fbpx

Ќе ја дочекаме ли конечно демократијата?

Здравко Савески

Политика

25.02.19

Прегледи

д-р Здравко Савески

zdravko saveskiСо оглед на сите проблематични дејствија што од гледна точка на демократијата се случија минатата година, впечаток е дека дури и констатирањето на минорни подобрувања кои не ја менуваат категоризацијата на Македонија како делумно слободна земја и хибриден режим, значи давање на помалку наклонета оценка.

Дали денес во Македонија има демократија? И дали некогаш имало? Одговорите на овие прашања во голема мера зависат од дефиницијата на демократијата што се прифаќа, како и од партиските афинитети на тој што ги дава. Одредена помош во формулирањето оценка нудат извештаите кои ја оценуваат состојбата со демократијата во државите во светот. Се разбира, и тие, дури и кога се трудат да обезбедат максимална објективност, не треба да се апсолутизираат, бидејќи при нивното конципирање се тргнува од одредено сфаќање на демократијата, кое ниту е единственото ниту нужно мора да е најприфатливото.

И покрај оваа задршка, вреди да се посвети внимание на оценките за состојбата со демократијата во Македонија со цел дискусијата на оваа тема да стане барем малку поаргументирана. Обично, кога ќе се објави веста за најновите извештаи, во кои Македонија најчесто е во друштво на некои африкански и азиски земји, тоа предизвикува револт кај граѓаните, власта (која и да е) наоѓа елементи во извештајот поради кои чашата не била полупразна, туку полуполна и... следниот ден сѐ продолжува по старо.

Оценката за нивото на демократија во земјата е важна и при утврдувањето на ставот колку сегашната владејачка гарнитура успеа да исполни едно од своите клучни ветувања, дека ќе ја врати демократијата во Македонија. А кога станува збор за тоа, треба да се има предвид дека кај политичките параметри, за разлика од економските, може на многу пократок временски период да дојде до значителна промена. Така, ако не може за година-две да се анулира проблемот со невработеноста или сиромаштијата, може, за истиот временски период, да се направи важен исчекор во нивото на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Се разбира, кога се сака.

Фридом Хаус: Македонија останува делумно слободна земја

Извештајот за слободата во светот на Фридом Хаус е најпознат во светот. За конципирање на своите извештаи, оваа организација користи систем од три категории, кој се состои од поени, рејтинг и статус. Врз основа на утврдените поени за одредена земја (кои се движат од 0 за најнеслободните земји до 100 за најслободните) за земјата утврдуваат рејтинг и статус. Земјите кои се оценети како слободни имаат рејтинг од 1,0 до 2,5, рејтингот на делумно слободните земји се движи од 3,0 до 5,0, а на неслободните од 5,5 до 7,0.

Во извештајот за 2018 година, Македонија ја оценија со 59 поени, еден поен повеќе од минатата година, со непроменет рејтинг од 3,5 поени и со непроменет статус на делумно слободна земја. Со такви карактеристики, Македонија е рангирана на 110 место од вкупно 209 држави и територии. Во Европа, таа е во последната петтина земји. Од 50-тината европски земји, само осум се полошо рангирани од неа (Молдавија, Косово, Босна и Хецеговина, Ерменија, Турција, Русија, Белорусија и Азербејџан).

И покрај тоа што „позитивните“ вести за Македонија во овој извештај се сведуваат на зголемувањето на поените за една стотинка (од 58 на 59) и што, ете, не сме последни ниту на Балканот ниту во Европа, од власта видоа – напредок. Така, портпаролот Бошњаковски најде за сходно да изјави: „И последниот извештај на Фридом Хаус укажува на тоа дека политиките што ги спроведува оваа влада придонесуваат за подобрување на состојбата и за зголемување на слободата за изразување и за говорење.“ А министерката Царовска отиде уште подалеку и во тоа што Македонија е оценета како делумно слободна виде „огромен скок за нашата држава“.

Ако се спореди рејтингот на Македонија за 2018 година со рејтинзите за претходните години, може дополнително да се види колку лош е рејтингот за 2018 година и колку сегашната власт потфрли во поглед на „враќањето на демократијата“. Прво, околу „враќањето на демократијата“, треба да се нагласи дека Македонија континуирано, од првата евалуација на Фридом Хаус за 1992 година па сѐ до последната за 2018 година, има статус на делумно слободна земја. Односно, дека таа никогаш не била оценета како слободна земја. Што од своја страна го проблематизира тврдењето дека демократијата треба да се враќа во Македонија. Барем според евалуацијата на Фридом Хаус, заклучокот е дека демократијата во Македонија не може да биде вратена, од проста причина што никогаш ја немало. Следствено на тоа, дека демократијата во Македонија треба допрва да се воведе.

Второ, загрижувачки е тоа што рејтингот од 3,0 индексни поени кој Македонија го имаше цели 12 години (од 2002 до 2013 година) во 2014 година падна на 3,5 и оттогаш го нема достигнато дури ниту ниското ниво на демократија кое го имаше помеѓу 2002 и 2013 година. А анализата на поените за Македонија во периодот 2002-2018 година (види Графикон 1) покажува колку длабоко заглибела демократијата во последните години и колку новата власт на СДСМ и ДУИ во двете години на власт не успеа да ја подигне демократијата дури ниту на нивото за времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ до 2014 година. Имајќи ги предвид негативните оценки за нивното владеење и за периодот до 2014 година, како од тогашната опозиција така и од општата и стручната јавност, јасно станува каков заклучок треба да се извлече за посветеноста на демократските вредности од страна на сегашната власт.

Графикон 1: Вкупни индексни поени за демократијата во Македонија од 2002 до 2018 година. Извор: Freedom House

„Економист“: Македонија останува хибриден режим

Ќе се задржиме повеќе и на оценката на нивото на демократија во Македонија на британската медиумска корпорација „Економист“. Таа од 2006 година го објавува Индексот на демократија, кој системите на владеење ширум светот ги класифицира во четири групи: целосни демократии (од 8 до 10 поени), фалични демократии (од 6 до 8 поени), хибридни режими (од 4 до 6 поени) и авторитарни режими (од 0 до 4 поени).

Во најновиот извештај за 2018 година, Македонија е рангирана на 78 место од вкупно 167 држави и територии, 10 позиции повисоко во однос на претходната година. Нејзиниот скор е утврден на 5,87 поени, со што земјата остана во групата на хибридни режими. Сепак, за Македонија се потенцира дека е меѓу земјите со забележителни подобрувања во однос на претходната година, заедно со Ерменија, Еквадор, Хаити и Тунис.

Може да се чини позитивно тоа што Македонија напредувала и во скорот и во местоположбата на табелата во однос на претходната година. И тоа што е издвоена помеѓу земјите со забележителни подобрувања може да се чини позитивно. Но, споредбата со поените и статусот кој Македонија го имаше во претходните извештаи сериозно ја доведува таа позитивна оценка во прашање. Како што се гледа од Графиконот 2, Македонија била најпозитивно оценета во 2006 година, кога ѝ беше утврден статус на фалична демократија. Потоа, до 2014 година, таа се држела на тоа ниво за во 2016 година да потоне и да премине во хибриден режим. Во последните две години се бележи напредок во однос на ниската позиција од 2016 година, но тој напредок не бил оценет за доволен за Македонија да излезе од групата на хибридни режими. Ниту пак тој напредок ја направи Македонија подемократска држава во 2018 година од она што беше во 2015 година и претходно. Важно е да се нагласи, особено во контекст на партизираноста на јавната дебата, дека хибриден режим во Македонија, според „Економист“, има во последната година на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ (2016 година) и во двете години на владеење на СДСМ и ДУИ (2017-2018 година).

Графикон 2: Вкупни поени за демократијата во Македонија од 2006 до 2018 година. Извор: Радио Моф

И кај останатите индекси на демократијата се забележува истиот тренд на полжавски подобрувања во последните две години кои се толку ситни што го „унапредуваат“ системот на владеење во Македонија само до она ниско ниво што беше карактеристично за 2014-2015 година. Така е, на пример, и кај извештајот за корупцијата на Транспаренси Интернешнал според кој Македонија во 2018 година, иако забележа скок од 2 индексни поени и 14 позиции, има значително повисоко ниво на корупција од 2015 година и од годините пред тоа.

Дали навистина има и најмал напредок?

Со оглед на сите проблематични дејствија што од гледна точка на демократијата се случија минатата година, впечаток е дека дури и констатирањето на минорни подобрувања кои не ја менуваат категоризацијата на Македонија како делумно слободна земја и хибриден режим, значи давање на помалку наклонета оценка. Имено, при констатирањето дури и само на минорни подобрувања, тоа треба да се аргументира врз основа на одговор на следните перципирани прекршувања на демократските стандарди (сите само за една година):

- во врска со уставните измени: кршење на Уставот при формулирањето на референдумското прашање, нерамноправни услови за водење референдумска кампања, полнење гласачки кутии и непостапување по кривичните пријави во врска со тоа од страна на обвинителството, непочитување на резултатот од референдумот, инструментализирање на судската власт, обезбедување пратенички гласови преку поткуп, уцени, амнестии и измени на Кривичниот законик, намерен „пропуст“ на редица институции при бегството на Груевски или нивен ненамерен пропуст без понесување одговорност на никого;

- во врска со Законот за употреба на јазиците: кршење и искористување на дупките во Уставот, како од Собранието така и од Претседателот (при што практиката на заобиколување на Уставот продолжи во 2019 година со објавувањето на овој закон без потписот на Претседателот);

- во врска со општото владеење: полнење на функционерските позиции по партиски клуч наместо по стручност, измислување позиции за вдомување на партиски лица и континуирани случаи на клиентелистичко и непотистичко вработување во јавниот сектор, , промена на законските одредби за зголемување на платите на „обесправените“ функционери итн.

Патот напред или патот надолу?

Дали во контекст на сето ова може да се каже дека во 2018 година Македонија забележа какво било, дури и најмало, подобрување во нивото на демократија? Или посоодветниот заклучок е дека, напротив, Македонија доживеа дополнителен пад, уште подлабоко, во нејзиниот статус на неслободна земја и хибриден режим?

Очигледна е бескрупулозноста на владејачката структура во истерувањето на својата агенда, без разлика на цената. А тоа дефинитивно негативно се одразува врз вербата на граѓаните во демократските вредности. Дали демократските стандарди вреди да се почитуваат кога тоа е спротивно со твојот личен интерес? Ако другите ги кршат демократските вредности, дали тоа не ти дава за право и самиот ти така да постапиш?

Актите на кршење на демократијата секогаш има продолжителен негативен ефект во иднината. Бидејќи следната владејачка гарнитура секогаш може да ги користи како оправдување зошто и таа самата имала право да спроведува недемократски практики на владеење. За таа надолна спирала да не нѐ доведе уште подолу од она каде што сме сега, потребно е да се направи јасен рез во практикувањето на власта.

Сегашната владејачка структура од ден во ден докажува дека не е способна да го направи тој рез. И покажува дека прекршувањата на демократијата од страна на претходната власт повеќе сака да ги третира како изговор за и таа слично, исто или полошо да постапи отколку како пример за практики кои не смее да ги репродуцира. Нова политика е потребна во Македонија. Нова политика, за која партиите кои досега беа на власт во Македонија, со нивната клиентелистичка поставеност и недемократски практики, се неспособни да ја практикуваат. Дали општеството има капацитет да ја наметне таа нова политика, останува да се види во иднината.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Здравко Савески

Здравко Савески (1976) е доктор на политички науки, синдикалец и долгогодишен активист. До февруари 2016 бил секретар на Мултиетничкиот синдикат на образование, а претходно, професор на ФОН Универзитет – Скопје.