fbpx

Историски комисии како пристап во надминување на историографско-политички конфликти

Петар Тодоров и Дарко Стојанов

Политика

06.12.18

Прегледи
МК   ALB

доц. д-р Петар Тодоров и доц. д-р Дарко Стојанов

Todorov StojanovЦелта на билатералните историски комисии е подавање рака за надминување на конфликтите кои произлегуваат од различните толкувања на минатото. Комисиите за првпат даваат можност во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а македонските научници да укажат и да влијаат кај нивните грчки и бугарски колеги да се отстранат сите толкувања кои потикнуваат создавање на големи држави на сметка на Република Македонија.

Договорите за добрососедство и за решавање на проблемот за името што минатата година Македонија ги потпиша со Бугарија и Грција беа и се доживеани со различни реакции во македонското општество. Впрочем, како и многу други нешта во изминатите десетина години. И тоа воопшто не е за изненадување бидејќи од една страна општеството веќе подолго време е длабоко поделено по повеќе основи, а истовремено и спомнатите договори допираат во идентитетските прашања кои, меѓу другото, секако се и многу лични и емоционални.

Историјата, нејзиното поимање и улога во балканските општества

Се чини дека централно место и во договорите и во внатрешната поделба на општеството зазема погледот кон минатото и неговата употреба и злоупотреба. Денес на Балканот речиси и да не постои спор меѓу две држави во чија основа не се наоѓаат спротивставените толкувања на минатото. Притоа, доминантниот историски дискурс најчесто служи како средство за национална кохезија или за политички (партиски) легитимитет, односно за мобилизирање на граѓаните. Едноставно, и кај нас и во соседството, кај многумина преовладува верувањето дека сметките од историјата треба да се наплатат. Притоа, поддржувачите на овој пристап се обидуваат да го „менуваат“ минатото за да си ги оправдаат постапките и односот кон различниот, кон другиот. Ваквото етноцентрично и исполитизирано разбирање на минатото честопати претставувало основа за територијални спорови и фактор за нови војни. Балканот не е исклучок, а балканските народи не прават нешто ново и само за нив својствено. Напротив, она што Балканот го разликува од некои држави во Европа и во светот е што балканските општества и нивните интелектуални и политички елити не преземаат ништо за надминување на овие симболични, а потенцијално убиствени, конфликти. Честопати политичките елити поддржани од традиционални и националистички историчари во своите говори и политики само ги одржуваат, па дури и разгоруваат конфликтите. Притоа, секоја страна себе си се гледа како жртва на соседите и ја поседува „правата“ (историска) вистина. Ваквите поделби меѓу балканските народи, неретко имаат и внатрешен негативен ефект делејќи ги луѓето на „патриоти“ и „предавници“.

Дел од овие верувања и вредности се пресликани и во историското образование, кое што претставува еден од неколкуте начини на градење историска свест кај младите генерации, а воедно и развивање на одредени перцепции кон себеси и кон другите. Во повеќето држави на Балканот тоа повеќе наликува на предвојничка обука, отколку на дисциплина што треба да развива критичко мислење и да придонесува за подобро разбирање на човештвото. Многу генерации растеле и се образувале верувајќи дека (само) нивните народи претрпеле историски неправди од страна на соседите, а митот за виктимизација станал еден од основните елементи во нивниот светоглед. Проблемот со митот за виктимизација, кој впрочем е силно развиен како во Македонија така и во соседните држави, е во тоа што има улога на „замрзнување на историјата“ и одржување на конфликтите во живот децении и векови откако наводните и вистинските злодела и неправди биле извршени. Згора на тоа, војните од распадот на Југославија ни укажуваат во колкава мерка тој мит може да послужи за распламтување на агресивен национализам и вршење на нови злосторства во име на минатото. Тие војни не ги решија националните прашања онака како што посакуваа политичките елити пред да ги пратат своите сограѓани во неврат. Напротив, само донесоа нови фрустрации, социјални и економски проблеми, засилување на митовите за виктимизација, прашања за колективна вина, и нов пораст на национализмите. Во таа смисла, нужно се наметнува потребата да се најде начин како минатото да не биде пречка за градењето на пријателство, доколку сите ние во регионот не сакаме да ни се повторува темната страна на историјата.

Република Македонија не е заобиколена од историографско-политичките конфликти карактеристични за овој регион. Имено, политичкиот и општествен развој на Република Македонија е силно одбележан од историографско-политичкиот конфликт што го имаше со нејзините соседи на југ и на исток уште во времето на Југославија. По распадот на Југославија, овие конфликти покажаа дека можат да имаат силно влијание врз политичкиот развој на самостојна Македонија, на нејзината меѓународна положба, но и на внатрешниот општествен развој. Тие придонесоа за нејзина блокада во евро-атлантските интеграции и, уште поважно, до национални фрустрации кои што неодговорните политички елити ги претвораа во тензии и национализми, односно до внатрешни поделби како меѓу самите Македонци, така и меѓу Македонците и Албанците во државата. Згора на тоа, ваквата ситуација уште повеќе ги усложнуваше односите со соседите. Едноставно, Република Македонија влезе во еден маѓепсан круг од кој нејзините политички и интелектуални елити не само што не знаеја како да ја извадат, туку уште повеќе ја заглавуваа.

Istoriski komisii kako pristap vo nadminuvanje na istoriografsko politicki konfliktiИзвор: Слободен печат

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

Постојат неколку начини како да се надминат овие анахрони и очигледно штетни историски наративи во политиката, медиумите и образованието. Еден од нив, со долга историја во 20-от век, е токму формирањето на билатерални комисии за историски и образовни прашања. Меѓутоа, треба да се нагласи дека едно е политичката волја и иницијативност кои треба да ги подобрат политичките односи и да отворат пат за зближување и соработка, а друго е работата и посветеноста на интелектуалците за намалување на злоупотребата на минатото, за отворање тешки теми, и за развивање на педагогијата и културата на мирот во регионот. Немање посветеност во која било група може да води до неуспех во процесот на надминување на конфликтите.

Кога станува збор за дебатите за минатото, формираните билатерални комисии имаат за цел да го следат искуството на другите европски земји во надминување на ваквите симболички конфликти, како што се германско-францускиот, германско-полскиот, француско-италијанскиот, словенечко-италијанскиот и многу други примери. Освен тоа, вреди да се нагласи и тоа дека Македонија и Бугарија нема првпат да разговараат за минатото. Некогаш тоа се правело од страна на самите политичари и честопати се воделе апсурдни материјални расправи во кои тие меѓусебе си докажувале „чиј бил“ Самуил, „чии биле“ Кирил и Методиј и сл. (за „кафеанските“ и безвредни формулации од типот „чиј бил/чиј е?“ што и денес се среќаваат во политичкиот, интелектуалниот и медиумскиот говор, во некоја друга прилика). За разлика од овие разговори, работата на комисиите и позитивното европско и светско искуство предвидуваат сосема поинаков пристап. Македонија, заедно со Бугарија и Грција за првпат ќе се обидат преку работа на комисии за историски и образовни прашања да ги релаксираат политичките односи со префрлање на дебатите за минатото од политичко на академско ниво и, уште поважно, да се обидат да ги лоцираат точките/толкувањата во учебниците по историја во двете држави кои можат да предизвикаат конфликт, омраза или недоразбирања (на пр. говор на омраза, негување на култура на насилство, анахронистички толкувања, селективни и еднострани пристапи, националистички претензии, стереотипи и предрасуди, и сл.). Освен тоа, комисиите можат (но, не мораат) да работат и на развивање на заеднички или мултиперспективни наративи, со цел да се отвори простор и за други видувања за одредени контроверзни теми.

Тие воопшто не работат на ревидирање на историографијата или пак на давање насоки како историчарите да го толкуваат минатото. Едноставно, тие не се орган за цензура. Комисиите ниту го работеле тоа, ниту пак имаат таков мандат и желба. За среќа, тоа и не е можно во општества кои се декларираат како демократски. Оттаму, и критиките дека комисијата ќе пишува „нова историја“ се засновани на непознавање на богатата меѓународна пракса на комисиска соработка или, пак, на намерно извртување на работите со цел да се разгоруваат емоциите на граѓаните. На пример, за договорот со Бугарија, во некои медиуми (Алфа ТВ, Курир) во Македонија критиките се состоеја главно во тоа дека Македонија „се откажува“ од својата историја, дека други „ќе ни ја пишуваат“ историјата, дека целата историја ќе се менува или дека ќе биде забрането да се пишува за окупацијата на бугарската армија во 1941 година, и слично. Притоа, и историчари, кои во минатото учествувале во бројни регионални и европски проекти за надминување на конфликтите засновани на толкувањето на минатото во учебниците по историја, негодуваа за формирањето на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, а чија цел е токму обид за надминување на потенцијалните конфликти. Интересно е и тоа што слични критики се среќаваат и во Бугарија и Грција, каде членовите на комисиите се нападнати дека ќе ја „продадат“ историјата.

Во контекст на работата на комисиите, потребно е да се укаже дека како и сите досегашни комисии, така и оние со Бугарија и со Грција се формираат на паритетна основа и се однесуваат на анализа на учебниците на двете, а не само на едната страна. Едноставно кажано, работата на комисијата претставува дијалог во кој треба да се чујат гледиштата на двете страни, кои взаемно си укажуваат што е тоа што им пречи во учебниците по историја, а евентуалните препораки од комисијата се со единствена цел подобрување на квалитетот на учебниците и регионалното разбирање, а не „бришење“ на националната историја. Толкувањето на историјата, како и пишувањето на учебниците по историја, секогаш ќе останат одговорност на самите истражувачи и автори.

Поаѓајќи од овие пристапи и разбирања, целта на комисиите е всушност подавање рака за надминување на конфликтите кои произлегуваат од различните толкувања на минатото. Историското образование во никој случај не смее да претставува „предвојничка обука“ низ која младите ќе се учат да ги мразат соседите и да веруваат во идеи за големи држави, туку развој на критичкото мислење, кое пак ќе овозможи идните генерации да бидат помалку подложни на политички манипулации засновани на пристрасни или псевдо-научни толкувања на минатото, и тоа во трите засегнати држави. Освен тоа, треба да се спомне дека, комисиите за првпат даваат можност во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а не како досега тие воопшто да не се споменуваат. Исто така, комисиите даваат можност македонските научници да укажат и да влијаат кај нивните колеги во Бугарија и Грција да се отстранат сите толкувања кои потикнуваат создавање на големи држави на сметка на Република Македонија.

Покрај сите овие меѓународни искуства и пристапи коишто придонеле кон градење на добри односи со поранешните непријатели, мора да имаме предвид дека ние не можеме да ја игнорираме заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности. Во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории. Напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Петар Тодоров и Дарко Стојанов

Петар Тодоров работи во Институтот за национална историја. Негов истражувачки интерес е социјалната и урбана историја на Османлиската империја и Балканот во 19 и 20 век, како и историското образование и (зло)употребата на историјата во современите општества. Своето образование го завршил во Скопје (Филозофски Факултет) и Париз (Ecole des hautes études en sciences sociales - EHESS) Научен соработник е на Универзитетот Њу Јорк Тирана. До сега бил на подолги студиски претстои на повеќе универзитети во Европа и Турција.   Дарко Стојанов е историчар во Институтот за национална историја во Скопје. Додипломски студии завршил на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистерски и докторски студии на Ecole Pratique des Hautes Etudes во Париз. Се занимава со периодот на големите миграции во доцната антика и раниот среден век, како и со анализа на учебници по историја. Остварил бројни истражувачки престои во Париз, Берлин, Виена, Грац, Загреб, Брауншвајг, и други европски академски центри. Ко-уредник е на публикацијата Myths and Mythical Spaces. Conditions and Challenges for History Textbooks in Albania and South-Eastern Europe при Георг Екерт институтот за меѓународно истражување на учебници.