fbpx
 

Што е екофашизмот и зошто не смее да пушти корен

Иво Босилков

ivo bosilkov2Интернационалистички, универзалистички и солидарен пристап е единствениот начин да се надмине еколошката и климатска криза, во регионот и пошироко.

“Иднината нема да се состои од бетон и челик, смог и пластика, туку од шуми, езера, планини и ливади, затоа што еколошки свесното општество од иднината нема повеќе да биде во војна со природата”. Изворот на овој инспиративен цитат е манифестот на Брентон Тарант, човекот кој во март минатата година усмрти 51 човек во Крајстчрч, Нов Зеланд при терористички напад врз џамија во градот. Како е можно ваква длабоко етичка и прогресивна мисла да произлезе од монструозниот ум на крајнодесничарски терорист? Одговорот е: Тарант се дефинира себеси како екофашист, исто како и напаѓачот од Ел Пасо кој застрела 22 луѓе неколку месеци подоцна во САД.

Екофашизмот во основа претставува идеолошка фузија на неонацистичката аксиома на расна супериорност и екологизмот. Плод на овој феномен е перцепцијата дека уништувањето на животната средина се случува поради населувањето на примитивни имигранти во предели каде органска врска со природата може единствено да одржува автохтоното и продуховено население. Во сржта на ваквиот став се наоѓа теоријата на етноплурализам, според коjа одредена територија смее да припаѓа единствено на оние кои поседуваат долга крвна линија на предци со потекло од неа. Клучната надградба на етноплурализмот е што покрај одбрана на хомогеноста на културата од надворешни, туѓи тела, екофашизмот ја потенцира и потребата за одбрана на животната средина од нив. Токму тоа и го истакнува Тарант во манифестот, барајќи “етничка автономија за сите народи, со фокус на презервација на природата и природниот поредок”.

Животната средина како претекст за геноцид

На тој начин екофашизмот е чекор понапред во однос на мејнстрим десницата во чии редови многумина ја релативизираат, или дури и негираат глобалната еколошка деградација, но е повеќе чекори назад од класичниот пазарно ориентиран конзервативизам, затоа што не покажува ниту декларативна симпатија за демократските принципи. Напротив, експонентите на екофашизмот отворено заговараат суспендирање на демократијата со цел ставање под контрола на климатските промени. Визијата на финскиот екофашистички идеолог Пенти Линкола за реставрација на животната средина експлицитно подразбира тоталитарна организација на општеството, во која дисциплината, забраните и репресијата се практикувани од централизирана власт која целосно ги контролира на активностите на граѓаните.

Меѓутоа екофашизмот оди подалеку од екстремна авторитарност. Во една од неговите најконтроверзни изјави, Линкола вели “кога чамецот за спасување е полн, а луѓе се уште се обидуваат да се качат на него, капетанот кој има љубов и почит за животот ќе ја земе секирата во своите раце и ќе им ги исече рацете на оние кои се држат за чамецот”. За екофашистите, геноцидот е легитимна алатка за спас на планетата, со оглед на верувањето дека пренаселеноста (која доаѓа од имиграцијата) е главната причина за исцрпувањето на природните капацитети и сквернавењето на мајката природа. Па така, во име на повисоката цел дозволени се депортации и концентрациони логори, Гулази и егзекуции, се до остварување на модерната верзија на идејата за Лебенсраум од 1940-те.

Екофашизмот кај нас

Вакво сценарио е далеку од научна фантастика, иако на прв поглед така изгледа. Научните истражувања во полето на политичката психологија одамна ја имаат систематизирано динамиката во која перцепцијата на егзистенцијална закана ги анимира шовинистичките инстинкти кои вината неминовно ја префрлаат на “другиот”. Желбата да се спасат “своите” го зацврстува човековиот социјален идентитет, на што нуспроизвод е стереотипизацијата и дехуманизацијата на сите оние кои се различни. Истовремено, амбиентот на криза предизвикува зголемување на општата поддршка за цврста рака кај лидерите, кои на народот му ветуваат враќање на редот и безбедноста, и со тоа и здравјето.

Sto e ekofasizmot i zosto ne smee da pusti korenИзвор: vecer.press

Поради домашниот политички контекст и реалната еколошка криза, Македонија е особено ризично подрачје за ваков развој на настаните. Зачетокот на ваквите процеси веќе се манифестира во различни форми. На социјалните мрежи редовно се провлекуваат коментари кои за аерозагадувањето ги обвинуваат “нецивилизираните” Роми со нивното палење паркет, гуми и пластика. Проблемот со животната средина ја храни омразата и кон Албанците. Тие ги сечат шумите, фрлаат ѓубре и градат на диво, вели наративот кој совршено се вклопува во националистичкото клише за заостанатото туѓинско племе кое нема почит за земјата на која живее. Соработник во заговорот со овие локални еквиваленти на “имигрантите” е Европа, која ни испраќа токсичен отпад за да ни го уништи генот. Решението за “дивото месо” внатре, и геополитичката бабарога надвор, се разбира, е екофашизмот.

Вертикален отпор наместо хоризонтална поделба

Но ова решение е тотален апсурд, затоа што целосно го занемарува фактот дека без социјална правда не може да има еколошка правда. Тогаш кога ќе го разбереме овој факт ќе станеме свесни дека Ромите се греат на токсични материјали затоа што се потонати во сиромаштија и заборавени на маргините на општеството, додека Албанците го прават истото што и Македонците, од истите структурни социоекономски причини. Што се однесува до отпадот, затворање на границите за неговиот увоз нема да ја спречи домашната криминална олигархија да го гори оној отпад кој самата го произведува. Странскиот пак, кој бил наменет за нас, едноставно ќе се пренасочи кон Албанија, Косово и Бугарија, а честичките кои ќе настанат со неговото согорување нема да застанат на границите исцртани на земјата.

И во тоа се состои побивањето на екофашизмот. Неговата најозлогласена парола, која влече потекло од нацистичка Германија е “крв и почва”, изразувајќи ја желбата за нации составени единствено од автохтони народи, на географски територии одржувани врз база на еколошки принципи. Но, иронијата на оваа парола е дека крвта на сите луѓе е иста, а земјата никогаш не завршува онаму каде привремениот сопственик арбитрарно одлучил. Оттаму, интернационалистички, универзалистички и солидарен пристап е единствениот начин да се надмине еколошката и климатска криза, во регионот и пошироко. За да се материјализира ваквиот пристап, неопходен е крај на префрлањето на одговорноста по хоризонтална линија од еден на друг народ, зошто ваквата практика им одговара исклучиво на политичките и бизнис елити. Затоа и единствениот рационален отпор е вертикален, насочен кон привилегираната каста која бескрупулозно ги експлоатира ресурсите, го репродуцира конзумеризмот и го потчинува обичниот народ на својата волја, насекаде. Во време на измешани идеологии, мораме да ги одвоиме вистинските злосторници од жртвите, ако сакаме истовремено и демократија и здрава животна средина.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Çfarë është ekofashizmi dhe pse nuk duhet të lësho...
Si të bëheni më profesionistë në sport
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Недела, 05 Април 2020
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не