fbpx

Македонија и ЕУ: Преговарачката рамка претесна за (дез)информациите

Соња Крамарска

Ова беше бездруго старт кој вети конфузија, неизвесност, политичка драма и безброј прашања дали Македонија се качи на европскиот воз или повторно и’ избега.

„Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, ми претставува исклучителна чест што ја имам можноста да се обратам, на мојот мајчин македонски јазик, на денешната долгоочекувана и сосема заслужена меѓувладина конференција со која ги отвораме преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија. Со оваа меѓувладина конференција, Северна Македонија ја започнува последната етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија. Денешниот ден е историски за нас. Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори“.

Ова е кус извадок од триумфалниот говор на премиерот Димитар Ковачевски на 19 јули 2022 година во Брисел. Говор што емитува дезинформација дека почнаа преговорите.

Тој ден бриселската сцена беше поставена за големо славење. Насмеани ликови, блескави костими, љубопитни новинари, еуфорија и кај домаќините и кај гостите. Северна Македонија и Албанија после децениско чекање почнуваат преговори за членство во ЕУ.

Со каква боја да ја подвлечеме големата вест? Со црвена или со зелена? False или true што би рекле нашите западни пријатели кои со години играат танц со Балканот некогаш во ритамот за привлекување на партнерот а некогаш за негово оддалечување. Уверувањето кое што го добивме на тој 19 јули беше дека партнерите се конечно во цврста прегратка до конечното официјализирање на врската.

„Драго ми е што за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите како што недвосмислено го потврди претседателката Фон дер Лајен во Собранието на Република Северна Македонија пред сите наши пратеници и целата наша јавност“, рече во таа прилика Ковачевски.

Тој всушност се обиде да порача дека Бугарија веќе не ни’ може ништо и дека освен т.н. Копенхашки критериуми кои важат за сите земји, на Македонија не и се испорачани други услови во преговорите. Што се разбира, не е точно, или и тоа во себе содржи дезинформација.

За волја на вистината, овој став беше подгреан и од самиот врв на Унијата, веројатно со намера да се авансира во позитивен дух во Скопје. „Каков историски момент! Денеска Албанија и Северна Македонија ги започнуваат преговорите со Европската унија и задоволство ми што сум тука со вас. Ова е важен успех за вас и успех на вашите граѓани“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, свесно поддржувајќи го лажниот наратив за почнатите преговори.

Прогнозата на Ковачевски

Секако, она што Владата го изостави од јавните пораки, за да не ја наруши славеничката атмосфера, е дека откако Бугарија успеа да внесе поголем дел од своите билатерални барања во преговарачката рамка, од т.н. „француски предлог“, на вонредна седница на 18 јули Советот на ЕУ официјално го прифати тој текст на преговарачката рамка. Условот, кој е содржан и во официјалните заклучоци на Советот на ЕУ од 18 јули под кој Бугарија ја даде својата согласност е Северна Македонија да направи измени и дополненија на својот Устав.

А условот ако не се исполни може да дојде и до запирање на процесот.

Пргав и наметлив каков што се покажа во политиката, македонскиот премиер Ковачевски веднаш објави и во која година ќе влеземе во Европската Унија. „Северна Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ“, рече тој нижејќи уште една алка во (дез)информацискиот ланец.

Ова беше бездруго старт кој вети конфузија, неизвесност, политичка драма и безброј прашања дали Македонија се качи на европскиот воз или повторно и’ избега бидејќи опозицијата јасно стави до знаење дека нема да гласа за уставните измени а без опозицијата ги нема потребните 80 гласови во Парламентот.

Самото прашање ја подели јавноста на два блока во кои секој ја кажува и пропагира својот вистина. Провладината јавност се „храни“ со наративот дека преговорите се почнати и дека негирајќи го тоа опозицијата сака да го минимизира владиниот успех. Опозицијата и експертите кои се дел од нејзината орбита ги шират пукнатините во тој наратив предочувајќи ѝ на јавноста дека преговорите се условени со промена на Уставот која не може да се спроведе бидејќи тие нема да дадат поддршка.

Во неодамнешно интервју дури и вицепремиерот Маричиќ вели дека самиот процес на пристапување кон ЕУ е сложен и со многу детали, и притоа оценува дека тоа го прави процесот подложен за дезинформации. Но изворот на дезинформации тој го посочи на друга страна. „И Северна Македонија не е првата држава која што се соочила со таа борба против дезинформациите во својот процес на пристапување кон Европската Унија. И во другите држави имало и дезинформации, и предрасуди и полуинформации, кои што се однесувале, пред сѐ, на тоа како секојдневниот живот ќе се промени кога државата ќе влезе во Европската Унија“, вели Маричиќ.

Но овие квалификации на вицепремиерот се токму формулации кои треба да се адресираат на власта, оти главните дезинформации се чини излегуваат од „Илинденска“.

Затоа што, изјавите дека со уставните измени ќе се овозможи завршување на меѓувладината конференција од 19 јули или ќе се одржи нова меѓувладина конференција со што ќе продолжат преговорите, во суштина значат дека доколку уставните измени не се случат, нема ни да има преговори. Или со други зборови, сега нема преговори туку има еден подготвителен процес, кондициско трчање околу стартот за потоа да му влеземе спремни на маратонот.

Извор: vlada.mk

Во истото интервју, Маричиќ ширејќи ја тезата дека Владата е жртва на дезинформации за преговарачкиот процес, категорично ја фрла топката на опозицискиот терен. За жал, вели тој, ние сме во уште потешки прашања, горливи прашања, кои што се врзани, со идентитетот и со теми поврзани со нашиот Устав, нашиот правен систем и начинот на кој што функционира државата.

„И затоа толку е подложна на дезинформации (државата, н.з.), затоа е толку тешко да се бориме со тоа. Ние како влада кажавме, најпрво од самиот почеток, бидејќи нели беше прашање цело време, ‘Кој е датумот?’, ‘Каде е датумот?’, ‘Кој е датумот на почеток на преговорите’? Тој датум е 19 јули 2022 година, и ние во сите прилики го повторуваме тоа“, вели Маричиќ.

Овој став, проследен со категорична порака дека преговорите се почнати, без задршка и резерва, јасно ја истакнува дезинформацијата со која Владата ќе ја гради својата позиција до чинот на гласањето за уставните промени. Но, епилогот може да го пукне надуваниот балон од очекувања и ветувања.

Експертите скептични

Дека Македонија еден ден се буди во сончева политичка природа кога се во прашање преговорите со ЕУ, а друг ден во мрачна, покажува и барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за извинување од Ковачевски затоа што, како што се изразија, лажел дека се почнати преговорите. „Ковачевски лажеше дека преговорите се почнати, а всушност тој ги закочи преговорите и овозможи Македонија да биде блокирана“, обвини оваа партија.

Скептичен е и поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров. „Мора да сме чесни кон македонските граѓани. Во моментов нема воз кон ЕУ. Во моментов дури и шините се поместени. Нема понуда, нема временска рамка и во таа смисла бледа е наградата. Не се проблем само уставните амандмани. Ние знаеме дека на следната кривина трње и пречки ќе биде Историската комисија. И очекувањата на Софија да види резултати кои ним ќе им одат во прилог“, рече Димитров во неодамнешното гостување на Сител оценувајќи дека „Владата направи сметка без крчмар“ и дека ги довела во заблуда пријателите на државата.

Всушност, не треба понатаму да се трага по изјави кои ќе ја потврдат констатацијата дека има длабоко разногласие околу тоа дали Македонија во моментов преговара или не со Унијата. Да имаше преговори, сега тема ќе беа реформите во земјата за да може да се фати чекор со европските стандарди, а не прашањето дали преговорите се навистина почнати и дали ќе успеат уставните измени кои се услов за нивно продолжување.

Или како што анализираше за Рес публика Малинка Ристевска Јорданова, ветеран во опсервацијата на пристапниот процес на Македонија кон ЕУ, односот на Владата кон преговорите е со „салама“ тактика. „Се сечка саламата (политичкиот пакет што тешко се голта одеднаш) на тенки резанки за да се подели и да се скрши отпорот“, вели таа алудирајќи на бараните уставни измени.

Јазот меѓу Владата, опозицијата и дел од експертската заедница околу ова прашање е толку длабок што внесува неизвесност и отпор во јавноста кон уставните измени.

Неодамна објавената анализа на јавното мислење на Институтот за демократија и „Конрад Аденауер“ покажа дека две третини од вкупниот број на испитаниците (65%) не се согласуваат со уставни измени, при што дури 80% од нив се етнички Македонци.

Маглата од шампањското

И додека политичките изјави се движат од една до друга крајност, односно власта тврди дека се почнати преговорите а опозицијата дека не се, Драган Тилев, државен советник за европски прашања, делумно ги разјасни работите. „Дали пристапните преговори започнаа? Да, од формално правен аспект пристапните преговори меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија официјално започнаа на 19 јули 2022 година“, напиша тој во колумна. „Но тие вистински ќе почнат дури откако ќе бидат спроведени уставните измени“, додава Тилев.

Или поедноставно кажано, тоа што изгледаше магливо поради пенливото шампањско на 19 јули, во месеците што следеа доби појасни контури. Или Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот или во истите чаши во кои црцореше шампањското, во ноември на Македонија може да и биде сервирана корозивна течност наместо вода на патот кон Унијата, што може да предизвика кома на преговарачкиот процес.

Во меѓувреме, ниту односите меѓу Македонија и Бугарија не отсликуваат позитивен тек на настаните како што би следувало по една таква голема вест дека недоразбирањата се решени и дека ветото е тргнато. Напротив, сведочиме на ескалација односно зачестени провокации од бугарска страна и возвратни реакции од наша страна.

Прво беше палењето на бугарскиот културен центар во Битола „Иван Михаилов“, потоа тепачката во која настрада Христијан Пендиков а сега и бришењето на бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ од Централниот регистер. Несомнено дека овие случувања се предизвикани од преговарачката рамка и растечката нервоза дека Софија повторно ќе се испречи на патот на Македонија кон Европската Унија.

Во еден момент, по случајот Пендиков и едно банално одбивање на бугарска театарска претстава бугарскиот претседател Румен Радев истапи со отворена закана: „Ако продолжат да блокираат што и да било бугарско, самите Македонци се блокираат за во ЕУ. И тоа треба категорично да им биде јасно“, рече шефот на Бугарија.

Токму ваквите изјави ги потхрануваат сомнежите дали преговорите со ЕУ се почнати со полн капацитет, и дали ќе продолжат да се одвиваат без мешање на Бугарија. Оваа заканувачка реторика на Софија патува со светлосна брзина кон Скопје и шири дополнителен песимизам и неизвесност.

 

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Крамарска

Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.