fbpx

Дали ќе успее политичкиот државен удар на Борис Џонсон?

Медиуми

06.09.19

Прегледи

Анатоли Калетски (Anatole Kaletsky)

Anatole Kaletsky 200x250Премиерот на Велика Британија веројатно со право смета дека суспендирањето на Парламентот ги зголеми шансите за договор за Брегзит склучен во последен момент. За среќа, има и добри изгледи неговото квази-диктаторско однесување да предизвика брза парламентарна реакција која ќе стави крај на неговата политичка кариера.

Трагикомичната врска помеѓу Обединетото Кралство и Европската унија која трае веќе долго, конечно се приближува кон кулминација. Маневарот на премиерот Борис Џонсон да го суспендира Парламентот на Велика Британија речиси до истекот на крајниот рок за Брегзит на 31 октомври, беше опишан од Претседателот на Долниот дом Џон Беркау како „напад на Уставот“, но тој имаше една предност. Овој потег претставува причина за 650 пратеници да треба јасно да се одлучат за една од две можни опции. Или мнозинството пратеници ќе гласаат во првата недела од септември да го заменат Џонсон со нов привремен премиер, или ќе му препуштат неограничени овластувања да ја спроведе неговата закана за Брегзит без договор, ставајќи ја Велика Британија во судир со ЕУ. Последователно, овој избор ќе има големи последици за иднината на ЕУ.

Како ќе се одвиваат настаните? Кога пратениците ќе се вратат од летниот одмор во првата недела во септември, Џереми Корбин, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, речиси сигурно ќе претстави предлог за изгласување недоверба, за да го отстрани Џонсон од власт. Бидејќи Конзервативната партија на Џонсон и Демократската Унионистичка партија на Северна Ирска заедно го имаат мнозинството во Долниот дом со само еден глас и со оглед на тоа што значителен број на ториевци се противници на Брегзит без договор, постои голема веројатност Џонсон да изгуби.

Но, тоа не би било доволно за да се принуди оставка на Џонсон. Според Законот за фиксен мандат на Парламентот од 2011 година, доколку се изгласа недоверба на премиерот, Парламентот мора да изгласа замена на премиерот во рок од 14 дена или поразената влада останува на власт и организира општи избори на датум што самата ќе го избере, во рок од приближно три месеци, што во секој случај остава доволно време за Џонсон да го спроведе неговото ветување за „Спроведување на Брегзит по секоја цена“ до 31 октомври. Единствениот начин да се спречи ова е да се избере нов премиер, а со оглед на тоа што на Парламентот му следува суспендирање, тоа гласање ќе мора да се одржи пред 9 септември.

Корбин, како лидер на опозицијата, веќе предложи самиот тој да ја преземе улогата на привремен премиер, со строго ограничен мандат, за да изврши само две задачи: да го продолжи рокот за Брегзит и потоа веднаш да распише општи избори. Меѓутоа, бидејќи има многу ториевци кои се за ЕУ, но се жестоко спротивставени на Корбин, друг кандидат за привремен премиер би можел да биде помалку политизирана личност без лични амбиции. Тоа би можело да биде Кенет Кларк, поранешниот канцелар на ториевците, кој како пратеник со најдолг стаж е „Татко на Домот“, или, пак, Хариет Харман, која служеше како привремен лидер на лабуристите во 2015 година.

Или можеби поранешната министерка за надворешни работи, членка на лабуристите, Маргарет Бекет, има најголеми изгледи да го натера Корбин да се повлече. На крајот на краиштата, Бекет беше една од 36-те пратеници кои ја потпиша петицијата за да му се дозволи на Корбин воопшто да се кандидира за лидер на лабуристите. Без нејзината поддршка, тој немаше да биде таму каде што е денес. Затоа би му било многу лесно на Корбин да го оправда неговото потенцијално отстапување на местото на Бекет – бидејќи таа многу поверојатно би добила поддршка од ториевците кои се противат на „Брегзит без договор“. Во секој случај, ако на овој начин го тргнат Џонсон, гласачите ќе излезат на гласање кон крајот на октомври или во ноември и ќе останат во ЕУ дотогаш (европските лидери во повеќе наврати изјавија дека рокот за Брегзит ќе биде продолжен во случај на нови избори).

Конзервативците ќе бидат длабоко разделени меѓу приврзаниците и противниците на „Брегзит без договор“ за кој се залага Џонсон, со што ќе се нагласи ривалството на ториевците со милитантната партија на Најџел Фараж која е против ЕУ и е за Брегзит. Во меѓувреме, опозициските партии веројатно ќе добијат неколку политички предности од нивната привремена соработка. Според тоа, најверојатниот исход би бил друг „блокиран парламент“ одн. парламент без апсолутно мнозинство на ниту една партија. Меѓутоа, овој пат можеби Лабуристичката, Либерално Демократската и Шкотската Националистичка Партија ќе бидат доминантни и сите ќе бидат посветени на конечен референдум за тоа дали треба да се спроведе Брегзит.

Ако, од друга страна, пратениците не успеат да изберат нов премиер, Парламентот ќе биде суспендиран на 10 септември и нема да има понатамошни пречки за визијата на Џонсон за Брегзит, „со или без договор“.

Џонсон верува дека новостекнатата слобода од политички ограничувања постигната со суспендирање на Парламентот во голема мерка ќе ја зајакне неговата моќ за преговарање во барањето измени во неуспешниот договор за повлекување, преговаран од неговата претходничка Тереза ​​Меј. Некои лидери од ЕУ можеби се надеваа дека Парламентот ќе се повлече поради ризиците од Брегзит без договор и ќе интервенира за да го спречи таквиот Брегзит. Кога таквата можност би била отстранета, ЕУ би можела да одлучи да му ја понуди на Џонсон единствената скромна отстапка што тој ја побара за уреден и кооперативен договор за Брегзит: отстранување на одредбата за „линија на територијална поделба со помалку строги правила од фактичка граница„ (backstop) меѓу Република Ирска и Северна Ирска, што би ја врзала Велика Британија со трговските политики на ЕУ сè до новиот постојан договор за трговија со кој ќе се се овозможи отворена граница помеѓу Северна Ирска и Република Ирска.

Џонсон може и да е во право. Покрај тоа што Велика Британија сигурно ќе биде оштетена од Брегзит без договор, сериозни последици ќе има и за ЕУ. Велика Британија е втор по големина пазар на континентална Европа, со 12% од вкупниот извоз на еврозоната, што е скоро двојно од 7% кои одат во Кина и е само малку помалку од 14% од уделот што оди во САД.

Да се ​​ризикува прекин на односите со вториот најголем потрошувач во Европа би било особено опасно во време кога САД и Кина се впуштени во трговска војна, Германија е на работ на рецесија како резултат на падот на продажбата на автомобили, Франција е поделена од граѓанска непослушност, и Италија е во отворен револт против правилата на ЕУ. Згора на тоа, Брегзит без договор ќе ја погоди Ирска, која е единствената членка на ЕУ што е директно погодена од опцијата со видот на безбедносна мрежа (backstop), повеќе од која било друга земја, и тоа не само заради очигледните нарушувања во трговијата и транспортот.

Многу посериозно е што Ирска треба да ја преземе одговорноста за поставување „цврста граница“ во Северна Ирска, чекор што требаше да се избегне со безбедносната мрежа (backstop). Зошто ирската влада повеќе би сакала да ги изложи своите полиција и армија на несомнен ризик за да заштити цврста граница, наместо да се согласи на компромис со Џонсон со кој би се отстранил заштитниот граничен механизам (backstop) по цена на слаба можност цврста граница да стане неопходна долги години подоцна?

Откако ќе започне да се поставува ова прашање во Даблин, а исто така и во Брисел, Берлин и Париз, одговорот веројатно ќе се покаже како поволен за нов договор за Брегзит. Ова е причината зошто Џонсон веројатно со право смета дека неговата цинична калкулација за суспендирање на Парламентот ја зголеми веројатноста за договор за Брегзит во последен момент. За среќа, со оглед на ужасните политички последици од оваа постапка со која се прави „напад на Уставот“ на она што во минатото се сметаше за најстабилна демократија во Европа, постојат и добри изгледи квази-диктаторското однесување на Џонсон да предизвика брза парламентарна реакција што ќе стави крај на неговата политичка кариера.

Анатоли Калетски е одговорен за економски прашања и копретседавач на „Гавекал Драгономикс“. Поранешен колумнист во „Лондон тајмс“, „Интернешнл Њујорк тајмс“ и „Фајненшл тајмс“, автор е на Capitalism 4.0: The Birth of a New Economy in the Aftermath of Crisis (Капитализам 4.0: Раѓање на нова економија по последиците од кризата), во која се предвидени многу од посткризните трансформации на глобалната економија. Неговата книга од 1985 година, Costs of Default (Трошоци од неисполнување) стана значаен буквар за владите во Латинска Америка и Азија, кои преговараат за отплата на долгови и реструктуирање со банките и ММФ.

Copyright: Project Syndicate, 2019
www.project-syndicate.org