fbpx

Вештачката интелигенција – енигма за македонските медиуми

Маја Блажевска Евросимоска

Додека светот жестоко дебатира за позитивните и негативните последици од најновите системи на вештачка интелигенција, а највлијателните медиуми носат препораки и насоки за нивната употреба во новинарската професија, во македонските медиуми оваа нова технолошка револуција сè уште е табу.

После појавата на интернетот и социјалните мрежи, развојот на вештачката интелигенција се смета за трет бран во технолошкиот развој. Како релативно нов феномен, сè што е поврзано со вештачката интелигенција се смета за нова вештина. Таа доведе до значајно унапредување во многу области, на пример, во функционирањето на агрегатите за вести или автоматското преведување на содржините на различни јазици. Но, употребата на вештачката интелигенција неминовно ќе води кон менување на перспективите во работењето на новинарските редакции.

Со неколку исклучоци, македонските медиуми сè уште не ја користат вештачката интелигенција во секојдневната работа и немаат подготвено упатства и препораки до своите новинари и медиумски работници околу евентуалната употреба. Ниту една редакција нема став околу нејзината употреба во процесот на креирање на медиумски содржини или во начинот на функционирањето на редакциите.

За да истражиме какво е размислувањето во македонските редакции разговаравме со единаесет главни и одговорни уредници од повлијателните медиуми.

„Не ја користиме и имаме став да не се користи“, вели еден главен и одговорен уредник на портал.

Сепак, уредниците се уверени во важноста на темата и во тоа дека прашањето околу користењето на вештачката интелигенција ќе биде сè поактуелно со оглед на глобалните трендови и процесот на регулирање на оваа област којшто е во тек во Европската унија. „Свесни сме дека стануваме свесни“, вели еден од нив.

Според истражувањето изработено во декември, главните и одговорни уредници во влијателните македонски медиуми ги анализираат можностите и придобивките од употребата на вештачка интелигенција во медиумите и размислуваат како да се обучат да ја користат и во кои сегменти би можеле да ја вклучат, на пример, како алатка во откривањето на лажни вести или во процесот на архивирање.

Меѓу македонските уредници со кои разговаравме постои уверување дека новинарите не би требало да се потпрат на вештачката интелигенција како алатка за креирање на вести без притоа тој производ да биде проверен од редакцијата.

Од Македонска информативна агенција (МИА), најголемата новинска агенција во државна сопственост, велат дека работат на обезбедување на обуки за уредниците, новинарите и останатите медиумски работници за безбедно и правилно користење на вештачката интелигенција. Додаваат дека довербата од нивните корисници им е најважна и затоа внимателно пристапуваат кон воведувањето на новитети во работата. Истовремено, велат дека МИА секојдневно објавува текстови за новите технологии и нивната примена за да придонесат кон целата заедница, не само медиумската, за подобро информирање за дигиталните и технолошките новитети, нивното користење и заштитата на граѓаните од злоупотреби.

Од сите интервјуирани уредници, само еден основач на портал, изјави дека користи алатки кои се темелат на вештачка интелигенција за генерирање на текстови и проверка на граматика. Сепак, вели, дека ги користи со голема претпазливост  и без потполно потпирање на нив. Посочува дека дел од овие алатки се сè уште во развој и оти можат да ја насочат работата на новинарот во погрешен правец. Додава дека тоа што вештачката интелигенција никогаш нема да го постигне е да ја извади емоцијата на површина, да ја раскаже приказната низ призма низ која може само човекот.

Светските медиуми со пионерски чекори

Некои медиумски куќи во Обединетото Кралство објавија дека нивни содржини се направени со помош на вештачка интелигенција и дека во тој процес бил вклучен уредничкиот тим. Германскиот меѓународен радиодифузер Дојче Веле веќе користи апликации базирани на вештачка интелигенција за анализирање големи бази податоци за истражувања или за преведување на статиите, но, сепак, новинарите вршат контрола на квалитетот.

Ставот на уредничкиот тим е дека вештачката интелигенција може да се користи за подобро пребарување на интернет пребарувачите или за идентификување на говорот на омраза, но, оти новинарите секогаш треба да го проверуваат квалитетот на овие информации. Од оваа медиумска куќа велат дека генеративната вештачка интелигенција нема да ја смени улогата на новинарите.

Извор: freepik.com

Во правилникот на една од најголемите светски новински агенции, Асошиејтед прес, се наведува дека алатките на вештачката интелигенција не можат да се користат за креирање содржини за објава или фотографии на нивните сервиси. Содржините генерирани со помош на вештачката интелигенција треба внимателно да се проверуваат, исто како и содржините добиени од било кој друг извор на вести што е клучно за да се заштити новинарскиот интегритет.

Во оваа новинска агенција една деценија се експериментира со поедноставни форми на вештачка интелигенција како на пример, да се креираат кратки бизнис или вести со спортски резултати.

Новинската агенција Ројтерс разви алатка која со помош на вештачка интелигенција и алгоритми служи за забележување на вести на социјалните мрежи, а ова посебно се однесува во случаите на вонредни и ударни вести. Алгоритмите разгледуваат кластер на објави кои што се однесуваат на еден ист настан и генерираат рангирање дали и колку е една вест важна за објавување. Сепак, новинарите на Ројтерс, преку сопствени канали, независно ги проверуваат вестите пред да бидат објавени. Оваа алатка им дава предност пред останатите агенции во процесот на објавување на вести.

Британскиот јавен емитер Би-Би-Си ги претстави трите принципи врз кои ќе се заснова нивниот приод кон употребата на генерираната вештачка интелигенција. Нивните приоритети се да се работи во најдобриот интерес на публиката, да се испорача поголема вредност, да се дава приоритет на талентот и креативноста, на автентичното и хумано прикажување на сториите и да се биде отворен и транспарентен со публиката во врска со употребата на вештачка интелигенција.

Британскиот јавен сервис наскоро ќе започне неколку проекти со кои ќе ја истражат употребата на генерираната вештачка интелигенција во содржините кои што ги креираат и во начинот на кој што работат.

Потпирањето врз алатките на вештачката интелигенција во креирање и дистрибуција на вести без притоа да бидат проверени од новинарите може да доведе до ширење на дезинформации, лажни и бизарни вести. Таков е случајот со американскиот интернет портал во сопственост на Мајкрософт, msn.com.

Потпирајќи се на употребата на вештачка интелигенција, процес заради кој беа отпуштани новинари и уредници, на порталот беа објавени потполно неточни вести, објави пренесени од мали портали без информација кој стои зад нивната уредувачка политика или вести со неприкладни и чудни наслови. Поранешни уредници на порталот велат дека тоа никогаш не би се случило доколку тие останале во процесот на работа.

Европски насоки за користење на вештачката интелигенција

Во Европската Унија постои свесност дека начинот на кој ќе се пристапува кон вештачката интелигенција ќе го дефинира светот во кој ќе се живее во иднина, ќе помогне во изградба на отпорна Европа, а луѓето и бизнисите ќе се чувствуваат сигурно и заштитено.

Европската комисија предложи три правни иницијативи коишто треба да доведат до изградба на доверлива вештачка интелигенција: европска правна рамка за вештачка интелигенција која се однесува на фундаменталните права и на безбедносните ризици, рамка за граѓанска одговорност, приспособување на правилата за одговорност во дигиталната ера и ерата на вештачката интелигенција и ревизија на секторското законодавство за безбедност.

Во јуни 2023 година, Европскиот парламент ја усвои преговарачката позиција во однос на вештачката интелигенција. Правилата треба да гарантираат дека вештачката интелигенција која што е развиена и се користи во Европа е целосно во согласност со правата и вредностите на ЕУ, вклучувајќи го човековиот надзор, безбедноста, приватноста, транспарентноста, недискриминацијата и социјалната и економската благосостојба.

Теоретичарите на комуниколошките науки тврдат дека масовните медиуми го попримаат обликот и колоритот на одредени социјални и политички структури, како и на околностите во кои функционираат.

Прашањето на каков начин ќе се користи вештачката интелигенција мора да биде дел и од обуката на идните новинари и медиумски работници, од образованието, генерално, но, и цел на активностите кои се преземаат во едно општество за зголемување на медиумската писменост кај учениците и останатата популација.

Следењето на етичките принципи ќе треба да биде едно начелата врз кои ќе се темели нејзиното неминовно вклучување во работата и прилагодувањето на редакциите на новите трендови.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Маја Блажевска Евросимоска

Маја Блажевска Евросимоска е новинарка, дописничка од Скопје за регионалната телевизија Ал Џазира Балканс. Работела во редакцијата во Сараево како заменик на уредникот на вести. Претходно била дел од редакцијата на македонски јазик на Светскиот сервис на БиБиСи. Докторирала комуниколошки науки на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Сараево.