fbpx

Разрешувањето на масовното прислушување претставува јавен интерес!

Јана Лозаноска

Правда

28.11.18

Прегледи
МК   ALB

д-р Јана Лозаноска

Jana Lozanoska 200x2501Случаите на СЈО започнуваат да наликуваат на шоу судења кои имаат за цел да ѝ покажат на јавноста дека правдата е задоволена со самиот чин на судење и кривично гонење. Но, прашањето е дали е така при постоење масовни злоупотреби или всушност станува збор за неможност за остварување на правдата поради големината и тежината на сторените дела.

Тројца од најодговорните за масовното прислушување – поранешниот премиер Никола Груевски и двајцата контраразузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски, се во бегство од кривичната правда. Унгарските судски власти експресно одлучија и одговорија позитивно на барањето за азил на Груевски, со што се комплицира обидот и барањето за екстрадиција, кое е извесно дека ќе биде одбиено. Атинскиот суд, пак, веќе го одби барањето на Република Македонија за екстрадиција на Грујевски и Бошковски и почната е постапка за азил. Ваквиот развој на настаните отвора многу прашања за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), независноста на правосудство во Македонија и степенот на владеењето на правото и правната држава. Токму масовното прислушување беше причината поради која падна владата на Груевски, после најмасовните протести во кои граѓаните беа носители на политичката промена, која подоцна беше узурпирана од партиските елити.

Правото на приватност во меѓународни рамки

Во изминатите неколку децении, на глобално ниво, незаконските следења на комуникациите се индикатор за злоупотребата на власта, без разлика дали се тоа демократии (на пример, случајот на Сноуден во САД) или диктаторски и автократски режими. Според Хана Арент, ваквата контрола од оние кои се на власт, која е во спрега со тајните служби, претставува еден од елементите на тоталитаризмот. Затоа и оправдано, во меѓународни рамки постои загриженост за овој растечки феномен, а со тоа пропоционално расте и регулирањето на правото на приватност и заштитата од незаконско следење на комуникациите.

Обединетите нации се особено активни во таа насока. Најнапред, со донесувањето на Резолуцијата за правото на приватност, и тоа во дигиталната ера, на Генералното собрание на ОН и потоа со воспоставување на мандатот на Специјалниот известувач за правото на приватност. Пактот за граѓански и политички права и слободи на ООН, чија земја членка е и Република Македонија, во членот 17, ја уредува заштита на правото на приватност. На регионално ниво, Европската конвенција за човекови права, чија земја потписник е повторно Македонија, во членот 8, ја уредува заштитата на приватноста, фамилијарниот живот, домот и комуникацијата. Оваа обврска е составена од неколку нивоа. Односно „почитувањето“ подразбира негативна обврска за властите од воздржување во интереференција и избегнување на повреда на правото на приватноста. Позитивната обврска, пак, од страна на власта подразбира донесување правни и административни мерки за негова заштита. Понатаму, правото на приватност не е апсолутно, туку подразбира можност за негово лимитирање и дерогирање во услови кои се точно пропишани со членот 8(2) и постоечката судска пракса на Европскиот суд за човекови права (Murray v United Kingdom). Овие рестрикции на правото на приватност мора да бидат во согласност со законот, додека целисходноста на рестрикцијата мора да биде во чекор и во согласност со демократските тeкови во општеството. Се` што е надвор од овие рамки подразбира и повреда на правото на приватност, што впрочем се случува кога се прибегнува кон незаконско прислушување, кое е најчесто иницирано од оние на власт, без притоа да постои контрола од правосудството.

Заштитата на правото на приватност и јавниот интерес

Феноменот на незаконското следење на комуникациите е мошне комплексен и, меѓу другото, го отсликува колапсот на правосудството под контрола и моќ на извршната власт, што најчесто се случува во диктаторски режими каде што овие два сегменти на власта не се одделени и независни. Понатаму, освен кривичната правда, тука се соединуваат не само приватното и јавното, односно приватниот и јавниот простор, но и онаа поширока општествена правда. Ова, од една страна, подразбира заштита на правото на приватност, а од друга страна, е важно за разоткривање на ваквите скандали на масовно прислушување и нивно соочување во јавноста преку обелоденување на сите злуопотреби. Тука, исто така, спаѓа и обесштетувањето на оние чие право на приватност со незаконското прислушување е повредено.

Во 2015 година, тогашниот опозиционер Зоран Заев во јавноста обелодени еден од најголемите скандали на масовно прислушување во кое над 20.000 граѓани биле таргет од страна на владата на Никола Груевски. Подоцна, во септември истата година, како резултат на партиски пазарења се донесе законот за СЈО, со кој што се воспостави специјално обвинителство со надлежност за кривичните дела поврзани со незаконското следење на комуникациите. Пред неколку месеци, во август оваа година, последователно по извештаите на Прибе, мисијата на ОБСЕ излезе со детален извештај за работата на СЈО. Иако во надлежност на Специјалното обвинителство е да се занимава исклучиво со кривичната одговорност за масовното прислушување и кривичните дела што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, но тоа не е единствениот аспект. Оттука, бегството на тројцата најимплицирани сторители остава простор за изигрување не само на кривичната правда и ставањето под знак прашалник на предметот „Таргет - Тврдина“, туку и на онаа пошироката општествената правда.

Razresuvanjeto na masovnoto prislusuvanje pretstavuva javen interesИзвор: МИА

Шоу судења и СЈО

Од една страна, спроведувањето на кривичната правда со бегството на тројцата најодговорни е ставена под огромен знак прашалник. Од друга страна, пак, случаите на СЈО започнуваат да наликуваат на шоу судења. Шоу судењата имаат за цел да ѝ покажат на јавноста дека правдата е задоволена со самиот чин на судење и кривично гонење. Но, прашањето е дали е така при постоење масовни злоупотреби или всушност станува збор за неможност за остварување на правдата поради големината и тежината на сторените дела. Спроведувањето на правдата во вакви околности не подразбира единствено бавење со индивидуална кривична одговорност, туку нејзината комплексна природа е составена од неколку нивоа и таа не е само кривична или ретрибутивна. Хана Арент за првпат го употреби терминот „шоу судења“ во случајот на Ајхман, кој беше киднапиран и суден за сторените злодела во Израел, наспроти пишувањата на авторката за формирање на меѓународен кривичен суд под надлежност на Обединетите нации.

Понатаму, познатиот професор по човекови права Марти Коскениеми се занимава со прашањето на шоу судењата слично на Арент, во поглед на масовните злоупотреби, кои се квалификуваат како злосторства против човештвото и геноцид. Масовното прислушување во Република Македонија не може целосно да се спореди со злосторствата против човештвото, иако во некои наврати може да послужи како алатка за бирократско чистење и егзекуции, и е индикатор за целосна корумпираност и пад на правниот систем, па дури и за инволвирање на правосудните органи во ваквата пајакова мрежа. Оттука е и проблемот со лимитираната надлежност на СЈО во остварувањето на кривичната правда единствено преку индивидуалната кривична одговорност, која е изиграна со бегството на Груевски, Грујевски и Бошковски, иако им се суди во отсуство. Поради лимитираната надлежност на Специјалното обвинителство, бегството на тројцата најодговорни и неможноста да ги адресира подлабоките причини и импликации од феноменот на масовното прислушување, судењата на СЈО се налик на шоу судења, како претстава пред јавноста дека правдата се спроведува. Пошироките импликации, пак, се оние кои Прибе ги истакна во двата извештаи – за спрегата правосудство - извршна власт и како таа функционира во вакви случаи, кои судии се имплицирани, како правосудството се корумпира под моќта на извршната власт, улогата на медиумите, вистината околу прислушувањето, односно не само како се спроведува технички, но и кои се наредбодавците, зошто и кои се таргетираните индивидуалци, која е позадината итн. Ваквото подлабоко феноменолошко справување со масовното прислушување е потребно заради спроведувањео на пошироката правда.

Во овој случај, потребата од поширока општествена правда, која може да се нарече со разни термини како утврдување на вистината, соочување и помирување, игра удел во разбирањето како функционираат овие пајакови мрежи на државна контрола и злоупотреба, но и воедно служи како коректив против идни евентуални злоупотреби. Заради тоа, потребно е темелно и непристрасно утврдување на вистината за масовното прислушување и соочување со блиското минато, односно со злоупотребите на претходната власт, а што е поврзано со помирувањето и остварувањето на правдата. Помирувањето не може да биде отсликано во собраниска комисија, туку во широко општествено соочување со проблематичното минато. Најпотребно е да се отворат сите прислушкувани досиеја и да се обесштетат граѓаните кои биле цел на масовното прислушување. Ова се` уште може да се оствари преку формирање независни комисии составени од експерти и претставници од јавниот живот кои ќе бидат дополнување на работата на СЈО, кое со последните случувања е ставено на стаклени нозе.

Разрешувањето на масовното прислушување претставува јавен интерес!

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јана Лозаноска

Јана Лозаноска, е доктор на науки при Универзитетот за мир на Обединетите Нации, во Костарика. Магистерски студии по меѓународно хуманитарно право има заршено на Универзитетот во Женева и Институтот за меѓународни студии во Женева-Швајцарија. Додипломски на Правниот факултет во Скопје. Има објавено трудови поврзани со човекови права, род и ЛБТ; прашањето за името од призма на меѓународно право, ЕУ и човекови права, итн.