fbpx

КОВИД-19, тачеризмот и иднината на светот

Лука Павиќевиќ

Политика

КОВИД-19

13.05.20

Прегледи

Лука Павиќевиќ

Luka Pavicevic 200x250Иако тачеризмот прими удар, не значи дека не е во можност да опстане како идеологија... Многу мал е потенцијалот за некакво вртење на светот кон меѓународната социјалистчка солидарност.

Глобалната криза поради пандемијата на КОВИД-19 стави голем дел од човештвото во состојба еквивалентна на домашен притвор. Економијата е практично укината, границите се затворени, а навиките на културно однесување и поздравување, денес се сметаат за небезбедни и неодговорни, некаде и забранети. Сето ова ја поттикна појавата на клучното прашање во интелектуалниот, како и во јавниот дискурс – имено, како ќе изгледа светот по оваа пандемија.

По ова прашање се забележуваат две струи на мисла. Првата се надева дека има шанса за регенерирање на светот по оваа криза преку реформа на економијата, здравствениот систем, и клучно – воспоставување на меѓународната солидарност како основачки принцип. Меѓународна солидарност, како доблест во својата суштина припаѓа на социјализмот. Иако првично замислена како соработка помеѓу две групи (држави) на истата страна од класниот конфликт, сегашните приврзаници на оваа идеја говорат за солидарност помеѓу целото човештво – погодено од КОВИД-19. Втората струја, пак, е скептична во однос на расплетот на кризата и нејзините последици т.е. предупредува на можно влошување на глобалната состојба: повеќе авторитарни држави, нарушени граѓански права, нерешавање на климатската криза. Оваа дискусија е еднакво присутна на светската сцена, во нашата земја, како и во регионот.

Премисата дека вирусот и неговите последици го негираат тачеризмот како идеологија, е нешто што ги поврзува многуте интелектуалци – приврзаници на идејата за солидарноста. Според нив, клучни спорни точки се, прво, ставот за општеството на првата жена премиер на Британија, Маргарет Тачер. Второ, принципот на што помала државна интервенција во економијата. И трето, силна и изразена индивидуа. Првата точка има огромно филозофско значење, додека останите две се значајни за сегашниот момент.

Општеството навистина постои

Ова се зборовите на британскиот премиер Борис Џонсон за време на неговата само-изолација. Оваа изјава на Џонсон, многумина познавачи на британската политика ја протолкуваа како побивање на познатата изјава на Маргарет Тачер дека: „Не постои такво нешто како општество.” Имајте на ум дека двајцата премиери доаѓаат од истата политичка партија – Конзервативната.

Оваа изјава, колку што е позната, толку е и озлогласена. Тезата дека не постои општество стана наслов на многу критики на политиката на Тачер. Изјавата, во очите на нејзините противници, ја симболизира идеологијата на суров, себичен индивидуализам поврзан со тачеризмот. Сепак, според политичкиот магазин Њу Стејтсмен, нејзината филозофија е „многу покомплексна од еден цитат.“

KOVID 19 tacerizmot i idninata na svetotИзвор: aktuelno.mk

Честопати користена против неа, тезата на Тачер им донесе многу главоболки на нејзините наследници во Конзервативната партија. Факт е дека двајцата премиери претходници на Џонсон исто така ја отфрлија. Дејвид Камерон говореше за големо општество, додека Тереза Меј се залагаше за градење поправедно општество кое ќе работи за „сите“. Значи, ставот на Џонсон не е новина во британската политика. Напротив, станува збор за déjà vu. Но, мора да се земе предвид сегашниот момент.

Што сакала да каже Тачер?

Изјавата потекнува од едно интервју на Тачер во 1987 година, поточно нејзин одговор на новинарско прашање. Таа започнува со тоа како многу луѓе се жалат дека имаат проблеми и дека власта е должна да ги реши. Тачер заклучува дека луѓето за своите проблеми го обвинуваат општеството и се прашува што е, односно кој е општеството. Следи нејзината изјава:

„Не постои такво нешто како општество. Има поединечни мажи и жени и има семејства и ниту една власт не може да направи ништо, освен преку луѓето. Луѓето најпрвин се грижат за себе. Наша должност е најпрвин да се грижиме за нас самите, а потоа за нашиот сосед. Животот е реципрочна работа...“

Иако честопати напаѓана, изјавата речиси никогаш не била пренесена во целост. Секако, таа била подложна на различни интерпретации. Сепак, постои само еден авторитет што може вистински да ја протолкува – самата Маргарет Тачер. Во својата автобиографија, таа се осврнува на ова:

„Мојата цел, тогаш јасна, но подоцна искривена до непрепознавање, беше дека општеството не е апстракција, раздвоена од луѓето што го сочинуваат, туку жива структура од индивидуи, семејства, соседи и доброволни организации.“

Имајќи го предвид толкувањето на Тачер, очигледно е дека нејзината изјава веќе долги години е несфатена или пак искривена. Тачер вели дека таа не го негирала постоењето на општествето, туку зборувала за конкретна појава во тоа време. Според неа, проблемите не треба да му се префрлаат на „општеството“ како некој трет чинител, туку сите да се гледаме како дел од него. Оттука, останува да се види дали изјавата на Џонсон е сериозно отповикување на тачеризмот или пак чист „маркетиншки трик“ за зголемување на популарноста.

Државните интервенции во економијата во 2020

Сега, кога целата состојба стана вонредна, кога светот е доста променет, а секојдневието непрепознатливо, забележливо е големо „вртење“ кон државата. Луѓето се обраќаат кон државата, односно тие не бараат ништо од ниту еден друг фактор на капитализмот. Едноставно, сите чекаме на државата, а не на приватните претпријатија.

Според многумина, фактот дека државите интервенираат во економијата (преку субвенции, олеснување на давачките, бескаматни кредити) говори за видлив крај на тачеризмот во форма на економски либерализам.

Но, тоа не мора да изгледа така. Според Жарко Пуховски, интелектуалец од Хрватска, државите – со исклучоци – ја укинаа (ја забранија) економијата преку забрана на производството, како и забрана на „општоприфатената пракса на пазарот – зголемување на цените кога побарувачката е голема.“

Државните интервенции во економијата се прифатливи, но истовремено несигурни да предизвикаат долготрајни промени поради едноставната природа на причинско-последичниот однос (анг. cause and effect) – ако државите сами ја укинале економијата, тие сами треба да го осигураат нејзиниот опстанок.

Дополнително, се зборува и за здравствениот систем. Повторно, истата претпоставка – сите чекаме на државата. Но, и ова не му штети на тачеризмот. И самата Тачер била свесна за круцијалната улога на здравствениот систем под контрола на државата.

Поединецот и солидарноста

И тука предоминантната теза е анти-тачеристичка: во вонредни времиња на пандемија, поединецот ги потиснува сите свои лични потреби, желби, па дури и права, со една цел - зачувување на животот на целата заедница, односно поединецот се жртвува за благосостојбата на општеството.

Ваквите чинови на промена даваат надеж дека ситуацијата ќе трае доволно долго за да произведе длабински промени во улогата на државата, на економијата, со цел солидарноста да се постави како општествена максима.

Контратежа на ваквата надеж е улогата на индивидуата. Се поставува прашањето дали поединецот се жртвува поради „апстрактното“ општество или тоа го прави со цел да се заштити себеси, своето семејство и постарите роднини. Исто така, сведоци сме на моќта на индивидуата. Здравствените власти говорат како секој поединец е важен за успешно справување со вирусот. Сите им се восхитуваме на нашите соседи кои работат во супермаркет, болница или во полиција. А, англискиот капетан Том Мур, кој собира милионски донации за здравствениот систем, е само најнов симбол за моќта на индивидуата.

Оптимизам или реализам

Иако тачеризмот прими удар, не значи дека не е во можност да опстане како идеологија. Заклучувам дека, прво, Тачер никогаш не го оспорувала постоењето на општеството, туку била против ставот „општеството како апстракција“. Второ, државната интервенција во економијата е нужна, но досега нема индиции за нејзино задржување т.е. продлжување и во посткризниот период. И трето, улогата на индивидуата е намалена, но сепак нејзината моќ продолжува. Поединецот останува дома првенствено да се заштити себеси и своите блиски, а еден човек излезен надвор може да зарази десетици други.

Многу често низ човековата историја, предуслов за долготрајна промена на општествената сцена се големи поместувања на економски план. На пример, на Рененсансата и претходеше падот на Цариград; на добата на Просветителството - Индустриската револуција. Но, економските прогнози на британската Канцеларија за буџетска одговорност (OBR) говорат за враќање кон старите економски трендови. Имено, поради карантинот, британската економија би претрпела загуби во 2020 (најмногу во вториот квартал), нагло би пораснала во третиот и четвртиот квартал од 2020 (споредбено со вториот), а веќе во 2021 би се вратила на истиот степен на раст на БДП во 2019. Така што, ако работите се вратат на старо, мал е просторот за некакви историски промени.

Оттука, сите претходно изнесени аргументи и статистики водат кон ставовите на т.н. скептична струја. Според мене, многу мал е потенцијалот за некакво вртење на светот кон меѓународната социјалистичка солидарност. За крај, дури и страстниот противник на неолиберализмот Ноам Чомски гледа скептично кон една таква „блескава“ иднина. Напротив, предупредува дека и во посткризата би останале можностите за нуклеарна војна и нерешавење на климатската криза.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Лука Павиќевиќ

Лука Павиќевиќ е студент на Универзитетот „Харвард“. Истражувач и активист. Особен интерес му причинуваат прашањата од областа на политиката, правото, филозофијата и образованието.