fbpx

Реториката на нуклеарни закани како алатка за конвенционална војна

Алфред Марлеку

Политика

29.07.22

Прегледи

Упорната реторика јасно докажува дека Русија се движи надвор од својата официјална доктрина за употреба на нуклеарно оружје. Таквото однесување го нормализира наративот за нуклеарната закана како средство за војување и го нарушува меѓународниот нуклеарен поредок.

Еден од елементите што постојано ја карактеризира војната во Украина од нејзиниот почеток е употребата на нуклеарната закана како средство за конвенционално војување и постигнување на политички цели. На прв поглед ова не изгледа како нешто ново. Дури и во минатото - особено за време на Студената војна - државите со нуклеарни капацитети во одредени случаи го покажаа својот нуклеарен потенцијал користејќи го како застрашувачки или дури и заканувачки елемент против други непријателски држави.

Меѓутоа, случајот со Украина е поинаков. Русија ја користи нуклеарната закана за да ги поддржи своите воени сили со цел да ја добие конвенционалната војна.

Вон доменот на официјалната воена доктрина

Русија го поседува најголемиот арсенал на нуклеарни капацитети во светот. Врз основа на официјалната воена доктрина на Руската Федерација, употребата на нуклеарно оружје е возможна само во случаи кога: (1) доаѓа како одговор на евентуален нуклеарен напад или оружје за масовно уништување против Русија или нејзините сојузници; и (2) во случај на руска окупација од страна на конвенционалните вооружени сили кои го загрозуваат опстанокот на самата држава.

Односно, според оваа доктрина, нуклеарното оружје е алатка која се користи за гарантирање на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Истиот постулат го потврдува и претседателскиот декрет објавен во 2020 година, кој ги утврдува принципите на руската нуклеарна превенција. Овој стратешки документ, исто така, нагласува дека Москва ќе ги користи своите нуклеарни капацитети во случај на „нуклеарен напад врз Русија“, или во случаите кога „е загрозен опстанокот на државата е загрозено“ од било кој конвенционален агресор.

Во војната во Украина не се оствари ниту еден од принципите наведени во воената доктрина: на Русија не и се заканува нуклеарен напад од кој било друг меѓународен актер, ниту пак нејзиното постоење е доведено во прашање. И покрај ова, се чини дека Москва ѝ даде јасна нуклеарна димензија на војната во Украина уште пред да започне со голема окупација на 24 февруари 2022 година.

Ова не се забележува само во изјавите на руските функционери, туку се забележува и во нивните политички постапки и одлуки.

Русија имаше спроведено неколку воени маневри со сопствен нуклеарен арсенал некаде во средината на февруари (2022), само неколку дена пред почетокот на инвазијата на Украина. Потоа, на денот на започнувањето на инвазијата, претседателот Путин, во долгиот говор, го даде првиот сигнал како доказ дека нуклеарното оружје ќе биде составен дел од дискурсот на оваа војна.

Меѓу другото, тој ги предупреди третите земји дека било која од нив која ќе и се спротивстави на оваа „специјална операција“ треба добро да знае дека „одговорот на Русија ќе биде брз и со последици какви што досега не е видено во историјата“. Ваквите формулации на реченици од страна на лидерите на нуклеарните држави обично имплицираат закана за употребата на овој вид оружје. Ситуацијата ескалираше кога само три дена подоцна рускиот лидер одлучи да ги стави во „посебна состојба на тревога“ руските превентивни сили, во кои спаѓа и нуклеарното оружје.

Разбирливо е дека секоја држава чува дел од своето нуклеарно оружје во секое време во состојба на висока подготвеност и спремна за употреба. Сепак, ова беше првпат од шеесетите години Москва да ја извести јавноста за таква акција во однос на нуклеарната подготвеност.

Постојаната употреба на нуклеарната реторика во оваа војна не изгледа дека е случајност. Туку, тоа наликува на добро осмислена политика бидејќи Владимир Путин не е единствената официјална или јавна личност која упатува закани од нуклеарно оружје против други држави. Водител на руската телевизија Русиjа ТВ (Russia TV), визуелно и со експлицитни коментари ги елаборираше евентуалните последици што ќе ги има Обединетото Кралство во случај на напад од Русија.

Фотографија од нуклеарен тест, нуклеарна бомба детонирана во вода.

Извор: pixabay.com

Возбуден и со чувство на ентузијазам на лицето, тој го предупреди британскиот премиер дека „само со едно лансирање, Борис и Англија ќе ги снема“. Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека доколку се соочиме со „егзистенцијална опасност“, тогаш не е исклучена можноста за употреба на нуклеарно оружје. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека Западот не треба да го потценува „зголемениот ризик од нуклеарен конфликт“ во однос на Украина.

Додека првиот човек на руската агенција за воздушен простор „Роскосмос“ им се закануваше на Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија поради затвoрање на воздушниот простор и забраната рускиот министер за надворешни работи Лавров да ја посети Србија. Тој прво ги обвини овие земји за „предавство на заедничката историја“, а потоа им се закани, нагласувајќи дека „Сармат“ (руската ракета) „не треба да бара дозвола да го прелета нивното небо“.

Изјавите и политичките потези како овие на високи и важни функционери на структурата на моќ во Русија јасно покажуваат дека Москва се движи надвор од доктриналните воени рамки за употреба на нуклеарно оружје. Во таа насока, се чини дека ова оружје повеќе не се перципира како финално средство што се става во функција во конкретни случаи, кога е во опасност опстанокот на државата што ги поседува.

Напротив, во овој случај функцијата на нуклеарниот арсенал оди подалеку од тесната одбранбена и доктринална улога, користејќи се едноставно како обични алатки на нуклеарната дипломатија за постигнување политички цели.

Нуклеарната реторика како надворешна политика

Опасноста од трајно користење нуклеарна реторика за време на војната меѓу Украина и Русија не е поврзана само со фактот дека таквото разорно оружје е во опасност да се користи директно на бојното поле, или против трета држава. Иако се разбира, ова е главниот ризик и треба да се избегнува по секоја цена. Но, се работи и за ефектот што ќе го има таквиот дискурс врз нормите и однесувањето на другите држави во одлучувањето.

Со други зборови, овој пристап значително ќе влијае на начинот на кој државите ќе размислуваат и зборуваат за нуклеарното оружје во иднина.

Во 1985 година, американскиот претседател Роналд Реган и лидерот на СССР Михаил Горбачов излегоа со заедничка изјава во која се вели дека „нуклеарната војна не може да се победи и затоа никогаш не треба и да се случи“. Неодамнешната нуклеарна реторика промовирана од Владимир Путин создава лажен впечаток дека е можно да оствари победа при евентуална нуклеарна војна. Овој пристап го минимизира нивото на нуклеарен ризик како посебна категорија на закана за меѓународниот мир и безбедност.

Оттука, употребата на нуклеарната закана е нормализирана и сфатена едноставно како дипломатска алатка која државите ја користат за да ги постигнат своите надворешно-политички цели, сведејќи ги на минимум евентуалните апокалиптични последици од еден таков конфликт.

Засновајќи се на оваа премиса и анализирајќи го овој пристап, земјите како Кина во иднина би можеле да го користат истиот механизам за закана за да ја преземат контролата врз Тајван, територија што тие веќе ја сметаат за составен дел. Значи, ако другите земји дојдат до заклучок дека Русија преку нуклеарна дипломатија ги постигнала своите цели против Украина и другите земји на НАТО, тие можеби ќе бидат поподготвени да ја ескалираат својата нуклеарна реторика во идните меѓународни кризи. Во овој поглед, ризикот од создавање преседан е многу висок.

Друга очигледна последица на руската нуклеарна реторика е легитимноста на ваквото однесување и евентуалниот поттик што може да го има за другите земји да користат друго оружје за масовно уништување како политички средства или да ги поддржат воените трупи на бојното поле при конвенционална војна.

Ако тоа се случи тогаш сите ќе бидеме во голема неволја. Првично тоа би предизвикало вклучување на други актери во војната, потег кој сам по себе потоа би предизвикал и употреба на нуклеарно оружје. Ова станува уште поопасно со оглед на фактот дека деветте држави кои поседуваат нуклеарно оружје во моментов го модернизираат својот арсенал и се очекува дека во следните десет години дополнително ќе го зголемат овој инвентар на оружје.

Од друга страна, имаме земји како Иран кои се поблиску од кога било до развој на нуклеарно оружје, што би предизвикало верижен ефект во другите земји во регионот како на пример во Саудиска Арабија.

Упорната реторика за употреба на нуклеарно оружје - во некои случаи едноставно како одговор на изјавите на лидерите на другите земји - јасно докажува дека Русија се движи надвор од својата официјална доктрина за употреба на нуклеарно оружје. Таквото однесување го нормализира наративот за нуклеарната закана како средство за војување и го нарушува меѓународниот нуклеарен поредок.

Исто така, овие дејствија создаваат преседани кои во иднина би можеле да ги користат други држави во случаи на кризи или меѓудржавни конфликти, на овој начин загрозувајќи го меѓународниот мир и безбедност.

  Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Алфред Марлеку

Алфред Марлеку е доктор по политички науки и професор по меѓународни односи и компаративна политика на Факултетот за политички науки во рамки на УБТ Колеџ, Косово. Автор е и коавтор на голем број научни трудови од областа на политичките науки во релевантните регионални и меѓународни списанија. Покрај тоа, тој е коавтор на серија стратешки документи, главно во областа на високото образование. Неговите истражувачки интереси вклучуваат, но не се ограничени на, меѓународните односи, мали држави и процесот на градење на државата. Повеќе од 8 години работи како проект-менаџер во различни програми финансирани од Европската комисија, УСАИД, амбасадата на САД и други, кои главно се однесуваат на реформите во високото образование во Косово, особено фокусирајќи се на истражување и развој, одлив на мозоци, развој на наставни програми итн.