гонење без спроведена постапка, кога тоа е во интерес на земјата или кога тоа го налагаат одредени околности. Станува збор за помилување во форма на аболиција. Трајковски ослободи две лица од гонење инволвирани во случајот „Големото уво“, а Црвенковски едно лице во случајот „Глобал“.

Владата на Никола Груевски беше против аболицијата по случајот „Глобал“. И затоа му предложи на Собранието да го укине членот 11, со цел да се елиминира правото на претседателот во иднина да дава аболиција на лица инволвирани во криминал. Овој потег го поздрави јавноста, бидејќи аболицијата е екстремен облик на милост, наследен од римските принцепси и апсолутните монарси, од времето кога тие имаа неограничена власт и кога беа единствени носители на суверенитетот. Со појавата на парламентот, аболицијата стана анахрона и деструктивна за народниот суверенитет и судската власт.

Но, во 2016 година, поради промена на околностите, се случи парадокс. Власта што ја укина аболицијата, одново пројави желба да ја врати на сила, за да може да се заштити од кривична одговорност. Во враќањето на нешто што не може да се врати, на нечесен начин се вклучија и Уставниот суд и Собранието на РМ, како еден тим заедно со претседателот Иванов. Уставниот суд се обиде да создаде привид дека ја оживува избришаната норма, а Собранието тоа да го санкционира на еден перфиден начин - преку калемење на нов член врз мртва подлога. На тој начин, оддалечувајќи се од правото, помилувањата станаа инструменти на политичка моќ, а не инструменти за корекција на правдата.

41 одлука и 56 решенија за помилување се донесени „грбаво“, спротивно на Законот за помилување и целите на помилувањето утврдени од страна на кривичноправната наука. Само едно решение беше во функција на правдата, она за лицето осудено во аферата „Пуч“, кое во договор со обвинителството ја призна вината. Интересно е што овој осамен случај на помилување, Иванов го третира како „амнестија“, а не како помилување. Тоа кажува дека самиот ги помешал поимите „амнестија“ и „помилување“ и дека не водел сметка кога ги потпишувал одлуките за „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници“.

Не ја проверил доволно ни точноста на податоците за помилуваните лица. Наведено е името и презимето на помилуваното лице и местото каде што тоа лице е родено. А лица со такво име и презиме може да има повеќе во едно село или град. Потоа, помилувани се и лица против кои не е водена предистражна или истражна постапка. А тоа значи дека немале ни потреба од помилување. Во такви околности, поединечните решенија за помилување останаа необразложени за да не се откријат злоупотребите што намерно се направени. А кривичноправната наука бара решенијата да бидат пошироко образложени, бидејќи се работи за аболиција, за широко влегување на извршната власт во судската сфера.

На апсолутна ништавност може да се повика секое заинтересирано лице, а судот или друг државен орган мора по службена должност да ги види причините за ништавноста. Ништавноста настапува по сила на законот (ipso iure). Тоа значи дека не е потребна судска одлука со која би се прогласил актот за ништовен, треба да се игнорира неговото донесување. Ако, пак, судот донесе таква одлука, тогаш таа би имала декларативен карактер, што значи дека судот не го поништува ништовниот акт туку само ја констатира неговата ништавност.

Така постапи СЈО кога ги доби одлуките и решенијата за помилување. Доволно беше што го забележа членот 11 во преамбулата на наведените акти и што констатира дека такви акти се непостоечки за СЈО, бидејќи се засновани на норма што не е дел од правниот поредок. Се работи, значи, за апсолутно ништавни одлуки и решенија, од гледиште на правната теорија.

СЈО смирено, без возбуда, продолжи достоинствено со својата работа како ништо да не се случило, иако доставениот список од 56 одлуки за аболиција е потпишан од Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот чиј татко е уставен судија. А одлуките беа застрашувачки, бидејќи некои од нив предвидуваа ослободување од гонење и на лица за кои се водат истраги за 10 до 27 кривични дела. Станува збор за лица кои се во тежок судир со кривичната правда и јавниот интерес, за лица кои сториле голема неправда (iniuria).

Причините за апсолутна ништавност треба да се бараат и во сферата на моралот. Одлуките и решенијата за аболиција се донесени, не поради грижата за правдата и правната држава, туку заради заштита на криминалот на високо позиционирани лица во јавната сфера. Во таков контекст, аболицијата е морално неодржлива. А моралот бил отсекогаш основа на правото и ќе биде тоа и во иднина, инаку не би можел да опстане како цивилизациска вредност. Оној што штити неказнивост мора самиот да биде казнет, независно за кого станува збор.

pomiluvanjata na pretsedatelot ivanov se nistovniИзвор: telma.com.mk

Нечесна игра на Уставниот суд

Одлуките на Уставниот суд се извори на уставното право. Преку нив, Уставниот суд ја обезбедува супрематијата на Уставот како највисок правен акт. Што ќе каже Уставниот суд, тоа е Устав во материјална смисла. Затоа Уставниот суд е врзан само за Уставот. Тој е над сите државни органи и не подлегнува на начелото на поделба на власта. Тој е врзан само за Уставот кој е единствена граница во неговото делување.

Но одлуките на Уставниот суд го обврзуваат и самиот суд. Тој не може да ги менува како што ќе му текне. При носењето на новите одлуки мора да води сметка за претходно донесените одлуки. Токму од оваа обврска Уставниот суд отстапи во март 2016 година кога го укина избришаниот член 11 од Законот за помилување. Претходно, во февруари 2012 година донесе Решение за отфрлање на иницијативата поднесена од Движењето „Ленка“ за враќање во сила на избришаните одредби од Законот за вработување со образложение дека „Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи со враќање во сила на оние кои повеќе не се во правниот поредок“.

Уставниот суд намерно го заборави Решението од 2012 година, со цел да му го расчисти патот на Иванов и да му овозможи да се потпре врз членот 11 од Законот за помилување, создавајќи привид дека наведениот член одново се враќа во живот. Така ја сфаќаат одлуката на Уставниот суд од 2016 година и адвокатите на помилуваните лица: „Кога со одлука на Уставниот суд се укинале измените од 2009 година, автоматски во правна сила се вратило старото законско решение. Зар ќе останела празнина“.

Така размислувало и тогашното парламентарно мнозинство. Се создаде пошироко уверување дека аболицијата може да помине и дека може да биде одржлива, со укинувањето на измените од 2009 година. Во тоа најмногу веруваше претседателот Иванов или тоа му одговараше за да ја заврши работата: „Одлуката ја донесов врз основа на правата, но и обврските што ми се дадени со Уставот и во Законот за помилување. Од правен аспект се` е чисто и јасно“.

Во јавноста се создаде збрка и во врска со дејството на одлуката на Уставниот суд од 2016 година. Наводно, ако неговата одлука била поништувачка, тогаш членот 11 би се вратил во сила. И тоа е погрешно толкување. Поништувачките одлуки ги укинуваат само последиците од поништените норми, но не ги враќаат нормите во живот. Во живот може да ги врати само Собранието како законодавен дом, но не со иста содржина и форма. Ако новите норми бидат реплика на укинатите норми, тогаш Собранието не ги почитувало одлуките на Уставниот суд. Новите закони мора да содржат нешто ново во однос на укинатите одредби. Од ова правило Собранието отстапи кога во Законот за лустрација од 2011 година повторно ги врати на сила укинатите одредби од Законот за лустрација од 2008 година со иста содржина.

Со менување на сопствените одлуки, Уставниот суд внесува правна несигурност и во меѓународните односи. Тоа се гледа и од односот на Република Грција во преговорите за разликата околу името. Имено, Грците бараат промена на Уставот, за да го оневозможат Уставниот суд да го укине Законот за ратификација на билатералниот договор што евентуално би го склучиле со Република Македонија во врска со разликата за името. Така постапи Уставниот суд во 2002 година кога го укина Законот за ратификација на Билетаралниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција за изградба и управување со нафтоводот Солун – Скопје.

Пред тоа, во повеќе наврати Уставниот суд изразил став според кој оценката за согласноста на меѓународниот договор со Уставот ја врши Собранието на РМ во постапката за ратификација на меѓународниот договор, кој по неговото ратификување станува дел од внатрешниот правен поредок, а со тоа и директно извршлив. Наведениот став, Судот го повторил во 1994, 1995, 1998, 1999 и во 2000 година. Подоцна, влегувајќи во конфликт со новата власт, Судот го промени својот став без изнесување на нови правни факти.

Промена на Уставот и на Кривичниот законик

Постојната уставна одредба за помилувањето треба да се прецизира во насока на исклучување на можноста таа да го опфаќа и правото на претседателот да аболицира. Помилувањето треба да го содржи само правото на претседателот да помилува лица веќе осудени со правосилна судска пресуда. Воедно, во Уставот треба да се вградат и одредби од процедурален карактер. Помилувањето да не го врши претседателот самостојно, туку на предлог на министерот за правда и по мислење на судот. Судската власт не смее да се заобиколува во ниту еден случај, бидејќи помилувањето ги дерогира судските одлуки.

Најприфатлива формула за помилувањето содржи Уставот на Грција. Помилувањата во таа земја ги дава претседателот на Републиката, но на предлог на министерот за правда и врз претходна консултација на претседателот со Советот во кој мнозинството го сочинуваат судиите. Помилувањата ги опфаќаат само осудените лица.

Промени треба да се извршат и во Кривичниот законик на РМ од 1996 година. Овој акт по содржина и опсег го поистоветува помилувањето со амнестијата. Во обата случаи ја предвидува аболицијата. Разликата е само во карактерот на едната и на другата категорија. Амнестијата ја дава Собранието на неопределен број лица што извршиле едно или повеќе кривични дела, а помилувањето го дава претседателот на Републиката на конкретно лице, независно за кое дело станува збор. Аболицијата треба да отпадне од Кривичниот законик (чл. 114) како право на Претседателот.

Врз основа на Уставот и Кривичниот законик треба да се донесе Законот за помилување, со прецизно утврдена постапка, која го исклучува самоволието на шефот на државата. Само под такви услови помилувањето може да претставува милост и да се третира како еднократен чин, без можност да се повлече назад, како што тоа го стори претседателот Иванов под притисок на домашната и меѓународната јавност.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.