fbpx

Шада Ислам: Конфликтот на Блискиот Исток покажа дека ЕУ е геополитички незрела

Интервју

26.04.24

Прегледи

Шокот од руската инвазија на Украина ѝ даде шанса на ЕУ да покаже единствен фронт против Русија и таа во тоа речиси и успева. Но, конфликтот на Блискиот Исток е сосема друга приказна. Заедничката надворешна политика на ЕУ и нејзините вредности, во кои сите би сакале да веруваме, покажаа дека ЕУ со месеци талка и манифестира сериозни знаци на слабост во геополитичката бура на која е изложена. ЕУ не успеа да оформи централна солидна заедничка позиција за овој конфликт.

Дали ЕУ го губи својот кредибилитет и ги гази своите сопствени вредности во конфликтот помеѓу Израел и Палестина, до каде е проширувањето, дали ЕУ е сé уште мировен проект?

На овие теми разговаравме со Шада Ислам, влијателна специјалистка со седиште во Брисел за прашањата на Европската унија. Таа работи како коментаторка за „ЕУОбзервер“и Гардијан“, како советничка, аналитичарка за геополитика, за миграција, различност, правичност и инклузија. Девет години беше директорка на организацијата „Пријатели на Европа“. Таа сега води своја сопствена советодавна компанија за глобална стратегија и медиуми, New Horizons Project (NHP).

Во 2017 година, Политико ја именуваше како една од 20-те највлијателни жени во Брисел. Шада е, исто така, визитинг професор на Колеџот на Европа (Натолин) и виш советник во Центарот за европска политика. Ислам е добитник на наградата „Ернест Удина“ за европска извонредност 2023 година, доделена од Здружението на европските новинари на Каталонија (APEC).

Како би ја опишале ЕУ политиката за Блискиот Исток?

Политиката на ЕУ кон Блискиот Исток е конфузна и се претвора во морална катастрофа. Политиката на ЕУ на Блискиот Исток беше корисна, тие беа провајдери на хуманитарна и финансиска помош за Палестиниците, тие ја финансираа Организацијата за ослободување на Палестина (ООП), ЕУ има силен договор за трговија и научна соработка со Израел. ЕУ се сметаше за чесен и искрен посредник и како такви многу корисни за разлика од Америка. ЕУ одржуваше одлични врски со двете страни и двете страни.

Ова ново лидерство во Европската комисија, на чело со Урсула фон дер Лајен и особено со земји како Унгарија, Чешка, Австрија и лидери кои се повеќе се свртуваат кон екстремно десно, тие од ЕУ направија организација која е многу проИзраел во овој страшен конфликт на кој сме сведоци. И тоа не е само конфликт, туку и она што Судот во Хаг го нарече „веројатен геноцид преку предизвикување на глад и разрушувањето на Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Така, ЕУ ја загуби својата кредибилност и моралниот компас не само со тоа што не повика на прекин на огнот, туку и со контиунираната поддршка на Израел, да продолжи со својата разурнувачка политика во Газа. Што значи дека тие се на еден начин олеснувачи на „веројатниот геноцид„.

Тоа значи дека ЕУ работи против своите сопствени вредности. ЕУ отсекогаш била заснована на вредности, на својата „мека сила“, нејзината нормативна сила. Ако ги погледнете сите договори на ЕУ со трети земји сите, и тој со Израел, имаат силна заложба и условеност за почитување на човековите права. За да се соработува со ЕУ, земјите треба да се согласат на почитување на основните вредности. Сега се чини дека ЕУ им го врти грбот на сопствените вредности и ситуацијата станува многу лоша. Во ЕУ ја губиме целата наша кредибилност.

Фон дер Лајен беше многу гласна на почетокот на овој конфликт, но се чини дека Жозеп Борел ја презеде главната улога. Дали ЕУ е обединета во врска со Газа?

Прво, постои конфузија во ЕУ-владите. Некои влади даваат отворена поддршка на Палестина. Тие не се про-Палестина, но имаат разбирање и сензитивност кон очајничката ситуација, повикуваат на прекин на огнот и внесуваат поинаков глас во ЕУ. Тоа се Шпанија, Ирска, Белгија….  И тоа е добро, затоа што во спротивно, тие стануваат соучесници во овој „веројатен геноцид“. Од друга страна се Унгарија, Австрија, Германија, Чешка кои многу отворено му даваат целосна поддршка на Израел. На пример, во Mеѓународниот суд на правдата, Германија ја бранеше поддршката за Израел против обвинувањата за „олеснување на геноцид“ во Газа.  Тоа е поделбата меѓу земјите-членки.

Втората поделба е помеѓу лидерите. Од една страна е претседателката на Европската комисија (ЕК) Фон дер Лајен која, веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври, го посети Израел без да се консултира со кого било. Таа го стави израелското знаме на зградата Берлемон во која се наоѓа ЕК. Потоа, го викна израелскиот амбасадор на состанокот на ЕК и на крајот замина за Тел Авив на ракување со раководството. Тие работи можат да се прават по консултации со земјите членки и комесарите, но таа веројатно мислеше дека не треба никому да полага сметки.

И трето е тоа што секој викенд луѓето беа на улица низ цела Европа на протести за Палестина. Тие знаат дека проблемот не почна на 7 октомври и дека сето ова не случи во вакуум како што тоа го изјави генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН). Тие разбираат дека станува збор за колонијализам и дека Палестиниците, според ОН имаат право на држава и дека треба да бидат партнери. Луѓето на улица разбраа дека нивните лидери тоа не го демонстрираат.

ЕУ покажа дека геополитички е незрела, дека губи влијание и кредбилитет, не само кај земјите на глобалниот југ, туку дека тоа го прави на штета на меката сила на ЕУ и го губи влијанието и поддршката кај граѓанското општество во земјите на глобалниот југ и нејзините земји партнери. Во овие земји преовладува ставот на европски двојни стандарди. Од една страна, ЕУ со право ја осуди руската агресија на Украина, но не и ова што се случува денес.

Не е време за мировна конференција

ЕУ ѝ дава целосна поддршка на екстремно десната влада на Нетанјаху а од друга страна дома се бори против домашната екстремна десница. Како тоа оди заедно?

Во право сте. Добро е познато и не е никаква тајна дека таа влада е екстремно десна, таа дома се соочува со протести и со предизвици, а ние ѝ даваме поддршка на таа влада. На граѓаните на Израел не им се допаѓа репресијата со која се соочуваат судиите. Мејнстрим политичарите во ЕУ, речиси сите, ја прифатија реториката на екстремната десница, против странците, мигрантите, исламот…. Како што напишав во еден текст за британски „Гардијан“, ние влеговме во стапицата на екстремната десница.

Извор: Friends of Europe | Flickr

Дали овој конфликт разбуди антисемитизам во ЕУ?

Во Европа се проблем и антисемитизмот и исламофобијата. Антисемитизам не значи критикување на Израел и сè повеќе се слуша дека тие што ја критикуваат владата на Израел се антисемити. Тоа е чиста манипулација. Антисемитизмот е сериозен проблем вкоренет во Европа, како и исламофобијата. Против тоа треба да се бориме. Многу политичари во Европа манипулираат со антиземитизмот во поддршката за израелската Влада. Видете што се случува во Германија. Тоа е нечесно. Ние имаме историска одговорност за Евреите, но тоа не значи поддршка за разурнување на друга земја и игнорирање на палестинските историски права. Во тој поглед Европа нема морално право и тоа го сметам за вистинска трагедија.

Сметаме ли дека наскоро ќе видиме некоја мировна иницијатива? Или, ова што се случува со Иран и Израел покажува нешто друго?

Мислам дека тензијата Иран - Израел е корисно одвраќање на вниманието од Газа каде што се случува неподносливо насилство од кое ви се одзема сонот. Во овие напади помеѓу Иран и Израел немаше жртви и беше доста умерено. Но, тензијата е тука и стравот дека може да дојде до регионална војна. Мислам дека на Израел му одговара да има регионална војна, бидејќи тоа го одвраќа вниманието од нивната цел да ја избришат Газа. Дали ЕУ може нешто да направи? Борел успеа да се заложи за  моралните и етички вредности, заедно со Шпанија, Ирска, Белгија, Словенија. Лично не верувам дека има место за ЕУ во идни преговори, тоа мора да бидат САД, a таму ќе има избори и не знаеме што ќе се случи. Но, она што е важно е да се запре опустошувањето на Газа, жителите да добијат вода, храна, лекови. Не мислам дека е време за мировна конференција сè додека трае ова опустошување.

Прво, прекин на огнот и достава на хуманитарна помош, а потоа, да се разговара со учество на палестинскиот народ. Тие луѓе не можат да бидат игнорирани, не смееме да се однесуваме како да сме во колонијализам. Тие треба да решат дали би му дале улога на Хамас.

Велите дека Хамас треба да учествува во идни преговори?

Да, мора да учествува ако сакаме да бидат ослободени заложниците од двете страни. Како и досега, можеби со посредство на Катар, САД или други земји. Мора да се признае дека има многу палестински заложници во израелските затвори.

Дали ЕУ е уште мировен проект?

Ние веруваме дека ЕУ е мировен проект. Знаеме дека улогата на ЕУ била да ги седне на маса непријателите и тоа е чиста вистина. ЕУ сака да биде геополитичка сила. Но, ако се задлабочите во таа анализа, ќе видите дека станува збор за внатрешен мировен проект. Мир внатре во ЕУ,  но ЕУ не е надворешен мировен проект. Може да биде пример за трети земји за регионална интеграција. Да се потсетиме дека земјите на ЕУ на самиот почеток беа колонијални сили. Во Алжир се водеше борба за независност од Франција, во Конго борба за независност од Белгија.

ЕУ е цивилна сила и досега ЕУ нема воена сила, но земјите членки не се цивилна сила и сите се воени сили. Се прави конфузија меѓу ЕУ и Европа и се верува дека ЕУ е родена невина и дека само земјите членки имаат историја на колонијализам, дека трговијата со робови, расизмот, дека сето тоа исчезнало во еден момент во историјата. Но, сега станува јасно дека сите тие движења се присутни како расизмот или политиките на развој кои се базирани на ориенталистички поглед на земјите во развој. Политика на „ние“ и „тие“. Така е и на Балканот. „Ние“ во ЕУ и „вие“ на Балканот треба да станете како нас, ние сме подобри од вас и ние ќе ве научиме какви да бидете. Тоа е еднонасочна улица. Мислам дека ЕУ треба да тоа да му стави крај. Ако сака да продолжи да биде магнет што ги привлекува другите и да биде прогресивна, треба да го смени пристапот.

Не можете да им кажувате на другите што треба да прават и за тоа да им давате пари. Потребна е поголема инклузивност и отворање на својата врата кон другите. Во светот денес постојат и други сили кои можеме да ги наречеме партнери или ривали, тука се Турција, Русија, Кина и тие покажуваат дека се отворени кон југот. Не им даваат лекции на другите и ги прашуваат што им треба и тоа го ставаат на располагање.

Тој пристап на другите сили е предмет на силна критика во ЕУ, но и на Балканот...

Да, но денес има поголем избор и вие, како сила, треба да имате подобра понуда. Ние во ЕУ треба да го искористиме овој момент во историјата како момент за размислување и како ние да ги сочуваме нашите вредности.

Извор: https://hyphenonline.com/

Никогаш не ја разбрав политиката на ЕУ кон Западен Балкан

Го спомнавте глобалниот југ. Како Вие би го дефинирале и која е неговата иднина во однос на ЕУ?

Тој југ е присутен и секогаш бил присутен. Имаат барања од ОН или Светската трговска организација (СТО). Тие се однесувале според правилата што им биле наметнати од западните сили, победниците од Втората светска војна. Сега овие земји бараат да се чуе нивниот глас, на пример во ОН. Кога Русија ја нападна Украина, земјите од глобалниот југ не тргнаа по патот што ЕУ и САД го бараа од нив, не ја осудија инвазијата на Украина и не воведоа санкции против Русија, за да покажат дека нивните интереси не се исти како тие на ЕУ. Мислам дека тоа така ќе продолжи. Глобалниот југ не е еден монолитен ентитет. Тука се повеќе земји со различни интереси, различна историја, различни култури.

Но, тие се среќаваат во три работи. Прво, историјата на колонијализмот. Потоа историјата на експлоатација на нивните природни ресурси. И трето, тие денес сакаат да ја земат во свои раце нивната судбина. Тие се дават во долгови и сакаат да се земат предвид нивните потреби. Овие земји многу лошо го доживејаа третманот кон нив за време на пандемијата на Ковид-19. Немаа пристап до вакцините и сето тоа што беше неопходно во тоа време. И тука се на сила двојни стандарди. Преку резолуции, Европскиот парламент им кажува на овие земји што треба да направат, но во ЕУ, исто така, се случува ерозија на демократијата со, меѓу другото, големиот пораст на екстремната десница. Тоа се двојни стандарди.

Дали верувате дека ЕУ ќе стане одбранбена сила наскоро, особено ако Доналд Трамп се врати на власт во САД?

Јас сум голем приврзаник на стратешката автономија на ЕУ со редуцирање на зависноста од други земји и мислам дека е важно ЕУ да има своја одбрана. Но, треба да остане верна на својот морален компас. За ЕУ, САД е безбедносниот чадор и независноста не може да се оствари сé додека немаме наша одбрана. Но, како што реков, земјите членки се воени сили и потребна им е подобра комуникација, координација.

Извор: https://hyphenonline.com/

Дали сметате дека ЕУ ќе се прошири до 2030 година како што тоа го најавија некои европски политичари?

Балканот верува во ЕУ-проектот, ја гледа ЕУ како модел кон кој треба да се движи, ја гледа како солидарна и место за сработка. Но, верувам дека на Балканот постои разочарување од ЕУ, фрустрација кај населението на Балканот. И Балканот гледа дека ЕУ ги игнорира човековите права во Газа, додека истовремено му дава на Балканот лекции за човековите права.

Проширувањето има два аспекти што ги сметам за интересни. Пред сè, поради руската инвазија на Украина, во ЕУ се појави поттик не само Украина туку и Молдавија, Грузија и тоа политичката определба. Но, реалноста е покомплексна. На пример, Полска и Украина. Варшава  е загрижена поради практичните детали на можниот влез на Украина. И се поставува прашањето: Што навистина во пракса значат европските придобивки? Во однос за Западниот Балкан, мислам дека ќе зависи од тоа дали лидерите ќе се решат да одат во таа насока. Не сакам да бидам песимист, но впечаток е дека ќе се продолжи со ветувања од типот, дека сите ние сме исто семејство, дека работиме заедно но искрено, не гледам брзи потези во насока на проширување. Дури ни за Црна Гора.

Морам да бидам искрена со вас. Никогаш не ја разбрав точно ЕУ политиката кон Западниот Балкан. Она што недостасува кај ЕУ е да каже што навистина сака и кон што води нејзината политика. Дали сакаме овие земји да бидат дел од надворешната политика, дали ги сакаме како членки, дали сакаме да ги вклучиме во се? Не сум голем оптимист за 2030 година. Пред некој ден чув една добра поента за ЕУ - ЕУ не е навикната никому да полага сметки, не одговара пред никого. ЕУ поставува рокови, ќе биде во 2025 година, па 2030 година…., а потоа доаѓаат други лидери, доаѓаат нови приоритети. Роковите на ЕУ не се конкретни. Одамна се зборува за внатрешните ЕУ реформи,  но досега не сме виделе чекори во таа насока.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Светлана Јовановска