Позицијата на политички Берлин за Преспанскиот договор е различна од германските научни сознанија за македонското прашање

м-р Свето Тоевски

sveto toevski200x250Во поглед на Преспанскиот договор, политичкото раководство на Германија треба да се потпира на сознанијата на својата научна, културна и филозофска елита, која три векови предничи во светот со објективните истражувања за македонскиот народ, јазик, култура и идентитет.

Во селото Нивици (Псарадес) во регионот на Мала Преспа во Република Грција, во средината на јуни годинава беше потпишан Преспанскиот договор заради окончување на 27-годишниот спор меѓу двете земји околу името на Македонија. Конечното профункционирање на договорот е обусловено со успешното реализирање на референдумот закажан за 30 септември 2018 година и од спроведувањето на уставните измени, наложени со договорот. Германската канцеларка Ангела Меркел при својата посета на Македонија на 8 септември 2018 година во разговорот со премиерот Заев ја искажа поддршката на својата земја на Преспански договор: „На 30 септември луѓето ќе гласаат дали ќе се отвори вратата за да станат дел од семејството на НАТО и ЕУ и тоа бара прифаќање на Договорот со Грција. Ако референдумот е успешен, ќе станете членка на НАТО и на европското семејство.“

Низ социолингвистичка, антрополошко-лингвистичка и етнолингвистичка синхрониска (во врска со сегашноста) и дијахрониска (во врска со минатото) анализа ја поставуваме поддршката на политички Берлин за Преспанскиот договор со ставовите и теренските студии и други научни дела на германската научна, филозофска и културна елита во врска со македонското прашање, затоа што постојат значителни разидувања меѓу денешната политичка позиција на Германија и позицијата на германската наука. Голем број германски етнолози, географи, лингвисти, филозофи, политиколози и публицисти во временски период од пред најмалку 230 години до денешни дни изнесуваат ставови и научни аргументи околу македонскиот јазик, идентитет, култура и историја спротивни со одредбите на Преспанскиот договор, кој, исто така, завлегува во детално регулирање на македонскиот јазик, идентитет, култура и историја.

Преспанскиот договор ја елиминира идентитетската придавка „македонски“ и креира споделен македонски идентитет

Во точка 3 во членот 1 од првиот дел на Преспанскиот договор, поточно „Спогодбата“, се изнесува дека:

„Официјалното име на Втората страна ќе биде ‘Република Северна Македонија’, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде ‘Северна Македонија’.

Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде ‘македонски јазик’,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став 3 и став 4 од оваа спогодба.

Термините ‘Македонија’ и ‘македонски’ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба.
Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно ‘на Република Северна Македонија’ или ‘на Северна Македонија’.

Во точката 7 од првиот дел во Преспанскиот договор се посочува и следново: „По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став 9 и став 10, термините ‘Македонија’, ‘Република Македонија’, ‘ПЈР Македонија’, ‘ПЈР. Македонија’, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца ‘поранешна југословенска Република Македонија’ и кратенката ‘пјРМ’ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст“.

Го наведуваме и членот 7, кој прецизира дека:

„Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините ‘Македонија’ и
‘македонски’ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став 2.

Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.“

Изразот „северниот регион на Првата страна“ го означува регионот на Северна Грција, кој во историската наука се означува и како „Егејска Македонија“ или како „Беломорска Македонија“, до пред усвојувањето на Букурешкиот договор во 1913 година, кога била извршена поделбата на дотогашната единствена и компактна целина на етнојазичната територија на која живеел македонскиот народ. Тој дел на таа територија го презела Грција.

Кое е конкретното значење на одредбите од членот 7 говори и самиот наслов „Историскиот договор за споделениот, заеднички македонски идентитет мора да биде испочитуван“ („Historic deal on shared Macedonian identity must be honoured“) на писмото на 40-тина интелектуалци и професори од Европа и САД до меѓународната јавност и кое беше објавено во англискиот весник „Гардијан“ на 20 јули годинава. Во ова писмо се вели: „Тој договор јасно ги разграничува политичките, историските и културните граници меѓу класичната грчка Македонија и – отсега – Северна Македонија, разјаснувајќи дека македонскиот идентитет може да биде споделен меѓу луѓе кои му придаваат различни значења.“ Со Преспанскиот договор се креираат два различни македонски идентитета: македонски идентитет во „Северна Македонија“ или „северномакедонски идентитет“, и македонски идентитет во „Грчка Македонија“ или „грчкомакедонски идентитет“.

mekrel zevПосета на германската канцеларка Ангела Меркел во Скопје. Извор: fokus.mk

Германски научници докажувале дека Грција ја краде македонската историја

Истакнатиот германски славист, македонист, политички научник и публицист Волф Ошлис (Wolf Oschlies), кој работел и во Центарот за аналитика во германската сојузна влада, нагласува дека неговиот сонародник географот Антон Фридрих Бишинг (Anton Friedrich Büsching) уште во 1788 година ја констатирал идентитетската и јазичната различност на Македонците наспроти Грците. Притоа, Ошлис ги посочува овие ставови на Бишинг: „Кои биле старите Македонци? Грците одамна тврдат дека тие биле Грци. А зошто тогаш Македонците од античките Грци биле нарекувани ‘варвари’? Бидејќи не зборувале грчки, туку македонски и не биле Грци туку Македонци. Македонците го имале својот сопствен јазик, кој со грчкиот јазик нема ништо заедничко.“

Првиот германски амбасадор во независна Македонија и македонски лобист Ханс Лотар Штепан (Hans-Lothar Steppan) во 2005 година ја објави книгата „Македонски јазол“ („Der Mazedonische Кnoten“) врз основа на досега непознати и необјавени документи за Македонија од политичкиот архнв на Министерството за надворешни работи на Германија во периодот од Берлински конгрес во 1878 година до Првата светска војна 1914 година. Во оваа своја детално елаборирана историографска студија за идентитетот на Македонците, Штепан ја обвини Грција дека „таа ја краде македонската историја“ и напоменува: „...во овој труд ќе биде докажано постоењето засебен македонски народ, не на еден бугарско-македонски, не на грчко-македонски, не на српско-македонски и не на албанско-македонски, туку на засебен македонски народ. ...и Грците им го оспорија правото на Македонците да се нарекуваат Македонци и да ја нарекуваат нивната држава Македонија. За да пред светот создадат слика дека имаат правна основа за нивната антимакедонска политика, тие тврдеа дека Македонија го украла културното наследство на Грција, како што е името Македонија, и се дрзнала да употреби еден стар грчки симбол, Ѕвездата од Вергина, на своето знаме."

Во својот труд „Проблемот на јазикот на Македонците во трудовите на раната германска македонистика“ од 2006 година, Волф Ошлис посочува на тројца еминентни германски научници, чии дела се документарни прикази за животот на Македонците. Географот Карл Естрајх (1873-1947) ги опишувал Македонците и нивниот јазик на начин што понекогаш гласи како некој препис на Крсте Петков Мисирков. За славистот Алфонс Маргулиес (1897-1928) самобитноста на македонскиот јазик не само што е неспорна, туку и лесно разбирлива штом се сеќава на јазикотворното влијание на „конзервативната“ Охридска книжевна школа. Географот Леонард Шулце Јена (1872-1955) во својата книга „Македонија – слики од пејзажот и културата“ (1927) ги отфрлил сите надворешни напори Македонците да бидат поделени според етнички, јазични и други критериуми, за да им се досудува припадноста на некоја друга народност. Шулце Јена велел дека Македонците имаат сопствен јазик.

Во контекстот на истакнувањата на македонската етнојазична и културна самобитност и нејзината различност наспроти грчката, Кристијан Фос (Christian Voß), професор по јужнословенски јазици и културолошки студии во Хумболд Универзитетот во Берлин, Германија, ја напишал студијата „Кон особеностите на јазичните изместувања во Северна Грција“ („Toward the peculiarities of language shift in Northern Greece“), изнесувајќи социолингвистичка анализа за состојбата во која се наоѓаат „славјаноговорните“ дијалекти, кои веднаш во книгата се конкретизираат како македонски говори. Фос посочува дека во Егејска Македонија со „славјаноговорните, македонските дијалекти се служат околу 200 илјади потенцијални говорители“. Таа студија е базирана врз теренското истражување спроведено од 1999 до 2004 година под наслов „Македонскиот стандарден јазик / дијалектниот континуум во 20 век: јазичната политика и употребата на јазикот во Република Македонија и во рамки на славјано-говорното малцинство во северна Грција“. Фос ги истражувал „славјаноговорните“, македонски дијалекти во 270 села во Северна Грција: во префектурите Костур, Лерин и во северниот дел на Кожани, потоа во префектурите Пела, Кукуш, Солун и во северниот дел на Иматиа, како и во префектурите Серес и Драма.

Студијата на Фос аргументира дека етничкиот идентитет на автохтоното македонско население во Егејска Македонија е ист како и идентитетот на Македонците на сета нивна некогашна етнојазична територија. Фос наведува повеќе примери дека тоа македонско население говори македонски јазик само дијалектно различен од, на пример, македонскиот стандарден јазик или во однос на македонските јазични дијалекти во Бугарија и во Албанија. На 20-тина километри оддалеченост од Солун, во „регионот каде што има широко распространета асимилација“, како што вели Фос, во селото Халкидона, тој разговарал со 74-годишен домороден Македонец. Во неговиот говор Фос утврдил присуство на српски и грчки зборовни заемки, но и оти, сепак, стариот Македонец го зачувал својот солунски дијалект на народниот македонски јазик. Еве ги искажувања на тој Македонец, кој зборувал за времето на „режимот на Тито“: „...tuka malce politichara garci ja zna:, zatoa vodja politik’ta protiv na titov’to … καθεστώς (режим – моја заб.), da kazheme, ka mu velat na titov’to takvo. Razbra shto ti kazah sega?“ (стр.95). Од друг информант – Македонец, но без да појасни од кое село или град е, Фос во својата студија го истакнува и следново искажување исто така проследено со лексички заемки: „...oti sam makedonec … taka sam roden, tuk sam roden, od djado para djado. Tam e… filito na mene.“ (стр.96-97).

Еден од најбележитите филозофи во интелектуалната историја на германскиот народ Јохан Готлиб Фихте (Johann Gottlieb Fichte) уште во 1806 година во своето знаменито дело „Обраќања до германската нација“, во Четвртото обраќање, ќе ја нагласи важноста на јазикот како природна основа да се одреди што е тоа нација и како една нација се разликува од друга нација, но и оти јазикот има длабока поврзаност со животот на народот и дека јазикот се развива од заедничкиот живот на народот. Во оваа смисла Фихте нагласува (стр. 68): „Во јазикот ... се пројавува сето единство на менталниот живот на нацијата, тој живот е депониран во јазикот на нацијата.“

Политичкото раководство на Германија да се потпира на научните стојалишта

Ова кажаново за германскиот јазик и порачано до германскиот народ уште пред 212 години има целосна актуелност и животна важност и за македонскиот јазик и македонскиот народ денес. Секакви договори за надминување на споровите меѓу државите на Балканот и за градење добрососедски односи меѓу тие и кои било други држави, треба да бидат во функција на натамошно опстојување на јазиците и на заедничкиот живот на кој било народ, вклучително и на македонскиот, без да се сечат природната поврзаност на македонскиот народ во Република Македонија и македонските малцинства во околните држави, во конкретниот случај со малцинството во Егејска Македонија, во северна Грција, што може да се случи со примената на Преспанскиот договор, како што тврдат низа научни работници и интелектуалци во Македонија.

Сегашното политичко раководство на Германија би требало во поглед на овој договор и воопшто во врска со третирањето на „македонското прашање“ повеќе да се потпира на стојалиштата и сознанијата на својата научна, културна и филозофска елита, која веќе три векови предничи во Европа и во светот со својот хуманистички став и со објективните истражувања на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и идентитет.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Европските десничарски движења не ја заобиколуваат...
Есента на еден гасовод
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 21 Ноември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не