fbpx
 

Приватен и семеен живот на истополовите партнери во Република Македонија

доц. д-р Елена Игновска

Elena Ignovska 200x250Доколку го следиме правното резонирање на судските одлуки на Европскиот суд за човекови права, ќе заклучиме дека и Македонија има обврска да обезбеди еднакви услови за остварување и заштита на правото на приватен и семеен живот за сите - ако форматот брак е неприфатлив во актуелниот момент, мора да постои друг формат: вонбрачна заедница, граѓанско/регистрирано партнерство итн.

Истополовите заедници не се регулирани со Законот за семејството, ниту пак со било кој друг закон во Република Македонија со што се крши правото на приватен и семеен живот спротивно на член 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Ваквата правна рамка се разликува од онаа во мнозинството земји членки на Советот на Европа кои дозволуваат одредена форма на правно препознавање. Компаративно, 15 земји (Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Исланд, Ирска, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Португалија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство) регулираат истополови бракови, додека 19 земји (Андора, Австрија, Белгија, Кипар, Хрватска, Чешка, Естонија, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Холандија, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото кралство) регулираат друга соодветна правна заштита во форма на граѓанско партнерство (само тоа или заедно со брак).

Приватен и семеен живот во нашиот национален правен систем (de lege lata)

Брак

Бракот се дефинира во член 6 од Законот за семејството како правно регулирана заедница помеѓу маж и жена во којашто се утврдени интересите на брачните другари, семејството и општеството. Законот за спречување и заштита од дискриминација ја забранува дискриминацијата врз основа на родот, припадноста на маргинализирана група, личниот, општествениот, семејниот и брачниот статус и било која друга основа утврдена со закон или ратификуван меѓународен документ (член 3). Овој закон ја дефинира еднаквоста како принцип според кој сите треба да бидат еднакво третирани во поглед на правата и обврските, опфаќајќи ги и различностите (неистоветни лица) кои исто така треба да уживаат еднаков третман (член 5, став 6).

Сепак, овој закон експлицитно ја прифаќа истата дефиниција на бракот како Законот за семејството (член 5, став 5). Во 2013 година, постоеше обид да се вклучи истата дефиниција во Уставот со цел да се зајакне и заштити ексклузивната позиција на бракот како хетеросексуална заедница, иако истите одредби веќе постојат во позитивната национална регулатива. Слична ваква тенденција беше забележана и во Хрватска, што е вредно да се спомене со цел да се споредат моделите на земјите кои го делат истото правно наследство од минатото (како дел од поранешна Југославија), а се стремат и да хармонизираат исто право во иднина (како дел од Европската унија). Имено, во Хрватска прашањето за уставното дефинирање на бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена беше одлучено на референдум. Големо мнозинство од граѓаните (повеќе од 65 отсто) гласаше за ексклузивност на бракот за хетеросексуалните партнери. Но, неколку дена по референдумот започна иницијатива за заштита на правото на семеен живот на заедниците кои не се брачни. Така, беше донесен Закон за истополово животно партнерство со цел да се воведе рамнотежа и да се елиминира чувството на нееднаквост поради новата дефиниција на бракот, но и соодветно да се имплементира Директивата 2004/38 за слободно движење на лица (и нивните семејства) во рамките на Европската Унија а особено по пристапот на Хрватска. Со тоа, истополовите партнерства добија определени права од трудовите односи (семејна пензија, здравствено осигурување), социјални и даночни привилегии, можност за добивање државјанство на партнерот кој е странец, пристап до сите институции и услуги (со исклучок на можноста посвојување дете) како и заедниците на партнери од различен пол.

Вонбрачна заедница

Вонбрачна заедница е правен термин што генерира правни последици. Таа е заедница на живот помеѓу еден маж и една жена која има континуитет повеќе од една година. Конституирањето на вонбрачните заедници е поврзано со самиот факт на заедничкото живеење, а не со било каков формален услов тие да бидат регистрирани. Статусот на нивно нерегистрирање создава проблеми во докажувањето на нивното постоење во праксата, проследено со правен вакум во поглед на законските пречки на иницирање на односите. Во останатото (имотните односи и меѓусебното издржување) правните последици се изедначени со последиците од брачна заедница (член 13 од Законот за семејството) со исклучок на можноста меѓусебно да се наследуваат, само поради тоа што вонбрачните партнери не се изрично споменати како законски наследници во lex specialis Законот за наследувањето. Ова значи дека, ваквата неформална (нерегистрирана) заедница исто така е ексклузивно право на хетеросексуални маж и жена, а заедничкиот живот на истополовите партнери и уште поважно правните последици од тој живот (имот, издржување итн.) остануваат надвор од секакаква регулатива (како да не постојат).

Практично, сите хетеросексуални партнери кои одлучиле да живеат заедно повеќе од една година, независно дали склучиле брак или не, ги уживаат правата на приватен и семеен живот и ги делат обврските кои потекнуваат од нив речиси исто како брачните партнери (со исклучок на правото на меѓусебно наследување). Сепак, заедничкиот живот на истополовите партнери не предизвикува никакви правни последици.

Privaten i semeen zivot na istopolovite partneri vo Republika MakedonijaИзвор: Francesco Palermo - WordPress.com

Приватен и семеен живот пред Европскиот суд за човекови права

Човековите права во областа на приватниот и семејниот живот отсекогаш се сметале за значајни за да бидат фундаментални, но и за релативни и од субјективна природа дозволувајќи им на националните власти, базирани на сопствен морал и традиција, да одлучат што подразбираат под нив. Поради тоа, понекогаш постои конфликт меѓу индивидуалните човекови права и национално заштитените вредности. Денес, се повеќе се критикува широкиот праг на толерантност бидејќи Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) треба да носи одлуки кои ќе бидат рационални зашто тие претставуваат европска хиерархија на вредности која не смее да варира од држава до држава. Ова особено се однесува на случаите кога се во прашање важни елементи од личниот идентитет, како почитувањето на правото на приватен и семеен живот на сите подеднакво кое се гарантира во сите понови случаи на ЕСЧП. Индивидуалните човекови права од областа на семејниот живот се заштитени во член 8 (право на приватен и семеен живот), член 12 (право на брак и семејство), член 14 (генерална заштита од дискриминација) и член 6 (1) (право на пристап до судски инстанци, фер и правично судење) од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Според пресудата на Судот во случајот Шалк и Корф против Австрија од 2010 година, произлегува дека националните власти не го кршат членот 12 доколку не регулираат брак и за истополовите партнери (во услови кога постои друг вид на препознавање, како на пример во случајот – регистрирано партнерство). Тука, Судот постави широк праг на толерантност поради длабоко вкоренетите културни матрици кои се разликуваат од едно општество до друго, сепак дозволувајќи можност за еволутивна промена на овој став во иднина.

Но, во случаите кои се однесуваат на членот 8 (правото на приватен и семеен живот) на истополовите партнери, Судот зазеде јасен став во подоцнежни случаи. Така, случајот Валианатос и другите против Грција од 2013 година нуди најдобра аналогија со случајот на Република Македонија (никакво правно препознавање) по кој Грција мораше да го промени своето законодавство и да регулира заеднички живот и за истополови партнери. Понов сличен случај (никакво правно препознавање), од 2015 година е Олиари и другите против Италија по кој и Италија доби позитивна обврска да обезбеди правна форма на приватен и семеен живот на истополовите партнери.

Најнов случај, од 2018 година е Орланди и другите против Италијаа кој се однесува на обврската на националните институции да ги препознаат и соодветно да ги регистрираат склучените бракови во странство на начин што ќе обезбедат правен статус еднаков или сличен на бракот и во домашниот правен систем. Во Италија, после споменатиот случај на Олиеари и другите против Италија, националните власти имаа обврска да обезбедат формат на заштита на приватниот и семеен живот и на истополовите партнери (во случајот граѓанско партнерство) под кој ги препознаваа браковите склучени во странство. Сепак, го изгубија спорот бидејќи не понудиле соодветна заштита пред да ги воведат партнерствата што довело до ситуација на правен вакум и соодветно до повреда на нивниот приватен и семеен живот (конкретно, немале законска можност на заеднички имотен режим за времетраење на заедницата на новостекнатиот имот, негова поделба во случај на разделување, можност за взаемно наследување, издржување и социјални права кои произлегуваат од заедничкиот семеен живот).

Приватен и семеен живот на истополовите партнери во Република Македонија de lege ferenda

Доколку го следиме правното резонирање на судските одлуки на ЕСЧП (за што и имаме обврска како земја членка на Советот на Европа), ќе заклучиме дека државата има обврска да обезбеди еднакви услови за остварување и заштита на правото на приватен и семеен живот за сите (ако форматот брак е неприфатлив во актуелниот момент, мора да постои друг формат: вонбрачна заедница, граѓанско/регистрирано партнерство итн). Затоа, се повеќе се зазема став на ниво на европски консензус дека прагот на толерантност во поглед на нешто што долго време се сметаше за сензитивно и под национална јурисдикција бидејќи е зависно од националниот морал, традиција, религија, обичај итн. мора да биде порестриктивен, а во прилог на заштита на универзалните човекови права. Во најмала рака, по една слична и аргументирана апликација пред ЕСЧП и Република Македонија во иднина би го изгубила спорот и би морала да понуди правна опција за заеднички живот и последиците од него и за истополови партнери.

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери. Тоа може да го направи сама, како случајот со Хрватска или по изгубен случај пред ЕСЧП кога би имала и официјална обврска, како случаите со Грција и Италија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кариерното советување и вработеноста: преку личен ...
Дали 2018 ќе биде најлошата година за капиталните ...
 

Коментари 1

Анонимен - Александар on Вторник, 16 Октомври 2018 06:29

Се слагам дека заедница не е лоша работа. Зошто тогаш ја ограничуваме на 2ца. Ако веќе не ставаме граници нека нема граница и на бројката на партнери. Или ова уште не е сварливо за европејците и тоа е доволно оправдување?
Впрочем кога ќе видите и сега сето тоа постои ама се некако побитни се тие работи отколку пр.
Како слепо лице да помине улица? Како дете со посебни потреби да посетува настава?
Како инвалидно лице да може да отиде на гости во станбен објект по случаен избор?

Ете некои човекови права за кои реално приоритетно треба да размислите.

Се слагам дека заедница не е лоша работа. Зошто тогаш ја ограничуваме на 2ца. Ако веќе не ставаме граници нека нема граница и на бројката на партнери. Или ова уште не е сварливо за европејците и тоа е доволно оправдување? Впрочем кога ќе видите и сега сето тоа постои ама се некако побитни се тие работи отколку пр. Како слепо лице да помине улица? Како дете со посебни потреби да посетува настава? Како инвалидно лице да може да отиде на гости во станбен објект по случаен избор? Ете некои човекови права за кои реално приоритетно треба да размислите.
Анонимен
Среда, 12 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не