DSC 00161

Претставници на граѓански организации и новинари се обучуваа како да пристапат кон пошироката публика и да влијаат врз јавната дебата за теми од јавен интерес на работилницата за академско блогирање што ја организираше Институтот за комуникациски студии.

Учесниците осознаа како можат со академско блогирање да отворат дебата со стручната јавност и со други заинтересирани страни и да станат познати како експерти во определена област. Обучувачот Сали Брајтон Мицова, која е професор по политичка комуникација на Универзитетот на Источна Англија во Велика Британија, зборуваше и за тоа дека со блогирање се овозможува да се изрази мислење или да се дадат предлози кои не се вобичаени за академски публикации.

Присутните слушаа за техниките на креативно и аргументирано пишување, кое е карактеристично за пишување академски блогови. Обучувачот Зоран Димитровски, уредник во „Фокус“ и професор на ИКС, рече дека еден блог треба да информира преку споделување на нови податоци и да потенцира определена дебата. Академскиот блог може да влијае врз другите, преку логичко резонирање, употреба на аргументи и нудење рационални заклучоци, рече Димитровски.

Работилницата се одржа во рамките на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на граѓанските организации во Македонија“, кој е поддржан од Британската амбасада во Република Македонија.

 

Галерија од работилницата

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: