СММИ е ризик со кој што се управува, а не објава што се демантира

Марина Тунева

Медиуми

06.03.26

Прегледи

Странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) не те победува со една лага. Те победува со навика. Навика да се сомневаш во сè.

На почеток изгледа безопасно, ‘скриншот’, исечен цитат, „објаснување“ со сериозен тон. Па, потоа следува уште едно. И уште едно. И ништо не мора да биде сосема убедливо. Доволно е да се повторува и да те доведе до заклучокот: „Нема смисла да проверувам“.

Токму тука е штетата, кога ќе почнеме да веруваме дека ништо не може да се провери. Не бараме докази и одговорност и наместо да поставуваме прашања, стануваме рамнодушни. Наместо да очекуваме критериуми, сметаме дека „сите или повеќето лажат“. Во таква една средина, медиумите и институциите полесно поминуваат без јасни објаснувања, без корекции и без отчет.

Ова, всушност, е јадрото на документот „Медиумскиот екосистем и СММИ во Северна Македонија“. Ако СММИ го сведеме на поединечни објави, ќе реагираме секогаш предоцна и ќе се соочиме со последици што потоа ќе ги „гаснеме“ во трк. Но, ако го разбереме како прашање на изложеност и структурни слабости во медиумскиот и дигиталниот екосистем, одговорот може да биде превентивен и системски, со што се намалува ранливоста. Тоа е суштинска разлика меѓу ад-хок реакции под притисок и политика што долгорочно ја штити јавната дебата.

Европската рамка ја смени играта

Европа одамна сфати дека манипулацијата не се победува со поединечни деманти. Кога проблемот е системски, тогаш и одговорот мора да биде системски. Затоа фокусот се префрли од „спорните содржини“ кон довербата како јавен ресурс и кон условите што ја прават манипулацијата брза, широка и исплатлив. Во тој дух, Европската служба за надворешно дејствување го третира странското мешање и манипулирање со информации како координирани, намерни операции, чија цел е да се поткопа општествената доверба во институциите, медиумите и во самата можност за заедничка јавна расправа.

Истата насока се препознава и во пристапот на Советот на Европа, кој нуди јасна, практична, формула: отпорноста не се гради со една мерка. Три работи мора да одат истовремено – проверка на факти, подобар дизајн и управување на платформите и посилни кориснички капацитети за препознавање манипулации, без да се шират понатаму.

Европската Унија, пак, влезе во „потешкиот“ дел, да го смени начинот на кој платформите создаваат и засилуваат ризици. Затоа, Законот за дигитални услуги не го сведува проблемот на поединечни објави. Тој бара од најголемите платформи и пребарувачи редовно да ги проценуваат системските ризици што ги носи начинот на кој функционираат и да воведуваат мерки што се разумни, ефективни и пропорционални. Во кризни ситуации постои и посебен механизам за координиран одговор на ниво на ЕУ.

Оваа рамка не завршува со платформите. Таа се „затвора“ со правила што ја прават политичката комуникација повидлива, а медиумскиот систем поотпорен на притисоци и скриени влијанија. Европскиот закон за слобода на медиумите поставува стандарди за независност и плурализам, со цел да се намали просторот за притисоци. Регулативата за политичко рекламирање ја напаѓа најризичната точка – нетранспарентноста,  барајќи јасно да се знае кој плаќа, кому му се прикажува пораката и преку кои канали се дистрибуира.

Од друга страна, Актот за вештачка интелигенција ја поставува рамката за одговорна употреба на системи што можат да влијаат врз основните права и довербата. Ова е особено важно кога синтетички или манипулирани содржини, како и автоматизирани одлуки можат да создадат сериозни последици за јавноста.

Зошто нашата средина останува ранлива

Кај нас ранливоста не доаѓа од едно место. Таа се создава таму каде што старите слабости на медиумскиот систем се преклопуваат со новите правила на дигиталната дистрибуција. Кога дел од медиумите опстануваат на „тенок мраз“, уредничките одлуки полесно подлегнуваат на притисоци и краткорочни компромиси. При поларизирана политика, проверката честопати станува споредна, а поважно станува прашањето „на која страна да ѝ служи наративот“.

Во онлајн просторот оваа ранливост дополнително се засилува. Алгоритмите не ја наградуваат точноста, туку реакцијата. Не мора да постои очигледна лага за една рамка да стане влијателна. Доволно е да се повторува, да се прераскажува и да се „пакува“ во нови формати, сè додека не почне да звучи како „општо познато“. Така се нормализираат сомнежите, цинизмот и недовербата, почва на која СММИ најлесно пушта корен.

Дополнителна слабост е темпото. Манипулативната порака се шири за неколку минути, а објаснувањето и корекцијата бараат време, факти и кредибилитет. Кога медиумите се под притисок на брзината, а институциите реагираат бавно или неусогласено, се создава асиметрија што СММИ ја користи систематски.

Клучниот проблем, во пракса, е вакуумот. Кога институциите не реагираат навреме, кога различни тела испраќаат различни пораки или кога комуникацијата е бирократска и неразбирлива, се создава простор што не останува празен. Го пополнуваат актери со подготвени наративи, канали и публика. Затоа манипулацијата најлесно се „залепува“ токму во избори и во кризи, кога неизвесноста е највисока, а потребата за јасност најголема.

Како да се излезе од режим на доцнење

Првиот чекор е државата јасно да го именува ризикот. Кога СММИ се „претопува“ меѓу поими како дезинформации, хибридни закани и сајбер, одговорноста се разлева, а надлежностите остануваат нејасни. Затоа СММИ треба да се вгради во релевантни стратегии и политики, со јасна поделба кој води, кој следи, што се мери и како се планира одговорот. Без таква основа, секоја институција ќе комуницира по свое, а јавноста ќе слуша различни пораки од истиот систем.

Вториот чекор е дисциплина во постапувањето. СММИ се шири брзо, честопати намерно и создава конфузија, па одговорот мора да биде брз, но и проверлив. Тоа бара однапред договорени оперативни постапки за „информативни инциденти“ – кој прв излегува со став, во кој рок, врз основа на кои податоци и преку кои канали. Ова не е бирократска формалност, туку начин да се спречи вакуумот во кој шпекулациите најлесно добиваат предност.

Третиот чекор е координација што навистина функционира. Потребен е механизам што ќе следи трендови, ќе проценува ризици и ќе им помага на институциите да не си противречат, особено во чувствителни моменти. Но, тој механизам мора да има јасни граници – не смее да се постави како политички арбитер на „вистина“ и „невистина“ и не смее да создава притисок врз медиумите. Ако почне да наликува на цензура, довербата ќе се изгуби веднаш, а СММИ успева токму таму каде што довербата е веќе кревка.

Медиумска независност во услови на СММИ

Во услови на СММИ, јавниот сервис треба да биде стабилизатор, место на кое јавноста може да се потпре кога информацискиот шум е најсилен. Но, тоа не се постигнува со апели, туку со гаранции за независност и интегритет обезбедени преку транспарентни и департизирани избори на управни и надзорни тела, јасни правила за уредничка одговорност и видлива отчетност кон јавноста.

Истата логика важи и за целиот медиумски сектор. Кога сопственоста и финансирањето се нејасни, влијанијата стануваат невидливи, а сомнежот кај јавноста е очекуван. Поголема транспарентност ја стеснува „сивата зона“, просторот во кој манипулацијата најлесно се пласира, а најтешко се докажува и ја зајакнува основата за доверба и професионална одговорност.

Затоа минимумот што треба да стане правило е едноставен. Јавноста лесно да може да види кој е сопственик, од каде доаѓаат клучните приходи и кои се уредничките одговорности. Кога тие информации се јасни и достапни, се намалува просторот за скриени влијанија и се олеснува јавната проверка, услов без кој медиумскиот систем тешко може да биде отпорен на СММИ.

Отпорноста ја градат и медиумите и граѓаните

Ниту една стратегија не успева ако јавноста нема основни навики за проверка и ориентација во информациската средина. Затоа медиумската и информациската писменост треба да се третира како јавна политика, а не како повремена проектна активност. Таа треба да се вгради во образованието како практична компетенција, но и да се прошири надвор од училиштата, преку програми за возрасни, локални иницијативи и работа со заедници што најтешко стигнуваат до квалитетни информации. Истото важи и за јавната администрација. Слабата и неусогласена комуникација честопати создава простор за шпекулации и недоверба. Затоа капацитетите за јавна комуникација се дел од отпорноста, не „додаток“ на институционалната работа.

Паралелно, новинарството од јавен интерес мора да има услови да ја врши својата улога. Кога доминираат брзина и површност, СММИ добива предност. Истражувачкото новинарство и анализата на наративи ја намалуваат таа предност, затоа што внесуваат докази, контекст и одговорност. Но, поддршката мора да биде транспарентна, со јасни критериуми и гаранции дека нема да се претвори во инструмент за наградување на „своите“ и казнување на „другите“. Во спротивно, наместо отпорност, се создава уште еден канал за притисок.

За брз преглед на клучни поими, алатки и материјали за работа со СММИ, како практична референтна точка може да послужи ресурсната страница на Рес публика.

Марина Тунева

Марина Тунева е доктор по културолошки студии. Магистрирала на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје, а завршила постдипломски студии по дипломатија на Универзитетот во Малта. Во 2021 година се стекнува со Сертификат за успешно завршување на Програмата за стипендии за медиуми и информации на Distinguished Humphrey Fellowship Program од Бирото за образовни и културни работи на Стејт Департментот на САД. Била на позиција извршен директор на Советот за етика во медиумите на Македонија во периодот од 2015 до 2022 година.