fbpx

Протестите за замена наспроти протестите за промена

Здравко Савески

Политика

15.07.19

Прегледи

ALB

Здравко Савески

zdravko saveski1Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. И кога ќе се случат протести за промена да не дозволи тие да се изродат до протести за замена, да не се задоволи со поставувањето нови ликови на власт, туку од нив да бара да отидат потаму од декларативното и козметичкото.

Овој период во светот се случуваат многу протести. Во Чешка, на протестите излегоа 250 илјади луѓе, најголем број демонстранти од Кадифената револуција во 1989 година. Протестираат против премиерот и олигарх Андреј Бабиш, обвинет за злоупотреба на пари од европските фондови. Ќе речете, европска земја, и тоа не од балканскиот регион, но и покрај тоа страда од „детските болести на транзицијата“. За кои ние сме длабоко убедени дека исчезнуваат по влезот во ЕУ. Во Хонг Конг бројот на демонстранти е уште поголем. Според некои проценки, тој достигна речиси два милиони, од вкупно 7,5 милиони жители на Хонг Конг. Откако извојуваа повлекување на спорниот закон за екстрадиција во Кина, не се задоволија со тоа и бараат оставка од премиерката Кери Лам.

Во Франција „Жолтите елеци“ создадоа големо раздвижување. Од протестите во Западната хемисфера најголемо медиумско внимание добија протестите во Венецуела, но не се протестира само таму. Периодов особено се разгореа протестите во Хондурас и Хаити. И Северна Африка се раздвижи. Во Алжир и Судан преку протести беа соборени нивните челници, по 20 години на власт во Алжир и 30 години во Судан. Се протестира и во нашето соседство. Веќе со месеци траат протестите на опозицијата во Србија и Албанија.

Сето тоа нас, во нашата завртеност кон себе, во нашиот солипсизам, не нѐ интересира. Дури и кога станува збор за протести кај нашите соседи, а камоли таму некаде по Азиите и Африките. Си имаме наши проблеми, што ќе му ја мислиме на другите?

Која е користа од тоа да имаме дополнителни информации за протестите во другите земји? Не се ли тие информации едноставно одвишни, излишност? Несомнено, македонските медиуми се на тоа мислење, судејќи според третманот што им го придаваат на тие вести. Тие се нешто без што несомнено се може, но, ете, мора со нешто да се пополни рубриката на вести од светот. Не дека останатите вести од светот добиваат многу поразличен третман. На прсти можат да се избројат дебатните емисии во последните години што се посветени на меѓународната политика. Во нив светот фигурира само низ призмата на зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Останатото – не се смета дека е од интерес на јавноста.

Сепак, тој солипсистички однос кон светот тешко дека е паметна позиција. Освен ако не се мисли дека нас не нѐ допираат светските текови и дека ние сѐ што треба да знаеме за протестите – веќе го апсолвиравме, па не ни треба ниту знаењето ниту инспирацијата од другите земји.

Кои протести да ги следиме? Во Судан?

Се разбира, немаат сите протести иста важност. Некои протести не го надминуваат локалното значење и не будат инспирација. Ниту според методите ниту според целите. А некои протести се само за тоа да дојде до замена на властодршците. Како, од изобилството протести, да се утврди кои се тие што заслужуваат внимание? Можеби вистинскиот пристап е да се следат само протестите во клучните земји во светот? Или, само во соседните земји?

Има и друг начин. Потеоретски. Наместо да се губи време на запознавање со деталите од секој поединечен протест, може советите за поефикасно организирање протести да се бараат во теоретската литература. На пример, на македонски јазик се преведени барем две книги со практични совети за демонстрантите, „Од диктатура до демократија“ на Џин Шарп и „Правила за радикалите“ на Сол Алински. Дури и да не се тоа најдобрите книги, сигурно може да се најде квалитетна литература која ќе овозможи поголем успех на протестите.

Теоретскиот пристап не треба да се отфрли. Но, ограничувањето само на него не е паметно. И концентрирањето на протестите во клучните и соседните земји начелно е правилен пристап, но, повторно, ако се постапи исклучиво, можат да се превидат некои важни протести во оние земји кои не спаѓаат во тие категории.

13499922 144242622650780 291438729 o
Извор: radiomof.mk

На пример, тоа може да доведе до игнорирање на протестите во Судан. Што, барем според мене, е погрешен потег од гледна точка за секој што сака да се бори за подобро утре. Но – Судан? Што може Судан нам да ни понуди како корисно искуство? Тие се африканска земја, заглавена во сиромаштија и традиции, а ние – „парче од Европа сме“. А кога ќе се зачлениме на ЕУ (за некоја година, не подолго), разликата помеѓу нас и нив ќе биде уште поголема. Ние – дел од развиениот свет; тие – заглавени во неизлечлива сиромаштија. Може – да сочувствуваме со нивните страдања, може, во иднина, како членка на ЕУ, да им испратиме нешто хуманитарна помош, ама да учиме од нив? Ние може да учиме само од подобрите, од САД и од ЕУ, а не од таму некои Суданци.

Вака приближно би гласел типичниот став за Судан (и за целиот свет во развој) и на обичниот граѓанин и на стручната јавност. Ваквиот потценувачки поглед од високо нема експлицитно да се каже, но неговата раширеност е очигледна. И тој не е случаен, туку е составен дел од самозалажувањето околу сегашното и идното место на нашата земја во светскиот систем. Па така, нема подготвеност да се прифати констатацијата дека и ние сме земја „во развој“, земја од периферијата на светскиот систем. И покрај фактите дека нашата земја е увозник на капитал, извор на евтини суровини и труд, извозник на работна сила, земја од која се одлева богатството, земја со фактички ограничен суверенитет и со слаби и корумпирани институции. Постои и свесна блокада да се извлечат поуки од искуствата на другите постсоцијалистички земји кои се зачленија во ЕУ, да се сфати од нивниот случај дека зачленувањето во ЕУ само по себе не доведува до подигнување на статусот од периферна во полу-периферна земја или земја од јадрото на системот, туку дека тоа е еден од начините на перпетуирање на улогите во светскиот систем. И така, мислејќи се за (потенцијален) дел од развиениот свет, ги пропуштаме приликите за вистински развој. И мислиме дека ништо не може да научиме од земјите како Судан.

Да, Судан

Суданските протести успеаја да не се претворат онака евтино од протести за промена во протести за замена, како што тоа беше случајот со Шарената т.н. револуција во Македонија. И, поради тоа, заслужуваат внимание од секој што е револтиран поради таквата злоупотреба на протестниот потенцијал на Шарената. И што е подготвен да ги надмине стегите на неоколонијалниот светоглед кој со потценување гледа на земјите од глобалниот југ.

Во Судан, поради мерките за штедење, воведени по „препорака“ од ММФ, минатата година значително се влоши животниот стандард. Цената на лебот – тројно порасна. И во декември избувнаа масовни протести. Иако граѓаните против себе го имаа авторитарниот режим на Омар ал Башир, кој дури 30 години владееше со земјата. Иако протестирањето таму може да значи смрт, како што покажаа протестите пред само неколку години, кога беа убиени стотици демонстранти.

Власта веднаш одговори насилно, убивајќи неколку десетици демонстранти. Но, тоа не ги сопре протестите. Во февруари оваа година беше прогласена вонредна состојба и беа забранети протестите. И тоа се покажа недоволно. Кога во април демонстрантите во Алжир ја издејствуваа оставката на нивниот претседател, кој 20 години беше на власт, луѓето во Судан добија нова сила. Повторно имаше загинати, но по неколку дена, како резултат на тензиите во земјата, војската го собори Башир.

На неговото место таа „привремено“ го постави – неговиот потпретседател. Демонстрантите продолжија со протестите и издејствуваа, веќе следниот ден, негова оставка. Потоа, на негово место војската постави генерал, кој не учествуваше во злосторствата на режимот на Башир. И ако суданските граѓани се задоволуваа со половични успеси, тука ќе завршеше приказната.

Војската започна разговори за преодна влада со демонстрантите и побара од нив да ги прекинат протестите. Зошто, нели, режимот веќе е соборен. Сепак, демонстрантите одбија да се демобилизираат, сѐ додека ветувањето за цивилна преодна власт не се спроведе. Наидувајќи на отпор, војската си го покажа вистинското лице. На 3 јуни насилно го растури протестниот камп во главниот град. Убиени беа 120 демонстранти, а силувани беа 70 жени и мажи. Но и тоа не ги скрши демонстрантите. Раководното тело на протестите прогласи генерален штрајк и општа граѓанска непослушност. Штрајкот беше доста ефикасен и војската ги обнови преговорите. Пред неколку дена беше постигнат компромис, според кој, во преодниот период до изборите, со Судан ќе управува мешовито тело составено, на паритетна основа, од претставници на војската и демонстрантите.

Борбата за промени во моментов е во оваа фаза. Огромна е цената што ја платија суданските граѓани, но импонира нивната одлучност и нивното одбивање да бидат прелажани од кадровските замени и ветувањата на „новите“. Тие добро знаат за што се борат и не се откажуваат. Војската ја поддржуваат многу клучни регионални и светски сили. И не е сигурно дека граѓаните ќе ја извојуваат конечната победа. Но нивната пожртвуваност, како и нивната истрајност и протестна зрелост им даваат сериозни изгледи за успех.

Целите на протестите

Протестите можат да се класифицираат според нивниот облик, цели и идеологија. Овде ќе се задржиме на нивните цели. Според целите кон кои се стремат, протестите можат да бидат насочени против политиките на власта или против носителите на функции. А можат да бидат и против двете. Кога целта е да се издејствува оставка на носителите на функции, индивидуална или колективна (влада), тогаш може да станува збор за протести на замена или протести за промена. Протестите за замена имаат фактичка (но не и декларативна) цел наместо едни на фотелјите да седнат други. Притоа, промените во политиките што ќе ги спроведе „новата“ власт ретко кога го надминуваат козметичкото ниво. Наспроти тоа, целта на протестите за промена не е замена на фотелјашите, туку промена на фотелјашките, про-бизнис политики со народни политики. Следствено, нивните цели можат да имаат и коренит, револуционерен карактер.

Само клиентелистите можат да бидат убедени да протестираат за замена. Но, кога протестите се ограничени само на клиентелистите, ретко кога се успешни. Затоа, за да се добие поголема поддршка, протестите за замена се прикажуваат како протести за промена. Па се зборува за враќање на демократијата, на слободата, на владеењето на правото. Се зборува и за соборување на режимот, па и за – револуција. А целта е: да се фати фотелјата на другиот.

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. И кога ќе се случат протести за промена да не дозволи тие да се изродат до протести за замена, да не се задоволи со поставувањето нови ликови на власт, туку од нив да бара да отидат потаму од декларативното и козметичкото. И кога тоа нема да биде случај, наместо да запаѓа во апатија, да не се демобилизира сѐ додека не го извојува она што го бара.

Онаму каде што ние потклекнавме со Шарената и со протестите што водеа до неа, таму Суданците не потклекнаа. И ако победат, нема да добијат замена, туку промена. Тоа нив ги става повисоко, а не пониско од нас.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Здравко Савески

Здравко Савески (1976) е доктор на политички науки, синдикалец и долгогодишен активист. До февруари 2016 бил секретар на Мултиетничкиот синдикат на образование, а претходно, професор на ФОН Универзитет – Скопје.